Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 7

Слушај ги зборовите на мудрите

Слушај ги зборовите на мудрите

Приклони го увото и чуј ги зборовите на мудрите (ИЗР. 22:17)

ПЕСНА 123 Верно се држиме за теократскиот ред

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Од кои причини може да добиеме совет, и зошто на сите нас ни е потребен?

СЕКОМУ од нас одвреме-навреме му е потребен совет. Понекогаш, можеби самите ќе побараме совет од некој што го почитуваме. Во друг случај, некој брат кој е загрижен за нас можеби ќе ни пристапи и ќе ни укаже дека сме во опасност да згрешиме, односно да направиме нешто за кое подоцна ќе се каеме (Гал. 6:1). Или, пак, некој можеби ќе нѐ советува откако сме направиле некоја сериозна грешка. Сеедно која е причината зошто добиваме совет, треба да го послушаме. Тоа ќе биде за наше добро и може да ни го спаси животот! (Изр. 6:23).

2. Според Изреки 12:15, зошто треба да ги слушаме советите што ги добиваме?

2 Стихот на кој се темели оваа статија нѐ поттикнува да ги слушаме „зборовите на мудрите“ (Изр. 22:17). Нема човек што знае сѐ; секогаш има некој со поголемо знаење или искуство од нас. (Прочитај Изреки 12:15.) Кога слушаме совет, покажуваме дека сме понизни и свесни за нашите ограничувања. Исто така, тоа е показател дека сме свесни дека ни е потребна помош за да ги постигнеме нашите цели. Под водство на светиот дух, мудриот цар Соломон запишал: „Успехот лежи во мноштвото советници“ (Изр. 15:22).

Каков совет ти е потешко да прифатиш? (Види во пасуси 3-4)

3. На кои начини може да добиеме совет?

3 Може да добиеме индиректен или директен совет. Што подразбираме под индиректен совет? Можеби во Библијата или во некоја наша публикација ќе прочитаме нешто што ќе нѐ натера да размислиме за нашите ставови или постапки и ќе нѐ поттикне да ги направиме потребните промени (Евр. 4:12). Ова може да го наречеме индиректен совет. Но, што подразбираме под директен совет? Некој старешина или друг зрел брат можеби ќе ни укаже на нешто на кое треба да работиме. Ова може да го наречеме директен совет. Ако некој од љубов ни пристапи за да ни даде совет што се темели на Библијата, треба да покажеме ценење така што ќе го сослушаме и потоа ќе се потрудиме да го примениме она што ни го кажал.

4. Според Проповедник 7:9, што не треба да правиме кога ќе добиеме совет?

4 Може да ни биде особено тешко да прифатиме директен совет. Би можеле дури и да се навредиме. Зошто? Иако си признаваме дека сме несовршени, може да ни биде тешко да прифатиме совет кога некој ќе ни укаже на некоја наша негативна особина. (Прочитај Проповедник 7:9.) Можеби ќе почнеме да се оправдуваме. Можеби ќе ги доведеме во прашање неговите мотиви или ќе се навредиме поради начинот на кој ни го дал советот. Дури би можеле да почнеме да му наоѓаме маани на тоа лице, размислувајќи: „Со кое право ми дава совет? Тој не е ништо подобар од мене!“ И на крај, ако советот што ни го дал не ни се допаѓа, може да се случи да го игнорираме или, пак, да одиме кај некој друг што ќе ни каже нешто што повеќе ќе ни одговара.

5. Што ќе разгледаме во оваа статија?

5 Во оваа статија ќе зборуваме за некои библиски личности кои отфрлиле совет и за некои кои прифатиле. Исто така, ќе видиме што може да ни помогне да прифатиме совет и каква корист ќе имаме од тоа.

ТИЕ ОТФРЛИЛЕ СОВЕТ

6. Што учиме од тоа како постапил цар Ровоам кога добил совет?

6 Да го разгледаме примерот на Ровоам. Кога станал цар на Израел, луѓето дошле кај него со едно барање. Тие го замолиле да им го олесни тешкиот јарем што неговиот татко, Соломон, го ставил врз нив. Пофално е тоа што Ровоам се посоветувал со постарите мажи во Израел за да одлучи како да им одговори на луѓето. Постарите мажи го советувале царот дека, ако им го исполни барањето на луѓето, тие секогаш ќе го поддржуваат (1. Цар. 12:3-7). Очигледно, тој не бил задоволен од советот што го добил, и затоа ги прашал и мажите кои пораснале заедно со него. Овие мажи веројатно биле на околу 40-годишна возраст, што значи дека имале некакво искуство во животот (2. Лет. 12:13). Но, во оваа прилика, тие му дале лош совет. Тие го советувале да им го направи јаремот на Израелците уште потежок (1. Цар. 12:8-11). Бидејќи се соочил со две различни гледишта, Ровоам можел да му се обрати на Јехова во молитва и да побара водство од него кој совет да го прифати. Наместо тоа, тој одлучил да го прифати советот што повеќе му се допаѓал и ги послушал помладите мажи. Последиците биле катастрофални и за Ровоам и за Израелците. И ние можеби ќе добиеме совет кој нема да ни се допадне. Но, ако се темели на Божјата Реч, треба да го прифатиме.

7. Што учиме од примерот на цар Озија?

7Цар Озија отфрлил совет. Тој влегол во еден дел од Јеховиниот храм во кој смееле да влегуваат само свештениците и се обидел да принесе темјан. Свештениците му рекле: „Озија, не смееш ти да му палиш темјан на Јехова, туку свештениците... треба да палат темјан!“ Како реагирал Озија? Ако понизно го прифател советот и веднаш излезел од храмот, Јехова можеби ќе му простел. Наместо тоа, Озија се разгневил. Зошто го отфрлил советот? Тој очигледно си мислел дека, затоа што е цар, има право да прави што сака. Но, Јехова не мислел така. Поради тој дрзок чин, Јехова го удрил со лепра, и Озија останал „лепрозен до својата смрт“ (2. Лет. 26:16-21). Од неговиот пример учиме дека, сеедно кои сме, ако отфрлиме библиски совет, ќе ја изгубиме Јеховината наклоност.

ТИЕ ПРИФАТИЛЕ СОВЕТ

8. Како реагирал Јов кога добил совет?

8 За разлика од лошите примери што веќе ги спомнавме, во Библијата се спомнати и добри примери — луѓе кои биле благословени затоа што прифатиле совет. Еден таков човек бил Јов. Иако го сакал Бог и сакал да го радува, тој не бил совршен. Кога бил под голем притисок, кажал некои погрешни работи. Поради тоа, добил директен совет — и од Елиу и од Јехова. Како реагирал Јов? Тој понизно го прифатил советот и рекол: „Зборував, но не го разбирав... повлекувам сѐ што реков и се каам во прав и пепел“. Јехова го благословил Јов затоа што покажал понизност (Јов 42:3-6, 12-17).

9. Зошто Мојсеј е добар пример за нас кога станува збор за прифаќање совет?

9Мојсеј е добар пример затоа што прифатил исправка откако направил сериозна грешка. Во една прилика, тој се разгневил и не му оддал слава на Јехова. Поради тоа, ја изгубил можноста да влезе во Ветената земја (4. Мој. 20:1-13). Кога Мојсеј го молел Јехова да ја смени одлуката, Јехова му рекол: „Не зборувај ми повеќе за тоа“ (5. Мој. 3:23-27). Мојсеј не се огорчил. Наместо тоа, ја прифатил Јеховината одлука, и Јехова продолжил да го користи за да ги води Израелците (5. Мој. 4:1). И Јов и Мојсеј прифатиле совет и со тоа ни оставиле добар пример што треба да го следиме. Јов го сменил своето гледиште; тој не барал изговори. Мојсеј покажал дека го прифатил Јеховиниот совет со тоа што му останал верен дури и откако изгубил нешто што многу му значело.

10. а) Според Изреки 4:10-13, како ни користи тоа што прифаќаме совет? б) Каков убав став покажале некои кон советот што го добиле?

10 Многу ни користи кога го следиме примерот што ни го оставиле верните луѓе како што биле Јов и Мојсеј. (Прочитај Изреки 4:10-13.) Многу наши браќа и сестри се угледале на нив и прифатиле совет. Еден брат по име Емануел, кој живее во Конго, го рекол следново во врска со советот што го добил: „Некои зрели браќа од моето собрание забележаа дека се наоѓам во опасност да си го нарушам пријателството со Јехова и се обидоа да ми помогнат. Го применив нивниот совет, и така избегнав многу проблеми“. * Меган, една пионерка од Канада, го рекла следново во врска со советите што ги добила: „Не беше секогаш она што сакав да го чујам, туку она што требаше да го чујам“. А еден брат од Хрватска по име Марко рекол: „Изгубив една одговорност во собранието. Но, кога размислувам за она што ми се случи, сфаќам дека советот што го добив ми помогна да си го обновам односот со Јехова“.

11. Што рекол брат Карл Клајн во врска со прифаќањето совет?

11 Уште некој кој ни оставил добар пример во поглед на прифаќањето совет е брат Карл Клајн, кој служеше како член на Водечкото тело. Во својата животна приказна тој се осврнал на една ситуација кога добил строг совет од Џозеф Ратерфорд, со кого бил близок пријател. Брат Клајн признал дека отпрвин не реагирал добро на советот. Тој рекол: „Следниот пат кога [брат Ратерфорд] ме виде, весело ми рече: ’Здраво Карл!‘ Но, бидејќи сѐ уште се чувствував повредено, го поздравив со пола уста. Тој ми рече: ’Карл, внимавај! Ѓаволот ти е зад петици!‘ Засрамено му одговорив: ’Сѐ е во ред, брат Ратерфорд‘. Но, тој знаеше дека сум лут и затоа го повтори предупредувањето: ’Добро, само пази. Ѓаволот ти е зад петици‘. Беше навистина во право! Кога држиме лутина кон некој брат, особено ако ни кажал нешто што има право да ни го каже... му даваме простор на Ѓаволот да нѐ фати во замка“ (Еф. 4:25-27). * Брат Клајн го прифатил советот на брат Ратерфорд, и останале блиски пријатели.

ШТО МОЖЕ ДА НИ ПОМОГНЕ ДА ПРИФАТИМЕ СОВЕТ?

12. Како може понизноста да ни помогне да прифатиме совет? (Псалм 141:5).

12 Што може да ни помогне да прифатиме совет? Треба да бидеме понизни и да имаме на ум дека сме несовршени и дека понекогаш постапуваме многу неразумно. Како што веќе видовме, Јов имал погрешно гледиште. Но подоцна го исправил, и Јехова го благословил поради тоа. Јов го исправил своето гледиште затоа што бил понизен. Тој покажал дека е понизен со тоа што го прифатил советот на Елиу, и покрај тоа што Елиу бил многу помлад од него (Јов 32:6, 7). Исто така, понизноста може да ни помогне да прифатиме совет дури и ако сметаме дека не сме направиле ништо погрешно или ако ни го даде некој што е помлад од нас. Еден старешина од Канада вели: „Бидејќи не можеме да се видиме онака како што нѐ гледаат другите, како би можеле духовно да напредуваме ако никој не нѐ советува?“ Зарем има некој меѓу нас што не треба во поголема мера да ги покажува плодовите на духот и повешто да ја извршува својата служба? (Прочитај Псалм 141:5.)

13. Како треба да гледаме на советите што ги добиваме?

13Гледај на советите како израз на Божјата љубов. Јехова ни го посакува најдоброто (Изр. 4:20-22). Кога нѐ советува преку својата Реч, преку некоја библиска публикација или преку некој зрел соверник, тој ја покажува својата љубов кон нас. Во Евреите 12:9, 10, пишува: „Тој го прави тоа за наша корист“.

14. На што треба да се концентрираме кога некој ќе нѐ советува?

14Концентрирај се на советот, а не на начинот на кој ти е даден. Понекогаш можеби сметаме дека советот што сме го добиле не ни бил даден на добар начин. Се разбира, секој што дава совет треба да внимава како го прави тоа за да може оној што го добива полесно да го прифати (Гал. 6:1). * Но, ако некој нас нѐ советува, треба да се концентрираме на пораката — дури и ако сметаме дека советот можел да ни биде даден на подобар начин. Би можеле да се прашаме: „Дури и ако не ми се допаѓа како ми бил даден советот, дали има нешто што можам да го применам? Можам ли да преминам преку несовршеностите на оној што ми го дал советот и да извлечам корист од она што ми го кажал?“ Мудро би било да најдеме начин да извлечеме корист од секој совет што ќе го добиеме (Изр. 15:31).

МНОГУ ЌЕ НИ КОРИСТИ АКО БАРАМЕ СОВЕТ

15. Зошто треба да бараме совет?

15 Библијата нѐ поттикнува да бараме совет. Во Изреки 13:10 пишува: „Оние што бараат совет се мудри“ (Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Колку се вистинити овие зборови! Оние што бараат совет без да чекаат некој друг да им пристапи за да им даде, честопати повеќе напредуваат во духовен поглед од оние што не го прават тоа. Затоа, преземај иницијатива самиот да побараш совет.

Зошто помладата сестра бара совет од позрелата сестра? (Види во пасус 16)

16. Во кои ситуации би можеле да побараме совет?

16 Кога би можеле да побараме совет од некој соверник? Да разгледаме некои ситуации. 1) Една сестра замолува некој поискусен објавител да оди со неа на библискиот курс што го води и потоа бара совет како може да ги подобри своите вештини на поучување. 2) Една немажена сестра сака да си купи панталони и затоа бара искрено мислење од една позрела сестра. 3) Еден брат кој треба да го одржи своето прво јавно предавање замолува еден поискусен брат внимателно да го слуша неговиот говор и потоа да му даде совет како може да се подобри. Дури и на некој што со години држи предавања би му користело ако побара совет од некој искусен говорник и потоа го примени советот што го добил.

17. Што може да ни помогне да извлечеме корист од некој совет?

17 Следните седмици или месеци секој од нас ќе добие совет — сеедно дали директен или индиректен. Во такви прилики да се сетиме на работите што ги разгледавме. Да бидеме понизни, да се концентрираме на советот наместо на начинот на кој ни бил даден, и потоа да го примениме. Никој не се раѓа мудар. Но, ако слушаме совет и прифаќаме укор, Божјата Реч ни ветува дека ќе станеме мудри (Изр. 19:20).

ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!

^ пас. 5 Јеховините слуги знаат колку е важно да ги слушаат и да ги применуваат библиските совети. Но, не е секогаш лесно да се прифати совет. Зошто? И, што може да ни помогне да извлечеме корист од советите што ги добиваме?

^ пас. 10 Некои имиња се сменети.

^ пас. 11 Види во Стражарска кула од 1 октомври 1984, стр. 21-28 (англ.).

^ пас. 14 Во следната статија ќе разгледаме како оние што даваат совет можат да го прават тоа на тактичен начин.