Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 5

Особини кои нѐ поттикнуваат редовно да присуствуваме на состаноците

Особини кои нѐ поттикнуваат редовно да присуствуваме на состаноците

Објавувајте ја смртта на Господарот, додека тој не дојде (1. КОР. 11:26)

ПЕСНА 18 Благодарни сме за откупнината

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Што гледа Јехова кога милиони луѓе се собираат за да ја одбележат Господаровата вечера? (Види ја сликата на насловната страница.) б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ЗАМИСЛИ СИ што гледа Јехова кога милиони лица низ целиот свет се собираат да ја одбележат Господаровата вечера. Освен што забележува колку многу луѓе присуствуваат на овој настан, тој обрнува внимание и на секој поединец. На пример, Јехова ги гледа оние што присуствуваат секоја година. Меѓу нив има и такви што доаѓаат и покрај тоа што се соочуваат со жестоко прогонство. Други не присуствуваат редовно на седмичните состаноци, но Спомен-свеченоста ја сметаат за настан што во никој случај не сакаат да го пропуштат. Јехова ги забележува и оние кои, можеби од љубопитност, дошле за прв пат.

2 Тој сигурно се радува кога гледа колку многу луѓе присуствуваат на Спомен-свеченоста (Лука 22:19). Сепак, на Јехова не му е најважно колкумина присуствувале. Многу поважно му е зошто дошле тие луѓе, односно што ги поттикнало да го направат тоа. Во оваа статија ќе разгледаме едно важно прашање: Зошто присуствуваме не само на Спомен-свеченоста, која се одржува еднаш годишно, туку и на седмичните состаноци што Јехова ги обезбедува за оние што го сакаат?

На милиони луѓе низ целиот свет им се изразува добредојде кога доаѓаат на Спомен-свеченоста (Види во пасуси 1-2)

ПОНИЗНОСТА НЀ ПОТТИКНУВА ДА ПРИСУСТВУВАМЕ

3-4. а) Зошто одиме на состаноците? б) Што открива за нас тоа што присуствуваме на состаноците? в) Според 1. Коринќаните 11:23-26, зошто не треба да пропуштиме да присуствуваме на Спомен-свеченоста?

3 Главна причина зошто одиме на состаноците е за да го славиме Бог. Друга причина е тоа што таму се поучуваме за Јехова. Горделивите луѓе не сметаат дека треба да бидат поучени за нешто (3. Јов. 9). За разлика од нив, ние од сѐ срце сакаме да бидеме поучени од Јехова и од неговата организација (Иса. 30:20; Јован 6:45).

4 Нашето присуство на состаноците покажува дека сме понизни и спремни да бидеме поучени. Ние присуствуваме на одбележувањето на смртта на Исус не само затоа што мораме туку и затоа што понизно сакаме да ја послушаме заповедта што ја дал тој, кога рекол: „Правете го ова за мој спомен“. (Прочитај 1. Коринќаните 11:23-26.) Овој важен состанок ни ја зацврстува надежта за иднината и нѐ потсетува колку многу Бог нѐ сака. Сепак, Јехова знае дека не е доволно да бидеме охрабрени и зајакнати само еднаш годишно. Затоа тој ни обезбедува состаноци секоја седмица и нѐ поттикнува да одиме на нив. Понизноста ни помага да бидеме послушни. Секоја седмица поминуваме по неколку часа за да се подготвиме за овие состаноци и да бидеме присутни на нив.

5. Зошто понизните луѓе го прифаќаат повикот од Јехова?

5 Секоја година, голем број понизни луѓе го прифаќаат повикот да бидат поучени од Јехова (Иса. 50:4). Тие со задоволство присуствуваат на Спомен-свеченоста, и почнуваат да одат и на другите состаноци (Зах. 8:20-23). Сите заедно се радуваме што добиваме поуки и водство од Јехова, кој ни е „помош и... избавител“ (Пс. 40:17). Впрочем, што друго е поважно и што друго може да ни причини поголема радост од тоа да прифатиме да бидеме поучени од Јехова и од Исус, неговиот сакан Син? (Мат. 17:5; 18:20; 28:20).

6. Како понизноста му помогнала на еден човек да присуствува на Спомен-свеченоста?

6 Секоја година се трудиме да поканиме колку што е можно повеќе луѓе на Спомен-свеченоста. Многу понизни лица извлекле корист од тоа што ја прифатиле нашата покана. Да наведеме еден пример. Пред неколку години, еден човек добил ваква покана, но му кажал на братот што му ја дал дека не може да дојде. Сепак, вечерта кога се одржала Спомен-свеченоста, нашиот брат се изненадил кога го видел во салата за состаноци. Тој човек бил толку воодушевен од срдечниот пречек, што почнал да ги посетува состаноците секоја седмица. Всушност, во текот на целата следна година пропуштил само три состаноци. Што го поттикнало да присуствува на состаноците? Бидејќи бил кроток, си го сменил мислењето. Братот што му ја дал поканата подоцна рекол: „Тој е многу понизен човек“. Без сомнение, Јехова го привлекол за да му служи, и сега тој е крстен брат (2. Сам. 22:28; Јован 6:44).

7. Како она што го учиме на состаноците и она што го читаме во Библијата ни помага да бидеме понизни?

7 Она што го учиме на состаноците и она што го читаме во Библијата може да ни помогне да развиеме понизност. Во седмиците пред Спомен-свеченоста, на состаноците главно се разгледува примерот на Исус и понизноста што тој ја покажал кога го дал својот живот како откупнина. Освен тоа, во деновите пред да се одржи овој настан, поттикнати сме да ги читаме библиските извештаи поврзани со смртта и воскресението на Исус. Она што го учиме на тие состаноци и она што го читаме во тие библиски извештаи ја продлабочува нашата благодарност за жртвата што тој ја дал за нас. Поттикнати сме да бидеме понизни како него и да ја вршиме Јеховината волја дури и кога тоа не ни е лесно (Лука 22:41, 42).

ХРАБРОСТА НИ ПОМАГА ДА ПРИСУСТВУВАМЕ

8. Како Исус покажал храброст?

8 Се трудиме да го следиме примерот на Исус и во поглед на храброста. Размисли колкава храброст покажал тој во деновите пред да биде погубен. Исус добро знаел дека неговите непријатели наскоро ќе го понижуваат, ќе го тепаат и ќе го убијат (Мат. 20:17-19). Сепак, спремно се соочил со смртта. Кога дошло времето, тој им го рекол следново на своите верни апостоли во градината Гетсиманија: „Станете, да одиме! Еве, мојот предавник се приближи!“ (Мат. 26:36, 46). А кога група вооружени луѓе дошле да го уапсат, тој истапил напред, кажал кој е и им заповедал на војниците да ги пуштат неговите апостоли (Јован 18:3-8). Колку голема храброст покажал Исус! Денес, помазаните христијани и оние што им припаѓаат на „другите овци“ се трудат да го следат неговиот пример на храброст. На кој начин?

Кога храбро присуствуваш на христијанските состаноци, ги зајакнуваш другите (Види во пасус 9) *

9. а) Зошто можеби ни треба храброст за редовно да присуствуваме на состаноците? б) Како нашиот пример може да влијае врз браќата што лежат в затвор поради својата вера?

9 Ако се наоѓаме во тешки околности, можеби и ние треба да покажуваме храброст за да одиме редовно на состаноците. Некои наши браќа и сестри доаѓаат дури и кога се притиснати од тага, кога се обесхрабрени или кога имаат здравствени проблеми. Други храбро одат на состаноците и покрај тоа што се соочуваат со жестоко противење од членовите на семејството или од властите. Размисли за миг како нашиот пример влијае врз браќата што лежат в затвор поради својата вера (Евр. 13:3). Кога ќе слушнат дека продолжуваме да му служиме на Јехова иако трпиме разни неволји, тоа уште повеќе ја зацврстува нивната решеност да ја зачуваат довербата во Бог, да бидат храбри и да му останат верни. И апостол Павле доживеал нешто слично. Додека бил затворен во Рим, тој се радувал секогаш кога ќе слушнел дека неговите браќа и понатаму верно му служат на Јехова (Фил. 1:3-5, 12-14). Кратко пред или веднаш откако бил ослободен, Павле го напишал своето послание до Евреите. Во ова писмо ги поттикнал верните христијани да продолжат да се сакаат едни со други и никогаш да не ги пропуштаат заедничките состаноци (Евр. 10:24, 25; 13:1).

10-11. а) Кого треба да го поканиме на Спомен-свеченоста? б) Која причина за тоа ја наоѓаме во Ефешаните 1:7?

10 Ние покажуваме храброст и кога ги каниме нашите роднини, колеги и соседи на Спомен-свеченоста. Бидејќи сме толку благодарни за она што Јехова и Исус го направиле за нас, не можеме да не ги каниме и другите да присуствуваат на овој важен настан. Сакаме да дознаат како и ним може да им користи Јеховината „незаслужена доброта“ која била покажана преку откупнината. (Прочитај Ефешаните 1:7; Отк. 22:17.)

11 Тоа што храбро одиме на нашите состаноци во секакви околности е доказ дека имаме уште една скапоцена особина која Бог и неговиот Син ја покажуваат на извонредни начини.

ЉУБОВТА НЀ ТЕРА ДА ПРИСУСТВУВАМЕ

12. а) Како состаноците ја продлабочуваат нашата љубов кон Јехова и кон Исус? б) Во кој поглед зборовите од 2. Коринќаните 5:14, 15 нѐ поттикнуваат да го следиме примерот на Исус?

12 Љубовта кон Јехова и кон Исус нѐ тера да присуствуваме на состаноците. А она што го учиме таму ја продлабочува нашата љубов кон Бог и кон неговиот Син. На состаноците редовно се потсетуваме на она што тие го сториле за нас (Рим. 5:8). Но, особено Спомен-свеченоста нѐ потсетува на тоа колку многу тие нѐ сакаат не само нас туку и оние што сѐ уште не ја сфаќаат вредноста на откупнината. Сето ова нѐ исполнува со благодарност и нѐ мотивира да го следиме примерот на Исус. (Прочитај 2. Коринќаните 5:14, 15.) Освен тоа, нашето срце нѐ поттикнува да го славиме Јехова затоа што ја обезбедил откупнината. Еден начин како може да го фалиме е така што од срце ќе коментираме на нашите состаноци.

13. Како може да покажеме колку многу ги сакаме Јехова и неговиот Син?

13 Покажуваме колку многу ги сакаме Јехова и неговиот Син и така што спремно правиме жртви за нив. Честопати мора да правиме различни жртви за да присуствуваме на состаноците. Повеќето собранија го одржуваат едниот состанок на крајот од некој работен ден, кога многумина од нас најверојатно се уморни. А другиот состанок се одржува за време на викендот, кога обично сите други се одмараат. Дали Јехова забележува дека одиме на состанок и покрај тоа што сме уморни? Се разбира! Всушност, кога вложуваме поголем труд, тој уште повеќе ја цени љубовта што ја покажуваме кон него (Мар. 12:41-44).

14. Како Исус покажувал самопожртвувана љубов?

14 Исус ни дал пример како да покажуваме самопожртвувана љубов. Тој не само што бил спремен да умре за своите ученици туку го живеел секој ден ставајќи го доброто на другите пред своите лични потреби. На пример, бил заедно со своите следбеници дури и кога бил уморен или под силен стрес (Лука 22:39-46). Освен тоа, мислел на она што може да го даде за другите, а не на она што може да го добие од нив (Мат. 20:28). Ако и нашата љубов кон Јехова и кон браќата е толку силна, ќе дадеме сѐ од себе за да присуствуваме на Спомен-свеченоста, како и на сите други собраниски состаноци.

15. На кого особено сакаме да му помагаме?

15 Како вистински христијани, ние сме обединети во едно меѓународно братство, и со радост одвојуваме време да ги каниме и другите луѓе да станат дел од него. Но, посебно сакаме да им помагаме на нашите „браќа по вера“ кои се неактивни (Гал. 6:10). Докажуваме дека ги сакаме така што ги поттикнуваме да доаѓаат на состаноците, а особено на Спомен-свеченоста. Исто како Јехова и Исус, многу сме среќни кога некој неактивен брат или сестра ќе му се врати на нашиот грижлив Татко и Пастир (Мат. 18:14).

16. а) Како можеме да се храбриме еден со друг, и како ќе ни помогнат состаноците? б) Зошто овој период од годината е соодветен за да размислуваме за зборовите на Исус запишани во Јован 3:16?

16 Во наредните седмици, труди се да поканиш колку што е можно повеќе луѓе да присуствуваат на Спомен-свеченоста во петок навечер, на 19 април 2019 год. (Види ја рамката „ Ќе ги поканиш ли?“) А во текот на целата година, да се поттикнуваме еден со друг редовно да доаѓаме на сите состаноци што Јехова ги обезбедува за нас. Додека наближува крајот на овој поредок, нашите состаноци ќе ни помогнат да останеме понизни и храбри, и да покажуваме љубов (1. Сол. 5:8-11). Од сѐ срце да им покажеме на Јехова и на неговиот Син колку сме благодарни за нивната огромна љубов! (Прочитај Јован 3:16.)

ПЕСНА 126 Бдејте, сите бидете јаки!

^ пас. 5 Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт ќе се одржи во петок навечер, на 19 април 2019 год. Тоа ќе биде најважниот состанок во годината. Без сомнение, ние присуствуваме на тој настан затоа што сакаме да го радуваме Јехова. Во оваа статија ќе видиме и кои особини нѐ поттикнуваат да присуствуваме на Спомен-свеченоста и на нашите седмични состаноци.

^ пас. 52 ОПИС НА СЛИКИТЕ: Еден брат кој е во затвор поради својата вера се охрабрува од писмото што му го испратило семејството. Тој знае дека не е заборавен и се радува што дознава дека и неговото семејство му останува верно на Јехова и покрај граѓанските немири во нивното место.