Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 5

„Ќе одиме со вас“

„Ќе одиме со вас“

Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас (ЗАХ. 8:23)

ПЕСНА 26 За мене го направивте

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

На „другите овци“ („десет луѓе“) им е чест што можат да му служат на Јехова заедно со помазаниците („еден Евреин“) (Види во пасуси 1-2)

1. Што претскажал Јехова дека ќе се случува во нашево време?

ВО ВРСКА со нашево време, Јехова претскажал: „Десет луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите ќе фатат за скут еден Евреин, ќе го фатат, велејќи: ’Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас‘“ (Зах. 8:23). „Евреинот“ ги претставува оние што Бог ги помазал со свет дух. Тие се наречени и „Израелот Божји“ (Гал. 6:16). „Десетте луѓе“ ги претставуваат оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата. Тие знаат дека Јехова ги благословува помазаниците, и затоа им е чест што му служат заедно со нив.

2. На кој начин симболичните десет луѓе „одат“ со помазаниците?

2 Денес, оние што имаат надеж да живеат вечно на Земјата не ги знаат по име сите помазани христијани. * Сепак, можат да „одат“ со нив. На кој начин? Во врска со десетте симболични луѓе, Библијата вели: „[Тие] ќе фатат за скут еден Евреин, ќе го фатат, велејќи: ’Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас‘“. Иако во овој стих се спомнува само еден Евреин, заменката „вас“ во двата случаја укажува дека станува збор за повеќе од еден човек. Според тоа, овој духовен Евреин не се однесува на некој поединец туку на целата група составена од помазаници. Христијаните кои не се помазани му служат на Јехова заедно со помазаниците. Но, тие не ги сметаат помазаните христијани за свои водачи, бидејќи им е јасно дека Водачот е Исус (Мат. 23:10).

3. Кои прашања ќе бидат одговорени во оваа статија?

3 Бидејќи денес на Земјата сѐ уште има помазани христијани, некои можеби се прашуваат: 1) Како треба да гледаат помазаниците на себе? 2) Како треба да се однесуваме со оние што земаат од симболите на Спомен-свеченоста? 3) Дали треба да бидеме загрижени ако нивниот број продолжи да расте? Во оваа статија ќе го разгледаме одговорот на овие прашања.

КАКО ТРЕБА ДА ГЛЕДААТ ПОМАЗАНИЦИТЕ НА СЕБЕ?

4. Според 1. Коринќаните 11:27-29, за кое предупредување треба внимателно да размислат помазаниците, и зошто?

4 Помазаните христијани треба внимателно да размислат за предупредувањето запишано во 1. Коринќаните 11:27-29. (Прочитај.) Еден помазан христијанин зема „недостојно“ од симболите на Спомен-свеченоста ако јаде од лебот и пие од виното, а не живее во склад со Јеховините праведни мерила (Евр. 6:4-6; 10:26-29). Помазаниците знаат дека мора да му останат верни на Јехова ако сакаат да ја добијат „наградата на небесниот позив Божји преку Христос Исус“ (Фил. 3:13-16).

5. Како треба помазаните христијани да гледаат на себе?

5 Со светиот дух, Јехова им помага на своите слуги да бидат понизни, а не горди (Еф. 4:1-3; Кол. 3:10, 12). Затоа, помазаните христијани не сметаат дека се подобри од другите. Тие се свесни дека тоа што се помазани не значи автоматски дека Јехова им дава повеќе свет дух отколку на другите свои слуги. Помазаниците не мислат дека ја разбираат библиската вистина подлабоко од сите други. Освен тоа, во никој случај нема да му кажат на некој друг дека и тој е помазан, и дека треба да почне да зема од симболите. Напротив, тие понизно признаваат дека само Јехова е тој што го упатува небесниот позив.

6. Според 1. Коринќаните 4:7, 8, како треба да се однесуваат помазаните христијани?

6 Иако сметаат дека е огромна чест да се добие небесен позив, помазаните христијани не очекуваат другите да се однесуваат со нив на некој посебен начин (Фил. 2:2, 3). Исто така, тие знаат дека, кога Јехова ги помазал, не им го разгласил тоа на сите. Затоа не се изненадени ако некој не им поверува веднаш дека биле помазани со свет дух. Всушност, и самите се свесни дека Библијата предупредува да не веруваме пребрзо ако некој тврди дека Бог го избрал за некаква посебна служба (Отк. 2:2). Бидејќи не сакаат да свртуваат внимание кон себе, тие не му кажуваат на секој што ќе го запознаат дека се помазани. И во никој случај не им се фалат со тоа на другите! (Прочитај 1. Коринќаните 4:7, 8.)

7. Што не прават помазаните христијани, и зошто?

7 Помазаните христијани не сметаат дека треба да се дружат само со други помазаници, како да се дел од некој елитен клуб. Тие не се обидуваат да стапат во контакт со други помазаници за да зборуваат со нив за своето помазание или за да формираат приватни групи за проучување на Библијата (Гал. 1:15-17). Таквото однесување би предизвикало поделби во собранието. Исто така, на тој начин би се спротивставиле на влијанието на светиот дух, кој придонесува за мирот и единството меѓу Божјиот народ (Рим. 16:17, 18).

КАКО ТРЕБА ДА СЕ ОДНЕСУВАМЕ СО ПОМАЗАНИТЕ?

Не треба да се однесуваме со помазаниците или со другите браќа што предводат како да се славни личности (Види во пасус 8) *

8. Зошто треба да внимаваш како се однесуваш со оние што земаат од симболите на Спомен-свеченоста? (Види ја и фуснотата.)

8 Како треба да се однесуваме со помазаните браќа и сестри? Би било погрешно да воздигнуваме некого, дури и да е помазан Христов брат (Мат. 23:8-12). Кога зборува за старешините, Библијата нѐ поттикнува да се угледаме на „нивната вера“, но никаде во неа не пишува дека треба да следиме некој човек како наш водач (Евр. 13:7). Точно, таа вели дека некои се „достојни за двојна чест“. Меѓутоа, тие не се достојни за таква чест затоа што се помазани, туку затоа што „предводат на добар начин“ и „марливо говорат и поучуваат за Божјата реч“ (1. Тим. 5:17). На оние што имаат небесен позив би им било многу непријатно ако им се искажува претерана чест или внимание. * Што е уште полошо, ако другите постапуваат со нив на посебен начин, помазаниците би можеле да се возгордеат (Рим. 12:3). Сигурно никој од нас не би сакал да предизвика некој од Христовите браќа да направи таква сериозна грешка! (Лука 17:2).

9. Како може да покажеме почит кон помазаните христијани?

9 Како може да покажеме почит кон оние кои Јехова ги помазал со свет дух? Не треба да ги прашуваме како станале помазаници. Тоа е лична работа, која нас воопшто не нѐ засега (1. Сол. 4:11; 2. Сол. 3:11). Освен тоа, не треба да заклучиме дека сопружникот, родителите или други членови на семејството на помазаниот христијанин исто така се помазани. Небесната надеж не се наследува од семејството. Таа надеж ја дава Бог (1. Сол. 2:12). И не треба да поставуваме прашања што би можеле да ги повредат другите. На пример, не треба да ја прашуваме жената на еден помазан брат како се чувствува кога ќе помисли дека ќе живее вечно на Земјата без својот сопруг. Впрочем, сите можеме да бидеме потполно уверени дека, во новиот свет, Јехова ќе ја задоволи „желбата на сѐ што е живо“ (Пс. 145:16).

10. Како може да се заштитиме ако не им ласкаме „на истакнати поединци“?

10 Ако не се однесуваме со помазаните како да се поважни од другите, се штитиме и себеси. Како? Библијата вели дека некои помазани христијани нема да му останат верни на Бог (Мат. 25:10-12; 2. Пет. 2:20, 21). Ако се чуваме од замката да им ласкаме „на истакнати поединци“, нема да станеме следбеници на луѓе, па дури и тие да се помазани, познати или да му служеле долги години на Јехова (Јуда 16). Доколку некој од нив стане неверен или го напушти собранието, тоа нема да ни ја ослабне верата или да нѐ наведе да престанеме да му служиме на Јехова.

ТРЕБА ЛИ ДА НЀ ЗАГРИЖУВА БРОЈОТ НА ОНИЕ ШТО ЗЕМААТ ОД СИМБОЛИТЕ?

11. Што се случува со бројот на оние кои земаат од симболите на Спомен-свеченоста?

11 Со години, бројот на оние што земаа од симболите на Спомен-свеченоста постепено се намалуваше. Но, во последно време, овој број почна од година во година да расте. Дали ова треба да нѐ загрижува? Не. Да видиме зошто.

12. Зошто не треба да нѐ загрижува бројот на оние што земаат од симболите на Спомен-свеченоста?

12 „Јехова ги познава оние што се негови“ (2. Тим. 2:19). За разлика од Бог, браќата што ги бројат оние кои земаат од симболите на Спомен-свеченоста не можат да проценат кој навистина е помазан. Затоа, во овој број се вклучени и оние што мислат дека се помазани, а не се. На пример, некои што едно време земале од симболите, подоцна престанале да го прават тоа. Други можеби имаат психички или емоционални проблеми, и затоа мислат дека ќе владеат со Христос од небото. Од таа причина, не знаеме колку точно помазаници сѐ уште има на Земјата.

13. Дали Библијата кажува колку помазаници ќе има на Земјата кога ќе започне големата неволја?

13 Ќе има помазаници во разни делови на светот кога Исус ќе дојде за да ги земе на небото (Мат. 24:31). Иако Библијата укажува дека во последните денови ќе има мал број помазаници на Земјата, таа не кажува колкумина ќе бидат овде кога ќе започне големата неволја (Отк. 12:17).

Како треба да реагираме ако некој земе од симболите на Спомен-свеченоста? (Види во пасус 14)

14. Како што се гледа од Римјаните 9:11б, 16, што треба да сфатиме во врска со избирањето на помазаниците?

14 Јехова одлучува кога да избира помазаници (Рим. 8:28-30). Тој почнал да избира помазаници по воскресението на Исус. По сѐ изгледа, сите вистински христијани во првиот век биле помазани. Во наредните векови, најголем дел од оние што тврделе дека се христијани, всушност, не го следеле Христос. Сепак, во текот на тие години, Јехова продолжил да ги помазува малкуте поединци што биле вистински христијани. Тие биле како „пченицата“ за која Исус рекол дека ќе расте меѓу „какол“ (Мат. 13:24-30). Во последните денови, Јехова продолжил да ги избира оние што ќе бидат дел од 144-те илјади. * Затоа, ако тој реши да избере некои пред самиот крај, кои сме ние да ја доведуваме во прашање неговата мудрост? (Прочитај Римјаните 9:11б, 16.) * Мора да внимаваме да не реагираме како незадоволните работници кои Исус ги спомнал во една споредба. Тие приговарале поради начинот на кој нивниот господар постапил со оние кои дошле да работат во последниот час (Мат. 20:8-15).

15. Дали сите помазани христијани го сочинуваат „верниот и разборит роб“ кој е спомнат во Матеј 24:45-47? Објасни.

15 „Верниот и разборит роб“ не го сочинуваат сите што имаат небесна надеж. (Прочитај Матеј 24:45-47.) Исто како во првиот век, денес Јехова и Исус користат неколкумина браќа за да „нахранат“, односно да поучуваат мнозина. Во првиот век, само неколку помазани христијани биле употребени да ги напишат Христијанските грчки списи. Денес само неколку помазаници имаат одговорност да му даваат на Божјиот народ „храна во вистинско време“.

16. Што научи од оваа статија?

16 Што научивме од оваа статија? Јехова одлучил да им даде вечен живот на Земјата на најголемиот дел од своите слуги, и да им даде живот на небото на мал број свои слуги што ќе владеат со Исус. Јехова ги наградува сите свои слуги — како „Евреинот“, така и симболичните десет луѓе. Тој очекува и двете групи да бидат послушни на истите закони и да му останат верни. Сите мора да останат понизни. Сите мора да му служат заедно и да бидат обединети. И сите мора да придонесуваат за мирот во собранието. Додека се ближи крајот, да продолжиме да му служиме на Бог и да го следиме Христос како „едно стадо“ (Јован 10:16).

^ пас. 5 Оваа година, Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт ќе се одржи во вторник, на 7 април. Како треба да гледаме на оние што земаат од симболите? Дали треба да бидеме загрижени ако нивниот број продолжи да расте? Одговорите ќе ги добиеме во оваа статија. Таа се темели на една друга статија која излезе во Стражарска кула од јануари 2016 год.

^ пас. 2 Псалм 87:5, 6 укажува дека, во иднина, Бог можеби ќе ги открие имињата на сите што биле воскреснати да владеат заедно со Исус од небото (Рим. 8:19).

^ пас. 8 Види ја рамката „Љубовта ’не се однесува непристојно‘“ во Стражарска кула од јануари 2016.

^ пас. 14 Иако Дела 2:33 покажува дека светиот дух бил излеан преку Исус, Јехова е тој што му го упатува небесниот позив на поединецот.

^ пас. 14 Нешто повеќе можеш да прочиташ во „Прашања од читателите“, во Стражарска кула од 1 мај 2007.

ПЕСНА 34 Да живееме беспрекорно

^ пас. 56 ОПИС НА СЛИКАТА: Замисли како би се чувствувале некој претставник од главното седиште и неговата жена кога на конгрес би ги опкружила толпа луѓе за да ги слика. Тоа би било израз на крајно непочитување!