Колкава моќ има еден поздрав
„ЗДРАВО! Како си?“
Без сомнение, многу пати си го користел овој поздрав. Можеби притоа си се ракувал со оној што си го поздравил, па дури и си го прегрнал. Иако начинот на кој луѓето се поздравуваат може да се разликува од место до место, целта на поздравувањето е иста. Всушност, ако не поздравиме некого, или ако не возвратиме на неговиот поздрав, тој може да помисли дека сме ладни или некултурни.
Но не им е на сите лесно да ги поздравуваат другите. Некои не сакаат да се поздравуваат бидејќи се срамежливи или имаат ниска самопочит. На некои им е тешко да ги поздравуваат оние што се од друга националност, култура, положба во општеството или што се од различен пол. Меѓутоа, дури и еден краток поздрав може многу позитивно да влијае врз другите.
Прашај се: „Што може да постигне еден поздрав? И што можам да научам од Божјата Реч за поздравувањето?“
ПОЗДРАВУВАЈ СЕ СО СЕКОГО
Кога не-Евреинот Корнелиј станал дел од христијанското собрание, апостол Петар ги кажал следниве зборови: „Бог не е пристрасен“ (Дела 10:34). Подоцна, Петар напишал дека Бог сака „сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Овие стихови обично ги применуваме на интересентите кои учат за Бог. Но Петар го дал и следниов поттик за христијаните: „Почитувајте го секого, сите браќа сакајте ги“ (1. Пет. 2:17). Според тоа, зарем не треба да ги поздравуваме другите без оглед на нивната националност, раса, култура или потекло? Тоа е еден начин на кој покажуваме дека ги почитуваме и дека ги сакаме.
Апостол Павле ги поттикнал соверниците: „Примајте се еден со друг, како што и Христос нѐ прими нас“ (Рим. 15:7). Павле особено ги ценел браќата кои му помагале и го зајакнувале. Денес, пред крајот на овој свет, постои уште поголема потреба да ги зајакнуваме браќата и сестрите бидејќи Сатана со голем гнев ги напаѓа Божјите слуги (Кол. 4:11; Отк. 12:12, 17).
Кога ги поздравуваме другите, им помагаме да се чувствуваат пријатно. Но, сега ќе разгледаме некои библиски примери кои покажуваат дека со поздравувањето се постигнува многу повеќе од тоа.
КОЛКУ Е ВАЖНО ПОЗДРАВУВАЊЕТО
Кога дошло времето животот на Божјиот Син да биде пренесен во утробата на Марија, Јехова испратил еден ангел да зборува со неа. Ангелот ѝ се обратил со зборовите: „Здраво, со милост обдарена, Јехова е со тебе!“ Марија се уплашила бидејќи не знаела зошто еден ангел би зборувал со неа. Кога го видел ова, ангелот рекол: „Не плаши се, Марија, зашто си нашла милост кај Бог“. Тој ѝ објаснил дека Бог сака таа да го роди Месијата. Овие зборови ѝ помогнале да се смири и спремно одговорила: „Еве ја Јеховината робинка! Нека ми биде според твоите зборови!“ (Лука 1:26-38).
За ангелот било голема чест тоа што служел како гласник на Јехова. Сепак, за него не било понижување да зборува со несовршен човек. Разговорот го почнал со еден поздрав. Што можеме да научиме од овој пример? Треба да ги поздравуваме и да ги охрабруваме другите. Со само неколку збора можеме да ги зајакнеме и да ги увериме дека се скапоцени членови на Божјето собрание.
Павле запознал многу браќа и сестри во собранијата низ Мала Азија и Европа. Во своите писма тој упатил поздрави кон многу поединци. Ова се гледа од 16. поглавје од Римјаните во кое Павле поздравил голем број соверници. Ја спомнал Фива, „нашата сестра“, и ги поттикнал браќата да ја примат „во Господарот, како што им прилега на светите“ и да ѝ помогнат „во сѐ што ќе ѝ затреба“. Павле ги поздравил и Приска и Акила, на кои им биле благодарни и тој и „сите собранија од другите народи“. Поздравил и некои христијани за кои не знаеме речиси ништо — „мојот сакан Епенет“, како и „Трифена и Трифоса, кои се трудат во Господарот“. Павле навистина со задоволство ги поздравувал браќата и сестрите (Рим. 16:1-16).
Замисли колку многу се радувале тие кога дознале дека тој мислел на нив. Како резултат на тоа, нивната љубов кон Павле, како и нивната меѓусебна љубов, сигурно уште повеќе се зголемила! А кога и други христијани ги чуле тие срдечни поздрави, несомнено се охрабриле и тоа им помогнало да останат цврсти во верата. Навистина, поздравите со кои ги пофалуваме другите Божји слуги и им ја изразуваме нашата љубов ги зајакнува пријателствата и нашето единство.
Кога Павле пристигнал во пристаништето Путеоли и се упатил кон Рим, локалните браќа дошле да го поздрават. Штом ги видел од далеку, Павле му се заблагодарил на Бог и се охрабрил (Дела 28:13-15). Можеби понекогаш ќе можеме да поздравиме некого само со една насмевка или така што ќе му мавнеме со раката. Сепак, дури и тоа може да го охрабри, особено ако е потиштен или тажен.
ШТО УЧИМЕ ОД ЈАКОВ
Ученикот Јаков требало им даде строг совет на некои соверници бидејќи станале пријатели со светот и со тоа му биле неверни на Бог (Јак. 4:4). Но забележи како Јаков го започнал своето писмо:
„Јаков, роб на Бог и на Господарот Исус Христос, ги поздравува дванаесетте племиња, кои се расеани по светот“ (Јак. 1:1). Од неговиот поздрав браќата можеле да видат дека Јаков не гледал од високо на нив, односно дека имаат иста положба пред Бог. Без сомнение, поради ова им било полесно да го прифатат советот што им го дал. Овој пример покажува дека еден поздрав од кој другите можат да видат дека имаме понизен став може да ни олесни да разговараме со нив дури и за посериозни работи.
Еден поздрав ќе биде делотворен само ако е искрен и ако доаѓа од љубов. Тоа важи дури и кога ни се чини дека другиот не го забележал нашиот поздрав (Мат. 22:39). Ова го гледаме од следново искуство. Една сестра во Ирска, еднаш дошла во салата пред самиот почеток на собранискиот состанок. Кога влегла, додека брзала да седне, еден брат се свртел и со насмевка ѝ рекол: „Здраво. Мило ми е што успеа да дојдеш“. Сестрата само си седнала без да каже ниту збор.
По неколку седмици, таа му пристапила на братот и му спомнала дека во тој период минувала низ многу тешка ситуација дома. Притоа му рекла: „Таа вечер бев толку вознемирена, што за малку немаше да дојдам во салата. Не се сеќавам на многу работи од состанокот, освен на твојот поздрав. Твоите зборови ми помогнаа да се чувствувам многу пријатно. Ти благодарам“.
Овој брат не бил свесен колку силно влијание имал неговиот краток поздрав. Тој вели: „Кога сестрата ми кажа колку ѝ значеле тие неколку збора, ми беше многу мило што ја поздравив во таа прилика. А и јас се чувствував убаво“.
Соломон напишал: „Фрли го лебот свој на површината на водата, и по многу дни пак ќе го најдеш“ (Проп. 11:1). Кога срдечно ги поздравуваме другите, особено нашите браќа и сестри, го разубавуваме и нивниот и нашиот живот. Затоа, никогаш да не ја потценуваме моќта што ја има еден поздрав.