Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 26

„Вратете се кај мене“

„Вратете се кај мене“

Вратете се кај мене, и јас ќе се вратам кај вас (МАЛ. 3:7)

ПЕСНА 102 Да им помагаме на слабите!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што чувствува Јехова кога некој негов слуга ќе се врати кај него?

ВО ПРЕТХОДНАТА статија видовме дека Јехова се споредува себеси со добар пастир кој со љубов се грижи за секоја своја овчичка и ги бара сите што ќе залутаат. Јехова им рекол на Израелците кои го напуштиле: „Вратете се кај мене, и јас ќе се вратам кај вас“. Знаеме дека тој сѐ уште има таков став кон своите слуги, бидејќи вели: „Јас не се менувам“ (Мал. 3:6, 7). Исус рекол дека Јехова и ангелите многу се радуваат кога макар и еден негов слуга ќе се врати кај него (Лука 15:10, 32).

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Да разгледаме три споредби на Исус од кои може да извлечеме важни поуки за тоа како да им помогнеме на оние што се оддалечиле од Јехова. Ќе видиме кои особини треба да ги имаме за да им помогнеме на изгубените овчички да се вратат кај него. И ќе видиме зошто вреди да вложиме труд за да им ја пружиме потребната поддршка на оние што станале неактивни.

БАРАЈ ГИ ОНИЕ ШТО СЕ КАКО ИЗГУБЕНАТА ПАРИЧКА

3-4. Зошто жената спомната во Лука 15:8-10 толку внимателно ја барала изгубената драхма?

3 Мора да вложиме многу труд за да ги најдеме оние што сакаат да се вратат кај Јехова. Во една споредба запишана во евангелието на Лука, Исус зборувал за една жена која изгубила нешто многу вредно — една драхма, односно сребрена паричка. Тој истакнал колку упорно и темелно жената ја барала таа паричка. (Прочитај Лука 15:8-10.)

4 Исус опишал како се чувствувала оваа жена кога ја нашла скапоцената драхма што ја изгубила. Во негово време, по сѐ изгледа некои Еврејки им давале комплет од десет драхми на своите ќерки на денот на венчавката. Можеби оваа паричка била дел од таков комплет. Жената од споредбата претпоставила дека драхмата паднала некаде на подот. Таа запалила светилка и почнала да ја бара. Но, никако не можела да ја види бидејќи веројатно светлината била слаба. Затоа ја зела метлата за да ја измете внимателно целата куќа. На крајот, во купчето прашина, засветкала нејзината скапоцена драхма. Какво олеснување! Таа ги повикала своите пријателки и сосетки да им ја каже радосната вест.

5. Зошто може да биде тешко да ги најдеме оние што станале неактивни?

5 Како што се гледа од споредбата на Исус, потребно е да вложиме труд за да најдеме нешто што сме го изгубиле. На сличен начин, ќе треба да вложиме труд за да ги пронајдеме оние што станале неактивни. Можеби веќе со години не доаѓаат на состаноци или, пак, се преселиле во место каде што браќата не ги познаваат. Без сомнение, во овој момент некои од нив копнеат да се вратат кај Јехова. Тие сакаат повторно да му служат заедно со своите браќа и сестри, но потребна им е нашата помош.

6. Како можат сите во собранието да помогнат да се најдат неактивните?

6 Кој може да помогне да се најдат неактивните браќа и сестри? Сите објавители од собранието, вклучувајќи ги старешините, пионерите и членовите на нивното семејство. Дали имаш пријател или роднина што станал неактивен? Дали си сретнал некој неактивен брат или сестра додека си проповедал од куќа до куќа или додека си учествувал во сведочење на јавни места? Ако сакаат да бидат посетени, кажи им дека би можел да им ја дадеш нивната адреса или телефонски број на старешините во твоето собрание.

7. Што учиме од она што го кажал еден старешина по име Томас?

7 Првенствено старешините се одговорни да ги најдат оние што сакаат да се вратат кај Јехова. Како можат да го сторат тоа? Забележи што рекол еден старешина по име Томас, * кој живее во Шпанија. Тој им помогнал на повеќе од 40 Сведоци да се вратат во Божјето собрание. Томас рекол: „Најпрво ги прашувам браќата дали знаат каде живее некое неактивно лице од нашето собрание. Или, пак, ги прашувам објавителите дали познаваат некој што престанал да доаѓа на состаноците. Повеќето во собранието се радуваат што можат да помогнат. Подоцна, кога ќе појдам да ги посетам неактивните браќа и сестри, се распрашувам за нивните деца и роднини. Порано некои од овие браќа и сестри ги носеле своите деца на состаноците, а некои од децата можеби извесно време биле и објавители. И ним може да им се помогне да се вратат кај Јехова“.

ПОМОГНИ ИМ НА ИЗГУБЕНИТЕ СИНОВИ И ЌЕРКИ ДА СЕ ВРАТАТ КАЈ ЈЕХОВА

8. Во споредбата за изгубениот син, која е запишана во Лука 15:17-24, како постапил таткото со својот син кој се каел?

8 Кои особини мора да ги имаме за да им помогнеме на оние што сакаат да се вратат кај Јехова? Да видиме кои поуки може да ги извлечеме од споредбата за изгубениот син што ја дал Исус. (Прочитај Лука 15:17-24.) Исус објаснил дека синот на крајот се вразумил и одлучил да се врати дома. Таткото излегол да го пречека и силно го прегрнал, со што го уверил дека многу го сака. Но, бидејќи го измачувала совеста, синот му рекол: „Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син“. Кога отворено му кажал како се чувствува, таткото се сожалил на него. А потоа направил нешто за да му покаже дека е добредојден, не како слуга, туку како сакан син. Тој му дал убава облека и приредил гозба во негова чест.

9. Кои особини мора да ги имаме за да им помогнеме на неактивните браќа и сестри да се вратат кај Јехова? (Види ја рамката „ Како да им помогнеме на оние што сакаат да се вратат“.)

9 Јехова е како таткото во таа споредба. Тој ги сака нашите неактивни браќа и сестри, и сака тие да се вратат кај него. Ако го следиме неговиот пример, ќе можеме да им помогнеме да го сторат тоа. Но, од нас се бара стрпливост, сочувство и љубов. Зошто ни се потребни токму овие особини, и како може да ги покажуваме?

10. Зошто е важно да бидеме стрпливи за да помогнеме некому да закрепне во духовен поглед?

10 Мора да бидеме стрпливи бидејќи треба време за некој да закрепне во духовен поглед. Мнозина од оние што порано биле неактивни признаваат дека презеле чекори да се вратат дури откако старешините и други од собранието ги посетиле повеќе пати. Ненси, една сестра од Југоисточна Азија, напишала: „Многу ми помогна една блиска пријателка од собранието. Ме сакаше како да сум ѝ постара сестра. Често ми зборуваше за убавите моменти што ги имавме поминато заедно. Стрпливо ме слушаше додека ѝ кажував како се чувствувам, и не се колебаше да ми даде совет. Докажа дека ми е вистинска пријателка, спремна да помогне во секое време“.

11. Зошто треба да имаме сочувство за да помогнеме некому кој бил повреден?

11 Сочувството е како мелем на рана. Тоа може да ги залечи повредените чувства. Некои неактивни браќа и сестри, кои пред многу години биле повредени од некој во собранието, сѐ уште чувствуваат огорченост. Ваквите чувства можат да бидат посилни од желбата да се вратат кај Јехова. Можеби некои сметаат дека им била нанесена неправда. Сигурно многу ќе им значи ако некој ги сослуша и покаже разбирање за нивните чувства (Јак. 1:19). Марија, која порано била неактивна, вели: „Ми требаше уво за слушање, рамо за плачење и рака на која ќе можам да се потпрам“.

12. Во која смисла љубовта на Јехова е како јаже за неактивните браќа и сестри?

12 Во Библијата, љубовта што ја чувствува Јехова кон својот народ е споредена со јаже. Во која смисла неговата љубов е како јаже? Размисли за следнава споредба: Замисли дека се давиш во разбранувано море и некој ти фрли појас за спасување. Сигурно ќе му бидеш благодарен бидејќи тоа ќе ти помогне да останеш на површината. Сепак, појасот нема да те спаси. Водата е ладна и нема да преживееш ако не успееш да се качиш во чамецот за спасување. Некој треба да ти фрли јаже и да те повлече кон чамецот. Во врска со Израелците кои се оддалечиле од него, Јехова рекол: „Ги привлекував со јажињата... на љубовта“ (Оси. 11:4). И денес Бог има слични чувства кон оние што престанале да му служат и кои се дават во проблеми и грижи. Важно му е да знаат дека ги сака. Тој прави сѐ за да ги повлече кон себе со јажињата на љубовта. Јехова може да им ја покаже својата љубов преку тебе.

13. Како она што му се случило на Пабло покажува дека братската љубов има голема моќ?

13 Важно е да ги увериме неактивните браќа и сестри дека Јехова ги сака и дека и ние ги сакаме. Пабло, кој беше спомнат во претходната статија, бил неактивен повеќе од 30 години. Тој вели: „Едно утро кога излегував од дома, една мила постара сестра ме застана за да поразговараме. Можев да ја почувствувам нејзината љубов од начинот на кој зборуваше со мене. Почнав да плачам како мало дете. Ѝ реков дека Јехова ја пратил. Во тој момент решив да се вратам кај него“.

СО ЉУБОВ ПОМАГАЈ ИМ НА СЛАБИТЕ

14. Во споредбата на Исус запишана во Лука 15:4, 5, што направил пастирот кога ја нашол изгубената овца?

14 На неактивните им е потребна нашата постојана поддршка. Исто како изгубениот син во споредбата на Исус, можеби и тие имаат длабоки емоционални лузни. Освен тоа, затоа што некое време биле во светот на Сатана, веројатно се слаби во духовен поглед. Мора да им помогнеме да си ја зајакнат верата во Јехова. Во споредбата за изгубената овца, Исус рекол дека, кога пастирот ја нашол, ја ставил на рамења и ја вратил во стадото. Тој веќе потрошил време и сила за да ја најде оваа овчичка. Сепак, му било јасно дека ќе мора да ја носи бидејќи таа немала доволно сила да оди. (Прочитај Лука 15:4, 5.)

15. Како може да им помагаме на слабите кои сакаат да се вратат кај Јехова? (Види ја рамката „ Непроценлива помош“.)

15 Можеби ќе треба да вложиме време и сила за да им помогнеме на некои неактивни браќа и сестри да се изборат со своите слабости. Но, со помош на Јеховиниот дух, неговата Реч и публикациите што ги добиваме преку организацијата, можеме да им помогнеме да зајакнат во духовен поглед (Рим. 15:1). Како? Еден долгогодишен старешина рекол: „Повеќето неактивни браќа и сестри имаат потреба некој да проучува со нив кога ќе решат пак да му служат на Јехова“. * Затоа, ако старешините те замолат да проучуваш со некого од нив, биди спремен да помогнеш. Овој старешина додал: „Објавителот треба да биде близок пријател, некој во кого неактивниот брат или сестра ќе има доверба“.

РАДОСТ НА НЕБОТО И НА ЗЕМЈАТА

16. Од каде знаеме дека ангелите ни помагаат да ги најдеме неактивните браќа и сестри?

16 Има многу показатели дека ангелите соработуваат со нас и ни помагаат да ги најдеме неактивните браќа и сестри кои копнеат да се вратат кај Јехова (Отк. 14:6). На пример, Силвио од Еквадор искрено го молел Јехова да му помогне повторно да му служи. Додека сѐ уште се молел, некој му заѕвонил на вратата. Тоа биле двајца старешини. Уште од таа прва посета, тие спремно почнале да му ја даваат потребната помош за да се врати кај Јехова.

17. Како ќе се чувствуваме ако им помагаме на духовно слабите браќа и сестри?

17 Ако им помагаме на духовно слабите браќа и сестри да се вратат кај Јехова, и ние многу ќе се радуваме. Забележи што вели еден пионер кој вложува посебен труд за да им помогне на неактивните лица: „Понекогаш едвај се воздржувам да не заплачам од радост! Многу сум среќен кога размислувам дека Јехова истргнал уште една своја драга овчичка од канџите на Сатановиот свет, и дека јас сум имал мал удел во тоа“ (Дела 20:35).

18. Ако си се оддалечил од Јехова, во што можеш да бидеш уверен?

18 Ако си се оддалечил од Јехова, биди уверен дека тој сѐ уште те сака. Тој сака да се вратиш кај него. Точно, ќе треба да вложиш труд за да го сториш тоа. Но, не заборавај дека, слично на таткото од споредбата на Исус, Јехова едвај чека да се вратиш и ќе те пречека со раширени раце.

ПЕСНА 103 Пастирите — дар од Бог

^ пас. 5 Јехова сака оние што престанале да проповедаат или да одат на состаноци повторно да се вратат кај него. Можеме да направиме многу за да ги охрабриме таквите браќа и сестри кои би сакале да ја прифатат поканата на Јехова: „Вратете се кај мене“. Во оваа статија, ќе видиме како можеме да им помогнеме да го сторат тоа.

^ пас. 7 Некои имиња се сменети.

^ пас. 15 Некои неактивни лица ја добиле потребната помош така што проучувале делови од книгата Божјата љубов или, пак, одредени поглавја од книгата Приближи му се на Јехова. Одборот на собранието ќе одлучи кој објавител е најдобро да проучува со неактивниот брат или сестра.

^ пас. 68 ОПИС НА СЛИКАТА: Во различни прилики, тројца браќа му помагаат на еден брат кој сака да се врати кај Јехова. Тие оддржуваат контакт со него, го уверуваат дека Јехова и браќата го сакаат, и го слушаат со разбирање.