Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 24

„Дај ми неподелено срце за да се бои од твоето име!“

„Дај ми неподелено срце за да се бои од твоето име!“

Дај ми неподелено срце за да се бои од твоето име! Ќе те фалам, о Јехова, Боже мој, со сето свое срце (ПС. 86:11, 12)

ПЕСНА 7 Јехова е нашата сила

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што значи да се плашиме од Бог, и зошто оние кои го сакаат Јехова мора да чувствуваат страв од него?

ХРИСТИЈАНИТЕ го сакаат Бог, но и се плашат од него. На некои ова може да им звучи противречно. Меѓутоа, овде не станува збор за морничав страв. Ќе зборуваме за еден поинаков страв кој го чувствуваат оние што имаат длабока почит и искрено ценење кон Бог. Тие се плашат да не го разочараат својот небесен Татко бидејќи не сакаат да си го нарушат своето пријателство со него (Пс. 111:10; Изр. 8:13).

2. Во склад со зборовите на цар Давид запишани во Псалм 86:11, кои две работи ќе ги разгледаме?

2 Прочитај Псалм 86:11. Од овој стих јасно се гледа дека верниот цар Давид сфаќал колку е важно да има стравопочит кон Бог. Да видиме како може и ние да живееме во склад со зборовите од овој Псалм. Прво, ќе разгледаме зошто Божјето име е достојно за стравопочит. И второ, ќе видиме како може да покажуваме таква стравопочит во секојдневниот живот.

ЗОШТО ЈЕХОВИНОТО ИМЕ ВЛЕВА СТРАВОПОЧИТ?

3. Кој настан можеби му помогнал на Мојсеј секогаш да има стравопочит кон Божјето име?

3 Замисли си како се чувствувал Мојсеј кога, стуткан во пукнатината на една карпа, имал чест да го види отсјајот на Јеховината слава. Ова веројатно било највеличественото нешто што го доживеал некој човек пред да дојде Исус Христос на Земјата. Мојсеј ги чул следниве зборови, кои веројатно ги кажал еден ангел: „Јехова! Јехова! Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина, кој ја чува својата милост за илјадници, простува престап, вина и грев“ (2. Мој. 33:17-23; 34:5-7). Можно е Мојсеј да помислувал на овој настан кога ќе го спомнел името Јехова. Не е ни чудо што подоцна ги предупредил Израелците да се бојат од тоа „славно име што влева страв“ (5. Мој. 28:58).

4. Што ќе нѐ исполни со уште поголема стравопочит кон Јехова?

4 Кога помислуваме на името Јехова, добро е подлабоко да размислуваме за тоа каков е оној што го носи ова име. Тоа што ќе размислуваме за особините на Бог, како што се неговата моќ, мудрост, правда и љубов, може да ни влее уште поголема стравопочит кон него (Пс. 77:11-15).

5-6. а) Што значи Божјето име? б) Според 2. Мојсеева 3:13, 14 и Исаија 64:8, како Јехова го исполнува она што го наумил?

5 Што знаеме во врска со значењето на Божјето име? Многу изучувачи сметаат дека името Јехова најверојатно значи „оној што предизвикува да стане“. Ова укажува дека ништо не може да го спречи Јехова да ја изврши својата волја. Кога ќе науми нешто, тој секогаш го остварува. Како?

6 Бог станува сѐ што е потребно за да ја исполни својата намера. (Прочитај 2. Мојсеева 3:13, 14.) Честопати сме поттикнати да размислуваме за ова извонредно обележје на Божјата личност. Освен тоа, Јехова може да им помогне и на своите несовршени слуги да станат сѐ што е потребно за да му служат и да ја исполнат неговата намера. (Прочитај Исаија 64:8.) На овие начини, Бог ја спроведува својата волја. Ништо не може да го спречи да го исполни она што го наумил (Иса. 46:10, 11).

7. Како може да го продлабочиме своето ценење за нашиот небесен Татко?

7 Можеме да го продлабочиме своето ценење за нашиот небесен Татко така што ќе размислуваме за сето она што тој го направил, како и за она што нам ни помага да го направиме. На пример, исполнети сме со стравопочит кога размислуваме за неговите чудесни творби, за сето она што го создал (Пс. 8:3, 4). А чувствуваме длабока почит кон него и кога размислуваме како нам ни помагал да станеме сѐ што е потребно за да ја извршиме неговата волја. Името Јехова навистина е достојно за стравопочит! Зад тоа име стои целокупната личност на нашиот Татко, сето она што го направил досега и сето она што ќе го направи во иднина (Пс. 89:7, 8).

„ЌЕ ГО ОБЈАВУВАМ ЈЕХОВИНОТО ИМЕ“

Мојсеј ги охрабрил Израелците со она што им го кажал бидејќи им го насочил вниманието кон Јехова Бог и кон неговото име (Види во пасус 8) *

8. Според 5. Мојсеева 32:2, 3, што очекува Јехова од своите слуги во врска со неговото име?

8 Кога Израелците биле на прагот на Ветената земја, Јехова му кажал на Мојсеј да ги запише зборовите на една песна (5. Мој. 31:19). Мојсеј требало да им ги пренесе тие зборови, а народот требало да ги научи. (Прочитај 5. Мојсеева 32:2, 3.) Од стихови 2 и 3 јасно се гледа дека Јехова не сака неговото име да биде завиено во тајност и не сака другите да мислат дека е премногу свето за да се изговара. Тој сака неговото име да го знаат сите! Израелците имале огромна чест да бидат поучени од Мојсеј за Јехова и за неговото величествено име. Она што им го кажал Мојсеј им влеало сила и ги освежило, исто како што ситниот дождец ја освежува тревата. Како можеме и ние да ги поучуваме другите на таков начин?

9. Како може да придонесеме да се свети Јеховиното име?

9 Кога проповедаме од врата до врата или сведочиме на јавни места, добро е да ја користиме Библијата за да им го покажеме на луѓето Божјето име, Јехова. Освен тоа, можеме да им оставиме некоја од нашите поучни публикации, да им покажеме некои од нашите убави видеоклипови и да им ја посочиме нашата интернет-страница преку која му се оддава чест на Јехова. Додека сме на работа, на училиште или додека патуваме, имаме можност да зборуваме со другите за нашиот сакан Бог и да им кажуваме каков е тој. Кога разговараме со оние што ги среќаваме за неговата прекрасна намера со луѓето и со Земјата, им помагаме да го видат во сосема ново светло. Со тоа што им ја кажуваме вистината за нашиот добар Татко, ние придонесуваме да се свети неговото име. Така побиваме некои од лагите и клеветите што Сатана ги шири за Јехова. Она што им го кажуваме на другите од Библијата може да им влее огромна сила и да биде вистинско освежување за нив (Иса. 65:13, 14).

10. Кога ја проучуваме Библијата со интересентите, зошто не е доволно да ги поучуваме само за Божјите праведни барања и мерила?

10 Кога ја проучуваме Библијата со интересентите, сакаме да им помогнеме да го дознаат и да го користат Јеховиното име. Освен тоа, сакаме да им помогнеме да сфатат што вклучува тоа име. Дали ќе го постигнеме ова ако ги поучуваме само за Божјите закони, мерила и правила? Некој може добро да ги познава Јеховините закони, па дури и многу да ги цени. Но, дали ќе му биде послушен на Јехова затоа што го сака? Сети се дека и Ева го знаела Божјиот закон, но немала вистинска љубов кон оној што го дал тој закон. Истото било случај и со Адам (1. Мој. 3:1-6). Според тоа, не е доволно да ги поучуваме другите само за Божјите праведни барања и мерила.

11. Како можеме да им помогнеме на интересентите да го засакаат Јехова додека ги поучуваме за неговите закони и мерила?

11 Јеховините барања и мерила се секогаш за наше добро (Пс. 119:97, 111, 112). Но, ако интересентите не сфатат дека Јехова ги дал од љубов кон нас, можеби нема да гледаат така на нив. Затоа, би можеле да прашаме: „Што мислиш, зошто Бог бара неговите слуги да го прават ова? Или, зошто вели да не го прават тоа? Што ни открива ова за него?“ Ако им помогнеме на интересентите да размислуваат за Јехова и да стекнат искрено ценење за неговото величествено име, поголема е веројатноста вистината да допре до нивното срце. На тој начин ќе ги засакаат не само законите туку и оној што ги дал (Пс. 119:68). Тоа ќе им помогне да си ја зајакнат верата и ќе им даде сила да ги поднесат тешките испити со кои ќе се соочат (1. Кор. 3:12-15).

„НИЕ ЌЕ ОДИМЕ ВО ИМЕТО НА ЈЕХОВА“

Во една прилика Давид дозволил неговото срце да биде поделено (Види во пасус 12)

12. Како во една прилика Давид дозволил неговото срце да стане поделено, и какви биле последиците од тоа?

12 Во Псалм 86:11, Давид го молел Јехова за нешто многу важно. Тој му рекол: „Дај ми неподелено срце“. Во текот на својот живот, Давид видел колку лесно срцето може да стане поделено. Во една прилика, додека бил на покривот од својот дворец, здогледал една мажена жена како се капе. Дали во тој момент срцето на Давид било неподелено? Тој го знаел Јеховиниот закон: „Не посакувај ја жената на својот ближен“ (2. Мој. 20:17). Но, очигледно продолжил да ја гледа Витсавеа. Желбата кон неа станала посилна од желбата да му угоди на Јехова. Иако долго време го сакал Јехова и имал стравопочит кон него, Давид подлегнал на таа себична желба. Во таа прилика, тој постапил на многу лош начин, и со тоа му нанел срам на Јеховиното име. Освен тоа, им причинил огромно страдање на невини луѓе, вклучувајќи го и своето семејство (2. Сам. 11:1-5, 14-17; 12:7-12).

13. Од каде знаеме дека Давид повторно му служел на Јехова со неподелено срце?

13 Откако Јехова го укорил, Давид се покајал и си го обновил пријателството со него (2. Сам. 12:13; Пс. 51:2-4, 17). Давид не ги заборавил болката и неволјите кои биле последица на тоа што дозволил срцето да му стане поделено. Дали Јехова му помогнал повторно да има неподелено срце? Да. Подоцна, во Божјата Реч било запишано дека срцето на Давид му било „потполно оддадено на Јехова, неговиот Бог“ (1. Цар. 11:4; 15:3).

14. Што треба да се прашаме, и зошто?

14 Примерот на Давид може многу да нѐ охрабри. Но, неговиот тежок грев служи и како предупредување за нас. Сеедно дали му служиме на Јехова од неодамна или веќе долго време, треба да се прашаме: „Дали се спротивставувам кога Сатана се обидува да го подели моето срце?“

Сатана ќе направи сѐ за да ти го подели срцето. Не му дозволувај! (Види во пасуси 15-16) *

15. Како може стравот од Бог да нѐ заштити ако наидеме на провокативни слики?

15 На пример, што ќе направиш ако на телевизија или на интернет наидеш на слики што можат кај тебе да разбудат неморални желби? Лесно можеш да си речеш дека тоа не е порнографија. Но, дали можеби на тој начин Сатана се обидува да ти го подели срцето? (2. Кор. 2:11). Една таква провокативна слика може да се спореди со остра секира која се користи за да се расцепи голем трупец. Најпрво острицата се забива во трупецот, а потоа, како што се набива сѐ подлабоко, трупецот се расцепува на два дела. Дали таквите слики можат да бидат како острицата на секирата? Она што во почетокот изгледа како мала и безначајна работа може многу брзо некому да му го подели срцето, а тоа, пак, може да го наведе да направи грев и да му ја скрши верноста кон Бог. Затоа, не дозволувај ништо непристојно да влезе во твоето срце. Труди се да зачуваш неподелено срце кое се бои од Јеховиното име!

16. Кои прашања треба да си ги поставиме кога ќе се најдеме на искушение?

16 Освен провокативни слики, Сатана користи и други работи за да нѐ наведе да постапиме неисправно. Лесно е да си бараме изговори за да попуштиме на искушението. На пример, би можеле да си мислиме: „Па, поради ова нема да бидам исклучен. Значи, не е толку страшно“. Таквото размислување е многу погрешно. Подобро би било да се прашаме: „Дали Сатана го користи ова искушение за да ми го подели срцето? Ако им подлегнам на неисправните желби, дали ќе му нанесам срам на Јеховиното име? Дали ова ќе ме зближи со мојот Бог или ќе ме оддалечи од него?“ Размислувај за овие прашања. Моли се за мудрост за да си одговориш искрено, без да се залажуваш (Јак. 1:5). Тоа може да ти биде вистинска заштита. Може да ти помогне решително да му се спротивставиш на искушението, исто како Исус, кој му рекол на Ѓаволот: „Бегај, Сатано!“ (Мат. 4:10).

17. Зошто сѐ што правиме за Јехова би било залудно ако срцето ни е поделено? Наведи пример.

17 Сѐ што правиме за Јехова е залудно ако срцето ни е поделено. Замисли си еден спортски тим во кој играчите не се согласуваат еден со друг. Некои ја сакаат сета слава за себе, други не играат според правилата, а трети немаат никаква почит кон тренерот. Тешко дека еден таков тим ќе победи во некој натпревар. Од друга страна, ако играчите се сложни и играат обединето, има многу поголеми шанси да победат. Твоето срце може да биде како еден обединет тим, односно неподелено, ако ги усогласиш твоите мисли, желби и чувства со Јеховините мерила. Не заборавај, Сатана сака да ти го подели срцето. Тој не сака твоите мисли, желби и чувства да бидат во склад со Божјите мерила. Но, за Јехова да го прифати сето она што го правиш за него, мора да му служиш со сето срце (Мат. 22:36-38). Затоа, биди решен да не му дозволиш на Сатана да ти го подели срцето!

18. Во склад со зборовите од Михеј 4:5, што си решен да правиш?

18 Моли го Јехова исто како Давид: „Дај ми неподелено срце за да се бои од твоето име!“ Труди се со сите сили да живееш во склад со тие зборови. Секој ден, со сите свои одлуки — сеедно дали се големи или мали — биди решен да докажеш дека имаш длабока стравопочит кон Јеховиното свето име. Ако го правиш тоа, како Јеховин сведок, ќе му оддаваш чест на Божјето име (Изр. 27:11). Тогаш и ти и сите ние ќе можеме да го кажеме она што го рекол пророкот Михеј: „Ние ќе одиме во името на Јехова, нашиот Бог, довека, во сета вечност“ (Мих. 4:5).

ПЕСНА 41 Чуј ме, Јехова!

^ пас. 5 Во оваа статија ќе ги разгледаме зборовите од Псалм 86:11, 12, каде што е запишан дел од една молитва на цар Давид. Што значи да се боиме од Јеховиното име? Зошто треба да имаме стравопочит кон тоа величествено име? И како може стравот од Бог да нѐ заштити кога ќе се најдеме на искушение да постапиме погрешно?

^ пас. 53 ОПИС НА СЛИКАТА: Мојсеј им ги пренел на Израелците зборовите од една песна во чест на Јехова, која тие требало да ја научат.

^ пас. 57 ОПИС НА СЛИКАТА: Ева не ги отфрлила погрешните желби. За разлика од неа, ние не дозволувме кај нас да се родат неисправни желби. Внимаваме да не гледаме слики и да не читаме пораки кои можат да нѐ наведат да направиме нешто со кое ќе му нанесеме срам на Божјето име.