Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 21

Јехова ќе ти даде сила

Јехова ќе ти даде сила

Кога сум слаб, тогаш сум силен (2. КОР. 12:10)

ПЕСНА 73  Дај ни храброст!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Со какви тешкотии се соочуваат многу наши браќа и сестри?

АПОСТОЛ Павле го поттикнал Тимотеј, но и сите други христијани, потполно да ја извршат својата служба (2. Тим. 4:5). Ние сме послушни на советот на Павле и го даваме нашето најдобро во службата за Јехова. Но, тоа не е секогаш лесно. На многу браќа и сестри им е потребна голема храброст за да учествуваат во службата на проповедање (2. Тим. 4:2). На пример, размисли за браќата и сестрите кои живеат во земји во кои нашето дело е ограничено или дури забрането. Тие проповедаат иако знаат дека поради тоа би можеле да бидат ставени во затвор.

2 Јеховините слуги се борат со најразлични проблеми кои би можеле да ги обесхрабрат. На пример, многумина мора по цел ден да работат за да ги задоволат основните потреби на своето семејство. Тие би сакале да прават повеќе во службата, но на крајот од седмицата немаат многу сила. Други можат многу малку да прават во службата на проповедање затоа што имаат некој хроничен здравствен проблем или се во поодминати години. Некои од нив дури воопшто не можат да излегуваат од дома. А има и браќа и сестри кои постојано се борат со чувства на безвредност. Една сестра по име Мери, * која живее на Блискиот Исток, вели: „Борбата со негативните чувства многу ме исцрпува во емоционален поглед. Се чувствувам виновна бидејќи таквата борба ми ги одзема времето и силата кои би можела да ги користам во службата“.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Без разлика со какви проблеми се бориме, Јехова може да ни ја даде силата која ни е потребна за да продолжиме да му служиме онолку колку што ни дозволуваат околностите. Пред да видиме како Јехова може да ни помогне нам, да разгледаме како им давал сила на Павле и на Тимотеј да ја извршат својата служба и покрај тешкотиите.

ЈЕХОВА НИ ДАВА СИЛА ЗА ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА ПРОПОВЕДАМЕ

4. Какви тешкотии доживеал Павле?

4 Павле доживеал многу тешкотии. Особено му била потребна сила кога бил тепан, каменуван и затворан (2. Кор. 11:23-25). Тој отворено признал дека понекогаш се борел и со негативни чувства (Рим. 7:18, 19, 24). Исто така, го измачувал некаков „трн во телото“, односно здравствен проблем за кој очајно го молел Бог да му го отстрани (2. Кор. 12:7, 8).

Што му помогнало на Павле да ја изврши својата служба? (Види во пасуси 5-6) *

5. Што сѐ постигнал Павле и покрај тешкотиите со кои се соочил?

5 Јехова му давал сила на Павле за да може да ја врши својата служба и покрај сите тешкотии со кои се соочувал. Размисли што сѐ постигнал тој. На пример, додека бил во куќен притвор во Рим, Павле ревносно ја бранел добрата вест пред еврејските верски водачи, а можеби и пред властите (Дела 28:17; Фил. 4:21, 22). Исто така, тој им проповедал на многумина од царската стража и на сите што доаѓале кај него (Дела 28:30, 31; Фил. 1:13). Во истиот тој период, под водство на светиот дух, Павле напишал писма кои им користат на вистинските христијани до ден-денес. Освен тоа, браќата од собранието во Рим биле охрабрени од неговиот пример и затоа уште посмело и без страв зборувале за Божјата Реч (Фил. 1:14). Понекогаш Павле не можел да прави во службата толку колку што сакал, но тој го давал најдоброто од себе, и така всушност помогнал да се шири добрата вест (Фил. 1:12).

6. Според 2. Коринќаните 12:9, 10, што му помогнало на Павле да ја изврши својата служба?

6 Павле сфатил дека сѐ што направил во службата за Јехова не било благодарение на неговата сила, туку на силата што му ја давал Бог. Павле признал дека Божјата сила се покажува во потполност кога тој е слаб. (Прочитај 2. Коринќаните 12:9, 10.) Преку својот свет дух, Јехова му ја дал силата што му била потребна за потполно да ја изврши својата служба и покрај тоа што бил прогонуван, затворан и доживеал други тешкотии.

Што му помогнало на Тимотеј да ја изврши својата служба? (Види во пасус 7) *

7. Со какви тешкотии се борел Тимотеј додека ја извршувал својата служба?

7 Младиот Тимотеј, кој му бил соработник на Павле, исто така морал да се потпира на Божјата сила за да ја изврши својата служба. Тимотеј го придружувал Павле на долги мисионерски патувања. Освен тоа, Павле го испратил на други патувања за да посети некои собранија и да ги охрабри тамошните браќа (1. Кор. 4:17). Тимотеј можеби не се чувствувал доволно способен за таа задача. Можеби затоа Павле му рекол: „Никој нека не те потценува поради твојата младост“ (1. Тим. 4:12). Исто така, во текот на тој период, Тимотеј се борел со свој трн во телото — честите болести (1. Тим. 5:23). Но, Тимотеј знаел дека Јехова преку својот моќен свет дух ќе му ја даде силата која му е потребна за да ја проповеда добрата вест и за да им служи на своите браќа (2. Тим. 1:7).

ЈЕХОВА НИ ДАВА СИЛА ЗА ДА МУ ОСТАНЕМЕ ВЕРНИ И ПОКРАЈ ТЕШКОТИИТЕ

8. Како Јехова им дава сила на своите слуги денес?

8 Денес, Јехова им дава на своите слуги „сила, која ја надминува нормалната“ за да можат да продолжат верно да му служат (2. Кор. 4:7). Да разгледаме како Јехова ни дава сила и ни помага да му останеме верни преку четири работи: молитвата, Библијата, соверниците и службата на проповедање.

Јехова ни дава сила преку молитвата (Види во пасус 9)

9. Како може да ни помогне молитвата?

9 Добиваме сила преку молитвата. Во Ефешаните 6:18, апостол Павле нѐ поттикнал да му се молиме на Бог „во секоја пригода“. Јехова ќе ни одговори на молитвите така што ќе ни даде сила. Џони, кој живее во Боливија, почувствувал како Јехова му помага додека минувал низ неколку тешки ситуации. Жена му и двајцата негови родители тешко се разболеле во исто време. На Џони не му било лесно да се грижи за сите тројца. Мајка му починала, а поминало долго време додека жена му и татко му оздравеле. Во врска со тој тежок период, Џони вели: „Кога ме преплавуваа грижи, секогаш ми помагаше тоа што му кажував на Јехова како се чувствувам“. Јехова му давал сила на Џони за да може да истрае. Роналд, старешина кој живее во Боливија, дознал дека мајка му е болна од рак. Таа починала еден месец подоцна. Што му помогнало во тој тежок период? Тој вели: „Кога му се молам на Јехова, му ги кажувам моите најдлабоки чувства. Знам дека тој ме разбира подобро од кој и да е друг, дури подобро отколку што јас самиот се разбирам“. Понекогаш се чувствуваме премногу оптоварени од проблемите или не знаеме за што да се молиме. Но, Јехова нѐ повикува да му се молиме дури и кога ни е тешко нашите мисли и чувства да ги изразиме со зборови (Рим. 8:26, 27).

Јехова ни дава сила преку Библијата (Види во пасус 10)

10. Според Евреите 4:12, зошто е многу важно да ја читаме Библијата и длабоко да размислуваме за неа?

10 Добиваме сила преку Библијата. Павле црпел сила и утеха од Божјата Реч. А и ние можеме да го правиме истото (Рим. 15:4). Додека ја читаме Библијата и длабоко размислуваме за неа, Јехова може преку својот свет дух да ни помогне подобро да разбереме како нејзините совети можат да се применат во нашата ситуација. (Прочитај Евреите 4:12.) Роналд, кој беше спомнат претходно, вели: „Се радувам што стекнав навика секоја вечер да ја читам Библијата. Длабоко размислувам за Јеховините особини и за тоа како тој со љубов постапувал со своите слуги. Ова секогаш ми дава нова сила“.

11. Како Библијата ѝ дала сила на една сестра на која ѝ починал сопругот?

11 Кога длабоко размислуваме за она што го читаме од Божјата Реч, тоа може да ни помогне исправно да гледаме на нашите проблеми. Да видиме како Библијата ѝ помогнала на една ужалена вдовица. Еден старешина ѝ предложил да ја чита книгата Јов од која може да извлече корисни поуки. Додека читала, таа во почетокот го критикувала Јов поради неговиот погрешен став. Си замислувала како му вели на Јов: „Немој да бидеш толку негативен!“ Но, потоа сфатила дека нејзиниот став, всушност, е многу сличен на ставот на Јов. Тоа ѝ помогнало да си го смени ставот, односно да не мисли толку многу на своите проблеми, туку на Јехова и на надежта што тој ни ја дава. Исто така, тоа ѝ дало сила полесно да ја поднесе болката поради загубата на нејзиниот сопруг.

Јехова ни дава сила преку соверниците (Види во пасус 12)

12. Како Јехова нѐ зајакнува преку нашите соверници?

12 Добиваме сила преку соверниците. Друг начин на кој Јехова нѐ зајакнува е преку нашите соверници. Павле напишал дека копнее да ги види своите духовни браќа и сестри за да можат заемно да се охрабрат (Рим. 1:11, 12). На Мери, која беше спомната претходно, многу ѝ е убаво да биде со браќата и сестрите. Таа вели: „Јехова ги користи браќата и сестрите кои дури не се ни свесни низ што минувам. Тие ќе ми кажат нешто охрабрувачко или ќе ми испратат картичка, и тоа е токму она што ми е потребно. Исто така, многу ми помага тоа што разговарам со сестри кои имале слични проблеми како моите и тоа што можам да учам од нивното искуство. Освен тоа, старешините секогаш ми даваат чувство дека сум скапоцен дел од собранието“.

13. Како можеме да се охрабруваме еден со друг на состаноците?

13 Едно од најдобрите места каде што можеме да се охрабриме се собраниските состаноци. Кога си на состанок, би можел да ги зајакнеш другите така што ќе им кажеш дека ги сакаш и дека си благодарен за она што го прават. На пример, пред почетокот на еден состанок, еден старешина по име Питер ѝ рекол на една сестра чиј сопруг не е Јеховин сведок: „Не можеш да си замислиш колку многу е охрабрувачки за нас тоа што си тука. Твоите шест деца секогаш се убаво облечени и имаат подготвено коментари“. Очите на оваа сестра ѝ се наполниле со солзи од благодарност, и таа му рекла на Питер: „Немаш претстава колку ми беше потребно да го слушнам ова денес“.

Јехова ни дава сила преку службата на проповедање (Види во пасус 14)

14. Како ни помага службата на проповедање?

14 Добиваме сила преку службата. Кога зборуваме со другите за библиските вистини, тоа нѐ освежува и нѐ зајакнува, без разлика дали тие сакаат да нѐ слушаат или не (Изр. 11:25). Една сестра по име Стејси почувствувала колку голем извор на сила може да биде службата. Кога еден член од нејзиното семејство бил исклучен, таа била скршена од болка и се прашувала: „Направив ли сѐ што можев за да му помогнам?“ Оваа мисла постојано ја измачувала. Што ѝ помогнало да се справи со оваа тешка ситуација? Службата на проповедање! Кога одела во служба, таа мислела на луѓето на нејзиното подрачје на кои им била потребна помош. Таа вели: „Токму во тој период Јехова ми помогна да најдам интересентка која многу брзо напредуваше. Тоа многу ме охрабри. Она што најмногу ми помага во животот кога ми е тешко е службата на проповедање“.

15. Што можеш да научиш од примерот на Мери?

15 Поради своите околности некои сметаат дека не можат да прават многу во службата на проповедање. Ако тоа е случај и со тебе, не заборавај дека Јехова се радува кога му го даваш своето најдобро. Да размислиме повторно за примерот на Мери. Кога се преселила во место каде што се зборува друг јазик, таа не се чувствувала многу корисно. Мери вели: „Некое време на состаноците можев само да дадам едноставни коментари или да прочитам библиски стих. А во службата можев само да дадам трактат“. Поради тоа имала чувство дека не прави ништо во споредба со оние што добро го зборувале тој јазик. Но, таа го сменила својот став. Со текот на времето сфатила дека Јехова може да ја користи и покрај тоа што не го зборува добро јазикот. Таа вели: „Библиските вистини се едноставни и, всушност, тие им го менуваат животот на луѓето“.

16. Што може да им даде сила на оние што сакаат да проповедаат, но не можат да излегуваат од дома?

16 Јехова многу се радува кога гледа дека имаме желба да учествуваме во службата, дури и ако не можеме да излегуваме од дома. Тој може да ни помогне да ни се отвори прилика да им сведочиме на оние што доаѓаат да се грижат за нас или на медицинскиот персонал. Ако го споредуваме она што го правиме сега со она што сме го правеле во минатото, би можеле да се обесхрабриме. Но, ако се трудиме да сфатиме како Јехова ни помага сега, ќе ја имаме силата што ни е потребна да истраеме во секоја тешкотија со радост.

17. Според Проповедник 11:6, зошто треба да продолжиме да проповедаме, дури и ако не ги гледаме резултатите веднаш?

17 Ние не знаеме каде семето на вистината кое го садиме ќе пушти корен и ќе почне да расте. (Прочитај Проповедник 11:6.) На пример, една сестра по име Барбара, која има повеќе од 80 години, редовно сведочи преку телефон и со писма. Во едно од своите писма, таа ставила примерок од Стражарска кула од 1 март 2014, во која имало статија со наслов „Што направил Бог за тебе“. Без да знае, таа го испратила писмото до еден брачен пар поранешни Јеховини сведоци. Тие го читале списанието одново и одново. Сопругот имал чувство како Јехова да му зборувал нему лично. Тие почнале да одат на состаноци и на крај — по повеќе од 27 години — повторно станале Јеховини сведоци. Замисли си колку многу била охрабрена и зајакната Барбара кога видела што се постигнало со писмото кое таа го напишала!

Јехова ни дава сила преку 1) молитвата, 2) Библијата, 3) соверниците и 4) службата на проповедање (Види во пасуси 9, 10, 12, 14)

18. Што треба да правиме за да добиеме сила од Бог?

18 Јехова ни дава многу работи за да нѐ зајакне, како што се молитвата, Библијата, соверниците и службата на проповедање. Кога ги користиме овие работи, покажуваме дека имаме доверба дека Јехова сака и може да ни помогне. Да продолжиме секогаш да се потпираме на нашиот небесен Татко кој сака „да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Лет. 16:9).

ПЕСНА 61 Напред, Сведоци!

^ пас. 5 Живееме во тешки времиња, но Јехова ни го дава сето она што ни е потребно за да истраеме. Во оваа статија ќе видиме како Јехова им помогнал на апостол Павле и на Тимотеј да му служат и покрај нивните проблеми. Ќе разгледаме четири работи преку кои Јехова денес ни помага да продолжиме да му служиме и покрај тешкотиите.

^ пас. 2 Името е сменето.

^ пас. 53 ОПИС НА СЛИКАТА: Додека бил во куќен притвор во Рим, Павле им напишал писма на неколку собранија и им ја проповедал добрата вест на оние што доаѓале кај него.

^ пас. 55 ОПИС НА СЛИКАТА: Тимотеј ги охрабрувал браќата кога ги посетувал собранијата.