Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 20

Задржи позитивен став кон службата

Задржи позитивен став кон службата

Сеј го семето свое и нека не ти почива раката (ПРОП. 11:6)

ПЕСНА 70 Барајте ги достојните!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

Откако Исус се вознел на небото, неговите ученици ревносно проповедаат во Ерусалим и во многу други места. (Види во пасус 1)

1. Каков пример им оставил Исус на своите следбеници, и што направиле тие? (Види ја сликата на насловната страница.)

ДОДЕКА ја извршувал својата служба на Земјата, Исус без престан проповедал и се надевал дека луѓето ќе ја прифатат неговата порака. Тој сака и неговите следбеници да задржат позитивен став кон службата (Јован 4:35, 36). Додека Исус бил со своите ученици, тие ревносно ја проповедале добрата вест (Лука 10:1, 5-11, 17). Но, откако бил уапсен и потоа убиен, неговите ученици некое време немале желба да проповедаат (Јован 16:32). По своето воскресение, Исус ги поттикнал да се посветат на проповедањето. Откако се вознел на небото, тие проповедале со толку голема ревност што нивните непријатели се жалеле: „Го наполнивте Ерусалим со своето учење“ (Дела 5:28).

2. Како Јехова го благословил проповедничкото дело?

2 Исус го водел проповедничкото дело што го извршувале христијаните во првиот век, и Јехова ги благословил со пораст. На пример, на Педесетница 33 год. од н.е. се крстиле околу 3.000 луѓе (Дела 2:41). И, бројот на ученици сѐ повеќе растел (Дела 6:7). Сепак, Исус прорекол дека во последните денови проповедничкото дело ќе доживее уште поголем пораст (Јован 14:12; Дела 1:8).

3-4. Зошто на некои места не е лесно да се проповеда, и што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Сите се трудиме да задржиме позитивен став кон службата. Во некои земји, тоа воопшто не е тешко. Зошто? Бидејќи многу луѓе сакаат да ја проучуваат Библијата, а некои од нив дури и мора да чекаат за да дојдат на ред. Но, во други делови на светот на објавителите им е потешко да проповедаат. Луѓето ретко може да се најдат дома, а оние кои се дома не покажуваат голем интерес за Библијата.

4 Ако живееш во место каде што не е лесно да проповедаш, веројатно ќе ти помогнат предлозите од оваа статија. Ќе разгледаме што направиле некои објавители за да им проповедаат на што е можно повеќе луѓе, и ќе видиме зошто може да задржиме позитивен став без разлика дали луѓето ќе ја слушаат нашата порака или не.

ОСТАНИ ПОЗИТИВЕН ДУРИ И КОГА Е ТЕШКО ДА ГИ НАЈДЕШ ЛУЃЕТО ДОМА

5. Со какви тешкотии се соочуваат многу Сведоци?

5 На многу Сведоци им е сѐ потешко да ги најдат луѓето дома. Некои објавители живеат на места каде што има голем број згради со високо обезбедување или населби од затворен тип. Можеби има чувар кој не пушта никого да влезе без да има дозвола од некој од станарите. На други места, објавителите можат слободно да одат од врата до врата, но наоѓаат малку луѓе дома. А некои објавители проповедаат на ретко населени подрачја. Објавителите понекогаш минуваат големи растојанија за да стапат во контакт само со еден станар, но кога ќе дојдат до неговата куќа, него го нема. Ако проповедаме на вакви подрачја, не треба да се откажуваме. Што може да направиме за да ги надминеме таквите пречки и да им сведочиме на што е можно повеќе луѓе?

6. Во која смисла проповедањето е слично со рибарењето?

6 Исус го споредил проповедањето со рибарење (Мар. 1:17). Понекогаш рибарите можат да ловат со денови, а да не уловат ништо. Сепак, тие не се откажуваат, туку се приспособуваат. Тие ловат во друго време, на друго место или го менуваат начинот на ловење. И ние можеме да направиме слични промени во службата на проповедање. Да разгледаме неколку предлози.

Кога проповедаш на подрачје каде што луѓето се ретко дома, обиди се да ги најдеш така што ќе проповедаш во друго време, на друго место и на друг начин (Види во пасуси 7-10) *

7. Зошто е добро да проповедаме во друго време?

7 Пробај да проповедаш во друго време. Ќе најдеме повеќе луѓе ако проповедаме во време кога постои поголема веројатност да бидат дома. Кога-тогаш, секој се враќа дома. Многу браќа и сестри проповедаат попладне или навечер, бидејќи тогаш наоѓаат повеќе луѓе. Освен тоа, станарите можат да бидат поопуштени и порасположени за разговор во тоа време. Или би можел да го примениш предлогот на еден старешина по име Дејвид. Тој вели дека, откако ќе проповедаат еден или два часа на некое подрачје, заедно со објавителот со кој е во служба повторно одат кај оние што не ги нашле дома. Дејвид вели: „Изненаден сум колку многу станари се дома кога ќе дојдеме по вторпат кај нив“. *

Кога проповедаш на подрачје каде што луѓето се ретко дома, обиди се да ги најдеш така што ќе проповедаш во друго време (Види во пасуси 7-8)

8. Како она што е запишано во Проповедник 11:6 може да се примени на нашата служба?

8 Не треба да се откажуваме. Треба да продолжиме да ги бараме луѓето во нивните домови. Стихот на кој се темели оваа статија нѐ потсетува каков став треба да имаме. (Прочитај Проповедник 11:6.) Дејвид, кој го спомнавме претходно не се откажал. По неколку неуспешни обиди, конечно го нашол станарот на една куќа. Човекот сакал да зборува за Библијата, и рекол: „Тука живеам веќе осум години, а на мојата врата ниту еднаш не дошол некој Јеховин сведок“. Дејвид вели: „Сфатив дека кога конечно ќе ги најдеме дома, луѓето обично сакаат да ја слушаат пораката што ја проповедаме“.

Кога проповедаш на подрачје каде што луѓето се ретко дома, обиди се да ги најдеш така што ќе проповедаш на друго место (Види во пасус 9)

9. Што направиле некои Сведоци за да стапат во контакт со луѓе кои тешко може да се најдат дома?

9 Пробај да проповедаш на друго место. За да стапат во контакт со луѓе кои тешко може да се најдат дома, некои објавители почнале да проповедаат на друго место. На пример, се покажало дека со сведочењето на улица и со колички, може полесно да се најдат луѓето кои живеат во големи згради во кои не е дозволено да се проповеда од врата до врата. Ова им овозможува на Сведоците лично да разговараат со луѓето кои живеат во тие згради. Исто така, многу објавители сфатиле дека луѓето се поспремни да разговараат или да земат наши публикации во паркови, на пазари и на деловни подрачја. Флоран, еден покраински надгледник во Боливија, вели: „Одиме на пазарите и во продавниците во периодот од еден до три часот попладне, кога продавачите се помалку зафатени. Обично водиме убави разговори, па дури и почнуваме библиски курсеви“.

Кога проповедаш на подрачје каде што луѓето се ретко дома, обиди се да ги најдеш така што ќе проповедаш на друг начин (Види во пасус 10)

10. На кој начин би можел да стапиш во контакт со сите на твоето подрачје?

10 Пробај да проповедаш на друг начин. Можеби си се обидел повеќе пати да најдеш некого дома. Можеби си пробал да го најдеш во различно време, но никогаш не бил дома. Дали може на друг начин да стапиш во контакт со тоа лице? Катарина вели: „На оние што не можам да ги најдам дома им пишувам писма во кои им го кажувам она кое би им го рекла лично“. Што учиме од неа? Обиди се да стапиш во контакт со секој на твоето подрачје, без разлика на кој начин ќе го направиш тоа.

ОСТАНИ ПОЗИТИВЕН КОГА ЛУЃЕТО СЕ РАМНОДУШНИ

11. Зошто некои луѓе се рамнодушни кон нашата порака?

11 Некои луѓе се рамнодушни кон нашата порака. Тие мислат дека не им се потребни ниту Бог ниту советите од Библијата. Тие не веруваат во Бог бидејќи гледаат многу страдања во светот. Не се интересираат за Библијата бидејќи го гледаат лицемерството на верските водачи кои тврдат дека живеат според таа книга. Други се толку преокупирани со работата, со семејството или со личните проблеми што не успеваат да сфатат дека Библијата може да им помогне. Како може да ја зачуваме радоста кога им проповедаме на луѓе кои сметаат дека нашата порака не им е корисна?

12. Како тоа што ќе ги примениме зборовите од Филипјаните 2:4 може да ни помогне во службата на проповедање?

12 Покажи им на луѓето дека се грижиш за нив. Многумина кои на почетокот биле рамнодушни, подоцна биле спремни да ја слушнат добрата вест бидејќи виделе дека вистински се грижиме за нив. (Прочитај Филипјаните 2:4.) На пример, Дејвид, кој беше спомнат претходно, вели: „Ако некој каже дека не е заинтересиран за религија или за Библијата, ја враќаме нашата Библија или публикациите во чанта и велиме: ’Може ли да Ве прашам, дали отсекогаш сте имале вакво мислење?‘“ Луѓето забележуваат кога некој вистински се грижи за нив. Тие можеби ќе заборават што точно сме им кажале, но веројатно ќе се сеќаваат на грижата што сме им ја покажале. Дури и ако некој не ни дозволи да му кажеме нешто за добрата вест, со нашите изрази на лицето и со нашето однесување можеме да му покажеме дека се грижиме за него.

13. Како би можеле да ја приспособиме нашата порака на потребите на секој станар?

13 Ние покажуваме дека луѓето ни се навистина важни кога нашата порака ја приспособуваме на нивните потреби и интереси. На пример, дали по нешто се гледа дека во куќата живеат деца? Ако да, тогаш со станарот би можеле да зборуваме за библиските совети во врска со воспитување на децата или за среќен семеен живот. Дали на вратата има неколку брави? Во тој случај, можеби ќе одлучиме да зборуваме за стравот кој преовладува во светот поради криминал. Станарот можеби ќе биде среќен кога ќе дознае дека ќе му биде ставен крај на криминалот. Секојпат кога ќе најдеш некој што сака да слуша, обиди се да му помогнеш да сфати како можат советите од Библијата да му користат. Катарина, која беше спомната претходно вели: „Се потсетувам колку многу мене вистината ми го смени животот на подобро“. Поради тоа, Катарина зборува со увереност и луѓето на кои им сведочи без сомнение можат да го почувствуваат тоа.

14. Според Изреки 27:17, како може да си помагаме едни на други додека сме во служба?

14 Побарај помош од другите. Во првиот век, Павле го поучил Тимотеј како да проповеда и да поучува и го поттикнал и самиот да им помага на другите на ист начин (1. Кор. 4:17). Слично како Тимотеј, и ние можеме да учиме од поискусните во нашето собрание. (Прочитај Изреки 27:17.) Да го разгледаме примерот на брат Шон. Некое време тој служел како пионер во едно селско подрачје каде повеќето луѓе биле задоволни од својата религија. Што му помогнало да остане радосен? Тој вели: „Секогаш кога беше можно одев со некого во служба. Додека одевме од една куќа до друга, разговаравме за тоа како подобро да поучуваме. На пример, разговаравме за тоа што ни кажал станарот на претходната врата и што направивме ние. Потоа зборувавме како би постапиле следен пат ако се најдеме во слична ситуација“.

15. Зошто е важно да го молиме Јехова да ни помага во службата?

15 Моли го Јехова за помош. Моли го Јехова да те води секојпат кога проповедаш. Без помошта од неговиот моќен свет дух, никој од нас не би можел ништо да направи (Пс. 127:1; Лука 11:13). Кога му се молиш на Јехова, биди конкретен. На пример, моли го да ти помогне да ги најдеш оние што сакаат да учат за него и што сакаат да ја слушаат нашата порака. Потоа, постапувај во склад со твојата молитва така што ќе им проповедаш на сите што ќе ги сретнеш во службата.

16. Како личното проучување може да ни помогне подобро да ја извршуваме службата?

16 Одвој си време за лично проучување. Божјата Реч вели дека треба да утврдиме „која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (Рим. 12:2). Кога проучуваме, расте нашата увереност дека ја знаеме вистината за Бог, а тоа ни помага со уште поголема увереност да им зборуваме на другите во службата. Катарина, која ја спомнавме претходно, вели: „Пред некое време, сфатив дека треба да си ја зајакнам верата во некои основни библиски учења. Затоа темелно ги проучував доказите дека постои Творец, дека Библијата е навистина Божја Реч, и дека денес Бог има своја организација“. Катарина вели дека личното проучување ѝ ја зајакнало верата и ѝ помогнало да има поголема радост во службата.

ЗОШТО ОСТАНУВАМЕ ПОЗИТИВНИ ВО СЛУЖБАТА

17. Зошто Исус задржал позитивен став кон службата?

17 Исус останал позитивен и продолжил да проповеда иако некои не сакале да ја слушаат неговата порака. Зошто? Тој знаел колку многу на другите им е потребна вистината и сакал да им помогне на колку што е можно повеќе луѓе да ја прифатат добрата вест. Исто така, тој знаел дека некои што на почетокот не биле заинтересирани, подоцна ќе сакаат да ја прифатат пораката за Царството. Размисли што се случило со некои членови од неговото семејство. Во текот на неговата служба која траела три и пол години, ниту еден од неговите браќа не станал негов ученик (Јован 7:5). Но, откако Исус воскреснал, тие станале христијани (Дела 1:14).

18. Зошто не престануваме да проповедаме?

18 Ние не знаеме кој од оние на кои им проповедаме ќе ја прифати вистината од Библијата. На некои луѓе им треба повеќе време. Дури и оние кои не сакаат да нѐ слушаат го гледаат нашето добро однесување и нашиот позитивен став, и можеби еден ден ќе почнат да го „слават Бог“ (1. Пет. 2:12).

19. Според 1. Коринќаните 3:6, 7, што не смееме да заборавиме?

19 Иако ние проповедаме и поучуваме, не смееме да заборавиме дека Бог е оној што ги привлекува луѓето кон себе. (Прочитај 1. Коринќаните 3:6, 7.) Гетахун, еден брат кој живее во Етиопија, вели: „Повеќе од 20 години, јас бев единствениот Сведок во местото каде што живеев. Но, сега тука има 14 објавители. Тринаесет од нив се крстени, вклучувајќи ги и жена ми и нашите три деца. На нашите состаноци во просек имаме 32 присутни“. Гетахун се радува што продолжил да проповеда додека стрпливо чекал Јехова да им помогне на искрените лица да станат дел од Божјата организација (Јован 6:44).

20. Зошто може да се споредиме со членови на спасувачки тим?

20 За Јехова, животот на секој човек е скапоцен. Тој ни ја дава честа да соработуваме со неговиот Син додека им помагаме на луѓето од сите народи да почнат да му служат пред да дојде крајот на овој свет (Агеј 2:7). Нашето проповедничко дело би можело да се спореди со акција за спасување, а ние сме како членови на еден спасувачки тим кои се испратени да ги извлечат луѓето кои се заробени под земја во еден рудник. Иако само неколку спасувачи можеби ќе најдат некој рудар, трудот на секој член од спасувачкиот тим е многу важен. Истото може да се каже и за службата на проповедање. Ние не знаеме уште колку луѓе ќе бидат спасени од светот на Сатана. Но, Јехова може да употреби кој и да било од нас за да им помогне. Андреас, кој живее во Боливија, вели: „Знам дека, кога некој ќе ја дознае вистината за Бог и ќе се крсти, тоа е затоа што многумина соработувале за да му помогнат“. Да се трудиме и ние да задржиме ваков позитивен став кон нашата служба. Тогаш Јехова ќе нѐ благослови и службата на проповедање ќе ни причинува голема радост.

ПЕСНА 66 Да ја објавуваме добрата вест!

^ пас. 5 Како може да задржиме позитивен став кон службата дури и кога многу од луѓето не се дома или ни се чини дека не се заинтересирани за нашата порака? Во оваа статија ќе разгледаме неколку предлози кои ќе ни помогнат да продолжиме да проповедаме и да ја зачуваме радоста во службата.

^ пас. 7 Додека објавителите учествуваат во различните гранки од службата на проповедање за кои се зборува во оваа статија, треба да ги земат предвид законите за заштита на лични податоци кои важат во земјата.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА (одозгора надолу): Еден брачен пар проповеда на место каде што е тешко да се најдат луѓето дома. Првиот станар е на работа, вториот е на лекар, а третиот купува во продавница. Првиот станар успеваат да го најдат така што одат кај него подоцна во текот на денот. Вториот го наоѓаат додека проповедаат со колички во близина на болницата. Третиот станар го наоѓаат така што му се јавуваат по телефон.