Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Јехова никогаш не ме изневери!

Јехова никогаш не ме изневери!

Јас и други три девојчиња бевме избрани да му дадеме цвеќе на Адолф Хитлер после еден негов говор. Зошто и јас бев една од нив? Татко ми активно ги поддржуваше нацистите и беше шофер на водачот на локалниот огранок на нивната партија. Мајка ми беше ревносен католик и сакаше да станам калуѓерка. Иако и двајцата се трудеа да извршат силно влијание врз мене, не станав ни нацист ни калуѓерка. Да ви раскажам зошто.

ПОРАСНАВ во Грац (Австрија). Кога имав седум години, ме испратија во верско училиште. Но таму бев шокирана од сексуалниот неморал меѓу свештениците и калуѓерките. Затоа, со дозвола од мајка ми, за неполна година го напуштив училиштето.

Татко ми во својата воена униформа со семејството

Подоцна се запишав во интернатско училиште. Една вечер татко ми дојде да ме однесе некаде на сигурно бидејќи Грац беше бомбардиран. Се скривме во градот Шладминг. Само што пристигнавме таму и преминавме еден мост, тој беше разнесен. Еднаш, додека бев во дворот со баба ми, во нас почнаа да пукаат авиони кои летаа ниско. Кога војната заврши, се чувствувавме изневерени и од црквата и од државата.

ДОЗНАВАМ ЗА БОГОТ КОЈ НИКОГАШ НЕ ИЗНЕВЕРУВА

Во 1950 год., една жена која беше Јеховин сведок почна да ја поучува мајка ми за Библијата. Јас ги слушав додека разговараа, и дури бев со мајка ми на неколку собраниски состаноци. Откако се увери дека Јеховините сведоци ја имаат вистината, таа се крсти во 1952 год.

Во тоа време локалното собрание ми личеше на некое здружение на бабички. Но подоцна отидовме во собрание каде што имаше многу млади — е тоа веќе не беше „здружение на бабички“. Кога се вративме во Грац, почнав да одам на сите состаноци, и за кратко време и јас се уверив дека ја најдов вистината. Исто така, го запознав Јехова — Богот кој никогаш не ги изневерува своите слуги. Тој нѐ поддржува дури и кога ни се чини дека сами се справуваме со некоја тешка ситуација (Пс. 3:5, 6).

Сакав да им ја пренесам вистината на другите. Почнав со брат ми и со сестрите. Моите четири постари сестри веќе не живееја со нас и работеа како учителки. Иако живееја во различни села, ги посетив и ги поттикнав да ја проучуваат Библијата. Со текот на времето, моите сестри и брат ми станаа Јеховини сведоци.

Втората седмица откако почнав да проповедам од врата до врата, најдов една жена во своите 30-ти години со која почнав да ја проучувам Библијата. Таа духовно напредуваше и се крсти, а подоцна тоа го сторија и маж ѝ и нејзините два сина. Проучувањето со таа жена ми ја зајакна верата. Зошто? Со оглед на тоа што никој не ја проучуваше Библијата со мене, морав добро да се подготвувам за материјалот што требаше да го разгледаме. Всушност, за да можам да ја поучувам мојата интересентка, морав прво самата да се поучам. Тоа ми помогна подлабоко да ја разберам вистината. Во април 1954 год. се крстив како Јеховин сведок.

„ПРОГОНУВАНИ СМЕ, НО НЕ СМЕ НАПУШТЕНИ“

Во 1955 год. присуствував на меѓународни конгреси во Германија, Франција и Англија. Додека бев во Лондон, го запознав Алберт Шредер. Тој беше инструктор во Библиската школа Гилеад, а подоцна служеше како член на Водечкото тело. Кога го посетивме Британскиот музеј, брат Шредер ни посочи некои библиски ракописи во кои се наоѓа Божјето име запишано со хебрејски букви. Тој ни објасни колку се значајни тие ракописи. Ова уште повеќе ја зголеми мојата љубов кон Јехова и кон вистината, и ме поттикна со уште поголема ревност да ја ширам добрата вест од Божјата Реч.

Со мојата соработничка (десно), како специјални пионери во Мистелбах (Австрија)

Почнав да служам како општ пионер на 1 јануари 1956 год. Четири месеци подоцна, ме замолија да служам како специјален пионер во Австрија. Во тоа време, во Мистелбах, градот каде што бев испратена, немаше Јеховини сведоци. Таму се соочив со еден посебен предизвик. Јас и сестрата со која служев како пионер бевме многу различни. Јас имав скоро 19 години, а таа 25. Јас израснав во град, а таа на село. Јас сакав да си поспијам наутро, а таа стануваше многу рано. Навечер јас сакав да останам подоцна, а таа сакаше рано да си легне. Сепак, со помош на библиските совети, успеавме да ги надминеме разликите и уживавме во нашата соработка.

Заедно доживеавме и други големи тешкотии. Неколку пати се соочивме дури и со прогонство, но Бог не нѐ напушти (2. Кор. 4:7-9). Еднаш, додека проповедавме во едно селско подрачје, луѓето ги пуштија своите кучиња. Набрзо нѐ опколија големи кучиња кои ни лаеја и ни ‘ржеа. Се држевме за раце, а јас дури и се помолив на глас: „Јехова, те молам само помогни ни да умреме брзо!“ Кога ни се приближија, застанаа, почнаа да мавтаат со опашките и си заминаа. Уверени сме дека Јехова нѐ заштити. Потоа проповедавме низ целото село. Бевме радосни што луѓето убаво реагираа. Можеби беа изненадени бидејќи кучињата не ни направија ништо или можеби затоа што продолживме да проповедаме и покрај тоа застрашувачко искуство. Со текот на времето, некои од нив станаа Јеховини сведоци.

Доживеавме уште една страшна ситуација. Еден ден, сопственикот на куќата во која бевме потстанари си дојде дома пијан и се закануваше дека ќе нѐ убие, тврдејќи дека сме ги вознемирувале соседите. Жена му се обиде да го смири, ама не успеа. Сето тоа го слушавме од нашата соба која беше на горниот кат. Брзо ставивме столици пред вратата и почнавме да ги пакуваме куферите. Кога ја отворивме вратата, видовме дека газдата стои на нашиот кат со голем нож во раката. Затоа побегнавме низ задната врата и трчавме по долгата патека низ градината со сѐ што имавме. Никогаш повторно не се вративме таму.

Отидовме во еден хотел и прашавме дали има соба. Таму останавме речиси цела година, а тоа на крајот се покажа многу корисно за нашата служба. Зошто? Хотелот се наоѓаше во центарот на градот, и некои наши интересенти сакаа да проучуваме таму. За кратко време, во нашата хотелска соба почнавме да го одржуваме состанокот за проучување на книга, како и седмичното Проучување на Стражарска кула, на кои присуствуваа околу 15 лица.

Во Мистелбах останавме повеќе од една година. Потоа бев префрлена да служам во Фелдбах, југоисточно од Грац. Добив нова соработничка, но и таму немаше собрание. Живеевме во мала соба на вториот кат од една дрвена колиба. Ветерот фучеше низ шуплините меѓу гредите. Се обидовме да ги затвориме шуплините со весници. Исто така, моравме да црпиме вода од бунар. Но нашата истрајност вредеше бидејќи за неколку месеци беше формирана група. Освен тоа, проучувавме со едно семејство од кое, со текот на времето, околу 30 членови ја прифатија вистината!

Таквите искуства ни ја зголемија благодарноста за верната поддршка што Јехова им ја дава на оние што на прво место ја ставаат службата за Царството. Дури и кога ниту еден човек не може да ни помогне, Јехова може (Пс. 121:1-3).

БОГ НЀ ПОДДРЖУВА СО СВОЈАТА „ПРАВЕДНА ДЕСНИЦА“

Во 1958 год. требаше да се одржи меѓународен конгрес на стадионите Јенки и Поло Граундс во Њујорк. Јас се пријавив, и од подружницата во Австрија ме прашаа дали би сакала да присуствувам на 32. клас на школата Гилеад. Зар можев да одбијам таква чест! Веднаш одговорив дека сакам.

Во класот на Гилеад седев до Мартин Пецингер кој минал низ ужасите на нацистичките концентрациони логори. И тој подоцна служеше како член на Водечкото тело. За време на школата, Мартин понекогаш ќе ми шепнеше: „Ерика, што значи ова на германски?“

Некаде на половина од школата, Натан Нор ни кажа каде ќе бидеме испратени да служиме. Јас бев испратена во Парагвај. Бидејќи бев многу млада, ми требаше дозвола од татко ми за да влезам во таа земја. Откако ја добив, пристигнав во Парагвај во март 1959 год. Бев сместена во мисионерскиот дом во Асунсион, каде што добив нова соработничка.

Набрзо го сретнав Волтер Брајт, мисионер кој дипломирал на 30. клас. По некое време се венчавме и можевме заедно да се бориме со тешкотиите што ги носи животот. Секогаш кога ќе се соочевме со голем проблем, го читавме ветувањето на Јехова запишано во Исаија 41:10: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам“. Овие зборови нѐ уверуваа дека, сѐ додека сме му верни на Бог и го ставаме Царството на прво место, тој никогаш нема да нѐ изневери.

Подоцна бевме испратени да служиме на подрачје близу до границата со Бразил. Таму свештениците подбуцнаа некои млади да фрлаат камења на мисионерскиот дом, кој и онака не беше во најдобра состојба. Во тоа време Волтер почна да ја проучува Библијата со началникот на полицијата. Тој нареди неколку полицајци да го надгледуваат нашиот дом цела седмица, и така никој веќе не ни правеше проблеми. Кратко потоа, бевме преселени во побезбедна населба од другата страна на границата со Бразил. Ова се покажа како многу добра одлука бидејќи можевме да одржуваме состаноци и во Парагвај и во Бразил. Пред да си одиме, таму веќе имаше две мали собранија.

Со мојот сопруг Волтер, кога служевме како мисионери во Асунсион (Парагвај)

ЈЕХОВА И ПОНАТАМУ МЕ ПОДДРЖУВА

Лекарите ми имаа кажано дека нема да можам да имам деца, и затоа бевме изненадени кога во 1962 год. дознавме дека сум бремена. По некое време се преселивме во Холивуд (Флорида, САД), близу до семејството на Волтер. Неколку години не можевме да служиме како пионери бидејќи требаше да се грижиме за нашето семејство. Сепак, и понатаму на прво место ни беше Божјето Царство (Мат. 6:33).

Кога пристигнавме во Флорида во ноември 1962 год., се изненадивме што на локалните жители им пречеше на исто место да се собираат црнци и белци. Затоа браќата одржуваа посебни состаноци и проповедаа на посебни подрачја. Но Јехова не ги двои луѓето според нивната раса, и за кратко време собранијата беа со мешан состав. Беше очигледно дека Јехова ја поддржува оваа одлука, бидејќи таму сега има десетици собранија.

За жал, Волтер почина од рак на мозокот во 2015 год. Тој беше прекрасен сопруг 55 години, многу го сакаше Јехова и им помогна на многу браќа. Едвај чекам повторно да го видам кога ќе воскресне и ќе има совршено здравје (Дела 24:15).

Многу сум благодарна што можев да бидам во полновремена служба повеќе од 40 години и да доживеам многу радосни моменти и благослови. На пример, јас и Волтер можевме да присуствуваме на крштавањето на 136 лица со кои ја проучувавме Библијата. Се разбира, имавме и тешкотии. Но никогаш не дозволивме тие да нѐ спречат да му служиме на нашиот верен Бог. Напротив, уште повеќе се зближивме со него и имавме доверба дека тој ќе ни помага во свое време и на свој начин. И навистина ни помагаше! (2. Тим. 4:16, 17).

Многу ми недостига Волтер, но пионерската служба ми помага да ја поднесам загубата. Кога ги поучувам другите за Бог, особено кога им зборувам за надежта во воскресение, се чувствувам многу убаво. Навистина, Јехова ниту еднаш не ме изневери. Во склад со своето ветување, тој ми помагаше, ме зајакнуваше и постојано ме држеше со својата „праведна десница“ (Иса. 41:10).