Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 10

Сите можеме да им помагаме на интересентите да се крстат

Сите можеме да им помагаме на интересентите да се крстат

Секој поединечен дел придонесува за растот на целото тело (ЕФ. 4:16, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013)

ПЕСНА 85 Да се примаме еден со друг

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Кој може да му помогне на интересентот да напредува кон крштавање?

„МНОГУ ми се допаѓаше она што го учев од Библијата“, вели Ејми, која живее на Фиџи. „Знаев дека тоа е вистината. Но, дури кога почнав да се дружам со браќата и сестрите ги направив потребните промени и на крајот се крстив.“ Од примерот на Ејми учиме една важна вистина — интересентите побрзо напредуваат кон крштавање кога добиваат помош од другите во собранието.

2 Секој објавител може да им помага на новите да станат дел од собранието (Еф. 4:16). Една пионерка по име Лејлани, која живее на Вануату, рекла: „Една изрека вели дека е потребно цело село за да се одгледа едно дете. Истото важи и за интересентите. Потребно е цело собрание за некој да стане ученик на Христос“. Во воспитанието на едно дете играат улога членовите на семејството, пријателите и наставниците. Сите тие му помагаат да созрее така што го охрабруваат и го поучуваат за важни работи. На сличен начин, за да му помогнат на интересентот да се крсти, објавителите можат да го советуваат, да го охрабруваат и да му дадат добар пример (Изр. 15:22).

3. Што учиш од она што го рекле Ана, Дорин и Лејлани?

3 Зошто оној кој води библиски курс треба да се радува кога и другите во собранието му помагаат на интересентот? Забележи што рекла Ана, која служи како специјален пионер во Молдавија: „Кога еден интересент ќе почне да напредува, тешко е само едно лице да му ја пружи сета потребна помош“. Дорин, кој служи како специјален пионер во истата земја, вели: „Честопати некој од објавителите ќе каже нешто што ќе го допре интересентот до срце, нешто што мене не ми паднало на памет“. Лејлани спомнува уште една причина: „Кога интересентот ќе ја почувствува љубовта и грижата на другите браќа и сестри, тоа му помага да сфати дека ние навистина сме Јеховин народ“ (Јован 13:35).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Сепак, можеби се прашуваш: „Како би можел јас да му помогнам на интересентот кога не проучувам со него?“ Да видиме што може да направиме ако некој нѐ викне да одиме заедно со него на некој библиски курс и што може да правиме ако интересентот почне да доаѓа на состаноци? Освен тоа, ќе видиме како можат старешините да им помагаат на интересентите да се крстат.

КОГА ПРИСУСТВУВАМЕ НА НЕЧИЈ БИБЛИСКИ КУРС

Кога си поканет да присуствуваш на нечиј библиски курс, подготви се за материјалот што ќе го разгледувате (Види во пасуси 5-7)

5. Каква улога имаш ако некој те покани да одиш на библиски курс заедно со него?

5 Оној што го води библискиот курс е првенствено одговорен да му помогне на интересентот да ја разбере Божјата Реч. Ако објавителот те покани да одиш заедно со него, имај на ум дека ти си во улога на соработник (Проп. 4:9, 10). Како можеш успешно да ја исполниш таа улога?

6. Кога одиш на нечиј библиски курс, како можеш да го примениш начелото од Изреки 20:18?

6 Подготви се за библискиот курс. Прво, замоли го објавителот да ти каже нешто повеќе за интересентот. (Прочитај Изреки 20:18.) Би можел да го прашаш за неговата возраст, за неговите верувања и за неговите семејни околности. Прашај го кој материјал ќе го проучувате, и што сака да нагласи додека го води курсот. Дали има нешто што треба или што не треба да го кажеш додека проучувате? Дали би можел со нешто да го охрабриш интересентот? Иако објавителот нема да сподели доверливи информации со тебе, она што ќе ти го каже може да ти биде од помош. Една мисионерка по име Џои зборува за овие работи со објавителите кои ги води со себе на библиски курс. Таа вели: „Ваквите разговори му помагаат на оној што доаѓа со мене подобро да го запознае интересентот и да знае што да каже за да го охрабри“.

7. Зошто треба да го подготвиш материјалот кога одиш на нечиј библиски курс?

7 Ако некој те викне да одиш со него на библиски курс, добро е однапред да го подготвиш материјалот што ќе го разгледувате (Езра 7:10). Дорин, братот што го цитиравме погоре, вели: „Од голема помош ми е кога оној што доаѓа со мене е подготвен за материјалот. Тогаш навистина може да каже нешто што ќе му користи на интересентот“. Освен тоа, лицето со кое проучуваш веројатно ќе забележи дека и двајцата сте добро подготвени и на тој начин ќе му дадете добар пример. Дури и ако не можеш темелно да се подготвиш за материјалот, одвој барем малку време за да ги разгледаш главните мисли.

8. Како можеш да го охрабриш интересентот со својата молитва?

8 Молитвата е важен дел од библискиот курс. Затоа, размисли однапред што ќе кажеш ако објавителот побара од тебе да се помолиш. Така ќе знаеш што да вклучиш во својата молитва (Пс. 141:2). Хана, која живее во Јапонија, сѐ уште се сеќава на молитвите што ги кажувала една сестра која понекогаш присуствувала на нејзиниот библиски курс. Таа вели: „Од нејзините молитви се гледаше колку е блиска со Јехова. И јас сакав да бидам како неа. Освен тоа, многу ми  значеше кога во молитвите ќе ме спомнеше по име“.

9. Според Јаков 1:19, како можеш да бидеш добар соработник кога ќе одиш на нечиј библиски курс?

9 Биди му од помош на објавителот што го води курсот. „Добриот соработник внимателно слуша“, вели еден специјален пионер од Нигерија. „Тој дава убави коментари, но не зборува премногу бидејќи сфаќа дека друг го води курсот.“ Како можеш да знаеш кога треба да зборуваш и што треба да кажеш? (Изр. 25:11). Слушај внимателно додека другите двајца зборуваат. (Прочитај Јаков 1:19.) Така ќе знаеш кога е вистинскиот момент да кажеш нешто. Се разбира, мора добро да ги процениш работите. На пример, не би било во ред да зборуваш премногу, да го прекинуваш објавителот додека се труди да објасни нешто или да го свртиш разговорот во друг правец. Сепак, со некој краток коментар, со споредба или со прашање би можел да помогнеш да се објасни некоја мисла. Понекогаш можеби ти се чини дека не можеш многу да придонесеш за дискусијата. Но, ако го пофалиш интересентот и ако покажеш дека се грижиш за него, тоа може многу да му значи.

10. Како она што сме го доживеале може да му помогне на некој интересент?

10 Раскажи нешто што самиот си го доживеал. Ако е соодветно можеш кратко да му кажеш на интересентот како си ја дознал вистината, како си се справил со некој проблем и како Јехова ти помогнал во некоја ситуација (Пс. 78:4, 7). Тоа може да биде токму она што му е потребно на интересентот. Може да му ја зајакне верата и да го охрабри и понатаму да напредува во духовен поглед. Може да му помогне да сфати како да надмине некоја тешка ситуација со која се соочува (1. Пет. 5:9). Габриел, кој живее во Бразил и сега служи како пионер, се сеќава што му користело додека ја проучувал Библијата. Тој вели: „Кога браќата ми раскажуваа низ што сѐ поминале, сфатив дека Јехова е свесен за сите наши проблеми. Ако тие успеале да ги надминат, тогаш можам и јас“.

КОГА ИНТЕРЕСЕНТОТ ЌЕ ПОЧНЕ ДА ДОАЃА НА СОСТАНОЦИТЕ

Сите може да ги поттикнеме интересентите да продолжат да доаѓаат на состаноците (Види во пасус 11)

11-12. Зошто треба да им изразиме срдечно добредојде на интересентите кои доаѓаат на нашите состаноци?

11 За да може интересентот еден ден да се крсти, мора редовно да присуствува на собраниските состаноци бидејќи тие многу ќе му користат (Евр. 10:24,  25). Веројатно, објавителот што проучува со него ќе го покани да дојде на состанок. Кога интересентот за првпат ќе го стори тоа, сите ние можеме да го поттикнеме да продолжи да доаѓа на состаноците. Како би можеле да го направиме тоа?

12 Изрази му срдечно добредојде (Рим. 15:7). Ако интересентот се чувствува пријатно на состаноците, веројатно ќе има желба и понатаму да доаѓа на нив. Срдечно поздрави се со него и запознај го со другите, но притоа внимавај да не го ставиш во непријатна ситуација. Немој веднаш да заклучиш дека некој веќе се погрижил за интересентот, бидејќи оној што проучува со него можеби сѐ уште не дошол или, пак, има некои обврски за кои мора да се погрижи. Внимателно слушај го додека ти зборува и покажи дека си искрено заинтересиран за него. Што би можеле да постигнеме ако постапуваме така? Да видиме што рекол Дмитриј, кој се крстил пред само неколку години и сега служи како слуга-помошник. Во врска со првиот состанок на кој присуствувал, тој вели: „Додека чекав пред салата за состаноци, еден брат забележа дека ми е непријатно да влезам. Затоа ме повика заедно да влеземе. Многумина дојдоа да се поздрават со мене. Тоа пријатно ме изненади. Толку ми беше убаво што посакав да имаме состанок секој ден. Никогаш претходно не сум почувствувал такво нешто“.

13. Како твоето однесување може да влијае врз некој интересент?

13 Дај добар пример. Со своето добро однесување можеш да му помогнеш на интересентот да се увери дека ја нашол вистината (Мат. 5:16). Виталиј, кој сега служи како пионер во Молдавија, вели: „Кога видов како другите во собранието живеат и се однесуваат, сфатив дека Јеховините сведоци му служат на Бог на исправен начин“.

14. Како може твојот пример да му помогне некому духовно да напредува?

14 За да ги исполни условите за крштавање, интересентот мора да го применува она што го учи. Ова не е секогаш лесно. Но, кога интересентот ќе види како тебе ти користи тоа што живееш според библиските начела, можеби ќе биде поттикнат да го следи твојот пример (1. Кор. 11:1). Да видиме како тоа влијаело врз Хана, која ја спомнавме претходно. Таа вели: „Браќата и сестрите на дело покажуваа што значи да се живее според она што го учев. Видов како можам да ги охрабрувам другите, да простувам и да покажувам љубов. Тие секогаш зборуваа позитивно за другите. Сакав да го следам нивниот пример“.

15. Како можеме да го примениме советот од Изреки 27:17 во врска со некој интересент?

15 Спријатели се со интересентот. Ако интересентот продолжи да доаѓа на состаноците, и понатаму покажувај му дека си искрено заинтересиран за него (Фил. 2:4). Труди се подобро да го запознаеш. Би можел да го пофалиш за промените што ги прави. Исто така, би можел да го прашаш како му оди со библискиот курс или нешто за неговото семејство и неговата работа, но внимавај да не му поставуваш премногу лични прашања. Ваквите разговори би можеле да ви помогнат да се зближите. Тоа што ќе се спријателиш со интересентот ќе му помогне да напредува до крштавање. (Прочитај Изреки 27:17.) Хана сега служи како општ пионер. Во врска со периодот кога почнала редовно да доаѓа на собраниските состаноци, таа вели: „Како што се спријателував со другите во собранието почнав сѐ повеќе да уживам во состаноците, и тоа ми даваше сила да одам на нив дури и кога се чувствував уморна. Тоа што уживав во друштвото на моите нови пријатели ми помогна да престанам да се дружам со оние кои не му служат на Јехова. Си поставив за цел да се зближам со Јехова и со браќата и сестрите, и затоа решив да се крстам“.

16. Што друго можеш да направиш за да му помогнеш на интересентот да се чувствува убаво во собранието?

16 Ако интересентот продолжи да напредува во духовен поглед и да прави промени, помогни му да се чувствува како дел од собранието. Ова можеш да го направиш така што ќе му покажеш гостопримство (Евр. 13:2). Денис, кој сега служи во Молдавија, го кажува следново во врска со времето кога бил интересент: „Браќата од собранието неколку пати нѐ поканија мене и жена ми на дружење. Ни раскажуваа како Јехова им помагал и тоа многу нѐ охрабри. Ваквите прилики ја зајакнаа нашата решеност да му служиме на Јехова и нѐ уверија дека нѐ очекува прекрасна иднина“. Кога интересентот ќе стане објавител, можеш и да го поканиш да одите заедно во служба. Диего, еден објавител од Бразил, вели: „Многу браќа ме канеа да одам со нив во служба. Ова беше одлична прилика подобро да ги запознаам. Така можев многу да научам и уште повеќе да се зближам со Јехова и со Исус“.

КАКО МОЖАТ ДА ПОМОГНАТ СТАРЕШИНИТЕ

Старешини, со тоа што ќе им обрнете внимание на интересентите можете да им помогнете духовно да напредуваат (Види во пасус 17)

17. Како можат старешините да им помогнат на интересентите?

17 Одвојувај време за интересентите. Старешини, ако покажувате љубов и грижа за интересентите, можете да им помогнете да напредуваат до крштавање. Дали би можел редовно да разговараш со интересентите пред и по состаноците? Ако им го запомниш името, особено кога ќе почнат да коментираат, тие ќе почувствуваат дека си искрено заинтересиран за нив. Дали би можел одвреме-навреме да направиш промени во својот распоред за да присуствуваш на библискиот курс што го води некој објавител? Можеби ќе извршиш многу поголемо влијание врз интересентот отколку што си мислиш. Една пионерка по име Џеки, која живее во Нигерија, вели: „Многу интересенти се изненадени кога ќе дознаат дека братот кој дошол со мене на библискиот курс е старешина. Еден човек со чие семејство ја проучувам Библијата рече: ’Мојот пастор никогаш не би го сторил тоа. Тој ги посетува само богатите, и тоа само ако му платат‘“. Овој интересент сега редовно доаѓа на состаноците.

18. Како можат старешините да постапуваат во склад со зборовите запишани во Дела 20:28?

18 Обучувај ги и охрабрувај ги оние што водат библиски курсеви. Старешини, вие имате голема одговорност да им помогнете на објавителите вешто да проповедаат и да ги поучуваат другите за Библијата. (Прочитај Дела 20:28.) Ако некој е срамежлив и не му е пријатно да го води библискиот курс во твое присуство, понуди му ти да го сториш тоа. Џеки, која беше спомната претходно, вели: „Старешините редовно ме прашуваат како ми оди со интересентите со кои ја проучувам Библијата. Кога ќе наидам на предизвик додека водам некој библиски курс, тие ми даваат корисни совети“. Старешините можат многу да ги охрабрат објавителите кои водат библиски курсеви (1. Сол. 5:11). Џеки додава: „Многу ми значи кога старешините ќе ме охрабрат и ќе ми кажат дека го ценат мојот труд. Таквите зборови ме освежуваат како чаша студена вода во жежок ден. Нивните пофалби ми ја зголемуваат самодовербата и ми помагаат да чувствувам поголема радост додека ги поучувам другите за Библијата“ (Изр. 25:25).

19. На што може да се радува секој од нас?

19 Дури и ако во моментов не водиме библиски курс, сепак можеме да помогнеме некому духовно да напредува и да се крсти. Ако присуствуваме на нечиј библиски курс, може да го поддржиме објавителот со нашите добро подготвени коментари, но притоа да внимаваме да не зборуваме премногу. Може да се спријателиме со интересентите кога ќе дојдат во салата за состаноци, и да бидеме добар пример за нив. Освен тоа, старешините можат да ги охрабрат интересентите така што ќе одвојуваат време за нив, а можат да ги охрабрат и објавителите што водат библиски курсеви така што ќе ги обучуваат и ќе ги пофалуваат. Навистина, за нас е огромна радост што можеме да имаме барем мал удел во тоа некој да го засака нашиот небесен Татко, Јехова, и да почне да му служи.

ПЕСНА 79 Да ги учиме да бидат непоколебливи

^ пас. 5 Иако во моментов можеби не водиме библиски курс со некого, сите ние можеме да помогнеме некому да се крсти. Во оваа статија ќе видиме како може да го правиме тоа.