Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 10

Ти можеш да ја соблечеш „старата личност“

Ти можеш да ја соблечеш „старата личност“

Соблечете ја старата личност и нејзините дела (КОЛ. 3:9)

ПЕСНА 29 Да бидеме достојни за твоето име

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Каков ти бил животот пред да почнеш да ја проучуваш Библијата?

 КАКОВ ти бил животот пред да почнеш да ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци? Мнозина од нас не сакаат ни да помислат на тој период. Нашите ставови и особини веројатно биле обликувани од вредностите на овој свет, односно од неговите мерила за исправно и погрешно. Доколку ова било случај и со тебе, тогаш си бил „без надеж и без Бог” (Еф. 2:12). Но, откако си почнал да ја проучуваш Библијата, твојот начин на живот се променил.

2. Што си дознал откако си почнал да ја проучуваш Библијата?

2 Откако си почнал да ја проучуваш Библијата, си дознал дека имаш небесен Татко кој многу те сака. Си сфатил дека, доколку сакаш да го радуваш Јехова и да станеш дел од неговото семејство од верни слуги, ќе треба да направиш големи промени во твојот начин на живот, како и во твоите ставови и размислувања. Си увидел дека ќе треба да научиш да живееш во склад со Божјите високи мерила (Еф. 5:3-5).

3. Според Колошаните 3:9, 10, што очекува Јехова од нас, и што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Нашиот Творец и небесен Татко, Јехова, има право да одредува како треба да постапуваат членовите на неговото семејство. Тој очекува уште пред да се крстиме да вложиме труд за да ја соблечеме „старата личност и нејзините дела”. * (Прочитај Колошаните 3:9, 10.) Оваа статија ќе им помогне на оние што сакаат да се крстат да добијат одговор на следниве три прашања: 1) Што е „старата личност“? 2) Зошто Јехова очекува од нас да ја соблечеме? 3) Како може да го сториме тоа? На оние кои веќе се крстени, оваа статија ќе им помогне да внимаваат никогаш повеќе да не ја облечат старата личност.

ШТО Е „СТАРАТА ЛИЧНОСТ”?

4. Како постапува оној што не ја соблекол „старата личност”?

4 Оној што не ја соблекол „старата личност” главно размислува и постапува на телесен начин. Тој можеби е себичен, неблагодарен, горд и лесно се лути и разгневува. Можеби сака да гледа порнографски материјали и неморални или насилни филмови. Се разбира дека тој има некои убави особини и можеби чувствува грижа на совест поради лошите работи што ги кажува или прави. Но, неговата желба да ги смени своето размислување и постапување не е доволно силна (Гал. 5:19-21; 2. Тим. 3:2-5).

Со тоа што сме ја соблекле „старата личност“, повеќе не им робуваме на телесните ставови и навики (Види во пасус 5) *

5. Објасни дали можеме потполно да ја соблечеме старата личност (Дела 3:19).

5 Бидејќи сме несовршени, никој од нас не може потполно да ги отстрани сите лоши мисли и желби од своето срце и од својот ум. Понекогаш ќе направиме или ќе кажеме нешто за кое подоцна ќе ни биде жал (Ерем. 17:9; Јак. 3:2). Но, со тоа што сме ја соблекле старата личност, повеќе не им робуваме на телесните ставови и навики, и сме станале поинакви личности (Иса. 55:7; прочитај Дела 3:19).

6. Зошто Јехова нѐ поттикнува да ги отфрлиме погрешното размислување и лошите навики кои се дел од старата личност?

6 Јехова нѐ поттикнува да ги отфрлиме погрешното размислување и лошите навики бидејќи многу нѐ сака и сака да му се радуваме на животот (Иса. 48:17, 18). Тој знае дека оние што им се препуштаат на погрешните желби си нанесуваат штета себеси, а и на другите. Тој чувствува болка кога го гледа тоа.

7. Според Римјаните 12:1, 2, што треба да одлучи секој од нас?

7 Некои наши пријатели и членови од семејството можеби понекогаш нѐ исмеваат затоа што се трудиме да правиме промени во нашата личност (1. Пет. 4:3, 4). Тие можеби ни велат дека имаме право да правиме што сакаме и дека не треба да им дозволуваме на други да ни кажуваат што да правиме. Но, всушност, оние кои ги отфрлаат Јеховините мерила воопшто не се независни, бидејќи му дозволуваат на светот кој е под власта на Сатана да ги обликува. (Прочитај Римјаните 12:1, 2.) Секој од нас треба да одлучи: дали ќе ја задржи старата личност која е обликувана од гревот и од светот на Сатана или ќе му дозволи на Јехова да го промени и да му помогне да стане колку што е можно подобра личност (Иса. 64:8).

КАКО МОЖЕШ ДА ЈА СОБЛЕЧЕШ СТАРАТА ЛИЧНОСТ?

8. Што ќе ни помогне да ги отфрлиме погрешното размислување и лошите навики?

8 Јехова знае дека ни е потребно време и труд за да ги отфрлиме погрешното размислување и лошите навики (Пс. 103:13, 14). Меѓутоа, преку неговата Реч, неговиот свет дух и неговата организација тој ни ги дава мудроста, силата и помошта кои ни се потребни за да се смениме. Сигурно Јехова веќе ти помогнал и тебе. Да разгледаме некои работи кои можат да ти помогнат и понатаму да ја соблекуваш старата личност и да ги исполниш условите за крштавање.

9. Како може Божјата Реч да ти помогне?

9 Редовно преиспитувај се со помош на Библијата. Божјата Реч е како огледало. Таа може да ти помогне да се преиспиташ и да видиш за што размислуваш, како зборуваш и како постапуваш (Јак. 1:22-25). Оној што ја проучува Библијата со тебе и некои други зрели христијани можат да ти покажат како да се преиспиташ. На пример, со помош на некои библиски стихови тие можат да ти помогнат да увидиш кои се твоите јаки и слаби страни. Исто така, тие можат да ти покажат како да најдеш практични совети во нашите публикации за тоа како да ги надминеш лошите навики. И, се разбира, Јехова е секогаш спремен да ти помогне. Тој може најдобро да ти помогне, бидејќи знае што има во твоето срце (Изр. 14:10; 15:11). Затоа, стекни си навика секој ден да се молиш и да ја проучуваш неговата Реч.

10. Што учиш од примерот на Или?

10 Биди уверен дека Јеховините мерила се најдобри. Сѐ што бара Јехова од нас е за наше добро. Оние што живеат според неговите мерила имаат самопочит, смисла во животот и се вистински среќни (Пс. 19:7-11). За разлика од нив, оние што ги отфрлаат Јеховините мерила трпат лоши последици затоа што ги вршат делата на телото. Забележи што рекол еден човек, по име Или, за тоа што се случува кога не живееме според Божјите мерила. Тој пораснал во семејство на Јеховини сведоци. Но, кога бил во тинејџерските години, Или западнал во лошо друштво. Тој почнал да се дрогира, да живее неморално и да краде. Со текот на времето, станувал сѐ погневен и понасилен. Или признава: „Всушност, правев сѐ што знаев дека не треба да правам како христијанин”. Сепак, тој не го заборавил она за кое бил поучуван како дете. По некое време, повторно почнал да ја проучува Библијата. Вложил голем труд за да се ослободи од лошите навики, и во 2000 год. се крстил. Како му користело на Или тоа што почнал да живее според Јеховините мерила? Тој вели: „Сега имам душевен мир и чиста совест”. * Од примерот на Или гледаме дека оние што ги отфрлаат Јеховините мерила си наштетуваат самите на себе. Но, дури и тогаш Јехова сака да им помогне да се сменат.

11. Кои работи ги мрази Јехова?

11 Научи да го мразиш она што Јехова го мрази (Пс. 97:10). Од Библијата дознаваме дека Јехова мрази „горделиви очи, лажлив јазик и раце што пролеваат невина крв“ (Изр. 6:16, 17). Исто така, тој „се гади од човек што пролева крв и мами” (Пс. 5:6). Јехова толку многу ги мрази овие ставови и постапки што решил да ги уништи злобните луѓе во времето на Ное бидејќи ја исполниле Земјата со насилство (1. Мој. 6:13). Размисли за еден друг пример. Преку пророкот Малахија, Јехова рекол дека ги мрази оние што подмолно смислуваат план да се разведат од својот невин брачен другар. Бог не ја прифаќа нивната служба, и тие ќе положат сметка пред него за она што го сториле (Мал. 2:13-16; Евр. 13:4).

Исто како што ни е одвратно да јадеме расипана храна, така треба и да ни биде одвратно да направиме нешто што Јехова го мрази (Види во пасуси 11-12)

12. Што значи изразот „мразете го злото”?

12 Во Римјаните 12:9, Јехова ни заповедал: „Мразете го злото”. Грчкиот збор кој овде е преведен со „мразете” укажува на силно чувство, односно ја пренесува мислата да мразиме нешто од дното на душата, дури и да се гадиме од тоа. Замисли си како ќе се чувствуваш ако некој ти каже да изедеш храна што е расипана. Сигурно ќе ти се згади и од самата помисла. Слично на тоа, треба да ни биде одвратна дури и самата помисла да направиме нешто што Јехова го мрази.

13. Зошто мора да ги отфрлиме погрешните мисли?

13 Отфрли ги погрешните мисли. Нашите мисли влијаат врз нашите постапки. Токму затоа Исус нѐ поучил да ги отфрлиме мислите кои можат да нѐ наведат да направиме тежок грев (Мат. 5:21, 22, 28, 29). Несомнено, ние сакаме да го радуваме нашиот небесен Татко. Затоа, многу е важно веднаш да ја отфрлиме секоја погрешна мисла која ќе се појави во нашиот ум!

14. Што открива за нас нашиот говор, и кои прашања треба да си ги поставиме?

14 Внимавај на твојот говор. Исус рекол: „Она што излегува од устата, излегува од срцето” (Мат. 15:18). Нашиот говор многу открива за тоа какви сме како личности. Затоа, прашај се: „Дали секогаш ја кажувам вистината, дури и кога тоа е на моја штета? Ако сум во брак, дали внимавам да не флертувам со лица од спротивниот пол? Дали внимавам воопшто да не зборувам за неморални работи? Дали одговарам на смирен начин кога некој ќе ме изнервира?” Многу ќе ти користи ако размислиш за овие прашања. Твојот говор може да се спореди со копчиња на еден џемпер. Ако ги откопчаш копчињата, ќе можеш полесно да го соблечеш џемперот. Слично на тоа, ако даваш сѐ од себе да не користиш навредлив говор и лаги, како и да не зборуваш за неморални работи, ќе ти биде полесно да ја соблечеш старата личност.

15. Што значи да ја приковеме нашата стара личност „на столб“?

15 Биди решен да ги направиш потребните промени. Апостол Павле употребил една впечатлива споредба од која се гледа колку е важно да правиме промени во нашата личност. Тој напишал дека нашата стара личност треба да ја приковеме „на столб“ (Рим. 6:6). Исус бил спремен да биде прикован на столб за да му угоди на Јехова. На сличен начин, ако сакаме да му угодиме на Јехова, треба да ги усмртиме ставовите и навиките што тој ги мрази. Само така ќе имаме чиста совест и можност да живееме вечно (Јован 17:3; 1. Пет. 3:21). Имај на ум дека Јехова нема да ги смени своите мерила за да ни одговараат нам. Ние сме тие што треба да се менуваме и да живееме во склад со неговите мерила (Иса. 1:16-18; 55:9).

16. Зошто треба да бидеш решен да продолжиш да се бориш со неисправните желби?

16 Продолжи да се бориш со погрешните желби. Дури и откако ќе се крстиш, ќе треба да продолжиш да се бориш со неисправните желби. Размисли за искуството на еден човек по име Марисио. Додека бил млад, почнал да живее како хомосексуалец. По некое време, сретнал Јеховини сведоци и почнал да ја проучува Библијата. Тој ги направил потребните промени во животот, и во 2002 год. се крстил. Иако веќе со години му служи на Јехова, Марисио вели: „Морам да признаам дека одвреме-навреме сѐ уште се борам со неисправни желби”. Но, тој не дозволува ова да го обесхрабри. Марисио продолжува: „Ми дава сила тоа што сум свесен дека, секогаш кога ќе изберам да не постапам според таквите желби, го радувам Јехова”. *

17. Што те охрабрува од искуството на Набиха?

17 Моли го Јехова за помош, и потпирај се на неговиот дух, а не на својата сила (Гал. 5:22; Фил. 4:6). Мора да вложиме голем труд ако сакаме да ја соблечеме старата личност и никогаш повеќе да не ја облечеме. Размисли за искуството на една жена по име Набиха. Татко ѝ ја напуштил кога имала само шест години. Таа вели: „Тоа ми нанесе неопислива емоционална болка”. Како што растела, таа станувала сѐ погневна и поагресивна. Почнала да препродава дрога, била уапсена и поминала неколку години во затвор. Јеховините сведоци кои доаѓале да проповедаат во затворот, почнале да ја проучуваат Библијата со неа. Набиха почнала да прави големи промени. Таа вели: „Од некои пороци ми беше многу лесно да се откажам. Но, сосема поинаку беше со цигарите”. По повеќе од една година, сепак успеала да прекине со пушењето. Што ѝ помогнало во тоа? Таа додава: „Најголемата помош да ја победам таа навика ми беше тоа што постојано му се молев на Јехова”. Еве што таа им порачува на другите: „Уверена сум дека, штом јас можев да направам промени за да му угодам на Јехова, тоа може да го направи секој!“ *

ТИ МОЖЕШ ДА ГИ ИСПОЛНИШ УСЛОВИТЕ ЗА КРШТАВАЊЕ!

18. Според 1. Коринќаните 6:9-11, што успеале да направат многу Божји слуги?

18 Во првиот век, некои мажи и жени кои Јехова ги избрал да владеат заедно со Христос претходно правеле многу лоши работи. На пример, меѓу нив имало прељубници, хомосексуалци и крадци. Меѓутоа, со помошта од Божјиот свет дух, тие успеале да направат промени во својата личност. (Прочитај 1. Коринќаните 6:9-11.) И во нашево време, Библијата им помогнала на милиони луѓе да се сменат. * Тие успеале да се ослободат од лоши навики кои биле длабоко вкоренети во нив. Нивниот пример е доказ дека и ти можеш да направиш промени во твојата личност и да ги победиш лошите навики, и така да ги исполниш условите за крштавање.

19. Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Освен што треба да се напрегаат да ја соблечат старата личност, оние што сакаат да се крстат треба да вложуваат труд и да ја облечат новата личност. Во следната статија ќе видиме како може да го направиме тоа, и како можат другите да ни помогнат.

ПЕСНА 41 Чуј ме, Јехова!

^ пас. 5 За да ги исполниме условите за крштавање, треба да бидеме спремни да правиме промени во нашата личност. Оваа статија ќе ни помогне да видиме кои особини се дел од старата личност, зошто треба да ги смениме тие особини и како може да го сториме тоа. Во следната статија ќе видиме како можеме да продолжиме да ја облекуваме новата личност дури и откако ќе се крстиме.

^ пас. 3 ПОЈАСНУВАЊЕ: Да ја соблечеме старата личност значи да ги искорениме ставовите и желбите кои не му се допаѓаат на Јехова. Тоа треба да почнеме да го правиме уште пред да се крстиме (Еф. 4:22).

^ пас. 10 Нешто повеќе можеш да прочиташ во статијата „Библијата менува животи — ’требаше да му се вратам на Јехова‘”, која излезе во Стражарска кула од 1 април 2012.

^ пас. 16 Нешто повеќе можеш да прочиташ во статијата „Библијата менува животи — ’беа многу фини со мене‘”, која излезе во Стражарска кула од 1 мај 2012.

^ пас. 17 Нешто повеќе можеш да прочиташ во статијата „Библијата менува животи — ’станав гневна и агресивна девојка‘”, која излезе во Стражарска кула од 1 октомври 2012.

^ пас. 18 Види ја рамката „ Библијата менува животи”.

^ пас. 64 ОПИС НА СЛИКАТА: Да ги отфрлиме погрешните ставови и навики е исто како да соблечеме некој стар џемпер.