Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Имај доверба во Јехова и ќе живееш вечно!

Имај доверба во Јехова и ќе живееш вечно!

Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум (ИЗР. 3:5)

ПЕСНИ: 3, 8

1. Зошто сите имаме потреба од утеха?

 СИТЕ имаме потреба од утеха. Можеби грижите, разочарувањата и тагата станале нераздвоен дел од нашиот живот. Некои од нас се борат со проблемите што ги носи староста, ги измачува некоја болест или, пак, жалат поради смртта на некој од најблиските. А некои можеби се изложени на разни малтретирања. Освен тоа, луѓето околу нас стануваат сѐ понасилни. Овие „тешки времиња“ покажуваат дека живееме во „последните денови“ и дека со секој изминат ден сме сѐ поблиску до новиот свет (2. Тим. 3:1). Сепак, можеби веќе долго време чекаме да се исполнат ветувањата на Јехова, и можеби трпиме сѐ повеќе тешкотии. Тогаш, каде може да најдеме утеха?

2, 3. а) Што знаеме за Авакум? б) Зошто ќе ја разгледаме книгата Авакум?

2 За да го најдеме одговорот на тоа прашање, да ја разгледаме библиската книга Авакум. Иако во Библијата нема многу информации за животот на овој пророк, неговата книга може многу да нѐ охрабри. Името Авакум веројатно значи „срдечна прегратка“. Ова може да укажува на Јеховината утеха. Кога Јехова нѐ теши, тоа е исто како да нѐ прегрнува, односно како да нѐ зема во своите раце. Исто така, ова може да укажува на фактот дека слугите на Јехова цврсто се држат за него, како што едно дете цврсто се држи за својот татко. Авакум разговарал со Бог, и притоа му поставил неколку прашања. Јехова со светиот дух го поттикнал Авакум да го запише тој разговор бидејќи знаел дека ќе биде корисен за нас (Авак. 2:2).

3 Овој разговор меѓу Авакум и Јехова е сѐ што знаеме од Библијата за овој вознемирен пророк. Но, неговата книга е дел од сето она што некогаш било запишано во Божјата Реч, „за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Рим. 15:4). Како може книгата Авакум да му користи секому од нас? Таа може да ни помогне да сфатиме што значи да имаме доверба во Јехова. Исто така, пророштвото на Авакум нѐ уверува дека е возможно да имаме внатрешен мир без разлика со какви проблеми или тешкотии се соочуваме. Имајќи го ова на ум, да ја разгледаме подетално оваа книга.

МОЛИ МУ СЕ НА ЈЕХОВА

4. Зошто Авакум бил вознемирен?

4 Прочитај Авакум 1:2, 3. Авакум живеел во многу тешко време. Бил опкружен со луѓе кои биле злобни и насилни, и затоа чувствувал длабока тага. Насекаде околу себе гледал Израелци кои сурово и неправедно постапуваат еден со друг. Авакум се прашувал кога ќе ѝ дојде крајот на оваа злоба, и зошто Јехова чека толку долго за да преземе нешто. Тој се чувствувал беспомошно, и затоа го молел Јехова да стори нешто. Авакум можеби почнал да си мисли дека Јехова повеќе не се грижи за својот народ или дека нема да направи ништо. Дали и ти некогаш си се чувствувал така?

5. Што можеме да научиме од книгата Авакум? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

5 Дали Авакум му ги поставил тие прашања на Јехова бидејќи изгубил доверба во него и во неговите ветувања? Воопшто не! Самото тоа што Авакум побарал помош од Јехова во врска со своите проблеми и му ги кажал сомнежите што го измачувале, покажува дека не изгубил доверба во Него. Но, очигледно бил загрижен и збунет бидејќи не разбирал зошто Јехова допушта толку да страда, и зошто сѐ уште не презема ништо. Со тоа што го вдахновил Авакум да ги запише своите грижи, Јехова ни дал една важна поука: Не треба да се плашиме да му ги кажеме нашите грижи или сомнежи. Всушност, Јехова со љубов нѐ поттикнува да му се молиме и да му ги кажуваме своите најдлабоки чувства (Пс. 50:15; 62:8). Зборовите од Изреки 3:5 го поттикнуваат секого од нас да има „доверба во Јехова со сето свое срце“ и да не се потпира „на сопствениот разум“. Авакум веројатно ги знаел овие зборови и ги применувал во својот живот.

6. Зошто е важно да се молиме?

6 Авакум имал доверба во својот пријател и небесен Татко, Јехова, и презел чекори за да стане поблизок со него. Авакум не дозволил да го совладаат грижите поради неговата тешка ситуација ниту, пак, се обидел сам да ја реши. Наместо тоа, во молитва му ги кажал на Бог своите чувства и грижи, и така ни оставил добар пример. Јехова, кој ги слуша молитвите, нѐ поттикнува да покажеме доверба во него така што во молитва ќе му кажуваме што нѐ загрижува (Пс. 65:2). Ако го правиме тоа, ќе видиме како тој ни одговара на нашите молитви и ќе ја почувствуваме неговата нежна прегратка преку начинот на кој нѐ води и нѐ теши (Пс. 73:23, 24). Без разлика со каков проблем се соочуваме, Јехова ќе ни помогне да разбереме како гледа на нашата ситуација, и така ќе имаме поурамнотежено гледиште за неа. Навистина, еден од најдобрите начини на кои можеме да покажеме доверба во Бог е така што сесрдно ќе му се молиме.

ВНИМАТЕЛНО СЛУШАЈ ГО ЈЕХОВА

7. Како реагирал Јехова кога Авакум му ги кажал своите грижи?

7 Прочитај Авакум 1:5-7. Откако ги препуштил своите грижи во Јеховини раце, Авакум можеби се прашувал на кој начин ќе реагира Јехова. Како еден грижлив и сочувствителен Татко, Јехова имал разбирање за неговите чувства. Тој знаел дека на Авакум му е тешко и дека очајно има потреба од помош. Затоа Јехова не го прекорил, туку му кажал што ќе им направи наскоро на неверните Евреи. Всушност, Авакум можеби бил првиот човек на кого Јехова му кажал дека наскоро ќе изврши казна врз нив.

8. Зошто Авакум бил изненаден од одговорот на Јехова?

8 Јехова му кажал на Авакум дека наскоро ќе преземе нешто — дека ќе ги казни насилните и злобни жители на Јуда. Со тоа што рекол дека ова ќе се случи „во ваши денови“, Јехова покажал дека оваа пресуда ќе се изврши за време на животот на Авакум или на неговите современици. Авакум не очекувал ваков одговор од Јехова. Халдејците, односно Вавилонците, биле многу сурови. Тие биле понасилни од жителите на Јуда, кои барем ги познавале мерилата на Јехова. Тогаш, зошто Јехова решил да го користи овој суров пагански народ за да ги казни своите слуги? Со тоа само ќе се зголемеле страдањата на жителите на Јуда. Како би се чувствувал ти кога би бил на местото на Авакум?

9. Кои други прашања го измачувале Авакум?

9 Прочитај Авакум 1:12-14, 17. Иако сфатил дека Јехова преку Вавилонците ќе ги казни злобните луѓе околу него, Авакум сѐ уште бил збунет. Но бил понизен и останал решен да продолжи да покажува доверба во Јехова. Всушност, тој рекол дека Јехова и понатаму ќе биде негова „Карпа“ (5. Мој. 32:4; Иса. 26:4). Авакум бил уверен дека Јехова е полн со љубов и добрина, и затоа не се плашел повторно да му се обрати на својот Бог. Него го измачувале уште некои прашања како, на пример: Зошто Јехова би дозволил ситуацијата во Јуда да се влоши и со тоа да се намножат страдањата? Зошто веднаш не преземе нешто? Зошто Семоќниот молчи додека злобата зема сѐ поголем замав? Авакум бил збунет бидејќи знаел дека Јехова е свет и дека неговите очи се пречисти за да го гледа злото.

10. Каква сличност има меѓу нас и Авакум?

10 И ние, како Авакум, сме му послушни на Јехова, имаме доверба во него, ја читаме и ја проучуваме неговата Реч, а сето ова ни дава надеж. Освен тоа, Јехова преку својата организација нѐ потсетува на неговите прекрасни ветувања. Сепак, можеби и ние понекогаш се чувствуваме како Авакум и се прашуваме: „Кога ќе им дојде крај на нашите страдања?“ Да видиме што можеме да научиме од она што Авакум го направил потоа.

ЧЕКАЈ НА ЈЕХОВА

11. На што бил решен Авакум по својот разговор со Јехова?

11 Прочитај Авакум 2:1. Разговорот со Јехова му дал на Авакум внатрешен мир. Затоа бил решен со доверба да продолжи да чека на својот Бог. Но ова не било само моментално чувство. Тој ја повторил својата решеност кога рекол: „Мирно ќе го чекам денот на неволјата“ (Авак. 3:16). И други Божји слуги покажале доверба во Јехова така што стрпливо чекале на него. Нивниот пример нѐ охрабрува бидејќи докажува дека и ние можеме да го правиме истото (Мих. 7:7; Јак. 5:7, 8).

12. Што може да научиме од Авакум?

12 Што може да научиме од решеноста на Авакум? Прво, никогаш не треба да престанеме да му се молиме на Јехова, без разлика со какви проблеми се соочуваме. Второ, треба да слушаме што ни вели Јехова преку својата Реч и организација. И трето, треба стрпливо да чекаме на Јехова со целосна доверба дека во свое време ќе ги отстрани нашите неволји. Ако го следиме примерот на Авакум, ќе имаме внатрешен мир и ќе можеме да истраеме. Нашата надеж ќе ни помогне да бидеме стрпливи и радосни без оглед на проблемите што ги имаме. Надежта ни влева доверба дека нашиот небесен Татко ќе ни помогне (Рим. 12:12).

13. Како Јехова го утешил Авакум?

13 Прочитај Авакум 2:3. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова се радувал затоа што Авакум одлучил да чека на него. Семоќниот бил потполно свесен за тешката ситуација на Авакум. Затоа го утешил својот пророк така што љубезно го уверил дека ќе добие одговор на неговите прашања и дека за многу кратко време ќе им дојде крај на неговите грижи. Тоа било исто како Бог да му кажал на Авакум: „Биди стрплив, имај доверба во мене. Ќе одговорам на твојата молитва, иако ти се чини дека предолго чекаш!“ Јехова го потсетил Авакум дека веќе го одредил времето кога ќе ги исполни своите ветувања. Затоа го поттикнал да продолжи да чека. На крајот, пророкот немало да биде разочаран.

Зошто сме решени да му служиме на Јехова најдобро што можеме? (Види во пасус 14)

14. На што треба да бидеме решени кога се соочуваме со тешки ситуации?

14 И ние треба стрпливо да чекаме на Јехова и внимателно да го слушаме она што ни го кажува. Тоа ќе ни помогне да имаме внатрешен мир и доверба во него, без разлика со какви проблеми се соочуваме. Исус нѐ поттикнал да не се преоптоваруваме со „времињата или раздобјата“ за кои Бог сѐ уште не ни кажал ништо (Дела 1:7). Треба да имаме доверба дека Јехова најдобро знае кога е вистинскиот момент да преземе нешто. Затоа да не се откажеме, туку да бидеме понизни и стрпливи, и да покажеме вера во Бог. А додека чекаме, треба мудро да го користиме времето и да му служиме на Јехова најдобро што можеме (Мар. 13:35-37; Гал. 6:9).

ЈЕХОВА ЌЕ ИМ ДАДЕ ВЕЧЕН ЖИВОТ НА ОНИЕ ШТО ИМААТ ДОВЕРБА ВО НЕГО

15, 16. а) Какви ветувања се запишани во книгата Авакум? б) Во што нѐ уверуваат овие ветувања?

15 Јехова го ветил следново: „Праведникот ќе остане жив поради својата верност“ и „земјата ќе биде полна со знаење за Јеховината слава“ (Авак. 2:4, 14). Ова покажува дека Јехова ќе им даде вечен живот на оние што се стрпливи и што имаат доверба во него.

16 Ветувањето што е запишано во Авакум 2:4 е толку значајно што апостол Павле го цитирал три пати во своите писма (Рим. 1:17; Гал. 3:11; Евр. 10:38). Можеме да бидеме сигурни дека, без разлика на тоа какви тешкотии имаме во животот, ако имаме доверба во Јехова, ќе го доживееме исполнувањето на неговите ветувања. Јехова сака да мислиме на нашата прекрасна надеж за иднината.

17. Во што нѐ уверува книгата Авакум?

17 Во книгата Авакум има многу силна поука за сите нас кои живееме во овие последни денови. Јехова им ветува вечен живот на сите праведни луѓе кои покажуваат доверба во него. Затоа, да продолжиме да ја зајакнуваме нашата доверба во Бог, без разлика со какви проблеми и грижи се соочуваме. Преку Авакум, Јехова нѐ уверува дека ќе нѐ поддржува и ќе нѐ спаси. Тој со љубов нѐ поттикнува да имаме доверба во него и стрпливо да го чекаме времето кога, под власта на Божјето Царство, целата Земја ќе биде полна со негови радосни и кротки слуги (Мат. 5:5; Евр. 10:36-39).

ИМАЈ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА И БИДИ РАДОСЕН

18. Како влијаеле врз Авакум зборовите на Јехова?

18 Прочитај Авакум 3:16-19. Зборовите на Јехова извршиле силно влијание врз Авакум. Тој длабоко размислувал за извонредните работи што Јехова ги направил за своите слуги во минатото. Така му се зајакнала довербата во Јехова. Авакум се уверил дека Бог наскоро ќе преземе нешто! Ова го утешило пророкот, иако знаел дека неговите маки можеби ќе потраат уште некое време. Авакум немал повеќе сомнежи. Напротив, бил потполно уверен дека Јехова ќе го спаси. Всушност, неговите зборови кои се запишани во стих 18 можеби се едни од најсилните изрази на доверба што ги има во Библијата. Некои изучувачи сметаат дека стих 18 буквално значи: „Ќе скокам од радост поради Господарот; ќе играм од радост поради Бог“. Зборовите од Авакум 3:16-19 се навистина силна гаранција за сите нас! Јехова не само што ни дал прекрасни ветувања за иднината туку и нѐ уверува дека наскоро ќе ги исполни тие ветувања.

19. На кој начин можеме да ја добиеме истата утеха како Авакум?

19 Главната поука што ја извлекуваме од книгата Авакум е да имаме доверба во Јехова (Авак. 2:4). За да ја зачуваме таквата доверба, треба да си го зајакнеме нашето пријателство со него. Затоа треба: 1) да продолжиме во молитва да му ги кажуваме нашите грижи на Јехова, 2) внимателно да го следиме водството што ни го дава преку неговата Реч и неговата организација, и 3) верно и стрпливо да чекаме на него. Токму тоа го правел Авакум. Иако на почетокот од својот разговор со Јехова бил вознемирен, на крајот тој бил охрабрен и радосен! Ако го следиме примерот на Авакум, и ние ќе најдеме утеха во срдечната прегратка на нашиот небесен Татко, Јехова. Зарем некој може да ни даде поголема утеха во овој злобен свет?