Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зборувај ја вистината

Зборувај ја вистината

Зборувајте ја вистината еден со друг! (ЗАХ. 8:16)

ПЕСНИ: 56, 124

1, 2. Што им нанело најголема штета на луѓето, и кој стоел зад тоа?

ЛУЃЕТО измислиле многу работи кои им го олесниле животот како, на пример, телефонот, сијалицата, автомобилот и фрижидерот. Од друга страна, измислиле и работи кои можат да им го загрозат животот, како што се барутот, копнените мини, цигарите или атомската бомба. Но, има нешто што се појавило пред сите тие работи и што му нанело најголема штета на човештвото. Тоа е лагата. Оној што лаже кажува нешто што знае дека не е вистина со цел да измами некого. Кој ја смислил првата лага? Ѓаволот, кого Исус Христос го нарекол „татко на лагата“. (Прочитај Јован 8:44.) А кога ја кажал првата лага?

2 Тој го направил тоа пред неколку илјади години во рајската градина. Адам и Ева се радувале на животот во прекрасниот рај што нивниот Творец го создал за нив. Но, тогаш се вмешал Ѓаволот. Тој знаел дека Бог им заповедал на првите луѓе да не јадат од „дрвото на спознанието на доброто и злото“ и дека ќе умрат ако не го послушаат. И покрај тоа, преку една змија, Сатана ѝ рекол на Ева: „Вие нема да умрете“. Тоа била првата лага. А потоа додал: „Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мој. 2:15-17; 3:1-5).

3. Зошто може да се каже дека Сатана кажал злобна лага, и какви се последиците од неа?

3 Ова било злобна лага, бидејќи Сатана добро знаел дека Ева ќе умре ако му поверува и ако јаде од плодот на дрвото. Токму тоа и се случило. Најпрво Ева а подоцна и Адам не ја послушале Јеховината заповед, и на крајот умреле (1. Мој. 3:6; 5:5). Што е уште пострашно, преку тој грев, смртта се проширила на сите луѓе. Библијата вели: „Смртта царуваше... и над оние што не направија грев сличен на престапот што го направи Адам“ (Рим. 5:12, 14). Така, наместо да бидат совршени и да живеат вечно, како што била Божјата намера во почетокот, луѓето живеат само 70 или можеби 80 години, а нивниот живот е исполнет „со неволји и тешкотии“ (Пс. 90:10). Сето ова се случило само поради лагата што ја кажал Сатана. Колку жалосно!

4. а) Кои прашања ќе ги разгледаме? б) Според Псалм 15:1, 2, само кој може да му биде пријател на Јехова?

4 Во Јован 8:44 Исус рекол за Сатана: „Не остана постојан во вистината, бидејќи во него нема вистина“. Ѓаволот воопшто не се променил. Тој и понатаму „го заведува целиот свет“ со своите лаги (Отк. 12:9). Никој од нас не би сакал да биде заведен од него. Затоа, да ги разгледаме следниве три прашања: Како Сатана ги заведува луѓето? Зошто луѓето лажат? И, што ќе ни помогне секогаш да ја кажуваме вистината за да не го изгубиме пријателството со Јехова како што го изгубиле Адам и Ева? (Прочитај Псалм 15:1, 2.)

КАКО САТАНА ГИ ЗАВЕДУВА ЛУЃЕТО

5. Како Сатана ги заведува луѓето денес?

5 Апостол Павле напишал дека намерите на Сатана „не ни се непознати“ (2. Кор. 2:11). Тоа ни помага да не наседнеме на неговите лаги. Ние знаеме дека целиот свет — во кој спаѓаат лажната религија, нечесната политика и алчната трговија — е под власта на Ѓаволот (1. Јов. 5:19). Затоа не сме изненадени што под влијание на Сатана и на неговите демони лажат дури и лица што имаат висока положба и моќ (1. Тим. 4:1, 2). Ова особено важи за богатите бизнисмени кои ги мамат луѓето за да им ги земат парите или, пак, се служат со лаги кога им рекламираат производи кои, всушност, се штетни за нив.

6, 7. а) Зошто верските водачи сносат голема вина? б) Какви лаги шират верските водачи?

6 Верските водачи сносат голема вина затоа што го доведуваат во опасност животот на оние што ќе поверуваат во нивните лаги. Ако некој прифати извесни лажни учења и обичаи кои Бог ги осудува, би можел да ја пропушти можноста да живее вечно (Оси. 4:9). Исус знаел дека верските водачи во негово време го мамеле народот. Затоа в лице им рекол: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, бидејќи обиколувате море и копно за да обратите еден човек во својата вера, а кога ќе го обратите, го правите таков што ја заслужува геената“, односно вечно уништување (Мат. 23:15). Исус најостро ги осудил верските водачи кои ширеле лаги за Бог. Тие навистина потекнувале од својот татко, Ѓаволот, кој е човекоубиец (Јован 8:44).

7 И во нашево време има многу верски водачи. Сеедно дали се нарекуваат пастори, свештеници, рабини или користат други титули за себе, тие ја замениле „Божјата вистина со лага“ и „ја потиснуваат вистината“ од Библијата, исто како што правеле фарисеите во првиот век (Рим. 1:18, 25). На пример, шират лаги дека има пекол, дека човекот има бесмртна душа и дека постои реинкарнација. Згора на тоа, го поддржуваат бесмисленото тврдење дека Бог ги одобрува хомосексуалните врски и истополовите бракови!

8. Која лага наскоро ќе ја кажат политичарите, но како треба да реагираме ние?

8 И политичарите се служат со лаги за да ги заведуваат луѓето. Една од најтешките лаги што наскоро ќе ја кажат е дека успеале да постигнат „мир и сигурност“! Но, „тогаш ненадејно ќе ги снајде уништување“. Затоа, не треба да им веруваме на тие политичари кои тврдат дека работите одат на подобро. Ние добро знаеме „дека Јеховиниот ден доаѓа токму како крадец во ноќта“ (1. Сол. 5:1-4).

ЗОШТО ЛУЃЕТО ЛАЖАТ

9, 10. а) Зошто луѓето лажат, и кои се последиците од тоа? б) Што не смееме да заборавиме во врска со Јехова?

9 За жал, денес не лажат само оние што се на положба. Лажењето станало најнормален дел од животот. Во статијата „Зошто лажеме“ од Ј. Батачарџи, пишува дека „лажењето се смета за вродена човечка карактеристика“. Луѓето најчесто кажуваат лаги за да се заштитат или за да се истакнат. Лажат за да ги прикријат своите грешки и недела или, пак, да стекнат финансиска или друга лична корист. Во истата статија пишува дека има луѓе кои без да трепнат „кажуваат секакви лаги на непознати, на колеги, на пријатели и на најблиските во семејството“.

10 Кои се последиците од сите тие лаги? Изневерена доверба и уништени односи. На пример, замисли колку бедно мора да се чувствува еден маж кога ќе дознае дека жена му го изневерила и цело време го лажела за да ја прикрие прељубата. Или замисли колку е страшно кога некој маж дома ги малтретира својата жена и деца, а пред другите се преправа дека е грижлив сопруг и татко. Иако можеби ќе ги измамат луѓето, не смееме да заборавиме дека таквите лица не можат да го измамат Јехова. Библијата вели дека „сѐ е голо и откриено“ пред неговите очи (Евр. 4:13).

11. Што учиме од лошиот пример на Ананија и Сапфира? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

11 Во Библијата е даден пример за една брачна двојка христијани од првиот век кои под влијание на Сатана сакале да го излажат Бог. Ананија и Сапфира се обиделе да ги измамат апостолите. Тие продале една од своите ниви, но донеле кај апостолите само дел од парите. Ананија и Сапфира сакале да остават впечаток пред другите во собранието дека се подарежливи отколку што биле. Но, Јехова знаел што направиле и затоа ги казнил (Дела 5:1-10).

12. Што ги чека злобните лажливци кои не се каат, и зошто?

12 Како гледа Јехова на лажењето? Сатана, како и сите злобни лажливци што го следат неговиот пример и не се каат, ќе завршат во огненото езеро, односно ќе бидат уништени (Отк. 20:10; 21:8; Пс. 5:6). Зошто? Бидејќи Јехова ги става таквите лажливци во ист кош со луѓето чии постапки се одвратни во негови очи (Отк. 22:15).

13. Што знаеме за Јехова, и на што нѐ поттикнува тоа?

13 Ние знаеме дека Јехова „не е човек да лаже“. Всушност, Библијата вели дека е „невозможно Бог да лаже“ (4. Мој. 23:19; Евр. 6:18). Јехова мрази „лажлив јазик“ (Изр. 6:16, 17). Ако сакаме да го радуваме, мора секогаш да ја кажуваме вистината. Затоа, не се лажеме еден со друг (Кол. 3:9).

НИЕ ЈА ЗБОРУВАМЕ ВИСТИНАТА

14. а) Во кој поглед се разликуваме од членовите на лажните религии? б) Објасни го начелото кое е наведено во Лука 6:45.

14 Во кој поглед вистинските христијани се разликуваат од членовите на лажните религии? Ние ја зборуваме вистината. (Прочитај Захарија 8:16, 17.) Павле објаснил: „Се препорачуваме како Божји слуги... со вистинити зборови“ (2. Кор. 6:4, 7). Исус рекол дека устата на човекот „го зборува она со кое му е полно срцето“ (Лука 6:45). Според тоа, кога добриот човек ја зборува вистината во своето срце, и од неговата уста излегуваат вистинити зборови. Тој ја кажува вистината секогаш и секому — на непознати, на колеги, на пријатели и на најблиските во семејството. Да разгледаме некои полиња на кои можеме да покажеме дека сме вистинољубиви и чесни во сѐ.

Што мислиш, во што е проблемот со оваа млада сестра? (Види во пасуси 15-16)

15. а) Зошто е опасно да водиш двоен живот? б) Што ќе им помогне на младите да не подлегнат на притисокот од врсниците? (Види ја фуснотата.)

15 Ако си млада личност, веројатно сакаш да бидеш прифатен од врсниците. Сепак, внимавај никогаш да не почнеш да водиш двоен живот, како што прават некои млади. Тие се преправаат дека се невини и чисти кога се со семејството и со браќата од собранието, но се сосема поинакви на социјалните мрежи или кога се во друштво на младите од светот. Можеби зборуваат безобразно, се облекуваат нескромно, слушаат вулгарна музика, се опиваат, земаат дрога, имаат тајни врски или прават други лоши работи. Тие живеат во лага — ги лажат родителите, соверниците и Бог (Пс. 26:4, 5). Но, Јехова добро знае кога некој само тврди дека му служи, а прави работи што тој ги мрази (Мар. 7:6). Многу подобро е да го послушаме советот од Изреки 23:17: „Срцето твое нека не им завидува на грешниците, туку по цел ден имај страв од Јехова“. *

16. Какви одговори треба да дадеме на прашањата во молбата за некој вид полновремена служба?

16 Можеби сакаш да служиш како општ пионер или во некој вид специјална полновремена служба како, на пример, во Бетел. Многу е важно да дадеш искрени и целосно точни одговори на прашањата во молбата кои се однесуваат на твоето здравје, избор на забава и морал (Евр. 13:18). Што ако си направил нешто што Јехова го мрази или нешто поради кое те пече совеста, а старешините не знаат за тоа? Веднаш побарај помош од нив за да можеш да служиш со чиста совест (Рим. 9:1; Гал. 6:1).

17. Што треба да правиме ако оние што нѐ прогонуваат нѐ испрашуваат во врска со нашите браќа?

17 А што треба да правиш ако, на пример, властите го забранат делото во твојата земја, и ако те приведат и те испрашуваат во врска со браќата? Мора ли да им кажеш сѐ што знаеш? Па, како постапил Исус кога бил испрашуван од римскиот управител? Во склад со библиското начело дека има „време за молчење и време за зборување“, на некои прашања Исус не му одговорил ништо (Проп. 3:1, 7; Мат. 27:11-14). Во таква ситуација треба да бидеме претпазливи да не кажеме нешто со кое би ги довеле во опасност нашите браќа (Изр. 10:19; 11:12).

Што ќе ти помогне да одредиш кога да молчиш, а кога да кажеш сѐ што знаеш? (Види во пасуси 17-18)

18. Што сме должни да правиме ако старешините ни поставуваат прашања во врска со нашите браќа?

18 Што ако некој во собранието направил тежок грев и ти знаеш за тоа? Бидејќи старешините се одговорни да ја зачуваат моралната чистота на собранието, можеби ќе те прашаат што знаеш за таа работа. Што ќе направиш тогаш, особено ако се работи за некој твој близок пријател или за член на семејството? „Чесниот сведок ја зборува вистината“, вели Библијата (Изр. 12:17, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013; Изр. 21:28). Затоа, должен си да им кажеш на старешините сѐ што знаеш без ништо да скриеш. Освен тоа, не смееш да ги извртуваш фактите. Старешините имаат право да ја знаат вистината за да можат на најдобар начин да му помогнат на оној што згрешил да си го поправи односот со Јехова (Јак. 5:14, 15).

19. Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Псалмистот Давид му рекол на Јехова во молитва: „Ти се радуваш кога вистината е во срцето“ (Пс. 51:6). Давид знаел дека е најважно какви сме однатре, во срцето. Вистинските христијани ја зборуваат вистината еден со друг на секое поле од животот. На кој друг начин покажуваме дека како Божји слуги сме поинакви од другите? Така што ги поучуваме луѓето за вистината. Во следната статија ќе разгледаме како можеме да го правиме тоа во службата.

^ пас. 15 Види во поглавје 15, „Како да се справам со врсниците?“, и во поглавје 16, „Двоен живот — кој мора да знае?“, во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2.