Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 42

Како да им помогнеме на оние со кои проучуваме да се крстат (втор дел)

Како да им помогнеме на оние со кои проучуваме да се крстат (втор дел)

Добро внимавај како живееш и како поучуваш (1. ТИМ. 4:16)

ПЕСНА 77 Светлина во мрачен свет

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Од каде знаеме дека, кога им помагаме на луѓето да станат Христови ученици, учествуваме во едно животоспасувачко дело?

КОГА им помагаме на луѓето да станат Христови ученици, ние учествуваме во едно животоспасувачко дело! Од каде го знаеме тоа? Кога ја дал заповедта запишана во Матеј 28:19, 20, Исус рекол: „Одете и правете ученици... крштавајќи ги“. Колку е важно крштавањето? Тоа е услов за некој да живее вечно. Оној што сака да се крсти мора да верува дека може да биде спасен само затоа што Исус го жртвувал својот живот и бил воскреснат. Затоа апостол Петар им рекол на сохристијаните: „И вас ве спасува... крштавањето... на темел на воскресението на Исус Христос“ (1. Пет. 3:21). Според тоа, кога некој интересент ќе се крсти, тој зачекорува на патот кој води до спасение.

2. Според 2. Тимотеј 4:1, 2, какви треба да бидеме за да им помогнеме на другите да станат Христови ученици?

2 За да им помогнеме на другите да станат ученици на Христос, секој од нас треба да биде „вешт во поучувањето“. (Прочитај 2. Тимотеј 4:1, 2.) Зошто? Затоа што Исус ни заповедал: „Одете и правете ученици... крштавајќи ги“. Апостол Павле нѐ поттикнува да истраеме во ова дело, бидејќи така ќе се спасиме и себеси и оние што нѐ слушаат. Тој со право рекол: „Добро внимавај... како поучуваш“ (1. Тим. 4:16). Бидејќи нашата цел е да им помогнеме на луѓето да станат Христови ученици, мора да ги поучуваме на најдобар можен начин.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Ние редовно поучуваме милиони луѓе за библиските вистини. Но, како што видовме во претходната статија, сакаме да им помогнеме на уште поголем број од нив да станат крстени ученици на Исус Христос. Во оваа статија, ќе разгледаме уште пет работи што сите ние треба да ги правиме за да им помогнеме на интересентите да се крстат.

КОРИСТИ ЈА БИБЛИЈАТА КОГА ПОУЧУВАШ

Замоли некој поискусен објавител да ти помогне подобро да ја користиш Библијата кога поучуваш некого (Види во пасуси 4-6) *

4. Зошто не треба да зборуваме премногу кога проучуваме со некого? (Види ја и фуснотата.)

4 Ние ги сакаме библиските вистини за кои ги поучуваме другите. Затоа можеби сме на искушение да зборуваме надолго и нашироко за нив. Но, сеедно дали некој води Проучување на Стражарска кула, Собраниско проучување на Библијата или, пак, библиски курс, не треба да зборува премногу. Бидејќи наша цел е луѓето да бидат поучени од Библијата, треба да покажуваме самосовладување и да не му кажеме на интересентот сѐ што знаеме за некој библиски стих или за некоја тема * (Јован 16:12). Размисли колку ти си ја познавал Библијата кога си се крстил и колку добро ја познаваш сега. Веројатно тогаш си ги разбирал само основните библиски вистини (Евр. 6:1). Ти требале години за да го научиш она што го знаеш сега. Затоа не се обидувај да му го пренесеш на интересентот сето тоа знаење наеднаш.

5. а) Во склад со 1. Солуњаните 2:13, што сакаме да му помогнеме на интересентот да сфати? б) Како може да го поттикнеме интересентот да зборува повеќе додека проучуваме со него?

5 Сакаме интересентот да сфати дека она што го учи е од Божјата Реч. (Прочитај 1. Солуњаните 2:13.) Како може да му помогнеме во тоа? Поттикни го да зборува повеќе додека проучувате. Наместо секогаш да му ги објаснуваш библиските стихови, замоли го тој да ти објасни како разбира некој стих. Помогни му да сфати како Божјата Реч е корисна за него лично. Поставувај му прашања за да видиш како ги разбира стиховите што ги чита и како тие влијаат врз него (Лука 10:25-28). На пример, прашај го: „Која Јеховина особина се гледа од овој стих?“ „Што мислиш ти за ова што сега го разгледавме?“ „Како може да ти користи тоа?“ (Изр. 20:5). Не е најважно колкаво знаење има интересентот за Библијата, туку дали го сака и дали го применува она што го учи.

6. Зошто е добро да одиме со поискусни објавители кога проучуваме со некого?

6 Дали некогаш водиш поискусни објавители со себе кога проучуваш со некого? Би можел да ги прашаш дали сметаат дека убаво го поучуваш интересентот и дали добро ја користиш Библијата. Ако сакаме да се подобриме во начинот на кој ги поучуваме другите, мора да бидеме понизни. (Спореди со Дела 18:24-26.) Исто така, прашај го поискусниот објавител дали, според него, интересентот го разбира она што го учи. Би можел и да го замолиш да проучува со него ако си отсутен една или повеќе седмици. Така интересентот ќе може да продолжи редовно да проучува, и ќе сфати колку е важно тоа. Немој да мислиш дека тоа е „твој“ интересент и дека никој друг освен тебе не може да проучува со него. Бидејќи доброто на интересентот ти е најважно од сѐ, сигурно сакаш да направиш сѐ што е потребно за да му помогнеш непречено да учи за библиската вистина.

ПОУЧУВАЈ СО ВООДУШЕВЕНОСТ И УВЕРЕНОСТ

Раскажи му на интересентот за други кои направиле промени во животот за да сфати како може и самиот да го применува она што го учи (Види во пасуси 7-9) *

7. Што ќе му помогне на интересентот уште повеќе да ужива во она што го учи?

7 Интересентот треба да види дека ги сакаш библиските вистини и дека цврсто веруваш во нив (1. Сол. 1:5). Тогаш и нему ќе му биде поинтересно она што го учи. Ако е соодветно, кажи му како некои конкретни библиски начела ти помогнале тебе лично. Така ќе сфати дека Библијата содржи практични совети што и нему можат да му користат.

8. Со што друго можеш да му помогнеш на интересентот, и зошто е добро да го направиш тоа?

8 Можеш да му раскажеш на интересентот за некои браќа и сестри кои имале слични проблеми како неговите и успеале да ги надминат. Би можел да појдеш кај него со некој од собранието кој може да му раскаже како Библијата му помогнала нему лично. Можеш да најдеш охрабрувачки искуства и на jw.org во рубриката „Библијата менува животи“. * Таквите статии и видеоклипови можат да му помогнат на интересентот да сфати колку е мудро да ги применува библиските начела во својот живот.

9. Како можеш да го поттикнеш интересентот да зборува со семејството и пријателите за она што го учи?

9 Ако проучуваш со некое лице што е во брак, спомни му и на неговиот брачен другар дека може да седи со вас во текот на проучувањето. Поттикни го интересентот да им кажува за она што го учи на другите во семејството и на пријателите (Јован 1:40-45). Како? Едноставно би можел да го прашаш: „Како би му го објаснил ова на некој од семејството?“ или „Кој библиски стих би го користел за да му го докажеш тоа на некој пријател?“ Така ќе го поучиш интересентот и самиот еден ден да може да поучува други. Потоа, кога ќе ги исполни условите, може да почне со служба како некрстен објавител. Би можел да го прашаш дали познава некого кој би сакал да ја проучува Библијата. Ако да, веднаш стапете во контакт со тоа лице и понудете му да проучувате со него. Покажете му го видеоклипот Како би можел да ја проучуваш Библијата? *

ПОТТИКНИ ГО ИНТЕРЕСЕНТОТ ДА СЕ СПРИЈАТЕЛИ СО ДРУГИ ОД СОБРАНИЕТО

Поттикни го интересентот да се спријатели со некои од собранието (Види во пасуси 10-11) *

10. Според 1. Солуњаните 2:7, 8, како може да го следиме примерот на Павле?

10 Мора да покажеме дека искрено се грижиме за оние со кои проучуваме. Треба да гледаме на нив како на идни браќа и сестри. (Прочитај 1. Солуњаните 2:7, 8.) Сигурно не им е лесно да се откажат од пријателите во светот и да ги направат сите потребни промени за да му служат на Јехова. Затоа, треба да им помогнеме да си најдат вистински пријатели во собранието. Биди му пријател на интересентот така што ќе поминуваш време со него не само кога проучувате туку и во други прилики. Ако му се јавиш на телефон, ако му испратиш порака или ако накратко го посетиш и во друго време, ќе покажеш дека вистински се грижиш за него.

11. Што треба да најдат интересентите во собранието, и зошто?

11 Една изрека гласи: „Потребно е цело село за да се одгледа едно дете“. Би можеле да кажеме: „Потребно е цело собрание за некој да стане ученик на Христос“. Од таа причина, треба да им помогнеме на интересентите да се запознаат со другите во собранието кои ќе влијаат добро врз нив. Така ќе имаат прилика да се дружат со браќата и сестрите, кои можат да им помагаат во духовен и емоционален поглед. Наша цел е секој интересент да сфати дека се радуваме што е меѓу нас и дека е дел од нашето духовно семејство. Сакаме да се чувствува убаво во нашето христијанско братство во кое владее љубов. Така ќе нема потреба да биде близок пријател со оние што не му помагаат да го сака Јехова (Изр. 13:20). Ако поранешните пријатели го отфрлат, тој ќе знае дека може да си најде вистински пријатели во Јеховината организација (Мар. 10:29, 30; 1. Пет. 4:4).

ПОТТИКНИ ГО ДА СИ ПОСТАВИ ЦЕЛ ДА МУ СЕ ЗАВЕТУВА НА БОГ И ДА СЕ КРСТИ

Чекор по чекор, оној што го сака Јехова може да ја исполни целта да се крсти! (Види во пасуси 12-13)

12. Зошто треба да му кажеме на интересентот колку е важно да му се заветува на Јехова и да се крсти?

12 Зборувај отворено со интересентот за тоа колку е важно да му се заветува на Јехова и да се крсти. Всушност, главната причина зошто проучуваме со него е еден ден да стане крстен ученик на Христос. Откако неколку месеци редовно ќе проучуваме со интересентот и особено откако ќе почне да доаѓа на состаноци, тој треба да сфати дека сакаме да му помогнеме да му служи на Јехова и да стане негов Сведок.

13. Кои чекори треба да ги направи интересентот ако сака да се крсти?

13 Чекор по чекор, интересентот може да ја исполни целта да се крсти. Најпрво е неопходно да го запознае Јехова, да го засака и да стекне вера во него (Јован 3:16; 17:3). Потоа развива пријателство со Бог, како и со браќата и сестрите во собранието (Евр. 10:24, 25; Јак. 4:8). Со текот на времето, интересентот престанува да прави работи што не му се допаѓаат на Бог и се кае за своите поранешни лоши постапки (Дела 3:19). Освен тоа, верата го поттикнува да им зборува за вистината на другите (2. Кор. 4:13). На крајот, му се заветува на Јехова и се крштава во вода (1. Пет. 3:21; 4:2). Тоа е многу радосен ден за сите! Додека интересентот постепено ги прави сите овие чекори, пофалувај го искрено и често, и охрабрувај го да продолжи кон својата цел.

ОДВРЕМЕ-НАВРЕМЕ ПРАШАЈ СЕ КАКО НАПРЕДУВА ИНТЕРЕСЕНТОТ

14. Како можеш да процениш дали интересентот духовно напредува?

14 Мора да бидеме стрпливи додека му помагаме на интересентот да ги исполни условите да се крсти. Но, треба и да процениме дали има желба да му служи на Јехова Бог. Дали гледаш дека се труди да биде послушен на заповедите на Исус или само му е интересно да учи од Библијата?

15. Што ќе ти покаже дали интересентот напредува кон крштавање?

15 Редовно размислувај за тоа како напредува интересентот. На пример, дали ти кажува што чувствува за Јехова? Дали се моли? (Пс. 116:1, 2). Дали со задоволство ја чита Библијата? (Пс. 119:97). Дали редовно присуствува на состаноците? (Пс. 22:22). Дали ги прави потребните промени во животот? (Пс. 119:112). Дали веќе зборува за она што го учи со семејството и со пријателите? (Пс. 9:1). И, најважно од сѐ, дали сака да стане Јеховин сведок? (Пс. 40:8). Ако не презема чекори на некое од овие полиња, обиди се тактично да дознаеш што е причината за тоа, а потоа зборувај со него љубезно, но отворено. *

16. Кога треба да престанеш да проучуваш со некого?

16 За да процениш дали треба да продолжиш да проучуваш со интересентот, одвреме-навреме постави си ги следниве прашања: „Дали се подготвува за проучувањето? Дали сака да доаѓа на состаноци? Дали сѐ уште има лоши навики? Дали сѐ уште припаѓа на некоја лажна религија?“ Да продолжиш да проучуваш со некое лице кое не покажува вистинско ценење за она што го учи, е како да му даваш часови по пливање на некој што не сака да влезе во вода! Ако интересентот не е спремен да прави промени, дали воопшто вреди да продолжиш да проучуваш со него?

17. Според 1. Тимотеј 4:16, што мора да правиме сите ние?

17 Бидејќи сериозно ја сфаќаме заповедта на Исус, сакаме да направиме сѐ што е потребно за да им помогнеме на интересентите да се крстат. Затоа ја користиме Библијата кога ги поучуваме, и го правиме тоа со воодушевеност и увереност. Исто така, ги поттикнуваме да се спријателат со браќата и сестрите во собранието. Им помагаме да си постават цел да му се заветуваат на Јехова и да се крстат, и редовно размислуваме како напредуваат во духовен поглед. (Види ја рамката „ Како можеш да им помогнеш на интересентите да се крстат“.) Многу се радуваме што можеме да учествуваме во ова животоспасувачко дело! Да бидеме решени да даваме сѐ од себе за да им помогнеме на интересентите да ги исполнат условите за крштавање.

ПЕСНА 79 Да ги учиме да бидат непоколебливи

^ пас. 5 Јехова ни дал посебна чест да ги поучуваме луѓето. Можеме да им помогнеме да размислуваат и да постапуваат како што сака тој. Во оваа статија ќе видиме како можеме уште подобро да ги поучуваме.

^ пас. 4 Види ја статијата „Замки кои треба да ги избегнуваш кога проучуваш со некого“, која излезе во Нашиот живот и служба — работни листови од септември 2016.

^ пас. 8 Оди на ЗА НАС > ИСКУСТВА НА ЈЕХОВИНИ СВЕДОЦИ.

^ пас. 9 Во JW Library®, оди на АУДИО-ВИДЕО > НАШИТЕ СОСТАНОЦИ И СЛУЖБА > ПОМОШ ЗА СЛУЖБАТА.

^ пас. 77 ОПИС НА СЛИКАТА: Откако проучувале со една жена, поискусната сестра ѝ помага на помладата сестра да сфати дека не треба да зборува многу во текот на проучувањето.

^ пас. 79 ОПИС НА СЛИКАТА: Додека ја проучува Библијата, интересентката сфаќа како може да биде подобра сопруга. Подоцна му кажува на маж ѝ што научила.

^ пас. 81 ОПИС НА СЛИКАТА: Интересентката и нејзиниот маж се на гости кај една сестра со која се запознала во салата за состаноци.