Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто ние денес не војуваме како Израелците во минатото?

Зошто ние денес не војуваме како Израелците во минатото?

ЗА ВРЕМЕ НА Втората светска војна, еден нацистички офицер им извикал на една група Јеховини сведоци: „Ако некој од вас одбие да се бори против Франција или Англија, сите вие ќе мора да умрете!“ Иако во близина стоеле целосно вооружени војници на СС-единиците, ниту еден од нашите браќа не попуштил на притисокот. Колкава храброст! Овој пример многу добро покажува како Јеховините сведоци гледаат на војните. Ние не учествуваме во војните што се водат во овој свет. Дури и кога ни се закануваат со смрт, не заземаме страни во војните во овој свет.

Сепак, со ова гледиште не се согласуваат сите кои се нарекуваат христијани. Многумина сметаат дека еден христијанин може и треба да ја брани својата земја. Тие можеби си велат: „Израелците од минатото биле Божји народ и војувале. Зошто тогаш не треба христијаните денес да го прават тоа?“ Доколку некој ти го постави ова прашање, како би му одговорил? Би можел да му објасниш дека ситуацијата во која се наоѓале Израелците од минатото многу се разликува од ситуацијата во која се наоѓа Божјиот народ денес. Да разгледаме пет такви разлики.

1. БОЖЈИТЕ СЛУГИ ПРИПАЃАЛЕ НА ЕДЕН НАРОД

Во минатото, Јехова избрал еден народ — Израелците — да биде негов народ. Тој рекол дека Израелците ќе му бидат „најмилата сопственост меѓу сите други народи“ (2. Мој. 19:5). Исто така, Бог им одредил територија на која живееле. Значи, кога Бог им заповедал да водат војни против другите народи, Израелците не се бореле против своите соверници ниту ги убивале. *

Денес, Јеховините слуги доаѓаат „од сите народи и племиња и народности и јазици“ (Отк. 7:9). Доколку Божјите слуги би оделе во војна, би можело да се случи да се борат против, па дури и да убијат свои соверници.

2. ЈЕХОВА ИМ ЗАПОВЕДАЛ НА ИЗРАЕЛЦИТЕ ДА ВОЈУВААТ

Во минатото, Јехова одлучувал кога и зошто Израелците треба да војуваат. На пример, Бог им заповедал на Израелците да ја спроведат неговата осуда врз Ханаанците, кои биле познати по тоа што обожавале демони, вршеле одвратен сексуален неморал и жртвувале деца. Јехова им заповедал на Израелците да ги уништат луѓето кои правеле вакви ужасни работи во земјата што тој им ја ветил за да немаат лошо влијание врз нив (3. Мој. 18:24, 25). Откако Израелците се населиле во Ветената земја, Бог во некои случаи им кажал да одат во војна за да се одбранат од непријателите кои ги угнетувале (2. Сам. 5:17-25). Меѓутоа, Јехова никогаш не им дозволил самите да одлучуваат дали ќе војуваат. Кога Израелците го правеле тоа, последиците честопати биле катастрофални (4. Мој. 14:41-45; 2. Лет. 35:20-24).

Денес, Јехова не им кажува на луѓето да војуваат. Народите се борат заради сопствени интереси, а не затоа што Бог така сака. Можеби одат во војна за да освојат поголема територија, поради финансиска добивка, или пак од политички или идеолошки причини. Но што е со оние кои тврдат дека се борат во името на Бог за да ја одбранат својата религија или за да ги убијат Божјите непријатели? Јехова ќе ги заштити своите слуги, а ќе ги уништи своите непријатели во една војна која ќе се случи во иднина —војната Армагедон (Отк. 16:14, 16). Божјата војска која ќе ја води оваа војна ќе се состои само од духовни суштества, а не од неговите слуги на Земјата (Отк. 19:11-15).

3. ИЗРАЕЛЦИТЕ ГИ ОСТАВАЛЕ ЖИВИ ОНИЕ КОИ ПОКАЖУВАЛЕ ВЕРА ВО ЈЕХОВА

Дали во војните денес се поштедуваат оние што му се верни на Јехова, како што било случај со Раав и нејзиното семејство во војната што Јехова ја водел против Ерихон?

Во минатото, израелската војска честопати покажувала милост кон оние што имале вера во Бог, а ги убивала само оние за кои Јехова сметал дека заслужуваат да умрат. Да наведеме два примери. Иако Јехова наредил да биде уништен Ерихон, Израелците ги оставиле живи Раав и нејзиното семејство поради верата што таа ја имала (Ис. Нав. 2:9-16; 6:16, 17). Подоцна, целиот град Гаваон бил поштеден откако Гаваонците покажале стравопочит кон Бог (Ис. Нав. 9:3-9, 17-19).

Денес, кога се води војна, војските не ги поштедуваат оние што имаат вера во Јехова. Исто така, тие честопати убиваат и невини цивили.

4. ИЗРАЕЛЦИТЕ ТРЕБАЛО ДА ВОЈУВААТ СПОРЕД УПАТСТВАТА ОД БОГ

Во минатото, Јехова очекувал израелските војници да војуваат во склад со упатствата што тој им ги давал. На пример, Бог понекогаш барал од нив да му понудат мир на некој непријателски град (5. Мој. 20:10). Исто така, Јехова очекувал од израелските војници и тие самите, но и нивниот логор да бидат чисти во физички и во морален поглед (5. Мој. 23:9-14). Иако војските на околните народи честопати ги силувале жените од освоените територии, Јехова им забранил на Израелците да го прават тоа. Всушност, тие не можеле да стапат во брак со една жена која била заробена сѐ додека не поминал еден месец откако ќе го освоеле тој град (5. Мој. 21:10-13).

Денес, повеќето земји имаат потпишано меѓународни спогодби со кои се утврдени правила кои треба да се почитуваат кога се води војна. Иако нивната цел е да се заштитат цивилите, за жал правилата честопати не се почитуваат.

5. БОГ СЕ БОРЕЛ ЗА СВОЈОТ НАРОД

Дали Бог се бори за некој народ денес како што се борел за Израелците кај Ерихон?

Во минатото, Јехова се борел за Израелците и честопати со чудо им помагал да извојуваат победа. На пример, како Јехова им помогнал на Израелците да го поразат градот Ерихон? По негова заповед, кога Израелците се огласиле со силна воена викотница, ѕидиштата на градот почнале да се рушат, и така им било полесно да го освојат (Ис. Нав. 6:20). А како победиле во битката против Аморејците? Во Библијата пишува: „Јехова фрлаше врз нив крупен град од небото... повеќе од нив изгинаа од градот отколку што Израеловите синови ги убија со меч“ (Ис. Нав. 10:6-11).

Денес, Јехова не води војни во корист на ниту еден народ на Земјата. Неговото Царство, чиј цар е Исус, „не е дел од овој свет“ (Јован 18:36). Спротивно на тоа, Сатана е тој што има власт над сите човечки влади. Ужасните војни кои се водат во светот се одраз на неговата злоба (Лука 4:5, 6; 1. Јов. 5:19).

ВИСТИНСКИТЕ ХРИСТИЈАНИ СЕ МИРОТВОРЦИ

Како што видовме, ситуацијата во која ние се наоѓаме во голема мера се разликува од онаа во која биле Израелците во минатото. Сепак, овие разлики не се единствените причини зошто не војуваме. На пример, Бог прорекол дека во последните денови оние кои ќе бидат поучени од него „повеќе нема да учат да војуваат“, а уште помалку да одат во војна (Иса. 2:2-4). Освен тоа, Исус рекол дека неговите ученици нема да бидат „дел од светот“. Тие не заземаат страна во воените судири (Јован 15:19).

Исто така, Исус ги поттикнал своите следбеници да одат еден чекор понатаму. Тој ги поучил да не развиваат ставови кои водат до огорченост, лутина и војна (Мат. 5:21, 22). Освен тоа, ги поучил да бидат миротворци и да ги сакаат своите непријатели (Мат. 5:9, 44).

Како може да го примениме ова? Веројатно немаме желба да одиме во војна. Но дали во нашето срце имаме непријателски чувства кон некого кои можат да предизвикаат несогласувања или поделби во собранието? И понатаму да даваме сѐ од себе за да го отстраниме секое такво чувство што можеби го имаме (Јак. 4:1, 11).

Наместо да учествуваме во војните што ги водат народите, ние правиме сѐ што можеме за меѓу нас да владеат мир и љубов (Јован 13:34, 35). Да бидеме решени да останеме неутрални додека чекаме да дојде денот кога Јехова засекогаш ќе ги отстрани сите војни (Пс. 46:9).

^ Понекогаш, израелските племиња се бореле едни против други, но Јехова не го одобрувал тоа (1. Цар. 12:24). Сепак, во некои случаи, Јехова ги одобрувал ваквите војувања затоа што некои племиња се свртеле против него или извршиле други сериозни гревови (Суд. 20:3-35; 2. Лет. 13:3-18; 25:14-22; 28:1-8).