Биди обѕирен како Јехова
Среќен е оној што постапува обѕирно со бедниот (ПС. 41:1)
1. Како слугите на Јехова покажуваат дека се сакаат?
СЛУГИТЕ на Јехова низ целиот свет се како едно семејство во кое владее љубов (1. Јов. 4:16, 21). Тие понекогаш прават големи жртви за своите браќа и сестри, но најчесто ја покажуваат својата љубов така што прават голем број мали работи еден за друг. На пример, обѕирно зборуваат и постапуваат меѓу себе. Кога сме обѕирни со другите, ние го следиме примерот на нашиот небесен Татко (Еф. 5:1).
2. На кој начин Исус покажувал љубов како неговиот Татко?
2 Исус совршено ги одразувал особините на својот Татко. Тој секогаш постапувал обѕирно со другите. Исус рекол: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам“ (Мат. 11:28, 29). Ако го следиме примерот на Исус и постапуваме „обѕирно со бедниот“, ќе го радуваме Јехова, а и ние ќе бидеме радосни (Пс. 41:1). Во оваа статија ќе видиме како можеме да покажеме обѕир во семејството, во собранието и во службата на проповедање.
БИДИ ОБЅИРЕН ВО СЕМЕЈСТВОТО
3. Како може еден сопруг да покаже обѕирност кон својата сопруга? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
3 Сопрузите треба да им дадат пример на членовите на своето семејство така што ќе бидат обѕирни кон нив (Еф. 5:25; 6:4). Библијата вели дека мажите мора да бидат обѕирни кон своите жени и да имаат разбирање за нив (1. Пет. 3:7). Еден обѕирен сопруг не мисли дека е подобар од својата сопруга иако во многу погледи се разликува од неа (1. Мој. 2:18). Тој има разбирање за нејзините чувства и со неа се однесува достоинствено и со почит. Една сопруга од Канада го кажува следново за својот сопруг: „Тој никогаш не ги омаловажува моите чувства и не ми вели: ’Не треба да се чувствуваш така‘. Исто така, секогаш внимателно ме слуша. Кога ми помага да сменам некое свое гледиште, тоа го прави многу љубезно“.
4. Како може еден сопруг да покаже обѕир кон чувствата на својата сопруга со начинот на кој постапува со другите жени?
4 Еден сопруг кој е обѕирен кон чувствата на својата сопруга никогаш не флертува. Тој не покажува несоодветно внимание кон други жени било кога има личен контакт со нив било кога користи социјални мрежи или Интернет (Јов 31:1). Тој во секој поглед ѝ останува верен на сопругата не само затоа што ја сака неа туку и затоа што го сака Јехова и го мрази злото. (Прочитај Псалм 19:14; 97:10.)
5. Како може една сопруга да покаже обѕир кон својот сопруг?
5 Кога еден сопруг го следи примерот на својот поглавар Исус Христос, тој ѝ олеснува на својата сопруга „длабоко да го почитува“ (Еф. 5:22-25, 33). А од друга страна, ако таа го почитува својот сопруг, ќе се труди да покаже разбирање за него, на пример, кога е зафатен со собраниски обврски или кога го мачи некаков проблем. Еден сопруг од Британија вели: „Понекогаш, од моето однесување жена ми сфаќа дека нешто ме мачи. Во такви ситуации таа го применува начелото од Изреки 20:5, дури и кога ова значи дека треба да го чека вистинскиот момент за да ’ги исцрпи‘ моите мисли, доколку станува збор за нешто што не е од доверлива природа“.
6. Како сите ние можеме да ги поттикнуваме децата да бидат обѕирни кон другите, и како тоа ќе им користи на децата?
6 Кога родителите се однесуваат обѕирно еден кон друг, им оставаат добар пример на своите деца. Всушност, првенствено родителите имаат одговорност да ги поучат децата да бидат обѕирни кон другите. На пример, можат да ги поучат децата дека не треба да трчаат низ салата за состаноци. Или, пак, кога се на некое дружење каде што има јадење, можат да им кажат да почекаат прво постарите да земат од храната. Се разбира, сите ние во собранието можеме да им помагаме на родителите. Затоа, добро е да ги пофалиме дечињата кога ќе направат нешто обѕирно, на пример, кога ќе ни отворат врата. Поради ова, детето ќе се чувствува убаво и ќе научи дека „повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).
БИДИ ОБЅИРЕН ВО СОБРАНИЕТО
7. Како Исус покажал обѕир кон еден глув човек, и што можеме да научиме од неговиот пример?
7 Еден ден, Исус бил во подрачјето на Декаполис кога луѓето му довеле „еден глув човек со говорна маана“ (Мар. 7:31-35). Исус го излекувал, но не пред другите, туку насамо. Зошто? Човекот бил глув и веројатно се чувствувал непријатно меѓу многу луѓе. Исус имал разбирање за неговите чувства и го излекувал насамо. Се разбира, ние не можеме да правиме чуда. Но можеме, и треба да бидеме обѕирни кон потребите и чувствата на нашите соверници. Апостол Павле напишал: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела“ (Евр. 10:24). Исус сфатил како се чувствува глувиот човек и покажал обѕирност кон него. Колку убав пример за нас!
8, 9. Како можеме да покажеме обѕир кон постарите и немоќните? Наведи пример.
8 Биди обѕирен кон постарите и немоќните. Најважното обележје на христијанското собрание е љубовта, а не ефикасноста (Јован 13:34, 35). Таквата љубов нѐ поттикнува да правиме сѐ што можеме за да им помагаме на браќата и сестрите кои се постари или немоќни да доаѓаат на состаноците и да проповедаат. Се трудиме да им помагаме дури и кога тоа не ни е лесно или кога тие браќа и сестри не можат да прават многу во службата (Мат. 13:23). Мајкл, кој е во инвалидска количка, чувствува голема благодарност за помошта што ја добива од своето семејство и од браќата во неговото собрание. Тој вели: „Поради нивната помош можам да присуствувам на повеќето состаноци и редовно да учествувам во службата. Особено уживам во сведочењето на јавни места“.
9 Во многу Бетели има верни браќа и сестри кои се постари или немоќни. Грижливите бетелски надгледници покажуваат љубов кон нив така што организираат сѐ што е потребно за овие постари објавители да можат да сведочат преку телефон и со писма. Бил, кој има 86 години и пишува писма до луѓе кои живеат на зафрлени подрачја, вели: „Многу ја цениме можноста да сведочиме преку писма“. Ненси, која има речиси 90 години, вели: „На пишувањето писма не гледам само како на полнење пликови. Ова е служба на проповедање. Луѓето треба да ја дознаат вистината!“ Етел, која е родена 1921 год., вели: „Болката е нераздвоен дел од мојот живот. Некои денови ми е тешко и самото облекување“. Сепак, таа со радост сведочи преку телефон и има неколку добри повторни посети. Барбара, која има 85 години, објаснува: „Поради слабото здравје, многу ми е тешко редовно да учествувам во службата од куќа до куќа. Но сведочењето преку телефон ми овозможува да зборувам со другите. Ти благодарам Јехова!“ Овие браќа и сестри служат во ист Бетел. Таму, за помалку од една година, тие и други постари браќа и сестри вкупно поминале 1.228 часа во служба, напишале 6.265 писма, направиле над 2.000 телефонски повици и дале 6.315 публикации! Ние многу ги цениме таквите браќа и сестри. Можеме да бидеме сигурни дека тие многу го радуваат Јехова! (Изр. 27:11).
10. Како можеме да им помогнеме на нашите браќа да извлечат целосна корист од состаноците?
10 Биди обѕирен на христијанските состаноци. Со нашата обѕирност им помагаме на браќата да извлечат целосна корист од состаноците. Како? Еден начин е така што доаѓаме навреме за да не им го одвлекуваме вниманието од програмата. Се разбира, понекогаш може да се случи да задоцниме поради некои непредвидени настани. Но ако имаме навика да доцниме, треба да размислиме како ова влијае врз браќата и што треба да смениме за да покажеме дека сме обѕирни кон нив. Исто така, не треба да заборавиме дека домаќини на состаноците се Јехова и Исус (Мат. 18:20). Нашата почит кон нив ќе ја покажеме така што ќе доаѓаме навреме.
11. Зошто браќата кои имаат точки на состаноците треба да го следат советот од 1. Коринќаните 14:40?
11 Кога сме обѕирни кон браќата и сестрите, ние сме послушни на следниов 1. Кор. 14:40). Браќата кои имаат точки на состаноците го следат ова упатство кога се држат за зададеното време. На тој начин тие покажуваат обѕир кон следниот говорник, но и кон целото собрание. Размисли како ќе се одрази врз другите ако состанокот не заврши навреме. Некои браќа мораат долго да патуваат за да се вратат дома. Други зависат од јавен превоз. А некои имаат сопружник кој не е Сведок, и кој очекува да се вратат дома во одредено време.
совет од Библијата: „Сѐ нека биде пристојно и така како што е редот“ (12. Зошто старешините ја заслужуваат нашата почит и љубов? (Види ја рамката „ Биди обѕирен кон оние што предводат“.)
12 Старешините даваат сѐ од себе за да му помагаат на собранието, и ревносно проповедаат. Затоа ја заслужуваат нашата почит и љубов. (Прочитај 1. Солуњаните 5:12, 13.) Сигурно многу го цениш сето она што го прават за тебе. Тоа можеш да го покажеш така што спремно ќе соработуваш со нив и ќе им бидеш послушен. Не заборавај дека тие бдеат над нашите души како оние што ќе положат сметка за тоа (Евр. 13:7, 17).
БИДИ ОБЅИРЕН ВО СЛУЖБАТА
13. Што можеме да научиме од начинот на кој Исус постапувал со луѓето?
13 Во едно пророштво за Исус, Исаија рекол: „Згазената трска нема да ја скрши и фитилот што тлее нема да го угасне“ (Иса. 42:3). Поттикнат од љубов кон луѓето, Исус бил сочувствителен кон нив. Тој имал разбирање за чувствата на оние што во симболична смисла биле како „згазена трска“ или „фитил што тлее“. Затоа бил обѕирен и стрплив со нив. Дури и децата сакале да бидат со Исус (Мар. 10:14). Се разбира, не можеме да ги разбереме и да ги поучуваме луѓето како што тоа го правел Исус. Но можеме и треба да бидеме обѕирни кон луѓето на подрачјето. На кој начин? Така што ќе внимаваме како, кога, и колку долго зборуваме со нив.
14. Зошто треба многу да внимаваме на тоа како зборуваме со луѓето?
14 Како треба да зборуваме со луѓето? Милиони луѓе денес се угнетени од страна на корумпирани и сурови бизнисмени, политичари и верски водачи, и затоа се „измачени и расеани како овци без пастир“ (Мат. 9:36). Од оваа причина, многу луѓе не веруваат никому и немаат никаква надеж. Затоа е многу важно со нашите зборови и со тонот на гласот да им покажеме дека сочувствуваме со нив. Голем број луѓе сакаат да ја слушаат нашата порака не само поради тоа што добро ја користиме Библијата туку и затоа што искрено се интересираме за нив и ги почитуваме.
15. На кои начини можеме да покажеме обѕир кон луѓето на подрачјето?
15 Има многу начини на кои можеме да покажеме обѕир кон луѓето на подрачјето. На пример, кога им поставуваме некое прашање, треба да го правиме тоа љубезно и со почит. Еден пионер служи на подрачје каде што повеќето луѓе се срамежливи. Затоа не им поставува прашања со кои би ги засрамил. Тоа се прашања на кои станарот можеби не го знае одговорот или можеби би дал погрешен одговор. На пример, тој не ги прашува: „Дали го знаете Божјето име?“ или: „Дали знаете што е Божјето Царство?“ Наместо тоа, тој обично вели: „Од Библијата научив дека Бог има име. Дали може да ви го покажам тоа име?“ Се разбира, не треба да се поставуваат правила бидејќи постојат најразлични луѓе и култури. Меѓутоа, треба секогаш да покажуваме обѕир и почит кон луѓето на подрачјето, а за да успееме во тоа мора добро да ги запознаеме.
16, 17. Како можеме да покажеме обѕир кон луѓето кога одлучуваме а) во кое време да одиме кај нив? б) колку долго да разговараме со нив?
16 Кога треба да одиме кај луѓето? Кога сведочиме од врата до врата, луѓето не нѐ очекуваат. Затоа, многу е важно да одиме кај нив кога ќе бидат поспремни за разговор (Мат. 7:12). На пример, дали луѓето на подрачјето спијат подолго за време на викендите? Ако е така, тогаш би можел да почнеш со службата така што ќе сведочиш на улица, на јавни места или би можел да направиш повторни посети кај оние за кои знаеш дека стануваат порано.
17 Колку долго треба да останеме? Бидејќи многу луѓе се зафатени со голем број обврски, добро е нашите разговори да бидат кратки, особено во почетокот. Подобро е да го завршиш разговорот брзо отколку да останеш предолго (1. Кор. 9:20-23). Кога луѓето ќе видат дека сфаќаме колку се зафатени, можеби ќе бидат поспремни да зборуваат со нас следниот пат кога ќе дојдеме. Ако ги покажуваме плодовите на Божјиот дух, тогаш навистина сме „Божји соработници“. Јехова може дури да нѐ употреби за да помогне некому да ја прифати вистината (1. Кор. 3:6, 7, 9).
18. Какви благослови можеме да очекуваме ако постапуваме обѕирно со другите?
18 Затоа, да направиме сѐ што можеме за да покажуваме обѕирност во семејството, во собранието и во службата на проповедање. Тоа ќе ни донесе многу благослови — и сега и во иднина. Во Псалм 41:1, 2 пишува: „Среќен е оној што постапува обѕирно со бедниот, Јехова ќе го избави во денот на неволја... Ќе биде прогласен за среќен на земјата“.