Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Среќни се оние што му служат на „среќниот Бог“

Среќни се оние што му служат на „среќниот Бог“

Среќен е народот чиј Бог е Јехова! (ПС. 144:15)

ПЕСНИ: 44, 125

1. Зошто слугите на Јехова се среќни? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ се среќен народ. Секогаш кога се заедно — на состанок, на собир или кога се дружат — тие се весели, насмеани и си разговараат. Зошто се толку среќни? Главна причина е затоа што го познаваат, му служат и се трудат да се угледаат на Јехова, „среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11; Пс. 16:11). Бидејќи е изворот на среќата, Јехова сака да бидеме среќни и ни дава многу причини за радост (5. Мој. 12:7; Проп. 3:12, 13).

2, 3. а) Што е среќа? б) Зошто денес е тешко да бидеме среќни?

2 А како е со тебе лично? Дали си среќен? Како можеш да бидеш уште посреќен? Среќата се опишува како долготрајна состојба во која се чувствуваш убаво и доживуваш најразлични позитивни емоции — од внатрешно задоволство па сѐ до силна радост. Освен тоа, имаш природна желба тие чувства да продолжат. Библијата покажува дека само оние што имаат добар однос со Јехова можат да бидат вистински среќни. Но во светот во кој живееме денес, може да ни биде тешко да бидеме среќни. Зошто?

3 Некои тешки ситуации во животот можат да ни ја одземат радоста. На пример, можеби некој од најблиските ти починал или е исклучен од собранието. Можеби си се развел од брачниот другар или си ја изгубил работата. Исто така, може да биде тешко да бидеш среќен ако во твоето семејство постојано има расправии, ако колегите или соучениците те исмеваат, или ако си прогонуван или се наоѓаш во затвор затоа што му служиш на Јехова. Можеби ти се нарушило здравјето, можеби си добил некоја хронична болест или, пак, страдаш од депресија. Но не заборавај дека Исус Христос, „среќниот и единствен Владетел“, со задоволство ги тешел луѓето и им помагал да бидат среќни (1. Тим. 6:15; Мат. 11:28-30). Во Проповедта на гората, Исус спомнал неколку особини кои можат да ни помогнат да бидеме среќни и покрај проблемите што ги имаме во светот на Сатана.

НЕ МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ СРЕЌНИ БЕЗ ЈЕХОВА

4, 5. а) Што ќе ни помогне да станеме среќни? б) Што треба да правиме за да останеме среќни и покрај проблемите?

4 Првата работа што ја спомнал Исус е многу важна. Тој рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби, зашто нивно е царството небесно“ (Мат. 5:3). Како покажуваме дека сме свесни за нашите духовни потреби? Така што ја проучуваме Библијата, го слушаме Бог во сѐ и духовните активности ги ставаме на прво место во животот. Ако ги правиме овие работи, ќе бидеме среќни и ќе ни се зајакне верата дека наскоро ќе се исполнат Божјите ветувања. А прекрасната надеж што се наоѓа во Библијата ќе ни влева храброст (Тит 2:13).

5 Ако сакаме да останеме среќни и покрај сѐ што ни се случува во животот, мора постојано да си го зајакнуваме пријателството со Јехова. Апостол Павле напишал: „Секогаш радувајте се во Господарот [Јехова]. И повторно велам: радувајте се!“ (Фил. 4:4). Ако сакаме да бидеме блиски пријатели со Јехова, треба да ја стекнеме Божјата мудрост. Библијата вели: „Среќен е човекот што ќе најде мудрост и човекот што ќе стане прониклив... Таа е дрво на животот за оние што ќе ја прифатат, и за среќни се прогласени оние што цврсто ја држат“ (Изр. 3:13, 18).

6. Што уште треба да правиме за да останеме среќни?

6 Меѓутоа, за да останеме среќни, многу е важно и да продолжиме да го применуваме она што го учиме од Библијата. Исус нагласил колку е важно ова кога рекол: „Кога го знаете тоа, среќни сте ако го правите“ (Јован 13:17; прочитај Јаков 1:25). Ова е неопходно ако сакаме да ги задоволиме нашите духовни потреби и да бидеме трајно среќни. Но, како можеме да бидеме среќни кога има толку многу работи кои ни ја одземаат радоста? Да видиме што друго кажал Исус во Проповедта на гората.

ОСОБИНИ КОИ НИ ПОМАГААТ ДА БИДЕМЕ СРЕЌНИ

7. Во која смисла можат да бидат среќни оние што тагуваат?

7Среќни се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени“ (Мат. 5:4). Можеби се прашуваме: „Како е можно да бидат среќни оние што тагуваат?“ Исус не мислел на сите што тагуваат. Многу злобни луѓе тагуваат поради големите проблеми што ги носат овие „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1). Но, бидејќи мислат само на себе, нивното тагување не ги зближува со Јехова. Затоа не можат да бидат среќни. Тогаш, за кого зборувал Исус? За оние што се свесни за своите духовни потреби. Тие тагуваат бидејќи гледаат дека многу луѓе го отфрлаат Бог и дека не живеат онака како што сака тој. Исто така, тие се свесни дека се грешни, и сфаќаат дека лошите работи во светот се случуваат поради човечката несовршеност. Јехова ги забележува оние кои искрено тагуваат, ги теши преку својата Реч, им помага да бидат среќни и им дава надеж за вечен живот. (Прочитај Езекиел 5:11; 9:4.)

8. Објасни како тоа што си кроток може да те направи среќен.

8Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Мат. 5:5). Како тоа што си кроток може да те направи среќен? Многу луѓе биле груби и насилни пред да ја дознаат вистината од Божјата Реч, и поради тоа имале голем број проблеми. Но откако ја облекле „новата личност“, тие се промениле и почнале да покажуваат „најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост“ (Кол. 3:9-12). Тоа им носи внатрешен мир, имаат добри односи со другите и се среќни. Освен тоа, Божјата Реч ветува дека „ќе ја поседуваат земјата“ (Пс. 37:8-10, 29).

9. а) Во која смисла кротките „ќе ја наследат земјата“? б) Зошто можат да бидат среќни оние што „гладуваат и жедуваат за праведност“?

9 Во која смисла кротките „ќе ја наследат земјата“? Помазаните ученици на Исус ќе ја наследат Земјата во таа смисла што ќе владеат над неа како цареви и свештеници (Отк. 20:6). Милиони други луѓе кои немаат надеж за живот на небото ќе ја наследат Земјата во таа смисла што ќе им биде дозволено да живеат вечно на неа. Тие ќе бидат совршени и ќе имаат мир и среќа. Освен тоа, помазаниците и другите овци се среќни бидејќи „гладуваат и жедуваат за праведност“ (Мат. 5:6). Нивниот духовен глад и нивната жед за праведност ќе бидат потполно задоволени откако Јехова ќе го отстрани сето зло (2. Пет. 3:13). Во новиот свет праведниците ќе бидат среќни и никогаш повеќе нема да тагуваат поради  неправди и беззаконие (Пс. 37:17).

10. Што значи да бидеш милосрден?

10Среќни се милосрдните, зашто ќе им биде покажано милосрдие“ (Мат. 5:7). Да бидеш милосрден значи да бидеш срдечен, љубезен и сочувствителен, односно да чувствуваш жал за оние што страдаат. Меѓутоа, милоста не е само чувство. Според Библијата, да бидеш милосрден значи и да преземеш нешто за да им помогнеш на другите.

11. Што учиме од споредбата за милосрдниот Самарјанин?

11 Прочитај Лука 10:30-37. Споредбата на Исус за милосрдниот Самарјанин многу јасно ни покажува што значи да се биде милосрден. Поттикнат од сочувство и жал, Самарјанинот му помогнал на човекот што бил во неволја. Откако ја раскажал оваа споредба, Исус рекол: „Оди, па и ти прави така!“ Затоа, би можеле да се прашаме: „Дали јас постапувам како милосрдниот Самарјанин? Кога другите страдаат, можам ли да сторам нешто за да им помогнам? На пример, можам ли да им помагам на постарите во собранието, на вдовиците или на децата чии родители не му служат на Јехова? Можам ли да ги тешам потиштените?“ (1. Сол. 5:14; Јак. 1:27).

Твојата милосрдност ќе ги направи другите среќни (Види во пасус 12)

12. Зошто сме среќни кога сме милосрдни?

12 Како милосрдноста нѐ прави среќни? Кога сме милосрдни, ние им даваме на другите, а Исус рекол дека давањето усреќува. Освен тоа, знаеме дека на тој начин му угодуваме на Јехова (Дела 20:35; прочитај Евреите 13:16). Во врска со оној што е милосрден, цар Давид рекол: „Јехова ќе го заштити и ќе му го зачува животот. Ќе биде прогласен за среќен на земјата“ (Пс. 41:1, 2). Исто така, ако сме милосрдни и сочувствителни кон другите, Јехова ќе биде милосрден кон нас и ќе бидеме среќни засекогаш (Јак. 2:13).

ЗОШТО СЕ СРЕЌНИ „ОНИЕ ШТО ИМААТ ЧИСТО СРЦЕ“

13, 14. Зошто е важно да имаме „чисто срце“?

13 Исус рекол: „Среќни се оние што имаат чисто срце, зашто ќе го видат Бог“ (Мат. 5:8). За да имаме чисто срце, мора да имаме чисти мисли и исправни желби. Ова е многу важно ако сакаме Јехова да ја прифати нашата служба. (Прочитај 2. Коринќаните 4:2; 1. Тим. 1:5.)

14 Оние што имаат чисто срце можат да имаат добар однос со Јехова, кој рекол: „Среќни се оние што ги испрале своите долги облеки“ (Отк. 22:14). Што значи изразот „ги испрале своите долги облеки“? За помазаните христијани тоа значи дека Јехова ги гледа како чисти, дека ќе им даде бесмртен живот на небото и дека засекогаш ќе бидат среќни. За големото мноштво, кое има надеж за живот на Земјата, тоа значи дека Јехова им дозволува да му бидат пријатели бидејќи ги смета за праведни. За нив Библијата вели: „Ги испраа своите долги облеки и ги обелија во крвта на Јагнето“ (Отк. 7:9, 13, 14).

15, 16. Како можат „да го видат Бог“ оние што имаат чисто срце?

15 Јехова рекол: „Не може човек да ме види мене и да остане жив“ (2. Мој. 33:20). Тогаш како е можно оние што имаат чисто срце да „го видат Бог“? Грчкиот збор кој тука е преведен со „да види“ може да се преведе и како „да види со умот, да забележи, да знае“. Според тоа, „да го видиме Бог“ со „очите на срцето“ значи вистински да го познаваме и да ги цениме неговите особини (Еф. 1:18). Исус совршено ги покажувал Божјите особини, и затоа можел да каже: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:7-9).

16 Освен тоа, Бог можеме „да го видиме“ и кога сфаќаме како ни помага во нашиот живот (Јов 42:5). Можеме „да го видиме Бог“ и кога „очите на срцето“ ги насочуваме кон прекрасните работи што тој им ги ветил на оние што остануваат чисти и верно му служат. Се разбира, помазаниците дословно ќе го видат Јехова кога ќе воскреснат и ќе ја добијат својата небесна награда (1. Јов. 3:2).

МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ СРЕЌНИ И ПОКРАЈ ПРОБЛЕМИТЕ

17. Зошто се среќни миротворците?

17 Исус го рекол и следново: „Среќни се миротворците“ (Мат. 5:9). Оние што први преземаат чекори за да градат мир со другите имаат добра причина да бидат среќни. Ученикот Јаков напишал: „Плодот на праведноста се сее во мир и ќе го соберат оние што творат мир“ (Јак. 3:18). Значи, ако имаш некакво несогласување со некој во собранието или во семејството, моли го Јехова да ти помогне да бидеш миротворец. Тогаш Јехова ќе ти го даде својот свет дух, кој ќе ти помогне да покажуваш христијански особини. Како резултат на тоа ќе бидеш посреќен. Исус нагласил колку е важно да бидеме миротворци кога рекол: „И така, ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар“ (Мат. 5:23, 24).

18, 19. Зошто христијаните можат да се радуваат и покрај прогонствата?

18 „Среќни сте кога поради мене ве навредуваат и ве прогонуваат и лажно ви припишуваат секакви зла.“ Што сакал Исус да каже со тоа? Тој додал: „Радувајте се и воскликнувајте, зашто голема е вашата награда на небесата. Зашто, така ги прогонуваа и пророците пред вас“ (Мат. 5:11, 12). Кога апостолите биле претепани и им било заповедано да не проповедаат, тие со радост си заминале од Судскиот совет. Се разбира, тие не уживале во болката од тепањето. Но биле среќни што се „достојни да поднесат срам“ поради името на Исус (Дела 5:41).

19 Денес слугите на Јехова исто така радосно истрајуваат кога се прогонувани поради името на Исус или кога се соочуваат со разни неволји. (Прочитај Јаков 1:2-4.) И ние, како апостолите, не уживаме во болката што ја носи страдањето или прогонството. Но ако му останеме верни на Јехова, тој ќе ни помогне да истраеме и да не ја изгубиме радоста и покрај неволјите. Размисли што им се случило на Хенрик Дорник и неговиот брат. Во август 1944 год., тие биле испратени во концентрационен логор. Нивните противниците рекле: „Во ништо не можеме да ги убедиме. Нивното мачеништво им носи радост“. Хенрик објаснил: „Иако воопшто немав желба да бидам маченик, тоа што страдав храбро и достоинствено затоа што сакав да му останам верен на Јехова, навистина ми причинуваше радост... Сесрдните молитви уште повеќе ме зближија со Јехова, и тој ми покажа дека навистина можам да се потпрам на него“.

20. Зошто си среќен додека му служиш на „среќниот Бог“?

20 Тоа што го радуваме Јехова, „среќниот Бог“, нѐ прави среќни и покрај прогонствата, противењето од семејството, болеста или староста (1. Тим. 1:11). Среќни сме и затоа што Бог, „кој не може да лаже“, ни дал прекрасни ветувања (Тит 1:2). Кога Јехова ќе ги исполни своите ветувања, нема ни да се сеќаваме на проблемите што ги имаме сега. Всушност, не можеме ни да си замислиме колку прекрасен ќе биде животот во рајот и колку среќни ќе бидеме! Навистина, ќе уживаме „во изобилен мир“ (Пс. 37:11).