Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 36

Цени ја силата на младите

Цени ја силата на младите

Убавината на младичите е нивната сила (ИЗР. 20:29)

ПЕСНА 88 Научи ме за твоите патеки

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Како што старееме, која добра цел би можеле да си ја поставиме?

 КАКО ШТО старееме, можеби се плашиме дека нема да бидеме толку корисни за Јехова како што сме биле порано. Иако можеби повеќе ја немаме истата сила како некогаш, можеме да ги користиме мудроста и искуството што сме ги стекнале за да им помагаме на помладите да го даваат своето најдобро за Јеховината организација и да преземаат поголеми одговорности. Еден долгогодишен старешина рекол: „Кога почнав да чувствувам дека поради староста не можам да правам онолку колку што правев претходно, бев среќен што имаше обучени помлади браќа кои можеа да ја завршат потребната работа“.

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Во претходната статија разгледавме како на помладите им користи тоа што стануваат поблиски со постарите. Во оваа статија ќе видиме како понизноста, скромноста, благодарноста и дарежливоста можат да им помогнат на постарите да соработуваат со помладите — нешто што ќе биде од корист за целото собрание.

БИДИ ПОНИЗЕН

3. Според Филипјаните 2:3, 4, каков став кон другите има еден понизен христијанин, и како тоа ќе му користи?

3 За да можат да им помагаат на помладите, постарите треба да бидат понизни. Оној што е понизен ги смета другите за поголеми од себе. (Прочитај Филипјаните 2:3, 4.) Постарите кои ја покажуваат оваа особина сфаќаат дека честопати една задача може успешно да се заврши на повеќе начини кои се во склад со библиските начела. Затоа, тие имаат објективно гледиште за начинот на кој ги правеле работите во минатото (Проп. 7:10). Од една страна, постарите можат многу да им помагаат на помладите така што ќе го споделуваат своето искуство со нив. Но од друга страна, свесни се дека „се менува сцената на овој свет“, и затоа можеби ќе биде потребно да научат да ги прават работите на нови начини (1. Кор. 7:31, фус.).

Постарите великодушно го споделуваат своето искуство со другите (Види во пасуси 4-5) *

4. На кој начин покраинските надгледници покажуваат сличен став како левитите?

4 Постарите кои се понизни сфаќаат дека со текот на годините не можат да прават онолку колку што правеле порано. Да ги земеме за пример нашите покраински надгледници. Штом ќе наполнат 70 години, тие се замолени да започнат со некоја нова задача. Тоа може да биде предизвик за нив. Тие биле многу радосни додека им служеле на своите браќа и извршувале задача која многу ја сакале. Освен тоа, сѐ уште имаат силна желба да продолжат да служат на овој начин. Но, свесни се дека подобро е таквата одговорност да ја преземат помлади браќа. Со тоа покажуваат сличен став како левитите во древниот Израел, кои прекинувале со својата служба во светиот шатор на возраст од 50 години. Радоста на тие постари левити не зависела од некоја конкретна служба што ја извршувале. Тие со сета душа го правеле она што можеле и им помагале на помладите (4. Мој. 8:25, 26). Денес, кога ќе наполнат 70 години, покраинските надгледници престануваат да ги посетуваат собранијата, но се вистински благослов за собранието каде што се доделени да служат.

5. Што учиш од примерот на Дан и Кејти?

5 Размисли за примерот на Дан, кој 23 години служел како покраински надгледник. Кога наполнил 70 години, тој и неговата жена, Кејти, добиле задача да служат како специјални пионери. Како им е во новите околности? Дан вели дека сега е зафатен како никогаш порано! Тој се грижи за своите собраниски одговорности, им помага на браќата да ги исполнат условите за слуга-помошници и им дава обука на други објавители за да учествуваат во сведочење на јавни места и во затвори. Вие, постари, можете многу да правите за другите сеедно дали сте во полновремена служба или не. Што ќе ви помогне во тоа? Приспособете се на променетите околности, поставете си нови цели и концентрирајте се на она што можете да го правите, наместо на она што не можете.

БИДИ СКРОМЕН

6. Зошто е мудро да бидеме скромни? Наведи пример.

6 Оној што е скромен е свесен за своите ограничувања (Изр. 11:2). Скромноста му помага да не очекува од себе повеќе од она што може да го прави. Како резултат на тоа, ќе остане радосен и ќе продолжи да го дава своето најдобро. Оној што е скромен може да го споредиме со некој што вози кола по угорнина. Возачот треба да смени во помала брзина за да може да продолжи да вози по угорнината. Веројатно ќе се движи побавно, но сепак ќе продолжи да се движи. На сличен начин, оној што е скромен знае кога треба „да смени во помала брзина“ за да може да продолжи да го дава своето најдобро во службата за Јехова и да им помага на другите (Фил. 4:5).

7. Како Варзелај покажал дека е скромен?

7 Размисли за примерот на Варзелај, кој имал 80 години кога цар Давид го поканил да живее во царскиот дворец. Бидејќи бил скромен, Варзелај ја одбил понудата на царот. Тој бил свесен за ограничувањата кои му ги наметнувале годините, па затоа предложил наместо него да оди Химам, кој бил помлад (2. Сам. 19:35-37). Слично на Варзелај, на постарите браќа им е мило што можат да им препуштат на помладите некои од задачите во службата за Јехова.

Цар Давид ја прифатил Божјата одлука неговиот син Соломон да го изгради храмот (Види во пасус 8)

8. Како цар Давид покажал скромност во врска со изградбата на храмот?

8 И цар Давид е одличен пример за скромност. Тој имал силна желба да му изгради дом на Јехова. Но, кога Јехова му кажал дека таа задача ќе му биде доверена на младиот Соломон, Давид ја прифатил Јеховината одлука и со сето срце го поддржал овој проект (1. Лет. 17:4; 22:5). Тој не сметал дека е посоодветен за таа задача затоа што Соломон бил „млад и неискусен“ (1. Лет. 29:1). Давид знаел дека успехот на градежниот проект зависи од Јеховиниот благослов, а не од возраста или искуството на оние што предводат. Слично на него, и постарите денес продолжуваат да прават сѐ што можат во службата за Јехова дури и кога нивните задачи се менуваат. Исто така, знаат дека Јехова ќе ги благослови помладите кои ги извршуваат задачите што тие порано ги извршувале.

9. Како еден член на одбор на подружница покажал скромност?

9 Пример за скромност од наше време е еден брат по име Шигео. Во 1976 год., кога имал 30 години, тој бил именуван за член на одбор на подружница, а во 2004 год. почнал да служи како координатор на тој одбор. По некое време станал свесен дека повеќе ја нема истата сила како некогаш и дека му треба подолго време за да ги заврши своите задачи. Се молел во врска со тоа и размислувал зошто би било подобро некој помлад брат да стане координатор наместо него. Иако повеќе не е координатор, Шигео и понатаму служи како член на тој одбор. Од примерите на Варзелај, цар Давид и Шигео видовме дека оној што е понизен и скромен нема да се фокусира на неискуството на помладите, туку на нивните јаки страни. Тој нема да ги смета за соперници, туку за свои соработници (Изр. 20:29).

БИДИ БЛАГОДАРЕН

10. Каков став имаат постарите кон помладите во собранието?

10 Постарите се многу благодарни за она што го прават помладите и гледаат на нив како на дарови од Јехова. Бидејќи им се намалува силата, постарите многу ценат што помладите се ставаат на располагање да ги извршуваат собраниските задачи и да им служат на браќата и сестрите.

11. Како извештајот од Рут 4:13-16 покажува дека за постарите е корисно да ја прифатат помошта од помладите?

11 Ноемина, за која се зборува во Библијата, е одличен пример на постара личност која со благодарност ја прифатила помошта од некој што е помлад. Отпрвин, таа ја наговарала својата снаа Рут, која била вдовица, да се врати кај својот народ. Но, кога видела дека Рут е цврсто решена да оди со неа во Витлеем, Ноемина ја прифатила нејзината помош (Рут 1:7, 8, 18). Тоа навистина било благослов и за двете жени. (Прочитај Рут 4:13-16.) Понизноста ќе ги поттикне постарите да го следат примерот на Ноемина.

12. Како апостол Павле ја покажал својата благодарност?

12 Апостол Павле бил благодарен за помошта што ја добивал. На пример, тој им се заблагодарил на христијаните од Филипи за материјалната помош што му ја испратиле (Фил. 4:16). Покажал благодарност и за помошта што ја добил од Тимотеј (Фил. 2:19-22). Исто така, му се заблагодарил на Бог за оние што дошле да го охрабрат додека патувал за Рим како затвореник (Дела 28:15). Павле бил енергичен човек кој патувал илјадници километри за да проповеда и да ги зајакнува собранијата. Сепак, бил доволно понизен за да ја прифати помошта од браќата и сестрите.

13. Како постарите можат да покажат дека се благодарни за помладите?

13 Вие, постари браќа и сестри, можете да ја покажете својата благодарност за помладите во собранието на многу начини. Доколку тие се понудат да ви помогнат околу превоз, пазарување или нешто друго, со благодарност прифатете ја нивната помош и гледајте на неа како израз на Јеховината љубов. Можеби дури и ќе станете блиски пријатели со тие браќа и сестри. Секогаш трудете се да им помагате на помладите да станат уште поблиски со Јехова, и кажувајте им дека многу се радувате кога гледате дека имаат желба да служат во поголема мера во собранието. Освен тоа, спремно одвојувајте време за да го споделувате вашето животно искуство со нив. На тој начин, ќе покажете дека сте му благодарни на Јехова за помладите кои тој ги привлекол во собранието (Кол. 3:15; Јован 6:44; 1. Сол. 5:18).

БИДИ ДАРЕЖЛИВ

14. Како цар Давид ја покажал својата дарежливост?

14 Од примерот на цар Давид, гледаме уште една важна особина која постарите треба да ја покажуваат — дарежливоста. Давид приложил голем дел од своето богатство за да ја поддржи изградбата на храмот (1. Лет. 22:11-16; 29:3, 4). Го направил тоа иако знаел дека главната заслуга за изградбата на храмот ќе ја добие неговиот син Соломон. Кога повеќе немаме доволно физичка сила за да учествуваме во градежни проекти на нашата организација, можеме и понатаму да ги поддржуваме ваквите проекти така што ќе даваме доброволни прилози во склад со нашите можности. Освен тоа, можеме да им помагаме на помладите така што ќе го споделуваме со нив искуството што сме го стекнале низ годините.

15. Кои работи апостол Павле несебично ги споделувал со Тимотеј?

15 Во врска со дарежливоста, да го разгледаме и примерот на апостол Павле. Тој го повикал младиот Тимотеј да му се придружи на мисионерските патувања, и несебично му помагал да научи подобро да проповеда и поучува (Дела 16:1-3). Обуката што ја добил од Павле му помогнала на Тимотеј поделотворно да ја шири добрата вест (1. Кор. 4:17). А подоцна, и самиот Тимотеј го користел она што го научил за да обучува други.

16. Зошто Шигео им давал обука на други браќа?

16 Постарите браќа денес не се плашат дека повеќе нема да бидат корисни ако ги обучуваат помладите за собраниските задачи што самите тие ги извршувале. На пример, Шигео, кого го спомнавме претходно, низ годините им давал практична обука на помладите членови на одборот на подружницата. Тоа го правел за да го поддржува делото на Царството во земјата во којашто служи. Благодарение на тоа, кога Шигео повеќе не можел да служи како координатор, оваа задача ја презел друг брат кој бил добро обучен. Шигео служи како член на одбор на подружница повеќе од 45 години и продолжува да го користи своето искуство за да им помага на помладите. Ваквите браќа се вистински благослов за Божјиот народ!

17. Во склад со начелото од Лука 6:38, што можат да прават постарите?

17 Вие, постари браќа и сестри, сте жив доказ дека најдобар начин на живот е да му служиме на Јехова оддадено и со вера. Со вашиот пример покажувате дека вреди да научиме да ги применуваме библиските начела во животот. Од лично искуство знаете како се правеле работите во минатото, но гледате и дека е важно да се приспособувате на новите околности. А и вие, постари, кои неодамна сте се крстиле, можете да им помагате на другите на многу начини. Можете да им кажувате како тоа што сте го запознале Јехова во поодминати години ви донело голема радост. На помладите ќе им биде драго да ги слушаат вашите искуства и поуките што сте ги извлекле. Ако научите да давате така што ќе го споделувате со другите вашето животно искуство, Јехова богато ќе ве благослови. (Прочитај Лука 6:38.)

18. Како може да им користи и на постарите и на помладите ако се блиски едни со други?

18 Кога вие, драги постари, се зближувате со помладите, тоа ви дава можност меѓусебно да си помагате (Рим. 1:12). Секој има нешто вредно што другиот го нема. Постарите имаат мудрост и искуство што ги стекнале низ годините, а помладите имаат повеќе сила. Кога помладите и постарите соработуваат како пријатели, му носат слава на нашиот мил небесен Татко и се благослов за целото собрание.

ПЕСНА 90 Да се храбриме едни со други!

^ пас. 5 Многу се радуваме што во нашите собранија имаме голем број млади браќа и сестри кои даваат сѐ од себе да ја поддржуваат Јеховината организација. Постарите браќа и сестри во собранието, без оглед на нивната култура или потекло, можат да им помагаат на помладите да ја користат сета своја сила во службата за Јехова.

^ пас. 55 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден покраински надгледник и неговата сопруга добиваат нова задача бидејќи тој наполнил 70 години. Искуството што го стекнале низ годините им дава можност да ги обучуваат другите во собранието каде што сега служат.