Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Љубовта — скапоцена особина

Љубовта — скапоцена особина

ЈЕХОВА го поттикнал Павле да запише девет особини кои можеме да ги развиеме под влијание на светиот дух (Гал. 5:22, 23). Овие прекрасни особини се наречени „плодовите на духот“. * Тие се дел од „новата личност“ која христијаните треба да ја облечат (Кол. 3:10). Исто како што едно дрво ќе роди плод ако редовно се наводнува, така и еден човек ќе ги има овие убави особини доколку дозволи светиот дух да има влијание во неговиот живот (Пс. 1:1-3).

Првата особина што ја спомнал Павле е љубовта. Колку е скапоцена оваа особина? Павле рекол дека тој ќе биде безвреден доколку нема љубов (1. Кор. 13:2). Но, што е љубовта, и како можеме да ја развиеме и да ја покажуваме секој ден?

ШТО Е ЉУБОВТА?

Иако е тешко да се објасни што точно е љубовта, во Библијата е опишано како некој може да покажува љубов. На пример, во неа пишува дека љубовта е „долготрпелива и љубезна“ и дека „ѝ се радува на вистината“. Таа „сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи“. Оној што има љубов е длабоко приврзан кон другите, искрено е заинтересиран за нив и е верен пријател. Од друга страна, оној што нема љубов е љубоморен, горд, се однесува непристојно, себичен е и не простува. Ние не сакаме да покажуваме вакви лоши особини. Напротив, сакаме да покажеме искрена љубов која „не ја бара својата корист“ (1. Кор. 13:4-8).

ЈЕХОВА И ИСУС НИ ОСТАВИЛЕ СОВРШЕН ПРИМЕР ЗА ЉУБОВ

„Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8). Тоа се гледа во сѐ што прави тој. Јехова покажал најголема љубов со тоа што го испратил Исус да страда и да умре за луѓето. Апостол Јован напишал: „Божјата љубов се покажа на нас во ова: Бог го испрати својот единороден Син во светот, за да добиеме живот преку него. Љубовта се состои во ова: не го сакавме ние Бог, туку тој нѐ сакаше нас и го испрати својот Син како жртва помирница за нашите гревови“ (1. Јов. 4:9, 10). Божјата љубов ни овозможува да ни бидат простени гревовите, да имаме надеж и да добиеме живот.

Исус покажал дека ги сака луѓето со тоа што спремно го жртвувал својот живот за да ја изврши Божјата волја. Апостол Павле напишал: „[Исус] вели: ’Еве, дојдов да ја вршам твојата волја‘... Според таа ’волја‘ сме посветени со принесувањето на телото на Исус Христос еднаш засекогаш“ (Евр. 10:9, 10). Ниту еден друг човек не можел да покаже поголема љубов. Исус рекол: „Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 15:13). Дали несовршените луѓе можат да покажуваат љубов каква што покажале Јехова и Исус? Секако. Да видиме како можеме да го правиме тоа.

„ЖИВЕЈТЕ ВО ЉУБОВ“

Апостол Павле нѐ поттикнува: „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца, и живејте во љубов, како што и Христос ве сакаше вас и се предаде себеси за вас“ (Еф. 5:1, 2). Што значи изразот „живејте во љубов“? Тоа значи да покажуваме љубов во секој аспект од животот. Љубовта треба да ја покажуваме со нашите постапки, а не само со нашите зборови. Апостол Јован напишал: „Дечиња, да не се сакаме ниту со зборови ниту со јазик, туку со дела и со вистина!“ (1. Јов. 3:18). На пример, од љубов кон Бог и кон другите луѓе ја проповедаме добрата вест за Царството (Мат. 24:14; Лука 10:27). Освен тоа, покажуваме љубов и кога сме стрпливи, љубезни и кога им простуваме на другите. Затоа, Библијата нѐ советува: „Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие“ (Кол. 3:13).

Ако понекогаш му дадеме совет или укор некому, тоа не значи дека не го сакаме. На пример, за детето да престане да плаче, некои родители се претерано попустливи и прават сѐ што бара детето. Но, родителите кои навистина го сакаат своето дете ќе бидат цврсти кога е потребно. На сличен начин, иако Бог е љубов, тој ги укорува оние што ги сака (Евр. 12:6). Значи, израз на љубов е да дадеме соодветен укор кога тоа е потребно (Изр. 3:11, 12). Сепак, не треба да заборавиме дека сите грешиме и честопати пропуштаме да покажеме љубов. Според тоа, секој од нас може да се подобрува на ова поле. Да разгледаме три начини како можеме да го правиме тоа.

КАКО МОЖЕМЕ ДА РАЗВИВАМЕ ПОГОЛЕМА ЉУБОВ

Прво, моли го Бог да ти го дава својот свет дух. Исус рекол дека Јехова им дава „свет дух на оние што го молат за тоа“ (Лука 11:13). Затоа, можеме да бидеме уверени дека ако се молиме за свет дух и ако дозволиме да ни помогне, ќе покажуваме уште поголема љубов (Гал. 5:16). На пример, ако си старешина, можеш да се молиш светиот дух да ти помага со љубов да им даваш библиски совети на другите. Или, ако си родител, можеш да се молиш Божјиот дух да ти помага да ги дисциплинираш своите деца со љубов, а не во гнев.

Второ, длабоко размислувај за тоа како Исус покажувал љубов кога другите лошо постапувале со него (1. Пет. 2:21, 23). Кога некој ќе те навреди или кога ќе доживееш неправда, прашај се: „Како би постапил Исус?“ Една сестра, по име Леа, сфатила дека тоа што си го поставува ова прашање ѝ помага да размисли пред да направи нешто. Таа вели: „Една колешка испрати имејл порака до другите колеги во која кажа лоши работи за мене и за мојата работа. Тоа многу ме повреди. Но, тогаш се прашав: ’Како можам во оваа ситуација да постапам како Исус?‘ Откако добро размислив за ова прашање, решив едноставно да ги оставам работите и да не правам проблем од тоа. Подоцна, дознав дека таа колешка имала сериозен здравствен проблем и дека била под голем стрес. Заклучив дека таа веројатно немала намера да ме повреди. Тоа што размислував за начинот на кој реагирал Исус кога другите го навредувале ми помогна да покажам слична љубов кон мојата колешка“. Ако го следиме примерот на Исус, секогаш ќе покажуваме љубов кон другите.

Трето, научи да покажуваш самопожртвувана љубов. По таквата љубов се препознаваат вистинските следбеници на Исус (Јован 13:34, 35). Самиот Исус покажувал ваква љубов и ни оставил совршен пример. Со тоа што го напуштил небото, тој се одрекол од самиот себе заради нас. Исус дури и спремно го дал својот живот за нас (Фил. 2:5-8). Ако се трудиме да покажуваме самопожртвувана љубов како Исус, ќе почнеме сѐ повеќе да размислуваме како него и ќе имаме исти чувства како него. Тоа ќе нѐ поттикне да ги ставаме потребите на другите пред нашите.

ПОКАЖУВАЊЕТО ЉУБОВ НОСИ БЛАГОСЛОВИ

Кога покажуваме љубов, добиваме многу благослови. Да разгледаме два примери:

Какви благослови добиваме кога покажуваме љубов?

  • МЕЃУНАРОДНО БРАТСТВО: Бидејќи имаме љубов еден кон друг, знаеме дека браќата и сестрите во кое и да било собрание во светот срдечно ќе нѐ пречекаат. Навистина е голем благослов да ја чувствуваш љубовта од нашето меѓународно братство (1. Пет. 5:9). Таква љубов постои само меѓу Божјиот народ.

  • МИР: Кога се поднесуваме еден со друг со љубов, меѓу нас владее мир кој ни помага да бидеме обединети (Еф. 4:2, 3). Ова јасно се гледа на нашите состаноци, собири и конгреси. Зарем нема да се согласиш дека таквиот мир е вистинска реткост во денешниот разединет свет? (Пс. 119:165; Иса. 54:13). Кога се трудиме да бидеме во мир со другите покажуваме дека искрено ги сакаме, а тоа многу го радува нашиот небесен Татко (Пс. 133:1-3; Мат. 5:9).

„ЉУБОВТА ИЗГРАДУВА“

Апостол Павле напишал: „Љубовта изградува“ (1. Кор. 8:1). Што значи тоа? Во 1. Коринќаните поглавје 13, кое некои го нарекуваат „Химна на љубовта“, Павле објаснува на кој начин љубовта изградува. Како прво, љубовта нѐ поттикнува да ги ставаме потребите на другите пред своите (1. Кор. 10:24; 13:5). Освен тоа, ако ги сакаме другите, ќе бидеме обѕирни, грижливи, стрпливи и љубезни со нив. Така ќе придонесеме нашето семејство да биде среќно и ќе го зајакнеме единството на нашето собрание (Кол. 3:14).

Има многу начини на кои можеме да покажеме љубов кон другите, но најскапоцена е нашата љубов кон Бог. Зошто? Бидејќи таа љубов нѐ обединува. Луѓе од различни раси и јазици му служат на Јехова „рамо до рамо“ (Соф. 3:9, фус.). Да бидеме решени секој ден да ја покажуваме оваа скапоцена особина која е плод на Божјиот свет дух.

^ пас. 2 Ова е првата од деветте статии во кои ќе се разгледува секој од плодовите на светиот дух.