Настан кој го обединува Божјиот народ
Колку е добро и колку е мило кога живееме заедно во единство (ПС. 133:1)
1, 2. Кој настан во 2018 год. ќе нѐ обедини на посебен начин, и зошто? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
НА 31 март 2018 год., милиони лица низ целиот свет ќе присуствуваат на еден настан што се одржува секоја година. На тој датум, по зајдисонце, Јеховините сведоци заедно со многу други луѓе ќе се соберат за да се потсетат на жртвата што Исус ја направил за нас. Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт е единствениот настан што секоја година ги обединува луѓето на еден извонреден начин.
2 Јехова и Исус сигурно се многу радосни кога гледаат како од час во час милиони луѓе низ целиот свет се собираат за да присуствуваат на овој важен настан. Библијата прорекла дека ќе има „големо мноштво луѓе, кои никој [нема да може] да ги изброи, од сите народи и племиња и народности и јазици“ кои ќе извикуваат: „Спасението му го должиме на својот Бог, кој седи на престолот, и на Јагнето!“ (Отк. 7:9, 10). Навистина е прекрасно што секоја година за време на Спомен-свеченоста толку многу луѓе им оддаваат чест на Јехова и на Исус за сѐ што направиле за човештвото!
3. Кои прашања ќе бидат одговорени во оваа статија?
3 Во оваа статија ќе добиеме одговор на следниве четири прашања: 1) Како можам да се подготвам за Спомен-свеченоста за да извлечам целосна корист од тој настан? 2) Како Спомен-свеченоста му помага на Божјиот народ да биде обединет? 3) Што можам да направам за да го зајакнам единството меѓу Божјиот народ? 4) Дали некоја Спомен-свеченост ќе биде последна? Ако да, која?
КАКО ДА СЕ ПОДГОТВИМЕ ЗА СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТА?
4. Зошто е важно да бидеме присутни на Спомен-свеченоста?
4 Зошто е важно да присуствуваме на Спомен-свеченоста? Како што знаеме, на собраниските состаноци го славиме Јехова. Сигурни сме дека Јехова и Исус го забележуваат секој што дава сѐ од себе за да присуствува на овој најважен состанок во годината. Сакаме да им покажеме дека правиме сѐ што можеме за да бидеме на Спомен-свеченоста, се разбира доколку околностите потполно не нѐ спречуваат во тоа. Исто така, кога од нашите постапки се гледа дека состаноците ни се важни, му даваме на Јехова уште една причина да не го избрише нашето име од неговата „книга на сеќавањето“. Оваа книга е наречена и „книгата на животот“. Во неа се запишани имињата на сите оние на кои Јехова сака да им даде вечен живот (Мал. 3:16; Отк. 20:15).
5. Во периодот пред Спомен-свеченоста, како можеме да се испитуваме дали сме во верата?
5 Во периодот пред Спомен-свеченоста, можеме да одвоиме повеќе време за да се молиме и длабоко да размислуваме за нашиот однос со Јехова. (Прочитај 2. Коринќаните 13:5.) Апостол Павле напишал: „Испитувајте дали сте во верата“. Како можеме да го правиме тоа? Можеме да се прашаме: „Дали навистина верувам дека ова е единствената организација што ја избрал Јехова за да ја врши неговата волја? Дали давам сѐ од себе за да ја проповедам добрата вест? Дали од моите постапки се гледа дека навистина верувам дека живееме во последните денови и дека е близу крајот на владеењето на Сатана? Дали имам исто толку цврста доверба во Јехова и Исус како што имав кога почнав да му служам на Јехова?“ (Мат. 24:14; 2. Тим. 3:1; Евр. 3:14). Овие прашања ќе ни помогнат да се проверуваме самите себеси.
6. а) Кој е единствениот начин да добиеме вечен живот? б) Како еден старешина се подготвува за Спомен-свеченоста секоја година, и како би можел ти да се подготвиш за тој настан?
6 Еден начин на кој можеме да се подготвиме за Спомен-свеченоста е така што ќе проучуваме статии во кои е објаснето зошто е важен овој настан. (Прочитај Јован 3:16; 17:3.) Вечен живот можеме да добиеме само ако добро го запознаеме Јехова и ако имаме вера во неговиот Син, Исус. За да се подготвиме за Спомен-свеченоста, можеме да проучуваме материјал што ќе ни помогне да бидеме уште поблиски со нив. Еден брат кој долго време служи како старешина, со години собира статии од Стражарска кула во кои се зборува за Спомен-свеченоста и за љубовта што Јехова и Исус ја покажале кон нас. Во седмиците пред овој настан, тој повторно ги чита овие статии и длабоко размислува за неговата важност. Понекогаш ја дополнува својата збирка со една или две нови статии. Исто така, ги чита извештаите од Библијата кои се предвидени за периодот околу Спомен-свеченоста и размислува за нив. Овој старешина вели дека сето тоа му помага секоја година да научи нешто ново. А што е најважно, таквото проучување му ја продлабочува љубовта кон Јехова и кон Исус. Ако се подготвуваш на таков начин за Спомен-свеченоста, ќе се зголемат твојата љубов и благодарност кон Јехова и кон Исус, и ќе извлечеш поголема корист од тој важен настан.
СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТА НИ ПОМАГА ДА БИДЕМЕ ОБЕДИНЕТИ
7. а) За што се молел Исус ноќта кога ја воспоставил Господаровата вечера? б) Што покажува дека Јехова одговорил на молитвата на Исус?
7 Ноќта кога ја воспоставил Господаровата вечера, Исус се молел неговите ученици да бидат обединети и да го имаат истото единство што постои меѓу него и неговиот Татко. (Прочитај Јован 17:20, 21.) Јехова навистина одговорил на таа молитва, и сега милиони луѓе веруваат дека тој го испратил својот сакан Син. Повеќе од кој и да било друг состанок, Спомен-свеченоста јасно покажува дека Јеховините сведоци се обединети. На тој ден, милиони луѓе од најразлични земји и раси се собираат низ целиот свет. На некои места, за луѓето е невообичаено, па дури и неисправно, лица од различни раси да бидат заедно на некој верски собир. Но, за Јехова и за Исус таквото единство е прекрасно.
8. Каква порака му дал Јехова на Езекиел?
8 Како слуги на Јехова, не нѐ изненадува тоа што сме обединети на ваков начин. Всушност, Јехова го прорекол тоа во пораката што му ја дал на Езекиел. Тој му рекол на Езекиел да земе две прачки, една „за Јуда“ и една „за Јосиф“, и да ги состави заедно. (Прочитај Езекиел 37:15-17.) Во рубриката „Прашања од читателите“, која излезе во Стражарска кула од јули 2016 год., беше објаснето: „Преку пророкот Езекиел, Јехова претскажал дека израелскиот народ ќе се обедини кога, по долгогодишно ропство, ќе се врати во Ветената земја. Ова пророштво исто така покажува дека оние што ќе му служат на Бог во последните денови ќе бидат обединети како еден народ“.
9. Како го гледаме исполнувањето на пророштвото на Езекиел секоја година за време на Спомен-свеченоста?
9 Од 1919 год., Јехова најпрво почнал постепено да ги организира помазаниците за да му служат обединето. Тие биле слични на прачката „за Јуда“. Потоа, на помазаниците почнале да им се придружуваат сѐ поголем број од оние што имаат надеж за живот на Земјата. Тие се слични на прачката „за Јосиф“. Јехова ветил дека ќе ги соедини овие две прачки во својата рака и ќе направи „од нив една прачка“ (Езек. 37:19). Тој ги составил помазаниците и „другите овци“ во „едно стадо“ (Јован 10:16; Зах. 8:23). Денес, двете групи се обединети и заедно му служат на Јехова. Тие имаат еден Цар, Исус Христос, за кого Јехова пророчки рекол дека е неговиот „слуга Давид“ (Езек. 37:24, 25). Скапоценото единство што било проречено преку Езекиел јасно се гледа секоја година кога овие две групи се собираат за да ја одбележат годишнината од Христовата смрт. Но, што може секој од нас да направи за да го чува и да го зајакнува единството меѓу Божјиот народ?
ШТО МОЖЕ ДА ПРАВИМЕ ЗА ДА ГО ЗАЈАКНЕМЕ ЕДИНСТВОТО?
10. Како можеме да го зајакнуваме единството меѓу Божјиот народ?
10 Еден начин на кој можеме да го зајакнеме единството меѓу Божјиот народ е така што ќе се трудиме да бидеме понизни. Кога бил на Земјата, Исус им кажал на своите ученици дека мора да бидат понизни (Мат. 23:12). Ако сме понизни, нема да сметаме дека сме поважни од другите, како што обично е случај со луѓето во светот. Напротив, ќе ги почитуваме браќата кои предводат во собранието и ќе бидеме послушни на упатствата што ни ги даваат. Тоа е неопходно за собранието да биде обединето. А најважно од сѐ, со нашата понизност го радуваме Бог, бидејќи тој „им се спротивставува на вообразените, а им укажува незаслужена доброта на понизните“ (1. Пет. 5:5).
11. Како тоа што размислуваме за симболите кои се користат на Спомен-свеченоста ни помага да си го зајакнеме единството?
11 Друг начин на кој можеме да го зајакнеме единството е така што ќе размислуваме за значењето на симболите кои се користат на Спомен-свеченоста. Ова треба да го правиме пред тој настан, а особено кога сме присутни на него (1. Кор. 11:23-25). Бесквасниот леб го претставува совршеното тело кое Исус го дал како жртва. Црвеното вино ја претставува неговата крв. Но, не е доволно само да го знаеме значењето на овие симболи. Не треба да заборавиме дека откупната жртва на Исус е поврзана со двата најголеми чина на љубов. Јехова го дал својот Син за нас, а Исус спремно си го дал животот за нас. Ако размислуваме за нивната љубов, ќе бидеме поттикнати да им возвратиме со нашата љубов. А љубовта што ја чувствуваме кон Јехова ни го зајакнува единството.
12. Со која споредба Исус јасно покажал дека Јехова сака да им простуваме на другите?
12 Трет начин на кој го зајакнуваме единството е така што спремно им простуваме на другите. Кога го правиме тоа, покажуваме дека сме благодарни што Јехова може да ги прости нашите гревови на темел на Христовата жртва. За да покаже колку е важно да простуваме, Исус кажал една споредба која е запишана во Матеј 18:23-34. Откако ќе ја прочиташ оваа споредба, прашај се: „Дали сум поттикнат да го правам она за кое поучувал Исус? Дали сум стрплив со браќата и сестрите и дали имам разбирање за нив? Дали спремно им простувам на оние што ми згрешиле?“ Се разбира, некои гревови се потешки од други, а некои гревови ни е тешко да ги простиме бидејќи сме несовршени. Сепак, од споредбата на Исус учиме што очекува Јехова од нас. (Прочитај Матеј 18:35.) Исус јасно кажал дека Јехова нема да ни прости нам ако ние не им простуваме на нашите браќа кога тие искрено се каат. Навистина вреди внимателно да размислуваме за ова. Ако сакаме да го зачуваме и зајакнеме нашето скапоцено единство, треба да им простуваме на другите како што нѐ поучил Исус.
13. Како го зајакнуваме единството со тоа што се трудиме да бидеме миротворци?
13 Кога им простуваме на другите, покажуваме дека сме миротворци. Апостол Павле рекол дека треба многу да се трудиме да го зачуваме единството и да бидеме во мир со другите (Еф. 4:3). Затоа, во периодот околу Спомен-свеченоста, а особено додека си присутен на тој настан, длабоко размислувај за тоа како постапуваш со другите. Прашај се: „Дали оние што ме познаваат можат јасно да видат дека не држам лутина кога некој ќе ме навреди? Дали сум познат како некој што дава сѐ од себе за да ги зачува мирот и единството?“ Во овој период од годината, добро е да размислуваме за овие важни прашања.
14. Како можеме да покажеме дека се поднесуваме еден со друг со љубов?
14 Четврт начин на кој го зајакнуваме единството е така што покажуваме љубов како Јехова (1. Јов. 4:8). Во врска со нашите браќа и сестри, никогаш не треба да кажеме: „Можеби морам да ги поднесувам, но не морам да ги сакам“. Ако размислуваме на овој начин, нема да постапуваме во склад со советот на Павле да се поднесуваме еден со друг со љубов (Еф. 4:2). Забележи дека Павле не рекол дека треба само да се поднесуваме еден со друг туку дека треба да го правиме тоа со љубов. Тоа не е исто. Во нашите собранија има најразлични луѓе, и Јехова го привлекол секого од нив (Јован 6:44). Значи тој сигурно има многу причини за да ги сака. Штом нашите браќа и сестри се достојни Јехова да ги сака, зарем би можеле да кажеме дека не се достојни ние да ги сакаме? Треба од сѐ срце да ги сакаме, токму како што ни заповедал Јехова (1. Јов. 4:20, 21).
КОЈА ЌЕ БИДЕ ПОСЛЕДНАТА СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТ?
15. Од каде знаеме дека еден ден ќе се одржи последната Спомен-свеченост?
15 Еден ден, за последен пат ќе присуствуваме на Спомен-свеченоста. Од каде го знаеме тоа? Павле им напишал на помазаните христијани дека со тоа што ја одбележуваат годишнината од Исусовата смрт, тие ја објавуваат „смртта на Господарот, додека тој не дојде“ (1. Кор. 11:26). Во пророштвото за времето на крајот, Исус го спомнал и своето доаѓање. Во врска со големата неволја која ќе почне наскоро, тој рекол: „На небото ќе се појави знакот на Синот човечки. И тогаш ќе заплачат сите племиња на земјата. И ќе го видат Синот човечки како доаѓа на облаците небесни со сила и со голема слава. И тој ќе ги испрати своите ангели со силен трубен звук, и тие ќе ги соберат неговите избрани од четирите страни на светот, од едниот крај на небесата до другиот“ (Мат. 24:29-31). Собирањето на избраните укажува на времето кога сите помазаници кои сѐ уште ќе бидат на Земјата ќе бидат земени на небото. Тоа ќе се случи откако ќе започне големата неволја, но пред војната Армагедон. Во таа војна, Исус и 144-те илјади ќе се борат против земните цареви и ќе победат (Отк. 17:12-14). Спомен-свеченоста која ќе се одржи пред да „дојде“ Исус за да ги собере помазаниците ќе биде последната.
16. Зошто си решен да присуствуваш на Спомен-свеченоста оваа година?
16 Биди решен да присуствуваш на Спомен-свеченоста која ќе се одржи на 31 март 2018 год. Освен тоа, моли го Јехова да ти помогне да го дадеш својот дел за неговиот народ да остане обединет. (Прочитај Псалм 133:1.) Еден ден, ќе одиме на Спомен-свеченост за последен пат. Во меѓувреме, да покажеме дека го цениме прекрасното единство кое преовладува на тој настан.