Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Не плаши се! Јас ќе ти помогнам“

„Не плаши се! Јас ќе ти помогнам“

ЗАМИСЛИ СИ дека доцна навечер се враќаш дома пеш. Одеднаш сфаќаш дека некој те следи. Кога застануваш ти, застанува и тој. Кога забрзуваш, слушаш како забрзуваат и чекорите зад тебе. Почнуваш исплашено да трчаш кон куќата на еден пријател кој живее во близина. Кога ти ја отвора вратата и те пушта внатре, чувствуваш огромно олеснување бидејќи сега си на безбедно.

Можеби не си се нашол во ваква ситуација. Но, веројатно те прогонуваат други проблеми кои те плашат и те загрижуваат. На пример, дали се бориш со некоја слабост, но никако не успеваш да ја совладаш? Дали си невработен веќе подолго време и покрај тоа што правиш сѐ за да најдеш работа? Дали те загрижува староста и болестите што таа ги носи со себе? Дали можеби те измачуваат други грижи?

Сеедно со каков проблем се соочуваш, добро е да имаш некој со кого можеш да ги споделиш грижите и кој е спремен да ти помогне. Дали имаш таков близок пријател? Се разбира дека имаш! Јехова ти е пријател и тебе исто како што му бил пријател на својот верен слуга Авраам. Ова го потврдуваат Божјите зборови запишани во Исаија 41:8-13. Во стихови 10 и 13, Јехова му вели секому од нас: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам. Ќе те потпрам со мојата праведна десница... Зашто јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“.

„ТЕ ДРЖАМ ЗА ДЕСНИЦАТА“

Зарем овие зборови не се утешни? Замисли си што, всушност, ти ветува Јехова. Тој не вели дека ќе чекори со тебе и ќе те држи за рака, иако и тоа е многу охрабрувачка мисла. Кога би чекорел до него, тоа би значело дека, со својата десна рака, тој би ја држел твојата лева рака. Наместо тоа, Јехова ветува дека со својата „праведна десница“ ќе ја зграпчи твојата десна рака за да те извлече од тешките ситуации во животот. Додека цврсто те држи, тој ти го дава следново уверување: „Не плаши се! Јас ќе ти помогнам“.

Дали го гледаш Јехова како Татко и Пријател кој е полн со љубов? Дали си уверен дека ќе ти помогне кога ќе се најдеш во неволја? Тој се грижи за тебе и секогаш е спремен да ти помага. Кога се соочуваш со проблеми и тешкотии, Јехова сака да се чувствуваш безбедно во неговите раце. Тој навистина е „помош која лесно се наоѓа во неволја“ (Пс. 46:1).

ЧУВСТВА НА ВИНА ПОРАДИ ГРЕШКИ ОД МИНАТОТО

Некои се измачуваат со чувства на вина поради грешките што ги правеле во минатото, и мислат дека Бог не им простил. Ако и ти се бориш со вакви чувства, размисли за верниот Божји слуга, Јов. Тој признал дека грешел кога бил млад (Јов 13:26). И псалмистот Давид имал слични чувства. Тој го молел Јехова: „На гревовите на мојата младост и на моите престапи немој да се сеќаваш“ (Пс. 25:7). Бидејќи сме несовршени, сите ние грешиме и не ја одразуваме Божјата слава (Рим. 3:23).

Зборовите од Исаија 41. поглавје најпрво им биле упатени на древните Израелци. Нивните гревови биле толку тешки што Јехова рекол дека ќе ги казни со тоа што ќе дозволи да бидат одведени во ропство во Вавилон (Иса. 39:6, 7). Но, истовремено ветил дека ќе ги избави оние што ќе се покаат и ќе му се вратат (Иса. 41:8, 9; 49:8). Денес, Јехова покажува иста таква љубов и милост кон сите што искрено се каат и сакаат да имаат добар однос со него (Пс. 51:1).

Размисли за Такуја, * кој имал навика да гледа порнографија и да мастурбира. Тој се борел против овие нечисти навики, но често му се случувало да попушти. Како се чувствувал тогаш? Такуја вели: „Се чувствував безвредно. Сепак, секогаш кога го молев Јехова да ми прости, тој ми помагаше повторно да застанам на нозе“. На кој начин Бог му помагал? Старешините во собранието му рекле на Такуја дека може да им се јави секогаш кога ќе попушти на лошата навика. Тој признава: „Не ми беше лесно да зборувам со нив, но кога го правев тоа, тие ме охрабруваа“. Во една прилика, старешините договориле покраинскиот надгледник да појде на пастирска посета кај него. Покраинскиот надгледник му рекол: „Не сум кај тебе случајно. Старешините сметаа дека треба да те посетам“. Такуја вели: „Јас бев тој што му греши на Јехова, а тој направи чекор да ми помогне преку старешините“. Со текот на времето, овој брат успеал да се избори со нечистите навики, станал општ пионер и сега служи во една подружница. Исто како што му помогнал на Такуја, Бог ќе ти помага и тебе да застанеш на нозе кога ќе згрешиш.

ГРИЖИ ОКОЛУ ВРАБОТУВАЊЕТО

Некои се загрижени затоа што ја изгубиле работата и не можат лесно да најдат друга. Замисли како би ти било никој да не сака да те прими на работа! Во таква ситуација, некои луѓе ја губат самопочитта. Како може Јехова да ти помогне? Можеби нема веднаш да ти обезбеди добра работа, но може да ти помогне да се сетиш на следниве зборови на цар Давид: „Бев млад и остарев, но никогаш не видов праведник да биде оставен, ниту неговите деца да просат за леб“ (Пс. 37:25). Бидејќи си скапоцен во негови очи, Јехова ќе ти ја подаде својата „праведна десница“ и ќе ти го обезбеди она што ти е потребно за да продолжиш да му служиш.

На кој начин Јехова може да ти помогне ако ја изгубиш работата?

Сара, која живее во Колумбија, на своја кожа почувствувала како Јехова се грижи за неа. Таа имала напорна, но добро платена работа во една позната фирма. Меѓутоа, бидејќи имала желба да служи во поголема мера, дала отказ и станала општ пионер. Иако сакала да работи со скратено работно време, не можела да се снајде толку лесно. Отворила продавничка за сладолед, но бидејќи не ѝ одело добро, морала да ја затвори. Сара вели: „Поминаа три долги години. Сепак, со помош на Јехова, успевав да излезам на крај со ситуацијата“. Таа научила да биде задоволна со основните работи и да не се грижи за утрешниот ден (Мат. 6:33, 34). На крајот, нејзиниот поранешен работодавач ѝ се јавил и ѝ го понудил истото работно место што го имала пред тоа. Таа му рекла дека ќе прифати само ако работи со скратено работно време и ако тоа не ја попречува во теократските активности. Иако не заработува како порано, денес Сара сѐ уште служи како општ пионер. Таа вели дека, за сето тоа време, чувствувала дека Јеховината рака е со неа.

ГРИЖИ ПОВРЗАНИ СО СТАРОСТА

Друга сериозна причина за загриженост е староста. Кога ќе се пензионираат, многумина се загрижени дали ќе имаат доволно пари за сѐ што ќе им биде потребно. А загрижени се и за своето здравје, кое обично се влошува со годините. Веројатно Давид бил псалмистот што го молел Јехова со следниве зборови: „Немој да ме отфрлиш на старост! Кога ќе ме издаде силата, немој да ме оставиш!“ (Пс. 71:9, 18).

Што ќе им помогне на постарите Божји слуги да не се измачуваат со вакви грижи? Тие треба да ја зајакнуваат својата вера во Бог и да имаат доверба дека тој ќе им го даде сето она што им е неопходно. Се разбира, ако некои од нив порано воделе удобен живот, можеби ќе треба да научат да живеат поедноставно и да бидат задоволни со помалку. Можеби дури и ќе сфатат дека „јадење од зеленчук“ може да биде вкусно, па дури и подобро за нивното здравје, од печен „згоен јунец“! (Изр. 15:17). Ако ти е најважно да му служиш на Јехова, тој ќе се грижи за тебе и кога ќе остариш.

Хозе и Роуз со Тони и Венди

Размисли за Хозе и Роуз, кои се во полновремена служба повеќе од 65 години. Низ годините, тие се соочиле со најразлични предизвици. На пример, морале да се грижат за татко ѝ на Роуз, на кој му требало деноноќна нега. Освен тоа, Хозе морал да се оперира од рак и да прима хемотерапија. Дали Јехова ѝ ја пружил својата десница на оваа брачна двојка? Да, но како? Преку Тони и Венди, еден друг брачен пар од собранието. Тие решиле бесплатно да им издадат дел од куќата на некои сохристијани кои се во полновремена служба. Со години пред тоа, додека бил во средно училиште, Тони гледал од прозорецот на училницата како Хозе и Роуз редовно одат во служба. Многу ја ценел нивната ревност, и таа оставила силен впечаток врз него. Бидејќи оваа постара брачна двојка му го посветила целиот свој живот на Јехова, Тони и Венди биле поттикнати да ги земат во својата куќа. Во последниве 15 години, тие им помагаат на Хозе и Роуз, кои сега имаат околу 85 години. Овие постари христијани гледаат на помошта од помладиот пар како на подарок од Јехова.

Бог и тебе ти ја подава својата „праведна десница“. Дали ќе ја испружиш својата рака кон Оној што ти ветува: „Не плаши се! Јас ќе ти помогнам“?

^ пас. 11 Некои имиња се сменети.