Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божјата Реч е делотворна

Божјата Реч е делотворна

Речта Божја е жива и делотворна (ЕВР. 4:12)

ПЕСНИ: 114, 113

1. Зошто си уверен дека Божјата Реч е делотворна? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

КАКО слуги на Јехова, ние не се сомневаме дека неговата Реч, односно неговата порака до луѓето „е жива и делотворна“ (Евр. 4:12). Лично сме се увериле дека Библијата има моќ да ни го смени животот на подобро, а сме виделе и како им помогнала на други луѓе. Пред да станат Јеховини сведоци, некои наши браќа и сестри краделе, се дрогирале или живееле неморално. Други имале углед во општеството или многу пари, но чувствувале дека нешто им недостига во животот (Проп. 2:3-11). Сепак, многумина кои се чувствувале безнадежно сега имаат вистинска надеж и смисла во животот. Сигурно сме уживале додека сме читале голем број такви искуства во рубриката „Библијата менува животи“ која излегува во Стражарска кула. Дури и откако некој ќе ја прифати вистината, мора да продолжи да си го зајакнува пријателството со Јехова со помош на Библијата.

2. Како Божјата Реч се покажала делотворна во првиот век?

2 Не треба да нѐ чуди тоа што многу луѓе направиле големи промени кога ја дознале вистината од Божјата Реч. И нашите браќа и сестри од првиот век кои имале небесна надеж направиле такви промени. (Прочитај 1. Коринќаните 6:9-11.) Кога напишал кои луѓе нема да го наследат Божјето Царство, Павле додал: „А такви беа некои од вас“. Бог преку својата Реч и светиот дух им помогнал на тие луѓе да се сменат. Но, дури и откако станале христијани, некои од нив направиле сериозни гревови кои им го нарушиле односот со Јехова. На пример, во Библијата е спомнат еден помазан брат кој требало да биде исклучен од собранието. Откако направил промени, повторно бил примен во христијанското собрание (1. Кор. 5:1-5; 2. Кор. 2:5-8). Навистина е охрабрувачки што нашите браќа и сестри успеале да направат толку многу промени благодарение на моќта што ја има Божјата Реч.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Божјата Реч има голема моќ. Бидејќи сме ја добиле од Јехова, сакаме да дадеме сѐ од себе за добро да ја користиме (2. Тим. 2:15). Затоа, во оваа статија ќе видиме како можеме да ѝ дозволиме на Божјата Реч уште повеќе да влијае 1) во нашиот живот, 2) додека проповедаме и 3) додека држиме говори. Тоа ќе ни помогне да покажеме љубов и благодарност кон нашиот небесен Татко, кој нѐ учи да го правиме она што е за наше добро (Иса. 48:17).

ВО ТВОЈОТ ЖИВОТ

4. а) Што треба да правиме за Божјата Реч да влијае врз нас? б) Кога успеваш да најдеш време за да ја читаш Библијата?

4 За да ѝ дозволиме на Божјата Реч да влијае во нашиот живот, мора редовно да ја читаме. Треба да се трудиме да го правиме тоа секој ден (Ис. Нав. 1:8). Се разбира, повеќето од нас се многу зафатени. Сепак, не смееме да дозволиме ништо, дури ни нашите важни обврски, да нѐ спречат да ја читаме Библијата. (Прочитај Ефешаните 5:15, 16.) Можеме да ја читаме рано наутро, во текот на денот или навечер. И ние се чувствуваме како псалмистот кој напишал: „Колку го сакам твојот закон! Цел ден размислувам за него“ (Пс. 119:97).

5, 6. а) Зошто е важно длабоко да размислуваме за она што го читаме? б) Како можеме да извлечеме најголема корист од длабокото размислување? в) Како тебе лично ти помогнало тоа што ја читаш Библијата и длабоко размислуваш за неа?

5 Освен што треба да ја читаме Библијата, важно е и длабоко да размислуваме за прочитаното (Пс. 1:1-3). Само така ќе можеме да ги применуваме нејзините мудри совети во нашиот живот. Затоа, без разлика дали ја читаме Божјата Реч во печатен или во електронски облик, наша цел треба да биде да дозволиме таа да влијае врз нас.

6 Како можеме да извлечеме најголема корист од длабокото размислување? Додека ја читаме Библијата, треба да застанеме и да се прашаме: „Што учам од ова за Јехова? На кои начини веќе го применувам ова што го читам во мојот живот? Какви промени уште треба да направам?“ Ако длабоко размислуваме за она што го читаме од Божјата Реч и се молиме за тоа, ќе бидеме поттикнати да го примениме во уште поголема мера. Така ќе ѝ дозволиме на Библијата да има поголемо влијание во нашиот живот (2. Кор. 10:4, 5).

ДОДЕКА ПРОПОВЕДАШ

7. Зошто треба да ја користиме Божјата Реч во службата?

7 Важно е често да ја користиме Божјата Реч додека проповедаме и поучуваме. Еден брат рекол: „Кога би проповедал од куќа до куќа заедно со Јехова, дали цело време би зборувал само ти или би му дозволил и нему да зборува?“ Кога некому му читаме од Библијата, всушност, дозволуваме Јехова да му зборува. Еден добро избран стих може многу повеќе да влијае врз станарот отколку која и да било наша мисла (1. Сол. 2:13). Прашај се: „Додека проповедам, дали ја користам секоја прилика да прочитам нешто од Библијата?“

8. Зошто не е доволно само да ги читаме библиските стихови додека проповедаме?

8 Се разбира, не е доволно само да им прочитаме библиски стих на оние на кои им проповедаме. Зошто? Повеќето луѓе многу малку или воопшто не ја разбираат Библијата. Ова било случај во првиот век, а така е и денес (Рим. 10:2). Затоа, не треба да си претпоставуваме дека станарот го разбира стихот што му го читаме. Можеме да му помогнеме да го разбере така што ќе ги повториме главните зборови или мисли од стихот, и потоа ќе му го објасниме значењето. На овој начин, Божјата Реч може да влијае врз умот и срцето на луѓето. (Прочитај Лука 24:32.)

9. Како можеме да им помогнеме на луѓето да ја почитуваат Библијата со начинот на кој ги воведуваме стиховите? Наведи пример.

9 Исто така, добро е да ги воведеме стиховите на начин со кој ќе му помогнеме на станарот да има поголема почит кон Библијата. На пример, би можеле да кажеме: „Да видиме што вели за ова нашиот Творец“. Ако зборуваме со некој што не е христијанин, би можеле да кажеме: „Да видиме што велат светите списи“. Ако му проповедаме на некој што не е заинтересиран за религија, би можеле да го прашаме: „Дали некогаш сте ја чуле оваа древна изрека?“ Добро е да имаме на ум дека секој човек е различен, и затоа треба да се трудиме нашиот вовед да биде соодветен (1. Кор. 9:22, 23).

10. а) Што доживеал еден брат во служба? б) Како ти си се уверил дека Божјата Реч е многу делотворна кога ја користиш во службата?

10 Многумина увиделе дека Божјата Реч може да има силно влијание врз луѓето на кои им проповедаме. На пример, еден брат посетил некој постар човек кој со години ги читал нашите списанија. Еден ден, наместо само да му ја даде најновата Стражарска кула, братот решил да му прочита нешто од Библијата. Тој прочитал во 2. Коринќаните 1:3, 4, каде што пишува: „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха... нѐ теши во секоја наша неволја“. Овие зборови толку го трогнале човекот што го замолил братот уште еднаш да му ги прочита. Тој рекол дека нему и на неговата сопруга навистина им била потребна утеха. Поради тие стихови, човекот сакал да дознае повеќе за Библијата. Овој пример потврдува дека, кога ја користиме во службата, Божјата Реч е многу делотворна (Дела 19:20).

ДОДЕКА ДРЖИШ ГОВОРИ

11. Каква одговорност имаат браќата што држат говори?

11 Сите ние со задоволство присуствуваме на нашите состаноци, собири и конгреси. Главната причина зошто го правиме тоа е за да го славиме Јехова. Освен тоа, многу ни користат поуките што ги добиваме таму. Затоа, браќата кои поучуваат во тие прилики имаат голема чест и сериозна одговорност (Јак. 3:1). Тие треба да внимаваат нивните поуки секогаш да се темелат на Божјата Реч. Ако и ти држиш говори, како можеш делотворно да ја користиш Библијата?

12. Што треба еден говорник да направи за неговиот говор да се темели на Божјата Реч?

12 Најважниот дел од секој говор треба да бидат библиските стихови (Јован 7:16). Затоа, кога држиш говор, немој да дозволиш ништо — ниту искуствата ниту споредбите ниту начинот на кој го изнесуваш говорот — да го одвлече вниманието од Библијата. Исто така, не заборавај дека, за да поучуваш од Библијата, не е доволно само да читаш од неа. Всушност, ако читаш премногу стихови, повеќето луѓе нема да ги запомнат. Затоа, внимателно избери кои стихови сакаш да ги користиш и одвој доволно време да ги прочиташ, да ги објасниш, да кажеш споредба или пример во врска со нив и да кажеш како може да се применат (Неем. 8:8). Кога изнесуваш говор од нацрт, проучи ги нацртот и стиховите што се наведени. Обиди се да разбереш како се поврзани мислите од нацртот и стиховите. Потоа користи некои од овие стихови за да ги објасниш мислите од нацртот. * А најважно од сѐ, моли го Јехова да ти помогне да ги пренесеш неговите скапоцени мисли од Библијата. (Прочитај Езра 7:10; Изреки 3:13, 14.)

13. а) Како врз една сестра влијаел еден библиски стих кој го чула на собраниски состанок? б) Како влијаел врз тебе некој библиски стих што си го чул на нашите состаноци?

13 Една сестра од Австралија имала многу тешко детство. Поради тоа, дури и кога подоцна станала Јеховин сведок, сѐ уште не била вистински уверена дека Јехова ја сака. Но, на еден собраниски состанок, оваа сестра слушнала еден библиски стих кој многу ја трогнал. Таа длабоко размислувала за него и дополнително истражувала, при што прочитала и други стихови поврзани со таа тема. Така се уверила дека Јехова ја сака. * Дали некој стих што си го чул на состанок, собир или конгрес влијаел и врз тебе на сличен начин? (Неем. 8:12).

14. Како можеме да покажеме дека ја сакаме и дека ја цениме Јеховината Реч?

14 Зарем не си му благодарен на Јехова за неговата Реч, Библијата? Тој ветил дека таа ќе опстане, и си го одржал ветувањето (1. Пет. 1:24, 25). Затоа, сакаме редовно да ја читаме Божјата Реч, да ги применуваме нејзините совети во нашиот живот и да ја користиме за да им помогнеме на другите. Кога го правиме ова, покажуваме дека вистински го сакаме и го цениме овој скапоцен подарок, и што е најважно, покажуваме дека го сакаме нејзиниот Автор — Јехова Бог.

^ пас. 12 Практични совети можеш да најдеш во книгата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба, во лекции 21-23.