Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Утврдете ги своите срца“

„Утврдете ги своите срца“

„Утврдете ги своите срца“

„Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното“ (ЕВРЕИТЕ 10:36).

1, 2. а) Што се случило со извесен број христијани во првиот век? б) Зошто верата може лесно да ослабне?

 ОД СИТЕ библиски писатели никој не ја спомнувал верата почесто од апостол Павле. И тој често зборувал за оние чија вера ослабнала или умрела. На пример, Именеј и Александар „претрпеле бродолом во верата“ (1. Тимотеј 1:19, 20). Димас го напуштил Павле бидејќи ‚го засакал сегашниов свет‘ (2. Тимотеј 4:10). Некои, со своите нехристијански, неодговорни постапки ‚се одрекле од верата‘. Други, пак, биле измамени од лажната мудрост и ‚се отклониле од верата‘ (1. Тимотеј 5:8; 6:20, 21).

2 Зошто тие помазани христијани изгубиле во овие погледи? Па, „верата е загарантирано очекување на работи на кои се надеваме, очигледен доказ за стварности, иако не се гледаат“ (Евреите 11:1NW). Ние практикуваме вера во она што не можеме да го видиме. Таа не ни е потребна за работите кои се гледаат. Полесно е да се работи за видливото богатство отколку за невидливото духовно богатство (Матеј 19:21, 22). Многу видливи работи — како на пример „похотта на телото, желбата на очите“ — се многу привлечни за нашето несовршено тело и можат да ја ослабнат нашата вера (1. Јованово 2:16).

3. Каква вера треба да негува еден христијанин?

3 Сепак, вели Павле, „оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат“. Мојсеј имал таква вера. Тој ‚ја имал предвид наградата‘ и ‚верувал во Оној, Кој не се гледа, како да Го гледа‘ (Евреите 11:6, 24, 26, 27). Таква вера му е потребна на христијанинот. Како што беше забележано во претходната статија, Авраам бил прекрасен пример во тој поглед.

Авраамовиот пример на вера

4. Како верата на Авраам влијаела врз неговиот начин на живот?

4 Кога го добил Божјето ветување дека ќе стане татко на семе кое ќе биде благослов за луѓето од сите нации, Авраам бил во Ур (1. Мојсеева 12:1—3; Дела 7:2, 3). На темел на тоа ветување, Авраам го послушал Јехова и се преселил првин во Харан, а потоа во Ханан. Таму Јехова ветил дека ќе му ја даде таа земја на Авраамовото семе (1. Мојсеева 12:7; Неемија 9:7, 8). Меѓутоа, голем дел од она што го ветил Јехова требало да се исполни после Авраамовата смрт. На пример, самиот Авраам никогаш не станал сопственик на некој дел од Ханан — освен на пештерата Макпела, која ја купил како гробница (1. Мојсеева 23:1—20). Сепак, тој имал вера во Јеховината реч. Пред сѐ, тој имал вера во еден иден „град, што има основи и чиј градител и творец е Бог“ (Евреите 11:10). Таквата вера го поддржувала низ животот.

5, 6. На кој начин Авраамовата вера била испитана во врска со Јеховиното ветување?

5 Тоа особено се гледа во врска со ветувањето дека Авраамовото семе ќе стане една голема нација. За да се случи тоа, на Авраам му бил потребен син, и тој долго време чекал да биде благословен со син. Ние не знаеме колку бил стар кога првпат го чул Божјето ветување, но кога тргнал на долгото патување до Харан, Јехова сѐ уште му немал дадено дете (1. Мојсеева 11:30). Тој бил во Харан доволно долго за ‚да спечали имот и да придобие луѓе‘. Кога се преселил во Ханан, имал 75 години, а Сара 65. Сепак, сѐ уште немало син (1. Мојсеева 12:4, 5). Кога стигнала до средината на своите 70-ти години, Сара заклучила дека веќе е премногу стара за да му роди дете на Авраам. Затоа, следејќи еден обичај од тоа време, му ја дала на Авраам својата слугинка Агара и тој добил син преку неа. Но, тоа не било ветеното дете. Агара и нејзиното дете Исмаил на крајот биле отпуштени. Сепак, кога Авраам се молел во нивна корист, Јехова ветил дека ќе го благослови Исмаил (1. Мојсеева 16:1—4, 10; 17:15, 16, 18—20; 21:8—21).

6 Во Божје одредено време — долго, долго откако тие првпат чуле за ветувањето — 100-годишниот Авраам и 90-годишната Сара добиле момченце, Исак. Колку само прекрасно мора да било сето тоа! За оваа остарена двојка било речиси како воскресение кога нивните ‚умртвени‘ тела создале нов живот (Римјаните 4:19—21). Чекањето било долго, но кога ветувањето било конечно исполнето, чекањето се исплатило.

7. Како верата е поврзана со истрајноста?

7 Авраамовиот пример нѐ потсетува дека верата не би требало да биде само краткотрајна. Павле ја поврзал верата со истрајноста кога напишал: „Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното . . . Ние, пак, не сме од оние, што се отстрануваат за погибел, туку од оние, кои веруваат за спасение на душата“ (Евреите 10:36—39). Многумина долго време чекале да се исполни ветувањето. Некои чекале цел живот. Нивната јака вера ги поддржувала. И, слично на Авраам, тие ќе ја добијат наградата во Јеховино одредено време (Авакум 2:3).

Да се слуша Бог

8. Како ние денес го слушаме Бог, и зошто тоа ќе ја зајакне нашата вера?

8 Авраамовата вера ја зајакнале најмалку четири работи, а истите можат да ни помогнат и нам. Прво, тој го покажал своето ‚верување дека Бог постои‘ со тоа што внимавал кога Јехова зборувал. На тој начин бил поинаков од Евреите во времето на Јеремија, кои верувале во Јехова, но немале вера во неговите зборови (Јеремија 44:15—19). Денес Јехова ни зборува преку страниците на Библијата, својата инспирирана Реч, за која Петар рекол дека е како „светило што свети на темно место . . . во вашите срца“ (2. Петрово 1:19). Кога внимателно ја читаме Библијата, ние се ‚храниме со зборовите на верата‘ (1. Тимотеј 4:6; Римјаните 10:17). Понатаму, во овие последни денови „верниот и разборит роб“ обезбедува духовна „храна во право време“, водство во применувањето на библиските начела и разбирање на библиските пророштва (Матеј 24:45—47NW). За да имаме јака вера, неопходно е да го слушаме Јехова преку овие средства.

9. Каков ќе биде резултатот ако навистина веруваме во христијанската надеж?

9 Авраамовата вера била тесно поврзана со неговата надеж. „Поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи“ (Римјаните 4:18). Ова е втора работа која може да ни помогне. Никогаш не треба да заборавиме дека Јехова „ги наградува оние, што Го бараат“. Апостол Павле рекол: „Затоа и се трудиме и укори трпиме, оти се надеваме на живиот Бог“ (1. Тимотеј 4:10). Ако навистина веруваме во христијанската надеж, целиот наш начин на живот ќе биде доказ за нашата вера, како што било случај и со Авраам.

Да се зборува со Бог

10. Каква молитва ќе ја зајакне нашата вера?

10 Авраам зборувал со Бог, и тоа било третата работа која ја зајакнала неговата вера. И ние денес можеме да зборуваме со Јехова, користејќи го дарот на молитвата преку Исус Христос (Јован 14:6; Ефесјаните 6:18). Откако кажал една парабола која ја нагласувала потребата од постојана молитва, Исус го поставил прашањето: „Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лука 18:8). Молитвата која ја изградува верата не е непромислена или автоматска. Таа има длабоко значење. На пример, искрената молитва е витална кога треба да донесеме важни одлуки или кога сме под голем стрес (Лука 6:12, 13; 22:41—44).

11. а) Како Авраам бил зајакнат кога му го отворил своето срце на Бог? б) Што можеме да научиме од искуството на Авраам?

11 Кога веќе стареел и Јехова сѐ уште му го немал дадено ветеното семе, Авраам зборувал со Бог во врска со својата загриженост. Јехова го успокоил. Каков бил резултатот? Авраам „поверува во Господа Бога, и тоа му се прими за оправдание [праведност, NW]“. Потоа, Јехова дал знак за да ги потврди своите успокојувачки зборови (1. Мојсеева 15:1—18). Ако му го отвориме своето срце на Јехова во молитва, ги прифатиме Јеховините уверувања од неговата Реч, Библијата, и го послушаме со потполна вера, тогаш Јехова ќе ја зајакне и нашата вера (Матеј 21:22; Јуда 20, 21).

12, 13. а) Како Авраам бил благословен кога го следел Јеховиното водство? б) Какви искуства ќе ја зајакнат нашата вера?

12 Четврта работа која ја зајакнала верата на Авраам била поддршката што му ја давал Јехова кога го следел Неговото водство. Кога Авраам отишол да го спаси Лот од напаѓачките цареви, Јехова му дал победа (1. Мојсеева 14:16, 20). Додека Авраам живеел како привремен жител во земјата што требало да ја наследи неговото семе, Јехова го благословил во материјален поглед. (Спореди 1. Мојсеева 14:21—23.) Јехова го водел неговиот управител во неговите напори да најде погодна сопруга за Исак (1. Мојсеева 24:10—27). Да, Јехова ‚го благословил Авраам во сѐ‘ (1. Мојсеева 24:1). Како резултат на тоа, неговата вера била толку јака, а неговиот однос со Јехова Бог толку близок што Јехова го нарекол ‚Мој пријател‘ (Исаија 41:8; Јаков 2:23).

13 Дали ние денес можеме да имаме толку силна вера? Да. Ако како Авраам го испитаме Јехова слушајќи ги неговите заповеди, тој и нас ќе нѐ благослови. Тоа, пак, ќе ја зајакне нашата вера. На пример, еден краток поглед на Извештајот за 1998 службена година покажува дека многумина биле на прекрасен начин благословени кога ја послушале неговата заповед да се проповеда добрата вест (Марко 13:10).

Извештај за верата денес

14. Како Јехова ја благословил кампањата со Веста за Царството бр. 35?

14 Светската кампања со Веста за Царството бр. 35 во октомври 1997 имаше извонреден успех, благодарение на ревноста и одушевеноста на милиони поединечни Сведоци. Типичен пример за ова е она што се случи во Гана. Беа дистрибуирани речиси 2,5 милиони примероци на четири јазици и, како резултат на тоа, беа побарани речиси 2.000 библиски студии. Дистрибуирајќи ја Веста за Царството, двајца Сведоци на Кипар забележале дека ги следи еден свештеник. После некое време му понудиле примерок од Веста за Царството. Тој веќе имал добиено еден примерок, па им рекол: „Јас бев толку импресиониран од нејзината порака што сакав да им честитам на луѓето кои ја подготвиле“. Во Данска биле дистрибуирани речиси 1,5 милиони примероци од Веста за Царството, и тоа со добри резултати. Една госпоѓа која работи во тамошната служба за добри односи со јавноста рекла: „Трактатот содржи порака за секого. Тој е лесно разбирлив и те поттикнува, ти дава желба да дознаеш повеќе. Навистина постигнува полн погодок!“

15. Кои искуства покажуваат дека Јехова го благословил напорот да се достигнат луѓето насекаде?

15 Во 1998 беше вложен напор да им се проповеда на луѓето не само во нивните домови туку насекаде. Еден мисионерски пар од Брегот на Слонова Коска посетил 322 брода на пристаништата. Поделиле 247 книги, 2.284 списанија, 500 брошури и стотици трактати, како и видеокасети на морнарите за да ги гледаат додека се на море. Еден Сведок од Канада отишол во една продавница за автокаросерија. Сопственикот бил заинтересиран, и братот останал таму четири и пол часови, иако во сведочење поминал отприлика само еден час во времето кога немало муштерии. На крајот била договорена студија и тоа за 22.00 часот. Но, понекогаш таа не започнувала сѐ до полноќ и траела сѐ до два часот наутро. Веројатно временскиот распоред бил предизвик, но биле постигнати добри резултати. Човекот решил да ја затвора продавницата во неделите за да присуствува на состаноците. Наскоро тој и неговото семејство добро напредувале.

16. Кои искуства покажуваат дека брошурата Бара и книгата Спознание се моќни алатки во делото на проповедање и поучување?

16 Брошурата Што бара Бог од нас? и книгата Спознание кое води до вечен живот и понатаму се моќни инструменти во делото на проповедање и поучување. Една калуѓерка од Италија чекајќи автобус зела еден примерок од Веста за Царството. Следниот ден пак ѝ било пристапено и ја зела брошурата Бара. Секој ден после тоа, таа имала по 10—15 минутна библиска студија на автобуската постојка. После еден и пол месец одлучила да го напушти женскиот манастир и да се врати дома во Гватемала за да ја продолжи студијата. Лобина, една ревна посетителка на црквата од Малави, се вознемирила кога нејзините ќерки почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Сепак, девојките ја споделувале библиската вистина со својата мајка секогаш кога можеле. Во јуни 1997 Лобина ја видела книгата Спознание и била заинтригирана од изразот „Спознание кое води“. Во јули се сложила за библиска студија. Во август присуствувала на обласниот конгрес и внимателно ја слушала целата програма. До крајот на месецот, ја напуштила нејзината црква и се квалификувала за некрстен објавител. Се крстила во ноември 1997.

17, 18. Како видеокасетите на Заедницата се докажале корисни во помагањето на поединци да ги ‚видат‘ духовните работи?

17 Видеокасетите на Заедницата им помогнале на многумина да ги „видат“ духовните работи. Еден човек од Маврициус ја напуштил црквата поради тамошното неединство. Еден мисионер му го покажал единството на Јеховините сведоци, користејќи ја видеокасетата Обединети преку божествената поука. Импресиониран, човекот рекол: „Вие Јеховините сведоци веќе сте во рајот!“ Тој се сложил на библиска студија. Една сестра од Јапонија му ја покажала на својот сопруг, кој не е соверник, видеокасетата Јеховини сведоци — организација зад името и тоа го поттикнало да има редовна библиска студија. Откако ја гледал касетата Обединети преку божествената поука, тој посакал да стане Јеховин сведок. Триделните серии со наслов Библијата — книга на факт и пророштво му помогнале да ги примени библиските начела во својот живот. На крај, видеокасетата Јеховините сведоци стојат цврсто наспроти нацистичкиот напад му покажала дека Јехова го зајакнува Својот народ наспроти сатанските напади. Човекот се крстил во октомври 1997.

18 Тоа се само неколку од многуте, многу искуства кои беа доживеани минатата службена година. Тие покажуваат дека Јеховините сведоци имаат активна вера и дека Јехова ја зајакнува таа вера така што ја благословува нивната активност (Јаков 2:17).

Негувај вера денес

19. а) Како ние сме во подобра положба од Авраам? б) Колкумина се собрале минатата година за да ја комеморираат Исусовата жртвена смрт? в) Кои земји имале извонредна присутност на Меморијалот минатата година? (Види ја табелата на страници 12 до 15.)

19 Денес ние на многу начини сме во подобра положба од Авраам. Знаеме дека Јехова ги исполнил сите свои ветувања кои му ги дал на Авраам. Потомството на Авраам го наследило Ханан, и тоа станало голема нација (3. Царства 4:20; Евреите 11:12). Освен тоа, отприлика 1.971 година откако Авраам го напуштил Харан, еден негов потомок, Исус, бил крстен во вода од страна на Јован Крстител, а потоа со свет дух од самиот Јехова за да стане Месија, Авраамово семе во потполна, духовна смисла (Матеј 3:16, 17; Галатјаните 3:16). На 14 Нисан 33 н. е. Исус го принел својот живот како откупнина за оние кои би практикувале вера во него (Матеј 20:28; Јован 3:16). Сега милиони луѓе можеле да се благословат преку него. Минатата година на 14 Нисан се собраа 13.896.312 лица за да го комеморираат овој прекрасен чин на љубов. Какво само оправдување за Јехова, Големиот Одржувач на ветувања!

20, 21. Како луѓето од сите нации биле благословени преку Семето на Авраам во првиот век, и како тие се благословуваат денес?

20 Во првиот век, многу луѓе од сите нации — почнувајќи од телесниот Израел — практикувале вера во ова Семе на Авраам и станале помазани Божји синови, членови на еден нов, духовен ‚Израил Божји‘ (Галатјаните 3:26—29; 6:16; Дела 3:25, 26). Тие имале едно загарантирано очекување на бесмртен духовен живот на небото како совладетели во Божјето Царство. Само 144.000 ќе бидат благословени на овој начин, а остануваат малкумина од нив (Откровение 5:9, 10; 7:4). Минатата година 8.756 го потврдиле своето верување дека припаѓаат на тој број така што зеле од симболите за време на прославувањето на Меморијалот.

21 Речиси сите Јеховини сведоци денес се од ‚големото мноштво‘ кое е проречено во Откровение 7:9—17. Бидејќи се благословуваат преку Исус, тие имаат надеж за вечен живот на една рајска Земја (Откровение 21:3—5). Оние 5.888.650 кои учествуваа во делото на проповедање во 1998 се доказ дека ова мноштво е навистина „големо“. Особено беше возбудливо да се види извештајот на Русија и Украина — обете за првпат имаа по повеќе од 100.000 објавители. Извонреден беше и извештајот од Соединетите Држави — 1.040.283 објавители во август! Тоа беа само три од 19-те земји кои минатата година известија повеќе од 100.000 објавители.

Наскоро ќе се исполни надежта

22, 23. а) Зошто треба да ги утврдиме нашите срца денес? б) Како можеме да докажеме дека сме како Авраам, а не како неверните кои ги спомнал Павле?

22 Оние кои присуствуваа на Меморијалот беа потсетени на тоа колку длабоко сме навлезени во исполнувањето на Јеховините ветувања. Во 1914 Исус бил востоличен како Цар на Божјето небесно Царство, започнувајќи ја својата присутност во моќта на Царството (Матеј 24:3; Откровение 11:15). Да, Семето на Авраам сега владее на небото! На христијаните од негово време Јаков им рекол: „И вие, практикувајте стрпливост; утврдете ги своите срца, зашто се приближи присутноста на Господ“ (Јаков 5:8NW). Па, таа присутност сега е реалност! Уште една додатна причина да ги утврдиме нашите срца!

23 Нека нашата доверба во Божјите ветувања биде постојано обновувана преку редовна библиска студија и смисловна молитва. Никогаш да не престанеме да го доживуваме Јеховиниот благослов додека ја слушаме неговата Реч. Тогаш ќе бидеме како Авраам, а не како оние чија вера ослабнала и умрела, како што спомнал Павле. Ништо нема да нѐ одвои од нашата пресвета вера (Јуда 20). Ние се молиме тоа да биде случај со сите Јеховини слуги во текот на 1999 службена година, а и понатаму во вечната иднина.

Дали знаеш?

◻ Како можеме да го слушаме Бог денес?

◻ Кои користи произлегуваат од смисловните молитви до Бог?

◻ Како ќе биде зајакната нашата вера ако послушно го следиме Јеховиното водство?

◻ Кои аспекти од годишниот извештај (страници 12 до 15) ти беа особено интересни?

[Прашања]

[Табела на страници 12-15]

ИЗВЕШТАЈ НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗА 1998 СЛУЖБЕНА ГОДИНА

(Види во публикацијата)

[Слика на страница 16]

Ако ја слушаме Јеховината Реч, нашата доверба во неговите ветувања ќе биде освежена

[Слика на страница 18]

Нашата вера се зајакнува кога учествуваме во службата