Дали твоите молитви ‚се подготвени како темјан‘?
Дали твоите молитви ‚се подготвени како темјан‘?
„Нека се исправи [подготви, NW] пред Тебе молитвата моја како темјан“ (ПСАЛМ 140:2).
1, 2. Што симболизира горењето на темјанот?
ЈЕХОВА БОГ му заповедал на својот пророк Мојсеј да подготви свет темјан кој требало да се користи во израелскиот табернакул за обожавање. Божествената формула барала четирикратна ароматична смеса (2. Мојсеева 30:34—38). Таа навистина била со пријатен мирис.
2 Заветот на Законот во кој била земена нацијата Израел, пропишувал горење темјан секојдневно (2. Мојсеева 30:7, 8). Дали употребата на темјанот имала некое посебно значење? Да, зашто псалмистот пеел: „Нека се исправи [подготви, NW] пред Тебе [Јехова Бог] молитвата моја како темјан, а воздигањето на рацете мои — како жртва вечерна“ (Псалм 140:2). Во книгата Откровение апостол Јован опишува дека оние кои се околу Божјиот небесен престол имаат златни чаши полни со темјан. Инспирираниот извештај вели дека ‚темјанот е молитвите на светиите‘ (Откровение 5:8). Значи, горењето на темјанот со пријатен мирис ги симболизирало прифатливите молитви кои ги упатувале Јеховините слуги дење и ноќе (1. Солунјаните 3:10; Евреите 5:7).
3. Што треба да ни помогне за да ги ‚подготвиме нашите молитви како темјан пред Бог‘?
3 За да му бидат нашите молитви прифатливи на Бог, мораме да му се молиме во името на Исус Христос (Јован 16:23, 24). Но, како можеме да го подобриме квалитетот на нашите молитви? Па, обрнувањето внимание на некои библиски примери ќе ни помогне да ги подготвиме нашите молитви како темјан пред Јехова (Изреки 15:8).
Упатувај молитви со вера
4. Како верата е поврзана со прифатливата молитва?
4 За да отидат нашите молитви кај Бог како темјан со пријатен мирис, мораме да се молиме со вера (Евреите 11:6). Кога христијанските старешини увидуваат дека лицето кое е духовно болно е приемчиво на нивната библиска помош, тогаш нивната ‚молитва со вера ќе го исцели болниот‘ (Јаков 5:15). Молитвите упатени со вера му се угодни на нашиот небесен Татко, а тоа е случај и со молитвеното проучување на Божјата Реч. Псалмистот покажал убав став кога пеел: „Ќе ги протегам рацете свои кон Твоите заповеди, кои ги возљубив, и ќе размислувам за Твоите наредби. Научи ме на добро и на разумно, зашто верувам на Твоите наредби“ (Псалм 118:48, 66). Да ги ‚протегнуваме нашите раце‘ во понизна молитва и да практикуваме вера така што ќе се повинуваме на Божјите заповеди.
5. Што треба да правиме ако ни недостига мудрост?
5 Да претпоставиме дека ни недостига мудроста која е потребна за да се справиме со некој испит. Можеби не сме сигурни дека сега се исполнува некое конкретно библиско пророштво. Наместо да дозволиме тоа да нѐ дестабилизира духовно, да се молиме за мудрост (Галатјаните 5:7, 8; Јаков 1:5—8). Се разбира, не можеме да очекуваме Бог да ни одговори на некој спектакуларен начин. Треба да ја покажеме искреноста на нашите молитви така што ќе го правиме она што тој го очекува од сиот негов народ. Неопходно е да се ангажираме во проучување на Библијата, кое ја зајакнува верата, со помош на публикациите кои ги обезбедува „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45—47, NW; Исус Навин 1:7, 8). Исто така, треба да напредуваме во спознанието преку редовно учество на состаноците на Божјиот народ (Евреите 10:24, 25).
6. а) Што треба сите ние да сфатиме за нашево време и за исполнувањето на библиските пророштва? б) Освен што ќе се молиме за посветување на Јеховиното име, што треба да правиме?
6 Некои христијани денес се стремат кон сопствени интереси и кариера што укажува дека ја изгубиле свесноста дека сега сме длабоко во „времето на крајот“ (Даниил 12:4, NW). Соверниците можат прикладно да се молат за да можат таквите повторно да ја разгорат или зацврстат својата вера во библискиот доказ дека Христовата присутност започнала во 1914 година, кога Јехова го поставил како небесен Цар и дека тој владее среде своите непријатели (Псалм 109:1, 2; Матеј 24:3). Сите ние треба да сфатиме дека претскажаните настани како, на пример, уништувањето на лажната религија — ‚Големиот Вавилон‘ — сатанскиот напад на Гог од Магог врз Јеховиниот народ и неговото избавување од страна на Семоќниот Бог во војната на Армагедон, можат да избијат со изненадувачка брзина и сето тоа да се случи во рамките на еден релативно краток временски период (Откровение 16:14, 16; 18:1—5; Језекиил 38:18—23). Затоа, да се молиме за Божја помош да останеме духовно будни. Нека сите ние сесрдно се молиме за посветување на Јеховиното име, да дојде неговото Царство и неговата волја да се врши на Земјата како и на небото. Да, нека и понатаму практикуваме вера и даваме доказ дека нашите молитви се искрени (Матеј 6:9, 10). Навистина, сите ние кои го љубиме Јехова да го бараме најнапред Царството и неговата праведност и да имаме колку што е можно поголемо учество во проповедањето на добрата вест пред да дојде крајот (Матеј 6:33; 24:14).
Фали го Јехова и благодари му
7. Што ти остава впечаток во врска со Давидовата молитва која е делумно запишана во 1. Летописи 29:10—13?
7 Еден важен начин да ‚ги подготвиме нашите молитви како темјан‘ е да му изразиме на Бог искрена фалба и благодарност. Цар Давид упатил една таква молитва кога тој и израелскиот народ дале прилог за изградбата на Јеховиниот храм. Давид се молел: „Благословен си, Господи, Боже Израилев, отсекогаш и засекогаш! Твое е, Господи, и величието, и силата, и славата, и победата, и блесокот; и сѐ, што е на небото и на земјата, Твое е; Твое е, Господи, царството, Ти стоиш над сѐ одозгора како Владетел. Од Тебе е и богатството и славата; Ти владееш над сѐ, во Твојата рака е и силата и цврстината, и во Твоја власт е да кренеш и да зацврстиш сѐ. И сега, Боже наш, Те славословиме [ти благодариме, NW] и го фалиме Твоето величествено име“ (1. Летописи 29:10—13).
8. а) Кои зборови на фалба во Псалми 148 до 150 особено ти го трогнуваат срцето? б) Што треба да правиме доколку ги споделуваме чувствата кои се изразени во Псалм 26:4?
8 Колку само убави изрази на фалба и благодарност! Можеби нашите молитви не се толку речити, но можат да бидат исто толку искрени. Книгата Псалми е полна со молитви на благодарности и фалби. Прекрасни зборови на фалба се наоѓаат во Псалми 148 до 150. Благодарноста кон Бог е изразена во многу псалми. „Само за едно Го молам Господа“, пеел Давид. „Само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да го посетувам Неговиот свет храм“ (Псалм 26:4). Да дејствуваме во склад со таквите молитви, ревносно учествувајќи во сите активности на Јеховините насобрани мноштва (Псалм 26:12, NW). Тоа, како и секојдневното медитирање за Божјата Реч, ќе ни даде многу причини да му пристапиме на Јехова со искрена фалба и благодарност.
Понизно барај ја Јеховината помош
9. Како се молел царот Аса, и со каков резултат?
9 Ако му служиме на Јехова со цело срце како негови Сведоци, можеме да бидеме сигурни дека тој ги слуша нашите молитви за помош (Исаија 43:10—12). Размисли за Аса, царот на Јуда. Првите 10 години од неговото 41-годишно владеење (977—937 пр. н. е.) биле одбележани со мир. Потоа Јуда била нападната од војска која броела еден милион мажи, под водство на Зара Етиопјанинот. Иако бројно биле многу надминати, Аса и неговите луѓе отишле да ги пресретнат напаѓачите. Меѓутоа, пред битката, Аса горливо се молел. Тој ја признал Јеховината моќ да ослободува. Молејќи се за помош, царот рекол: „На Тебе се надеваме и во Твое име излеговме против ова множество. Господи, Ти си наш Бог; да не биде човекот посилен од Тебе“. Кога Јехова ја спасил Јуда заради своето големо име, резултатот бил потполна победа (2. Летописи 14:1—15). Без разлика дали Бог нѐ избавува од испит или нѐ зајакнува да истраеме, нема сомнение во тоа дека тој ги слуша нашите молби за негова помош.
10. Кога не знаеме како да се справиме со некоја криза, како може молитвата на царот Јосафат да се покаже корисна?
10 Ако не знаеме како да се справиме со некоја криза, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ги чуе нашите молби за помош. Ова било илустрирано во деновите на јудејскиот цар Јосафат, чие 25-годишно владеење започнало во 936 пр. н. е. Кога на Јуда ѝ се заканувале здружените сили на Моав, Амон, како и планинскиот регион Сеир, Јосафат се молел: „Боже наш! Суди им Ти. Зашто ние немаме сила против тоа големо множество, што нѐ нападнало и не знаеме, што да правиме; но очите ни се кон Тебе“. Јехова одговорил на таа понизна молитва и се борел за Јуда предизвикувајќи збрка во редовите на непријателите така што тие се исклале едни со други. Како резултат на тоа, околните нации се уплашиле и во Јуда преовладувал мир (2. Летописи ). Кога ни недостига мудроста која е потребна за да се соочиме со некоја криза, можеме да се молиме како Јосафат: ‚Ние не знаеме што треба да правиме, но нашите очи се кон тебе, Јехова‘. Светиот дух може да предизвика да се сетиме на библиските точки кои се потребни за да го решиме проблемот или, пак, можеби Бог ќе ни помогне на начин кој го надминува човечкото резонирање ( 20:1—30Римјаните 8:26, 27).
11. Што можеме да научиме за молитвата од постапките на Неемија во врска со ерусалимскиот ѕид?
11 Можеби ќе мора да истраеме во молитвата за Божја помош. Неемија со денови тажел, липал, постел и се молел во врска со ерусалимскиот разурнат ѕид и во врска со очајната состојба на жителите на Јуда (Неемија 1:1—11). Очигледно неговите молитви отишле кај Бог како темјан со пријатен мирис. Еден ден персискиот цар Артаксеркс го прашал потиштениот Неемија: „Па што бараш?“ „Наеднаш“ (NW), известува Неемија, „јас се помолив на Бога небесен.“ Таа кратка и тивка молитва била одговорена, зашто на Неемија му било дозволено да ја исполни желбата на своето срце — да отиде во Ерусалим и повторно да го изгради неговиот разурнат ѕид (Неемија 2:1—8).
Нека Исус те научи како да се молиш
12. Како со сопствени зборови би ги сумирал главните точки од Исусовата пример-молитва?
12 Од сите молитви кои се запишани во Писмото, особено е поучна пример-молитвата која ја изнел Исус Христос како темјан со пријатен мирис. Евангелието на Лука вели: „Еден од Неговите [Исусовите] ученици Му рече: ‚Господи, научи нѐ да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.‘ А Он им рече: ‚Кога се молите, говорете: ‚Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата: лебот наш насушен дај ни го денес [за овој ден, NW]; и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој наш должник; и не нѐ воведуј во искушение‘“ (Лука 11:1—4; Матеј 6:9—13). Да ја разгледаме оваа молитва, не со намера да ја рецитираме, туку за да ни служи како водич.
13. Како би го објаснил значењето на зборовите: „Оче наш, да се свети името Твое“?
13 ,Оче наш, да се свети името Твое.‘ Ословувањето на Јехова со Татко е посебна предност за неговите предадени слуги. Како деца кои спремно му пристапуваат на еден милосрден татко со секакви грижи, така и ние треба да поминуваме време во редовна достоинствена и побожна молитва кон Бог (Псалм 102:13, 14). Нашите молитви треба да ја одразуваат нашата грижа во врска со посветувањето на Јеховиното име бидејќи копнееме да видиме како тоа ќе се очисти од сиот прекор што се натрупал врз него. Да, ние сакаме Јеховиното име да се издвои и да се држи свето, односно посветено (Псалм 5:11; 62:3, 4; 148:12, 13; Језекиил 38:23).
14. Што значи да се молиме: „Да дојде царството Твое“?
14 „Да дојде царството Твое.“ Царството е владетелството на Јехова кое е изразено преку небесната месијанска влада во рацете на неговиот Син и Исусовите придружни ‚светии‘ (Даниил 7:13, 14, 18, 27; Откровение 20:6). Тоа наскоро ќе „дојде“ против сите земни противници на Божјиот суверенитет и ќе ги отстрани од сцената (Даниил 2:44). Потоа, волјата на Јехова ќе се врши на Земјата, како и на небото (Матеј 6:10). Колкава само радост ќе им донесе тоа на сите суштества кои лојално му служат на Универзалниот Суверен!
15. Што покажува тоа кога го молиме Јехова за ‚лебот наш за денот‘?
15 „Лебот наш насушен дај ни го денес [за денот според потребата на денот, NW].“ Тоа што го молиме Јехова за храна „за денот“ покажува дека не бараме резерви од храна во големо изобилство, туку само за нашите секојдневни потреби. Иако имаме доверба дека Бог ќе се погрижи, сепак ние исто така работиме и го користиме секое прикладно средство кое ни е на располагање за да ја набавиме храната и другите неопходни работи (2. Солунјаните 3:7—10). Се разбира, треба да му благодариме на нашиот небесен Обезбедувач за неговата љубов, мудрост и моќ кои стојат зад овие подготовки (Дела 14:15—17).
16. Како можеме да добиеме Божје простување?
16 „Прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој наш должник.“ Бидејќи сме несовршени и грешни, ние не можеме да одговараме на Јеховините совршени мерила. Според тоа, треба да го молиме за простување на темел на Исусовата откупна жртва. Но, ако сакаме ‚Слушачот на молитвата‘ да ја примени вредноста од таа жртва на нашите гревови, мораме да се покаеме и да бидеме спремни да ја добиеме секоја стега што тој ни ја дава (Псалм 65:2, NW; Римјаните 5:8; 6:23; Евреите 12:4—11). Освен тоа, можеме да очекуваме Бог да ни прости само ако им „проштаваме“ на оние кои нам ни грешат (Матеј 6:12, 14, 15).
17. Што се мисли со зборовите: „Не нѐ воведуј во искушение“?
17 „Не нѐ воведуј во искушение.“ Понекогаш Библијата вели дека Јехова прави некои работи, кога, всушност, тој само ги дозволува (Рут 1:20, 21). Бог не нѐ искушува за да извршиме грев (Јаков 1:13). Искушенијата да се прави зло потекнуваат од Ѓаволот, од нашето грешно тело и од овој свет. Сатана е Искушувачот кој се обидува да нѐ изманипулира да згрешиме против Бог (Матеј 4:3; 1. Солунјаните 3:5). Кога го упатуваме барањето „не нѐ воведуј во искушение“, ние всушност бараме Бог да не дозволи да изневериме кога сме искушани да му бидеме непослушни. Тој може да нѐ води за да не подлегнеме и да не бидеме надитрени од Сатана, „лукавиот“ (Матеј 6:13; 1. Коринтјаните 10:13).
Работи во склад со своите молитви
18. Како можеме да работиме во склад со своите молитви за среќен брак и семеен живот?
18 Исусовата пример-молитва ги опфаќа главните точки, но ние можеме да се молиме за секоја работа. На пример, можеме да се молиме за нашата желба за среќен брак. За да задржиме чистота сѐ до бракот, можеме да се молиме за самосовладување. Но, тогаш да работиме во склад со нашите молитви така што ќе избегнуваме неморална литература и забава. Исто така, да бидеме одлучни да се ‚венчаваме само во Господ‘ (1. Коринтјаните 7:39; 5. Мојсеева 7:3, 4). Кога веќе сме во брак, ќе треба да работиме во склад со нашите молитви за среќа, така што ќе го применуваме Божјиот совет. Ако, пак, имаме деца, не е доволно да се молиме тие да бидат верни слуги на Јехова. Мораме да сториме сѐ што можеме за да ги всадиме Божјите вистини во нивните мисли преку библиска студија и преку редовно присуство на христијанските состаноци заедно со нив (5. Мојсеева 6:5—9; 31:12; Изреки 22:6).
19. Што треба да правиме ако се молиме за нашата служба?
19 Дали се молиме за благослов во службата? Тогаш да постапуваме во склад со таквите молитви така што ќе имаме смисловно учество во делото на проповедање на Царството. Ако се молиме за прилики да им помагаме на другите да дојдат на патот на вечниот живот, треба да водиме добри белешки за заинтересираните лица и да бидеме спремни во нашиот распоред да го вклучиме и водењето домашни библиски студии. Што ако сакаме да стапиме во полновременото проповедничко дело како пионери? Тогаш, да преземеме чекори во склад со нашите молитви така што ќе ја зголемиме нашата проповедничка активност и ќе учествуваме во службата со пионерите. Преземањето такви чекори ќе покаже дека работиме во склад со нашите молитви.
20. На што ќе обрне внимание следната статија?
20 Доколку верно му служиме на Јехова, можеме да бидеме сигурни дека тој ќе одговори на нашите молитви кои се во склад со неговата волја (1. Јованово 5:14, 15). Сигурно дека собравме корисни точки од разгледувањето на некои од молитвите кои се запишани во Библијата. Нашата следна статија ќе разгледа и други библиски упатства за оние кои сакаат да ‚ги подготват своите молитви како темјан пред Јехова‘.
Како би одговорил?
◻ Зошто треба да упатуваме молитви со вера?
◻ Каква улога треба да играат фалбата и благодарноста во нашите молитви?
◻ Зошто можеме со доверба да ја бараме Јеховината помош во молитва?
◻ Кои се некои главни точки од пример-молитвата?
◻ Како можеме да работиме во склад со своите молитви?
[Прашања]
[Слика на страница 12]
Слично на цар Јосафат, можеби понекогаш треба да се молиме: ‚Не знаеме што треба да правиме, но нашите очи се кон тебе, Јехова‘
[Слика на страница 13]
Дали се молиш во склад со Исусовата пример-молитва?