Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Темнокосата господарка на сириската дивина“

„Темнокосата господарка на сириската дивина“

„Темнокосата господарка на сириската дивина“

ТЕНОТ ѝ бил маслинест, забите бисерно бели, очите црни и блескави. Била доста наобразована и била вешт лингвист. Се вели дека во однос на интелигенцијата оваа борбена кралица била поголема од Клеопатра, а по убавината можеби еднаква на неа. Бидејќи се осмелила да застане наспроти доминантната светска сила од нејзино време, таа исполнила пророчка улога во една библиска драма. Дури долго после нејзината смрт, писателите сѐ уште ја фалеле, а сликарите ја идеализирале. Еден поет од 19 век ја прикажал како „темнокосата господарка на сириската дивина“. Оваа многу фалена жена била Зенобија — кралицата на сирискиот град Палмира.

Како Зенобија станала толку угледна? Каква била политичката клима која ја довела до тоа да дојде на власт? Што може да се каже за нејзиниот карактер? И која пророчка улога ја исполнила оваа кралица? Првин да ја разгледаме географската рамка во која се одвива драмата.

Град на работ на една пустина

Палмира, градот на Зенобија, се наоѓал на околу 210 километри североисточно од Дамаск, на северниот раб на Сириската Пустина каде што Антилибанските планини се спуштаат во низината. Овој град-оаза бил на отприлика половина пат меѓу Средоземното Море на запад и реката Еуфрат на исток. Можеби цар Соломон го знаел како Тедмор — место кое било витално за благосостојбата на неговото царство и тоа од две причини: како гарнизон за одбрана на северната граница и како пресудна алка во синџирот од каравански градови. Затоа, Соломон ‚го изградил Тедмор во пустињата‘ (2. Летописи 8:4).

Историјата не спомнува ништо за Тедмор за илјадата години после владеењето на цар Соломон. Ако исправно се поистовети со Палмира, неговото издигање до истакнатост почнало откако Сирија станала оддалечена покраина на Римското Царство во 64 пр. н. е. „Палмира му била важна на Рим во две сфери — економската и воената“, вели Ричард Стоунмен во својата книга Palmyra and Its EmpireZenobia’s Revolt Against Rome. Бидејќи овој град на палми се наоѓал на главниот трговски пат кој го поврзувал Рим со Месопотамија и со Истокот, низ него поминувале комерцијалните богатства од древниот свет — зачини од Источно-индиските острови, свила од Кина и други производи од Персија, долна Месопотамија и медитеранските земји. Рим зависел од увозот на овие производи.

На воен план, покраината Сирија служела како тампон зона меѓу ривалските сили Рим и Персија. Реката Еуфрат го одвојувала Рим од неговиот источен сосед во текот на првите 250 години од нашата ера. Палмира била токму на другата страна од пустината, западно од градот Дура Европос на Еуфрат. Признавајќи ја нејзината стожерна положба, римските императори како што се Адријан и Валеријан ја посетиле Палмира. Адријан придонел кон нејзината величественост и дал многу великодушни донации. Валеријан го наградил палмирскиот благородник по име Оденат — сопругот на Зенобија — така што во 258 н. е. го издигнал до ранг на римски конзул поради тоа што тој успешно учествувал во воениот поход против Персија и ја проширил границата на Римското Царство во Месопотамија. Зенобија одиграла важна улога во доаѓањето на нејзиниот сопруг на власт. Историчарот Едвард Гибон напишал: „Успехот на Оденат во голема мера бил заслуга на нејзината [Зенобиината] неспоредлива разборитост и морална цврстина“.

Во меѓувреме, персискиот цар Сапор решил да ја предизвика римската превласт и да го докаже својот суверенитет над сите поранешни персиски покраини. Тој со застрашувачка војска одмарширал кон запад, освојувајќи ги римските гарнизонски градови Нисибис и Карше (Харан) и продолжил да ги уништува северна Сирија и Киликија. Императорот Валеријан лично дошол да ги предводи силите против напаѓачите, но Персијците го поразиле и го заробиле.

Оденат сметал дека е време на персискиот монарх да му испрати скапи подароци и порака на мир. Цар Сапор вообразено заповедал подароците да се исфрлат во Еуфрат и побарал Оденат да се појави пред него во улога на заробеник кој моли. Како одговор, Палмирците собрале војска од пустинските номади и од остатокот од римските сили и почнале да ги напаѓаат Персијците кои сега им се заканувале. Наспроти тактиката на напаѓање и бегање на пустинските борци, силите на Сапор — кои биле истоштени од воениот поход и натоварени со пљачка — имале слаба одбрана и биле присилени да бегаат.

Во знак на признание на победата над Сапор, синот и наследник на Валеријан, Гален, му ја дал на Оденат титулата коректор тотиј Ориент (управител над целиот Исток). Со текот на времето, Оденат си ја дал титулата „цар над царевите“.

Зенобија се стреми да создаде царство

Во 267 н. е., во зенитот на својата кариера, на Оденат и на неговиот наследник им бил извршен атентат, наводно од некој осветољубив внук. Зенобија ја презела позицијата на нејзиниот сопруг, бидејќи нејзиниот син бил премлад. Убава, амбициозна, способна како управителка, навикната на воени походи со нејзиниот покоен сопруг и течно говорејќи неколку јазици, таа успеала да се здобие со почитувањето и поддршката од нејзините поданици — не баш мал подвиг меѓу бедуините. Зенобија имала љубов кон учењето и била опкружена со интелектуалци. Еден од нејзините советници бил филозофот и говорник Касиј Лонгинус — за кого е речено дека бил „жива библиотека и подвижен музеј“. Авторот Стоунмен истакнува: „Во текот на петте години после смртта на Оденат . . . Зенобија се прославила во умовите на нејзиниот народ како господарка на Истокот“.

Од едната страна на подрачјето на Зенобија била Персија, која таа и нејзиниот сопруг ја ослабнале, а од другата страна, пак, бил Рим кој пропаѓал. Во врска со состојбите во Римското Царство тоа време, историчарот Џ. М. Робертс вели: „Третиот век бил . . . ужасно време за Рим како на источните така и на западните граници, додека во државата започнал еден нов период на граѓанска војна и спорни наследства. Дошле и си заминале дваесет и двајца императори (не сметајќи ги претендентите)“. Сириската господарка, пак, од друга страна, била добро утврден монарх во своето подрачје. „Контролирајќи ја рамнотежата над двете царства [персиското и римското]“, забележува Стоунмен, „можела да се стреми да создаде трето царство кое би владеело над двете.“

Приликата Зенобија да ги прошири своите царски сили се укажала во 269 н. е., кога во Египет се појавил еден претендент кој го оспорувал римското владетелство. Војската на Зенобија брзо одмарширала во Египет, го поразила бунтовникот и ја презела земјата. Прогласувајќи се за царица на Египет, таа заработила голема сума пари во свое име. Сега нејзиното царство се протегало од реката Нил до реката Еуфрат. Во тој момент од својот живот, таа ја заземала положбата „јужниот цар“ за кој се зборува во библиското пророштво на Даниил, бидејќи тогаш нејзиното царство владеело во областа јужно од татковината на Даниил (Даниил 11:25, 26). Исто така, таа освоила и голем дел од Мала Азија.

Зенобија го зајакнала и го разубавила својот главен град Палмира до толкав степен што тој се вбројувал меѓу поголемите градови во римскиот свет. Се проценува дека неговото население броело над 150.000 жители. Градот бил полн со величествени државни згради, храмови, градини, столбови и споменици, и тоа внатре во ѕидовите за кои се вели дека имале опсег од 21 километар. На главната авенија биле наредени колонади — околу 1.500 — составени од редови коринтски столбови високи над 15 метри. Градот изобилувал со статуи и бисти од херои и богати добродетели. Во 271 н. е. Зенобија подигнала еден пар статуи од неа и од нејзиниот покоен сопруг. На работ од пустината, Палмира блескал како скапоцен камен.

Храмот на Сонцето бил една од најубавите градби во Палмира и несомнено доминирал на религиозната сцена во градот. Веројатно и Зенобија обожавала божество кое било поврзано со богот на сонцето. Меѓутоа, Сирија од третиот век била земја со многу религии. Во областа на Зенобија имало луѓе кои се исповедувале како христијани, Евреи, астролози и обожаватели на сонцето и на месечината. Каков бил нејзиниот став кон различните видови обожавање во нејзиното подрачје на владеење? Авторот Стоунмен забележува: „Една мудра владетелка нема да занемари какви и да било обичаи кои се чинат прикладни за нејзиниот народ . . . Се надевале . . . дека боговите се подредени на страната на Палмира“. Изгледа дека Зенобија била религиозно толерантна. Но, дали боговите навистина ‚биле подредени на страната на Палмира‘? Што носела блиската иднина за Палмира и за нејзиниот „мудар владетел“?

Еден император ‚го крева своето срце‘ против Зенобија

Во текот на 270 н. е. Аврелијан станал император на Рим. Неговите војски успешно ги одбиле и ги притегнале варварите на запад. Во 271 н. е. — сега претставувајќи го „северниот цар“ од пророштвото на Даниил — Аврелијан ‚ја кренал својата моќ и своето срце против јужниот цар‘, кого го претставувала Зенобија (Даниил 11:25аNW). Аврелијан испратил некои од своите сили директно во Египет, а својата главна војска ја одвел на исток преку Мала Азија.

Јужниот цар — владејачкото тело предводено од Зенобија — ‚излегло‘ за војна против Аврелијан „со голема и уште посилна војска“ под водство на двајца генерали Забдас и Заби (Даниил 11:25б). Но, Аврелијан го зазел Египет и потоа презел поход во Мала Азија и Сирија. Зенобија била поразена кај Емеса (сега Хомс) и се повлекла во Палмира.

Кога Аврелијан ја опколил Палмира, Зенобија, надевајќи се дека ќе добие помош, избегала со својот син кон Персија, но била заробена од Римјаните кај реката Еуфрат. Палмирците го предале својот град во 272 н. е. Аврелијан постапил великодушно со неговите жители, собрал огромна количина пљачка, вклучувајќи го и идолот од Храмот на сонцето, и заминал за Рим. Римскиот император ја поштедил Зенобија и ја направил главна атракција во својата триумфална поворка низ Рим во 274 н. е. Остатокот од животот го поминала како римска матрона.

Пустинскиот град претворен во урнатини

Неколку месеци откако Аврелијан ја презел Палмира, Палмирците го масакрирале римскиот гарнизон што тој го оставил зад себе. Кога вестите за овој бунт дошле до Аврелијан, тој веднаш наредил неговите војници да се вратат по истиот пат, и овојпат тие извршиле ужасна освета врз населението. Оние кои го избегнале овој немилосрден колеж биле одведени во ропство. Горделивиот град бил опљачкан и уништен без да може да се опорави. На тој начин, прометната метропола била вратена на нејзиниот поранешен статус — „Тедмор во пустињата“.

Кога Зенобија смело застанала наспроти Рим, таа и императорот Аврелијан несвесно одиграле улоги како ‚јужен цар‘ и ‚северен цар‘, исполнувајќи дел од едно пророштво кое до ситни детали го запишал Јеховиниот пророк околу 800 години пред тоа (Даниил, поглавје 11). Со својата впечатлива личност Зенобија се здобила со восхитувањето на многумина. Меѓутоа, од најголемо значење била нејзината улога во претставувањето на едно политичко тело кое е претскажано во пророштвото на Даниил. Нејзиното владеење не траело повеќе од пет години. Палмира, главниот град на царството на Зенобија, денес е само едно село. Дури и моќното Римско Царство уште одамна исчезнало и донело современи царства. Каква ќе биде иднината на овие сили? И нивната судбина е водена од сигурното исполнување на библиското пророштво (Даниил 2:44).

[Рамка на страница 29]

Оставината на Зенобија

Откако се вратил во Рим поразувајќи ја Зенобија, царицата на Палмира, императорот Аврелијан изградил храм на сонцето. Во него ги ставил статуите на богот-сонце кои ги донел од нејзиниот град. Коментирајќи за понатамошниот развој, списанието History Today вели: „Можеби најодекнувачка од сите постапки на Аврелијан е воспоставувањето — во 274 А. Д. — на еден годишен празник на сонцето кој се паѓа на краткоденицата, 25 декември. Кога царството станало христијанско, тогаш роденденот на Христос бил префрлен на тој датум за да се направи новата религија поприфатлива за оние кои се радувале на свеченостите од старото време. Чудна е помислата што конечно, на императорката Зенобија се должи тоа што . . . [луѓето] го прославуваат нашиот Божиќ“.

[Карта/слика на страници 28 и 29]

(Види во публикацијата)

СРЕДОЗЕМНО МОРЕ

СИРИЈА

Антиохија

Емеса (Хомс)

ПАЛМИРА

Дамаск

МЕСОПОТАМИЈА

Еуфрат

Кархе (Харан)

Нисибис

Дура—Европос

[Извори на слики]

Мапа: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.

Колонада: Michael Nicholson/Corbis

[Слика на страница 29]

Римска кованица која можеби го прикажува Аврелијан

[Слика на страница 30]

Храмот на сонцето во Палмира

[Извор на слика]

The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck

[Слика на страница 31]

Царицата Зенобија им се обраќа на своите војници

[Извор на слика]

Giovanni Battista Tiepolo, Царицата Зенобија им се обраќа на своите војници, Samuel H. Kress Collection, Photograph © Board of Trustees, National Gallery of Art, Washington

[Извор на слика на страница 28]

Detail of: Giovanni Battista Tiepolo, Царицата Зенобија им се обраќа на своите војници, Samuel H. Kress Collection, Photograph © Board of Trustees, National Gallery of Art, Washington