Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Цената на гордоста — колку е висока?

Цената на гордоста — колку е висока?

Цената на гордоста — колку е висока?

ДАЛИ некогаш си имал работа со лице кое намерно се обидувало да направи да се чувствуваш безначаен? Дали тоа можеби бил некој раководител, шеф, надзорник, па дури и роднина кој презриво гледал на тебе и се однесувал со крајно омаловажување? Што си мислел за тоа лице? Дали си бил привлечен кон неговата личност? Сигурно не! Зошто? Затоа што гордоста создава бариери и ја задушува комуникацијата.

Гордоста прави лицето да ги омаловажува сите, така што тоа секогаш изгледа супериорно. Лицето со таков став ретко кажува некој добар збор за другите. Секогаш има некоја изјава која ги става во негативно светло: „Да — можеби тоа е точно, но тој го има овој проблем или онаа маана“.

Во Thoughts of Gold in Words of Silver гордоста е опишана како „порок кој секогаш поразува. Тој го јаде лицето, оставајќи му многу малку на што може да се восхитува“. Дали е чудно тоа што никој не се чувствува опуштено покрај горд човек? Всушност, цената на гордоста честопати е недостиг на вистински пријатели. „Наспроти тоа“, продолжува истата книга, „светот ги сака понизните — не понизните кои се горди на тоа, туку оние кои се навистина понизни.“ Соодветно на тоа, Библијата наведува: „Гордоста на човекот му донесува понижување, а оној кој се понизува ќе добие чест“ (Изреки 29:23, The Jerusalem Bible).

Меѓутоа, освен тоа што влијае врз пријателството или честа на луѓето, како гордоста влијае врз односот со Бог? Како Бог гледа на гордите, вообразените и на арогантните? Гордост или понизност — дали тоа е важно за него?

Лекција за понизност

Инспирираниот писател на Изреките наведува: „Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање — надуеноста. Подобро е да се смируваш во духот со кротки, отколку да делиш грабеж со горделиви“ (Изреки 16:18, 19). Мудроста на овие зборови се потврдила во случајот на сирискиот генерал Нееман кој живеел во времето на израелскиот пророк Елисеј.

Нееман бил лепрозен. Во потрага по лек, отпатувал во Самарија мислејќи дека ќе биде лично примен од Елисеј. Наместо тоа, пророкот го испратил својот слуга со упатства Нееман седумпати да се искапе во реката Јордан. Нееман се навредил поради таквото постапување со него и поради советот. Зошто пророкот не можел да излезе и лично да разговара со него наместо да испраќа слуга? И секако, сите сириски реки биле исто толку добри колку и Јордан! Гордоста му била проблем. Каков бил резултатот? За негова среќа, триумфирал помудриот совет. „Тој отиде и се потопи во Јордан седумпати, според зборовите на Божјиот човек, и телото му се обнови како телото на мало дете и се исчисти“ (4. Царства 5:14).

Понекогаш се добиваат големи користи само од мала понизност.

Цената на ароганцијата

Меѓутоа, цената која гордоста ја изискува од нас може да биде далеку повисока отколку само да испуштиме некоја корист или добивка. Постои и еден друг степен на гордост што го содржи грчкиот збор хибрис — кој се дефинира како „претерана гордост или самодоверба што честопати резултира во казна“ (Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary). Според грчкиот изучувач Вилијам Беркли, „хибрис е гордост помешана со суровост . . . арогантен презир кој прави [човек] да ги подгазува срцата на своите ближни“.

Јасен пример за овој вид претерана гордост се појавува во Библијата. Тоа е случајот со Анон, царот на Амон. Insight on the Scriptures објаснува: „Поради срдечната љубезност која му ја покажал Наас, Давид испратил гласници да го утешат Анон заради загубата на неговиот татко. Но Анон, убеден од своите кнезови дека тоа било чист трик од страна на Давид за да го извиди градот, ги обесчестил Давидовите слуги така што им ги избричил брадите и им ги исекол облеките на пола до задниците и потоа ги пуштил“. a Во врска со тој настан, Беркли забележува: „Тоа постапување било хибрис. Тоа било навреда, злосторство, јавно понижување — сето тоа заедно“ (2. Царства 10:1—5).

Да, гордото лице е кадарно да биде дрско, да ги понижува другите. Тоа ужива да навреди некого на еден ладен, безличен начин и потоа да се сити на неудобноста и срамот на другиот. Но, поткопувањето или уништувањето на нечие самопочитување е меч со две острици. Тоа резултира во губење на некој пријател и, најверојатно, правење непријател.

Како може некој вистински христијанин да покаже таква навредлива гордост, со оглед на тоа што неговиот Господар заповедал да ‚го љуби својот ближен како себеси‘? (Матеј 7:12; 22:39). Едноставно тоа противречи на сето она за што се залагаат Бог и Христос. Поради тоа, Беркли ја дава оваа важна забелешка: „Хибрис е гордост која прави човекот да му пркоси на Бог“. Гордоста е таа која вели: „Не постои Јехова“ (Псалм 14:1NW). Или, како што е изразено во Псалм 9:24 „грешникот го дразни Господа, за многуте негови гревови, вели, дека Он не истражува: нема Бог пред него“. Таквата гордост, т. е. вообразеност, отуѓува не само од пријателите и роднините туку и од Бог. Колкава само цена е тоа!

Не дозволувај гордоста да те нагризе

Гордоста има многу лица — гордост која извира од национализмот, од расизмот, од класните разлики и разлики во кастата, од образованието, богатството, престижот и моќта. На еден или на друг начин, гордоста може лесно да се вовлече во тебе и да ја нагризе твојата личност.

Се чини дека многу луѓе се понизни кога имаат работа со претпоставени или дури со лица кои се еднакви на нив. Но, што се случува кога навидум понизното лице дојде на некоја авторитетна позиција? Одеднаш станува деспот кој им го прави мизерен животот на своите наводно потчинети! Тоа може да се случи со некои кога облекуваат униформа или носат значка која укажува на моќ. Дури и владините работници можат да станат горди на своите постапки со јавноста, мислејќи дека јавноста е тука за да им служи, а не обратно. Гордоста може да те направи груб, бесчувствителен; понизноста може да те направи љубезен.

Исус можел да биде горд и груб со своите ученици. Тој бил совршен човек, Син Божји, а имал работа со несовршени, импулсивни, непромислени следбеници. Сепак, каква покана им упатил на оние кои го слушале? „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11:28—30).

Дали настојуваме секогаш да го следиме Исусовиот пример? Или, пак, увидуваме дека сме груби, нефлексибилни, деспотски настроени, безмилосни, горди? Слично на Исус, обиди се да освежуваш, а не да угнетуваш. Спротивстави се на нагризувачкиот ефект на гордоста.

Со оглед на штотуку споменатово, дали секаква гордост е погрешна?

Самопочитување наспроти вообразеност

Исто така, гордоста е „разумно или оправдано самопочитување“. Самопочитување значи да имаш почитување кон себеси. Тоа значи дека ти се грижиш за тоа што мислат другите луѓе за тебе. Се грижиш за својот изглед и за својата репутација. Вистинита е шпанската изрека: ‚Кажи ми со кого се дружиш, па ќе ти кажам кој си‘. Ако претпочиташ да се дружиш со луѓе кои се неуредни, мрзливи, неизделкани и со поган јазик, тогаш ќе станеш како нив. Нивните ставови ќе се пренесат на тебе, и исто како нив, и тебе ќе ти недостасува самопочитување.

Се разбира, постои и друга крајност — гордост која води до самобендисаност или суета. Книжниците и фарисеите од времето на Исус биле горди на своите традиции и на својот претерано религиозен изглед. Во врска со нив Исус предупредил: „Сите свои дела ги прават, за да ги видат луѓето; ги истакнуваат своите записи од законот и прават големи поли на својата облека [за да изгледаат попобожни]; сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите, и поздрави по улиците, и да им велат луѓето ‚учителе, учителе!‘“ (Матеј 23:5—7).

Значи, исправната гордост е урамнотежен став. Запомни го и тоа дека Јехова го гледа срцето, а не само надворешната појава (1. Царства 16:7; Јеремија 17:10). Самоправедноста не е Божја праведност. Меѓутоа, прашањето сега е: ‚Како можеме да негуваме вистинска понизност и да избегнеме да плаќаме висока цена за гордоста?‘

[Фуснота]

a Објавен од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Слика на страница 4]

Мала понизност му донела големи користи на Нееман