Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Христовата откупнина — Божји пат за спасение

Христовата откупнина — Божји пат за спасение

Христовата откупнина — Божји пат за спасение

„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (ЈОВАН 3:16).

1, 2. Опиши ја тешката ситуација која се развила во врска со човечкиот род.

 ЗАМИСЛИ си дека страдаш од некоја болест која сигурно ќе ти го одземе животот ако не се направи хируршки зафат. Како би се чувствувал ако цената на операцијата е далеку над она што ти можеш да си го допуштиш? Што ако дури и здружените парични средства од твоето семејство и од пријателите не би можеле да ја исплатат? Соочувањето со една таква дилема која е опасна по живот би било фрустрирачко!

2 Ова ја илустрира ситуацијата што се развила во врска со човечкиот род. Нашите прародители Адам и Ева биле создадени совршени (5. Мојсеева 32:4NW). Тие имале изглед да живеат засекогаш и да ја исполнат Божјата намера: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа“ (1. Мојсеева 1:28). Меѓутоа, Адам и Ева се побуниле против својот Творец (1. Мојсеева 3:1—6). Нивната непослушност донела грев не само врз самите Адам и Ева туку и врз нивното неродено потомство. Верниот човек Јов подоцна рекол: „Кој ќе се роди чист од нечист? Ниеден“ (Јов 14:4).

3. Како смртта се раширила на сите луѓе?

3 На тој начин, гревот е сличен на болест која нѐ заразила сите нас, зашто Библијата вели дека „сите згрешија“. Последиците од оваа состојба се опасни по живот. Навистина, „платата, што ја дава гревот, е смрт“ (Римјаните 3:23; 6:23). Ниеден од нас не може да ја заобиколи. Сите луѓе грешат па, според тоа, сите и умираат. Како потомци на Адам, родени сме во таа тешка ситуација (Псалм 50:5). „Како што гревот влезе во светот преку еден човек“, напишал Павле, „а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Но, ова не значи дека ние сме без надеж за спасение.

Отстранување на гревот и смртта

4. Зошто луѓето не можат сами да ја отстранат болеста и смртта?

4 Што е потребно за да се отстрани гревот и неговата последица, смртта? Јасно, нешто повеќе од она што може да го обезбеди кој и да било човек. Псалмистот се жалел: „Цената на животот е превисока. Она што тој би можел да го плати нема никогаш да биде доволно за да го задржи да не оди в гроб, да му дозволи да живее засекогаш“ (Псалм 49:8, 9, Today’s English Version). Се разбира, можеби ние ќе можеме да си го продолжиме животот за неколку години преку една здрава исхрана и медицинска нега, но сепак ниеден од нас не може да се излечи од својата наследена грешна состојба. Ниеден од нас не може да ја смени насоката на осакатувачките ефекти од процесот на стареење и да го обнови своето тело до совршенството кое Бог во почетокот го намеравал. Павле сигурно не претерувал кога напишал дека поради Адамовиот грев, човечкото создание ‚било подложено на ништожност‘ — или, како што тоа го преведува The Jerusalem Bible, „било онеспособено да ја постигне својата цел“ (Римјаните 8:20NW). Но, за среќа, Творецот не нѐ напуштил. Тој направил подготовка да ги отстрани гревот и смртта еднаш засекогаш. Како?

5. Како Законот кој му бил даден на Израел одразувал длабок обѕир кон правдата?

5 Јехова е „љубител на праведноста и правдата“ (Псалм 33:5NW). Законскиот кодекс кој тој му го дал на Израел одразува длабок обѕир за рамнотежа и непристрасна правда. На пример, во рамките на тоа тело од закони читаме дека ‚треба да се даде живот за живот‘. Со други зборови, доколку еден Израелец убиел некого, морал да го даде сопствениот живот на местото на животот кој го одзел (2. Мојсеева 21:23NW; 4. Мојсеева 35:21). На тој начин, вагата на божествената правда би била урамнотежена. (Спореди 2. Мојсеева 21:30.)

6. а) Во која смисла Адам можел да се нарече убиец? б) Каков живот изгубил Адам, и каква жртва била потребна за да се урамнотежи вагата на правдата?

6 Кога Адам згрешил, тој станал убиец. Во која смисла? Во таа што тој ја пренел својата грешна состојба — а со тоа и смртта — на сите свои потомци. Адамовата непослушност е причина што во овој момент нашите тела пропаѓаат, незапирливо движејќи се кон гробот (Псалм 89:10). Адамовиот грев вклучува нешто уште посериозно. Запомни, она што Адам го изгубил за себе и за своето потомство, не бил обичен живот од 70 или 80 години. Тој изгубил совршен живот — всушност, вечен живот. Тогаш, ако ‚оди живот за живот‘, каков живот би морало да се даде за да се задоволи правдата во овој случај? Логично, тоа би морало да биде совршен човечки живот — живот кој, како Адамовиот, имал потенцијал да произведе совршено човечко потомство. Ако се понудел како жртва, совршениот човечки живот не само што ќе ја урамнотежел вагата на правдата туку и ќе овозможел целосно отстранување на гревот и неговата последица, смртта.

Покривање на трошокот на гревот

7. Опиши го значењето на зборот „откупнина“.

7 На цената која се барала за да бидеме откупени од гревот во Библијата се укажува како на „откупнина“ (Псалм 48:7). Тој термин на македонски може да укажува на исплатата која еден киднапер ја бара во замена за некој кој тој го грабнал. Се разбира, откупнината која ја обезбедил Јехова не вклучува некакво киднапирање. Мислата за исплата на цена останува иста. Всушност, глаголската форма на хебрејскиот збор преведен со „откупнина“ дословно значи „да покрие“. За да го искупи гревот, откупнината мора прецизно да одговара на она што таа треба да го покрие — Адамовиот совршен човечки живот.

8. а) Опиши го начелото за повторно купување. б) Како начелото за повторно купување се однесува на нас како грешници?

8 Ова е во склад со едно начело кое се наоѓа во Мозаитскиот закон — начелото за повторно купување. Доколку еден Израелец западнел во сиромаштија и се продал себеси во ропство на некој неизраелец, тогаш некој роднина можел повторно да го купи (т. е. откупи) плаќајќи цена за која се сметало дека има еднаква вредност на робот (3. Мојсеева 25:47—49). Библијата вели дека како несовршени луѓе ние сме „робови на гревот“ (Римјаните 6:6; 7:14, 25). Што е потребно за да бидеме повторно купени? Како што веќе видовме, загубата на совршен човечки живот би барала ни повеќе, ни помалку туку плаќање на совршен човечки живот.

9. Како Јехова направил подготовка за да го покрие гревот?

9 Се разбира, ние луѓето се раѓаме несовршени. Ниеден од нас не е еднаков на Адам; ниеден од нас не може да ја плати откупната цена која ја бара правдата. Како што беше спомнато во почетокот, тоа е како да имаме некоја болест која е опасна по живот, а не сме во состојба да платиме за операцијата со која може да се излечи. Во таква ситуација, зарем нема да бидеме благодарни ако некој посредува за нас и го покрие трошокот? Тоа е токму она што го сторил Јехова! Тој направил подготовка за да нѐ искупи од гревот, еднаш засекогаш. Да, тој е спремен да ни го даде она што ние сами никогаш не би можеле да си го допуштиме. Како? „Дарот Божји“, напишал Павле, „е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23). Јован го опишал Исус како ‚јагне Божјо, Кое ги зело гревовите на светот врз Себе‘ (Јован 1:29). Да видиме како Јехова го употребил својот љубен Син за да ја плати откупната цена.

„Соодветна откупнина“

10. Како пророштвата во врска со ‚семето‘ почнале да се сосредоточуваат на Јосиф и Марија?

10 Веднаш после побуната во Едем, Јехова ја објавил својата намера да произведе „семе“ (NW), т. е. потомство, кое би го откупило човештвото од гревот (1. Мојсеева 3:15). Преку серија божествени откровенија, Јехова ја идентификувал семејната лоза која ќе го произведе тоа семе. Со текот на времето, овие откровенија се сосредоточиле на Јосиф и Марија — еден верен пар кој живеел во Палестина. На Јосиф во сон му било кажано дека Марија е бремена од светиот дух. Ангелот рекол: „Таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Он ќе го спаси народот Свој од неговите гревови“ (Матеј 1:20, 21).

11. а) Како Јехова уредил неговиот Син да се роди како совршен човек? б) Зошто Исус бил во можност да обезбеди „соодветна откупнина“?

11 Тоа во никој случај не била обична бременост, зашто Исус имал претчовечко постоење на небото (Изреки 8:22—31; Колосјаните 1:15). Неговиот живот бил пренесен со Јеховината чудесна моќ во матката на Марија, овозможувајќи овој љубен Син Божји да се роди како човек (Јован 1:1—3, 14; Филипјаните 2:6, 7NW). Јехова ги водел работите така што Исус не бил извалкан од Адамовиот грев. Напротив, Исус се родил совршен. На тој начин, тој го поседувал она што Адам го изгубил — совршен човечки живот. Конечно, еден човек кој можел да го покрие трошокот на гревот! И тоа е токму она што го сторил Исус на 14 Нисан 33 н. е. На тој историски ден, Исус дозволил да биде погубен од своите противници, обезбедувајќи на тој начин „соодветна откупнина“ (1. Тимотеј 2:6NW).

Вредноста на совршениот човечки живот

12. а) Опиши ја пресудната разлика меѓу смртта на Исус и смртта на Адам. б) Како Исус станал „Отец вечен“ за послушните луѓе?

12 Постои разлика меѓу смртта на Исус и смртта на Адам — разлика која ја подвлекува вредноста на откупнината. Адамовата смрт била заслужена, зашто тој намерно не го послушал својот Творец (1. Мојсеева 2:16, 17). За разлика од тоа, Исусовата смрт била потполно незаслужена, зашто ‚Он не направил грев‘ (1. Петрово 2:22). Затоа, кога Исус умрел, тој имал нешто со огромна вредност што грешникот Адам не го поседувал при својата смрт — правото на совршен човечки живот. На тој начин, Исусовата смрт имала жртвена вредност. Откако се вознел на небото како духовна личност, тој му ја претставил на Јехова вредноста на својата жртва (Евреите 9:24). На тој начин, Исус повторно го купил грешното човештво и станал негов нов Татко, замена за Адам (1. Коринтјаните 15:45). Со добра причина, Исус бил наречен „Отец вечен“ (Исаија 9:6). Размисли што значи тоа! Адам, грешниот татко, ја проширува смртта на сите свои потомци. Исус, совршениот Татко, ја употребува вредноста на својата жртва за да им подари вечен живот на послушните луѓе.

13. а) Илустрирај како Исус го поништил долгот кој го навлекол Адам. б) Зошто Исусовата жртва не го покрива гревот на нашите прародители?

13 Но, како можела смртта само на еден човек да ги покрие гревовите на многумина? (Матеј 20:28). Во една статија од пред неколку години, откупнината ја илустриравме вака: „Замисли си една огромна фабрика со стотици вработени. Еден нечесен директор на фабриката банкротира со бизнисот; фабриката се затвора. Сега стотици луѓе се без работа и не можат да ги платат своите сметки. Нивните брачни партнери, децата и — да, сите кредитори страдаат поради расипаноста на тој еден човек! Потоа, доаѓа еден богат добротвор кој го исплаќа долгот на компанијата и повторно ја отвора фабриката. Поништувањето на тој еден долг, од своја страна, донесува целосно ослободување на многуте вработени, на нивните семејства и на кредиторите. Но, дали првиот директор ќе добие удел во новата благосостојба? Не, тој е в затвор и на тој начин е трајно отстранет од неговото работно место! На сличен начин, поништувањето на тој еден долг на Адам им донесува користи на милиони негови потомци — но не и на Адам“.

14, 15. Зошто Адам и Ева можат да се наречат намерни грешници, и како нашата ситуација е поинаква од нивната?

14 Тоа е праведно. Запомни, Адам и Ева биле намерни грешници. Тие избрале да му бидат непослушни на Бог. За разлика од нив, ние сме родени во грев. Немаме избор. Без разлика на тоа колку напорно да се трудиме, не можеме во потполност да избегнеме да грешиме (1. Јованово 1:8). Можеби понекогаш се чувствуваме како Павле, кој напишал: „Кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува. Бидејќи, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи. Беден човек сум!“ (Римјаните 7:21—24).

15 Сепак, поради откупнината, ние имаме надеж! Исус е семето преку кое, како што ветил Бог, „ќе бидат благословени . . . сите народи на земјата“ (1. Мојсеева 22:18; Римјаните 8:20). Исусовата жртва ја отвора вратата за извонредни прилики за оние кои практикуваат вера во него. Да разгледаме некои од нив.

Извлекување корист од Христовата откупнина

16. И покрај нашата грешна состојба, кои користи можеме да ги уживаме сега поради Исусовата откупнина?

16 Библискиот писател Јаков признава дека „сите ние многу грешиме“ (Јаков 3:2). Меѓутоа, поради Христовата откупнина, нашите грешки можат да бидат простени. Јован пишува: „Ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот: а Он е очистување за нашите гревови“ (1. Јованово 2:1, 2). Се разбира, не треба да заземаме ноншалантно гледиште кон гревот (Јуда 4; спореди 1. Коринтјаните 9:27). Меѓутоа, доколку згрешиме, можеме да му го излееме нашето срце на Јехова, уверени дека тој е „спремен да прости“ (Псалм 86:5NW; 129:3, 4; Исаија 1:18; 55:7; Дела 3:19). На тој начин, откупнината ни овозможува да му служиме на Бог со чиста совест и ни овозможува да му пристапуваме во молитва преку името на Исус Христос (Јован 14:13, 14; Евреите 9:14).

17. Кои идни благослови се можни како резултат на откупнината?

17 Христовата откупнина го отвора патот за исполнување на Божјата намера — послушните луѓе да живеат засекогаш во рајот на Земјата (Псалм 36:29). Павле напишал: „Бидејќи сите ветувања Божји во Него [Исус] се ‚да‘“ (2. Коринтјаните 1:20). Точно, смртта „царува“ (Римјаните 5:17). Откупнината обезбедува темел за да може Бог да го збрише овој „последен непријател‘ (1. Коринтјаните 15:26NW; Откровение 21:4). Од Исусовата откупнина можат да извлечат корист дури и оние кои умреле. „Иде часот“, рекол Исус, „кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29; 1. Коринтјаните 15:20—22).

18. Каков трагичен ефект имал гревот врз луѓето, и до каков пресврт ќе дојде во Божјиот нов свет?

18 Размисли за тоа колку само ќе биде восхитувачки да се вкуси онаков живот каков што бил предвиден во почетокот — без грижите кои нѐ оптоваруваат денес! Гревот нѐ исфрлил од хармонијата и тоа не само со Бог туку и со сопствениот ум, сопственото срце и тело. Меѓутоа, Библијата ветува дека во Божјиот нов свет „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“. Да, човештвото нема повеќе да го измачуваат физичките и емоционалните болести. Зошто? Исаија одговара: „На народот што живее таму ќе му бидат простени гревовите“ (Исаија 33:24).

Откупнината — израз на љубов

19. Како треба ние како поединци да реагираме на Христовата откупнина?

19 Љубовта го поттикнала Јехова да го испрати својот љубен Син (Римјаните 5:8; 1. Јованово 4:9). Од друга страна, пак, љубовта го поттикнала Исус да „вкуси смрт за сите“ (Евреите 2:9; Јован 15:13). Павле со добра причина напишал: „Љубовта Христова нѐ гони . . . Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна“ (2. Коринтјаните 5:14, 15). Ако го цениме она што го сторил Исус за нас, ќе се одѕвиеме. На крајот на краиштата, откупнината ни овозможува да бидеме спасени од смртта! Сигурно не сакаме нашите постапки да укажуваат дека жртвата на Исус ја сметаме како да има обична вредност (Евреите 10:29).

20. Кои се некои од начините на кои пазиме на Исусовото ‚слово‘?

20 Како можеме да покажеме длабоко ценење за откупнината? Кратко пред да биде уапсен, Исус рекол: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое“ (Јован 14:23). Исусовото ‚слово‘ ја вклучува неговата заповед да имаме ревносен удел во исполнувањето на налогот: „Одете и научете ги [правете ученици од, NW] сите народи, крштавајќи ги“ (Матеј 28:19). Послушноста кон Исус бара и да покажуваме љубов кон нашите духовни браќа (Јован 13:34, 35).

21. Зошто треба да бидеме присутни на прославата на Меморијалот на 1 април?

21 Еден од најдобрите начини на кои можеме да покажеме ценење за откупнината е преку нашето присуство на Меморијалот на Христовата смрт, кој оваа година ќе се одржи на 1 април. a И тоа е дел од Исусовото ‚слово‘, зашто кога ја воспоставил оваа прослава, Исус на своите следбеници им заповедал: „Правете го ова за Мој спомен!“ (Лука 22:19). Со нашето присуство на овој многу важен настан и со тоа што обрнуваме живо внимание на сѐ што заповедал Христос, ќе го покажеме нашето цврсто уверување дека откупнината на Исус е Божји пат за спасение. Навистина, „нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4:12).

[Фуснота]

a Годинава, 1 април одговара на 14 Нисан 33 н. е., датумот на кој умрел Исус. Провери кај Јеховините сведоци во близината за времето и местото на одбележување на Меморијалот.

Можеш ли да се сетиш?

Зошто луѓето не можат да се искупат од својата грешна состојба?

На кој начин Исус е „соодветна откупнина“?

Како Исус го употребил своето право на совршен човечки живот во наша корист?

Кои благослови доаѓаат за човештвото како резултат на Христовата откупнина?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Само совршен човек — еквивалент на Адам — можел да ја урамнотежи вагата на правдата

[Слика на страница 16]

Бидејќи Исус имал право на совршен човечки живот, неговата смрт имала жртвена вредност