Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Најголемиот човек извршува понизна служба

Најголемиот човек извршува понизна служба

Тие ја извршувале Јеховината волја

Најголемиот човек извршува понизна служба

ИСУС знаел дека последните часови со неговите апостоли ќе му бидат драгоцени. Набргу требало да биде уапсен и неговата вера да биде испитана како никогаш порано. Исто така, Исус бил свесен дека пред него лежат големи благослови. Наскоро требало да биде возвишен од десната страна на Бог и да му биде дадено „име, што е над секое име, та во името на Исуса да ги преклони колената на сѐ што е небесно, земно и подземно“ (Филипјаните 2:9, 10).

Сепак, ниту загриженоста заради неговата претстојна смрт ниту желноста за ветената награда не го одвратиле Исус од потребите на неговите апостоли. Тој „до крај ги засака“, запишал подоцна Јован во своето Евангелие (Јован 13:1). А во овие пресудни последни часови од својот живот како совршен човек, Исус им дал на своите апостоли една животоважна поука.

Поука за понизност

Апостолите биле со Исус во една горна соба во Ерусалим за да ја прослават Пасхата. Претходно, Исус ги чул како се расправаат околу тоа кој од нив е најголем (Матеј 18:1; Марко 9:33, 34). Тој дискутирал со нив на таа тема и настојувал да го исправи нивното гледиште (Лука 9:46). Меѓутоа, сега Исус ги нагласил тие поуки користејќи еден поинаков пристап. Одлучил не само да разговара со нив за понизноста туку и да им покаже што значи тоа.

Исус „стана од вечерата, ја соблече својата горна облека“, пишува Јован. ‚Кога зеде крпа, се препаша; потоа истури вода во сад за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата, со која што беше препашан‘ (Јован 13:4, 5).

Во топлата клима на древниот Среден Исток луѓето обично носеле отворени сандали додека оделе пешки по прашливите патишта. Откако ќе влезеле во домот на некој просечен човек, биле поздравувани од домаќинот, кој ќе донел садови и вода за да можат да си ги измијат нозете. Во побогатите домови, задачата во врска со миењето на нозете ја вршел некој роб (Судии 19:21; 1. Царства 25:40—42).

Во горната соба, Исус и неговите апостоли не биле ничии гости. Немало домаќин да донесе садови и немало робови за да им ги измијат нозете. Кога Исус почнал да им ги мие нозете, апостолите биле ставени во незгодна ситуација. Оној кој бил најголем меѓу нив овде ја извршувал најпонизната задача!

Во почетокот, Петар одбивал Исус да му ги измие нозете. Но, Исус му рекол: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене“. Откако Исус им ги измил нозете на сите апостоли, рекол: „Знаете ли, што ви направив? Вие Ме наречувате Учител и Господ: и право велите, бидејќи јас сум таков. Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јован 13:6—15).

Исус не воспоставил ритуал на миење нозе. Напротив, им помогнал на своите апостоли да усвојат еден нов умствен став — став на понизност и спремност да ги извршуваат најниските задачи во корист на своите браќа. Очигледно, тие ја сфатиле поентата. Разгледај што се случило со години подоцна, кога се појавило прашањето за обрежување. Иако имало „долго расправање“, присутните задржале добар ред и со почитување ги сослушувале меѓусебните гледишта. Освен тоа, изгледа дека оној кој претседавал на тој состанок бил ученикот Јаков — а не некој од апостолите, како што би можеле да очекуваме, со оглед на тоа што биле присутни. Овој детаљ од извештајот во Дела покажува дека апостолите прилично напредувале во покажувањето понизност (Дела 15:6—29).

Поука за нас

Со тоа што им ги измил нозете на своите ученици, Исус дал една силна поука за понизноста. Навистина, христијаните не треба да се сметаат себеси толку важни што секогаш треба другите да им служат ниту, пак, треба да се стремат кон позиции на чест и престиж. Напротив, треба да го следат образецот што го поставил Исус, кој ‚не дошол да Му служат, туку дошол да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина‘ (Матеј 20:28). Да, следбениците на Исус треба да бидат спремни да ги извршуваат најпонизните услуги еден на друг.

Петар со добра причина напишал: „Опашете се со понизност на умот еден спрема друг зашто Бог им се противи на надуените, а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (1. Петрово 5:5NW). Грчкиот збор за „опаше“ е изведен од зборот што значи „престилка на роб“ под која е опашана лабава облека. Дали можеби Петар се осврнал на чинот кога Исус се опашал со крпа и им ги измил нозете на своите апостоли? Тоа не може со сигурност да се каже. Сепак, Исусовата понизна служба оставила неизбришлив впечаток врз срцето на Петар, а таков впечаток треба да остави и врз срцата на сите оние кои ќе бидат Христови следбеници (Колосјаните 3:12—14).