Семејствата со очув или маќеа можат да бидат успешни
Семејствата со очув или маќеа можат да бидат успешни
ДАЛИ Е МОЖНО ДА ИМА УСПЕШНИ СЕМЕЈСТВА СО ОЧУВ ИЛИ МАЌЕА? ДА,
особено ако сите кои се вклучени запомнат дека „целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување [укорување, NW], поправање, и поучување во правдата“ (2. Тимотеј 3:16). Кога секој ги применува библиските начела, успехот е речиси загарантиран.
Основна особина
Библијата изложува само неколку закони кои всушност ги управуваат човечките односи. Таа претежно охрабрува да негуваме добри особини и ставови кои ќе нѐ водат мудро да постапуваме. Таквите добри ставови и особини се темелот за среќен семеен живот.
Можеби е очигледно, но сепак вреди да се каже дека основната особина која е потребна за да успее кое и да било семејство е љубовта. Апостол Павле рекол: „Љубовта нека не биде лицемерна . . . еден спрема друг бидете љубезни [имајте нежна наклоност, NW] со братска љубов“ (Римјаните 12:9, 10). Зборот „љубов“ честопати се применува погрешно, но особината на која Павле тука укажува е посебна. Таа е побожна љубов, која „никогаш не затајува“ (1. Коринтјаните 13:8, NW). Библијата ја опишува како несебична и спремна да служи. Таа активно работи за доброто на другите. Таа е стрплива и љубезна, никогаш не е љубоморна, фалбаџиски настроена или вообразена. Таа не гледа за сопствена корист. Секогаш е спремна да го зема другиот во обѕир, да има доверба, да се надева, да истрае во сѐ што ќе дојде (1. Коринтјаните 13:4—7).
Вистинската љубов помага да се изгладат разликите и да се обединат луѓето кои имаат многу различно воспитување и личности. Помага и да се неутрализираат разорните последици од разводот или од смртта на биолошкиот родител. Еден човек, кој станал очув, ги опишува своите многу реални проблеми: „Честопати бев претерано загрижен за сопствените чувства и така не
ги анализирав емоциите на моите пасторчиња, па дури ни на мојата сопруга. Морав да научам да не бидам толку осетлив. Што е најважно, морав да научам да бидам понизен“. Љубовта му помогнала да ги направи потребните промени.Биолошкиот родител
Љубовта може да помогне во справувањето со односот меѓу децата и нивниот сега отсутен биолошки родител. Еден очув признава: „Сакав да бидам на првото место во наклоноста на моите пасторчиња. Кога тие беа во посета на својот биолошки татко, ми беше тешко да се спротивставам на искушението да го критикувам. Кога се враќаа после пријатниот ден со него, се чувствував ужасно. Кога имаа лош ден, бев пресреќен. Всушност, се плашев да не ги изгубам. Една од најтешките работи ми беше да се помирам со важноста на улогата на биолошкиот татко во животот на моите пасторчиња“.
Вистинската љубов му помогнала на овој очув да се соочи со фактот дека не е реалистично да очекува „инстант“ љубов. Тој не требало да се чувствува отфрлен кога децата не го прифатиле веднаш. Сфатил дека можеби тој нема никогаш во потполност да го замени биолошкиот татко во срцата на децата. Тие го знаеле тој човек од своите најрани денови, додека очувот бил новодојденец кој ќе мора да ја заработи љубовта на децата. Истражувачката Елизабет Ајнштајн го одразува искуството на многумина кога вели: „Биолошкиот родител не може никогаш да се замени — никогаш. Дури и родителот кој умрел или оној кој ги напуштил децата задржува важно место во нивниот живот“.
Стега — осетлива тема
Библијата покажува дека стегата полна со љубов е неопходна за младите луѓе и дека ги вклучува и пасторчињата (Изреки 8:33). Извесен број стручњаци се помируваат со ставот на Библијата во тој поглед. Професорката Сирез Алвез де Араужу навела: „Никој по природа не сака граници, но тие се потребни. ‚Не‘ е заштитнички збор“.
Меѓутоа, во едно комбинирано семејство, гледиштата за стегата можат да водат до сериозни јазови. Пасторчињата делумно биле обликувани од една возрасна личност која сега е отсутна. Веројатно тие имаат навики или обичаи кои можеби го нервираат очувот или маќеата. И веројатно не разбираат зошто очувот или маќеата толку се возбудуваат за извесни работи. Како може успешно да се излезе на крај со таа ситуација? Павле силно ги поттикнува христијаните: „Стреми се кон . . . љубов, трпеливост и кротост“ (1. Тимотеј 6:11). Христијанската љубов им помага и на очувот или маќеата и на децата да бидат кротки и стрпливи додека учат да се разбираат еден со друг. Доколку очувот или маќеата се нестрпливи, тогаш ‚јароста, гневот и викањето [навредливиот говор, NW]‘ можат брзо да го растурат секој однос што бил постигнат (Ефесјаните 4:31).
Пророкот Михеј дал увид во она што може да помогне во тој поглед. Тој рекол: „Што бара од тебе Господ; да работиш правично, да сакаш милосрдни дела [љубезност, NW] и смирено да врвиш пред твојот Бог“ (Михеј 6:8). Правдата е витална кога се спроведува стегата. Но, што е со љубезноста? Еден христијански старешина раскажува дека честопати му било тешко да ги натера пасторчињата да станат в недела наутро за да учествуваат во собраниското обожавање. Наместо да ги кара, тој пробал со љубезност. Станувал рано, подготвувал појадок, потоа на секое од нив му носел топол пијалак. Како резултат на тоа, тие станале попослушни на неговата молба да станат.
Професорката Ана Лујза Вијара де Матос го дала следниов интересен коментар: „Не е важен видот на семејството, туку квалитетот на односот. Во моите студии забележав дека младите луѓе кои имаат проблеми со однесувањето, скоро секогаш доаѓаат од семејства во кои постои слабо надгледување од страна на родителите, недостиг на правила и комуникација“. Исто така, таа рекла: „Никогаш не може доволно да се нагласи дека одгледувањето деца ја подразбира потребата да се рече ‚не‘“. Освен тоа, д-р Емили и д-р Џон Вишер навеле: „Во основа, стегата функционира само тогаш кога лицето што ја добива се грижи за реакциите
на лицето кое ја дава стегата и за односот со него“.Овие забелешки го допираат прашањето за тоа кој во семејствата со очув или маќеа треба да ја спроведува стегата. Кој треба да биде оној кој ќе каже „не“? Откако разговарале за работите, некои родители одлучиле дека, во почетокот, биолошкиот родител треба да биде главниот воспитувач. Тоа треба да му даде време на очувот или маќеата да изгради поблизок однос со децата. Нека децата научат да се чувствуваат сигурни во љубовта на очувот или маќеата пред да добијат стега од него или од неа.
Што кога станува збор за очувот? Зарем Библијата не вели дека таткото е глава на семејството? Да (Ефесјаните 5:22, 23; 6:1, 2). Меѓутоа, очувот можеби ќе сака да ја предаде стегата за извесно време, особено ако таа вклучува казнување. Можеби тој ќе дозволи децата да ја слушаат „поуката на мајката своја“ додека тој положи темел за да ‚ја слушаат поуката на својот [нов] татко‘ (Изреки 1:8, NW; 6:20; 31:1). Доказите покажуваат дека, на крајот на краиштата, ова не е против начелото на поглаварство. Освен тоа, еден очув вели: „Си спомнував дека стегата вклучува опомена, исправка и укор. Кога ќе се даде на начин кој е праведен, полн со љубов и сочувствителен, и се поддржи со родителскиот пример, обично има успех“.
Родителите треба да комуницираат
Во Изреки 15:22 (NW) се вели: „Има осуетување на плановите онаму каде што нема доверлив разговор“. Во едно семејство со очув или маќеа битен е смирен и отворен доверлив разговор меѓу родителите. Една колумнистка во весникот O Estado de S. Paulo забележала: „Децата секогаш се склони да ги испитаат границите кои ги поставуваат родителите“. Во семејствата со очув или маќеа тоа може да биде случај двапати повеќе. Според тоа, родителите треба да се спогодат за различните работи за да можат децата да видат дека тие се обединети. Но, што ако очувот или маќеата постапува на начин за кој биолошкиот родител мисли дека е неправеден? Тогаш, тие двајцата треба да ги средат работите насамо, а не пред децата.
Една премажена мајка раскажува: „Најтешкото нешто за една мајка е да види како очувот им дава стега на нејзините деца, особено тогаш кога смета дека тој постапува непромислено или не е вистински праведен. Тоа ѝ го кине срцето и таа сака да ги заштити своите деца. Во такви прилики, тешко е да останеш подложна на својот сопруг и да го поддржуваш.
Во една прилика, моите две момчиња, на возраст од 12 и 14 години, го замолија својот очув за дозвола да сторат нешто. Тој веднаш одби и потоа ја напушти собата без да им даде на момчињата некаква прилика да му објаснат зошто им беше тоа важно. Момчињата беа готови да заплачат, а јас останав занемена. Постарото ме погледна и ми рече: ‚Мамо, виде ли што стори тој?‘ Му одговорив: ‚Да, видов. Но, тој сѐ уште е глава на семејството, а Библијата ни кажува да го почитуваме поглаварството‘. Тие беа добри момчиња, го прифатија тоа и малку се смирија. Истата вечер, му ги објаснив работите на мојот сопруг и тој сфати дека постапил премногу диктаторски. Отиде право во собата на момчињата и им се извини.
Од тој настан научивме многу. Мојот сопруг научи да слуша пред да донесува одлуки. Јас научив да го поддржувам начелото за поглаварство, дури и тогаш кога тоа боли. Момчињата ја научија важноста на подложноста (Колосјаните 3:18, 19). А од искреното извинување на мојот сопруг сите научивме една важна лекција за понизност (Изреки 29:23). Денес, обајцата синови се христијански старешини“.
Грешки ќе се прават. Децата ќе кажуваат или ќе прават работи кои болат. Моменталните притисоци ќе го наведуваат очувот или маќеата да постапи неразумно. Меѓутоа, тие едноставни зборови: „Жал ми е, те молам прости ми“, можат многу да помогнат во лечењето на раните.
Да се зајакнува семејното единство
Потребно е време за да се изгради еден срдечен однос во семејство со очув или маќеа.
Ако си очув или маќеа, треба да покажуваш соживување. Имај разбирање, биди спремен да поминуваш време со децата. Играј си со помалите. Биди спремен да разговараш со постарите. Барај прилики да поминувате време заедно — на пример, замоли ги децата да ти помогнат околу должностите во домаќинството, како што е подготвувањето на ручекот или во миењето на автомобилот. Замоли ги да дојдат со тебе и да ти помогнат кога одиш во супермаркетот. Освен тоа, малите, срдечни гести можат да им ја покажат љубовта која ја чувствуваш. (Секако, очувот треба да внимава да се држи во исправните граници со своите пасторки и да не предизвикува тие да се чувствуваат непријатно. А маќеата треба да запомни дека и момчињата имаат граници.)Семејствата со очув или маќеа можат да бидат успешни. Многу такви семејства се успешни. Најуспешни се оние во кои сите што се вклучени, особено родителите, негуваат исправни ставови и реалистични очекувања. Апостол Јован напишал: „Возљубени, да се сакаме еден со друг, оти љубовта е од Бога“ (1. Јованово 4:7). Да, искрената љубов е вистинската тајна за едно среќно семејство со очув или маќеа.
[Слики на страница 7]
СРЕЌНИТЕ СЕМЕЈСТВА СО ОЧУВ ИЛИ МАЌЕА:
ја проучуваат Божјата реч заедно. . .
поминуваат време заедно. . .
разговараат заедно. . .
работат заедно. . .