Да ги цениме ‚даровите во облик на луѓе‘
Да ги цениме ‚даровите во облик на луѓе‘
„Почитувајте ги оние кои напорно работат меѓу вас и . . . имајте повеќе од обичен обѕир во љубов поради нивната работа“ (1. СОЛУНЈАНИТЕ 5:12, 13, NW).
1. Според Дела 20:35, каква моќ има давањето? Илустрирај.
„ПОВЕЌЕ среќа има во давањето отколку во примањето“ (Дела 20:35, NW). Можеш ли да се сетиш на приликата кога последен пат си ја доживеал вистинитоста на тие Исусови зборови? Можеби тоа бил подарокот што си му го дал на некој кој многу го сакаш. Грижливо си го избрал, зашто си сакал тоа да биде нешто што тој длабоко ќе го цени. Колку само ти било топло во срцето кога си го погледнал задоволното лице на оној кој го сакаш! Кога е исправно мотивирано, давањето е израз на љубов, а изразувањето љубов има моќ да ни донесе среќа.
2, 3. а) Зошто може да се рече дека никој не е посреќен од Јехова, и како може подготовката за „дарови во облик на луѓе“ да го радува неговото срце? б) Што не би сакале да правиме со еден дар од Бог?
2 Тогаш, кој би можел да биде посреќен од Јехова, Дарителот на „секој совршен подарок“? (Јаков 1:17; 1. Тимотеј 1:11, NW). Секој подарок што го дава тој е мотивиран од љубов (1. Јованово 4:8). Тоа сигурно е случај и со подарокот што Бог преку Христос му го дал на собранието — ‚даровите во облик на луѓе‘ (Ефесјаните 4:8, NW). Подготовката старешини да се грижат за стадото е израз на Божјата длабока љубов кон својот народ. Тие луѓе се внимателно избрани — тие мора да ги задоволуваат библиските квалификации (1. Тимотеј 3:1—7; Тит 1:5—9). Тие знаат дека мора „да постапуваат нежно со стадото“ (NW), зашто тогаш овците ќе имаат причина да се чувствуваат благодарни за таквите пастири кои се полни со љубов (Дела 20:29; Псалм 99:3). Кога Јехова гледа дека срцата на неговите овци се полни со таква благодарност, тогаш неговото срце сигурно се радува! (Изреки 27:11).
3 Секако, ние не сакаме да ја намалиме вредноста на некој подарок од Бог; ниту, пак, сакаме да бидеме без ценење за неговите дарови. Затоа се појавуваат две прашања: Како треба старешините да гледаат на својата улога во собранието? И како може останатиот дел од стадото да покаже дека ги цени ‚даровите во облик на луѓе‘?
‚Ние сме ваши соработници‘
4, 5. а) Со што го споредил Павле собранието, и зошто таа илустрација е прикладна? б) Што покажува Павловата илустрација во врска со начинот на кој треба да се гледаме и да постапуваме еден со друг?
4 На ‚даровите во облик на луѓе‘ Јехова им доверил извесна мера авторитет во собранието. Секако, старешините не сакаат да го злоупотребуваат својот авторитет, но знаат исто така дека многу лесно е несовршените луѓе да го прават тоа. Тогаш, како треба да се гледаат себеси во однос на останатиот дел од стадото? Разгледај ја илустрацијата што ја употребил апостол Павле. Откако дискутирал за тоа зошто се дадени ‚даровите во облик на луѓе‘, Павле напишал: „Туку со вистинска љубов во сѐ да растеме во Оној, Кој е глава, Христос, од Кого целото тело, составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поред силите негови, нараснува за да се изградува во љубов“ (Ефесјаните 4:15, 16). Значи Павле го поврзува собранието — вклучувајќи ги старешините и другите членови — со човечко тело. Зошто е прикладна оваа илустрација?
5 Човечкото тело е составено од многу различни членови, но само од една глава. Меѓутоа, ништо во телото — ни мускул, ни нерв, ни вена — не е бескорисно. Секој член е драгоцен и има свој удел во здравјето и за убавината во целина. Слично на тоа, собранието е составено од многу различни членови, но секој член — било да е млад или стар, јак или болен — може да придонесе за севкупното духовно здравје и за убавината на собранието (1. Коринтјаните 12:14—26). Никој не треба да мисли дека е премногу безначаен. Во друга крајност, пак, никој не треба да се чувствува супериорен, затоа што сите ние — и пастирите и овците — сме дел од телото и затоа што постои само една глава, Христос. На тој начин, Павле прикажува една срдечна слика на љубов, грижа и почитување кои треба да ги имаме еден кон друг. Признавањето на овие работи им помага на старешините да имаат едно понизно, урамнотежено гледиште за својата улога во собранието.
6. Иако имал апостолски авторитет, како Павле покажал понизен дух?
6 Овие „дарови во облик на луѓе“ не се обидуваат да го контролираат животот или верата на сообожавателите. Иако имал апостолски авторитет, Павле понизно им рекол на коринтјаните: „Но не како ние да владееме со верата ваша, туку сме помагачи [соработници, NW] на вашата радост, бидејќи во верата вие сте тврди“ (2. Коринтјаните 1:24). Павле не сакал да ги контролира верата и начинот на живот на своите браќа. Всушност, тој не гледал потреба да го прави тоа, зашто изразил доверба дека тие веќе се верни мажи и жени кои се наоѓаат во Јеховината организација бидејќи сакаат да го прават она што е исправно. Според тоа, зборувајќи за себе и за својот патувачки придружник Тимотеј, Павле всушност рекол: ‚Нашата работа е да работиме со вас за да му служите на Бог со радост‘ (2. Коринтјаните 1:1). Каков само понизен дух!
7. Што увидуваат понизните старешини во врска со нивната улога во собранието, и каква доверба имаат тие во своите соработници?
7 ,Даровите во облик на луѓе‘ ја имаат истата работа. Тие се ‚соработници на нашата радост‘. Понизните старешини увидуваат дека не е нивно да одлучуваат колку другите можат да сторат во службата на Бог. Тие знаат дека, додека можеби ги храбрат другите да ја прошират или да ја подобрат својата служба, служењето на Бог треба да извира од спремно срце. (Спореди 2. Коринтјаните 9:7.) Тие се уверени дека ако нивните соработници се радосни, тогаш ќе сторат сѐ што можат. Според тоа, нивна искрена желба е да им помагаат на своите браќа да ‚Му служат на Господа со радост‘ (Псалм 99:2).
Да им се помага на сите да служат со радост
8. Кои се некои начини на кои старешините можат да им помагаат на своите браќа да му служат на Јехова со радост?
8 Старешини, како можете да им помогнете на своите браќа да служат со радост? Можете да ги охрабрите со пример (1. Петрово 5:3). Нека вашата ревност и радост во службата бидат видливи и со тоа останатите може да бидат охрабрени да го имитираат вашиот пример. Пофалувајте ги другите за нивните напори кои ги вложуваат со сета душа (Ефесјаните 4:29). Срдечната и вистинската пофалба им помага на другите да се чувствуваат корисни и потребни. Таа ги охрабрува овците да сакаат да го прават најдоброто за да му служат на Бог. Избегнувајте неповолни споредби (Галатјаните 6:4). Таквите споредби обесхрабруваат, а не ги мотивираат да се подобрат. Освен тоа, Јеховините овци се поединци со различни околности и способности. Слично на Павле, изразете доверба во вашите браќа. Љубовта „во сѐ верува“, па затоа добро е ако веруваме дека нашите браќа го љубат Бог и дека сакаат да му угодат (1. Коринтјаните 13:7). Кога вие ‚ги почитувате другите‘, тогаш го извлекувате најдоброто што е во нив (Римјаните 12:10). Бидете уверени дека кога овците се охрабрени и освежени, повеќето од нив ќе сторат сѐ што можат во служењето на Бог и ќе најдат радост во таа служба (Матеј 11:28—30).
9. Кое гледиште кон останатите старешини ќе му помогне на секој старешина да служи со радост?
9 Понизното гледање на себеси како на ‚соработник‘ ќе ти помогне да служиш со радост и да ги цениш единствените дарови што ги имаат останатите старешини. Секој старешина си има свои таленти и способности кои може да ги употреби во корист на собранието (1. Петрово 4:10). Некој може да биде надарен да поучува. Друг може да биде делотворен организатор. Трет, пак, може да биде исклучително пристаплив поради неговата срдечност и сожалување. Факт е дека ниеден старешина го нема секој дар во иста мера. Дали поседувањето некој посебен дар — да кажеме, дар на поучување — прави еден старешина да биде посупериорен во однос на друг? Никако! (1. Коринтјаните 4:7). Од друга страна, пак, нема потреба да се завидува на дарот што го има другиот ниту, пак, да се има чувство на неадекватност кога способноста на некој друг старешина му донесува пофалба од другите. Запомни, самиот ти имаш дарови што Јехова ги гледа кај тебе. Тој може да ти помогне да ги негуваш тие дарови и да ги користиш во полза на твоите браќа (Филипјаните 4:13, NW).
‚Биди послушен и покорен‘
10. Зошто е сосема прикладно да изразиме благодарност за ‚даровите во облик на луѓе‘?
10 Кога добиваме некој дар, сосема е прикладно да изразиме ценење за него. „Покажете дека сте благодарни“, вели Колосјаните 3:15 (NW). Но, што е со ‚даровите во облик на луѓе‘, скапоцениот подарок што ни го дал Јехова? Секако, ние сме му првенствено благодарни на Јехова, великодушниот Дарител. Но, што е со самите „дарови во облик на луѓе“? Како можеме да покажеме дека ги цениме?
11. а) Како можеме да ја покажеме својата благодарност за ‚даровите во облик на луѓе‘? б) Што значат изразите „бидете послушни“ и „покорувајте им се“?
11 Ценењето на ‚даровите во облик на луѓе‘ можеме да го покажеме ако брзо внимаваме на нивниот совет и на нивните одлуки темелени на Библијата. Библијата нѐ советува: „Покорувајте им се на наставниците ваши и бидете послушни, оти тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души, — та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас“ (Евреите 13:17). Забележи дека не само што мора да бидеме „послушни“ туку и ‚покорни‘ на оние кои преземаат водство. Грчкиот збор за ‚да се биде покорен‘ дословно значи „да потклекнеш на‘. Коментирајќи ги изразите „бидете послушни“ и „покорувајте им се“, библискиот изучувач Р. Ц. Х. Ленски вели: „Човек е послушен тогаш кога се сложува со она што му е кажано да го прави, кога е убеден во неговата исправност и корисност; човек потклекнува . . . кога има спротивно мислење“. Кога ги сфаќаме и се сложуваме со упатствата на оние кои преземаат водство, послушноста може да дојде брзо. Но, што ако не ја сфаќаме причината која стои зад некоја одлука?
12. Зошто треба да бидеме покорни, т. е. да потклекнеме дури и тогаш кога не ја разбираме во потполност причината која стои зад некоја одлука?
12 Ова е прилика каде што можеби ќе треба да бидеме покорни, односно да потклекнеме. Зошто? Како прво, треба да имаме доверба дека овие духовно квалификувани мажи ги имаат при срце нашите најдобри интереси. На крајот на краиштата, тие добро знаат дека мора да положат сметка пред Јехова за овците кои се доверени на нивна грижа (Јаков 3:1). Освен тоа, ќе биде добро да запомниме дека можеби не ги знаеме сите доверливи факти кои воделе до некоја информирана одлука (Изреки 18:14).
13. Што може да ни помогне да бидеме покорни кога станува збор за правни одлуки на старешините?
13 Што е со покорноста кога станува збор за правни одлуки? Се разбира, можеби нема да биде лесно, особено ако е донесена одлука за исклучување на некого кого го сакаме — роднина или близок пријател. Повторно, овде е најдобро да потклекнеме на судот на ‚даровите во облик на луѓе‘. Тие се во состојба да бидат пообјективни отколку што можеме да бидеме ние и можеби знаат повеќе факти. Овие браќа честопати се измачуваат поради таквите одлуки. Да се ‚суди за Јехова‘ (NW) е сериозна одговорност (2. Летописи 19:6). Тие вложуваат секаков напор да бидат милосрдни, зашто се свесни дека Бог е „спремен да прости“ (Псалм 86:5, NW). Но, исто така, тие мора да го одржуваат собранието чисто и Библијата дава упатство да ги исклучат непокајничките виновници (1. Коринтјаните 5:11—13). Во многу случаи, самиот виновник ја прифаќа одлуката. Стегата може да биде токму она што му е потребно за да се освести. Ако ние, неговите сакани, сме покорни кога станува збор за одлуката, можеме со тоа да му помогнеме да извлече корист од стегата (Евреите 12:11).
‚Имајте повеќе од обичен обѕир‘
14, 15. а) Според 1. Солунјаните 5:12, 13 (NW), зошто старешините го заслужуваат нашиот обѕир? б) Зошто може да се рече дека старешините ‚напорно работат меѓу нас‘?
14 Исто така, нашето ценење за ‚даровите во облик на луѓе‘ можеме да го покажеме ако покажуваме обѕир кон нив. Кога му пишувал на собранието во Солун, Павле ги советувал неговите членови: ‚Почитувајте ги оние кои напорно работат меѓу вас и кои ви претседаваат во Господа и ве опоменуваат; и имајте повеќе од обичен обѕир во љубов поради нивната работа‘ (1. Солунјаните 5:12, 13, NW). „Напорно работат“ — зарем тоа не ги опишува оддадените старешини кои несебично се даваат во наша корист? Размисли за момент за тешкиот товар што го носат овие драги браќа.
15 Во многу случаи тие се семејни луѓе кои мора да одат на световна работа за да го прехранат своето семејство (1. Тимотеј 5:8). Доколку старешината има деца, на тие млади им треба време и внимание од нивниот татко. Можеби тој треба да им помогне во нивните школски задачи, а исто така и да планира време за нив за да ја трошат својата младешка енергија во здрава рекреација (Проповедник 3:1, 4). Што е уште поважно, тој се грижи за духовните потреби на своето семејство, редовно водејќи семејна библиска студија, работејќи со нив во службата на теренот и водејќи ги на христијанските состаноци (5. Мојсеева 6:4—7; Ефесјаните 6:4). Да не заборавиме дека освен овие одговорности кои ги имаме повеќето од нас, старешините имаат и дополнителни должности: подготвување точки за состаноците, правење пастирски посети, грижа за духовната благосостојба на собранието и, кога е потребно, справување со правни случаи. Некои носат додатни одговорности во врска со покраинските собири, обласните конгреси, изградбата Сали на Царството и Одборите за соработка со болниците. Навистина, овие браќа „напорно работат“!
16. Опиши на кои начини можеме да покажеме обѕир кон старешините.
16 Како можеме да покажеме обѕир кон нив? Една библиска изрека вели: „Збор во право време, о колку е добар!“ (Изреки 15:23, NW; 25:11). Значи, зборовите на искрено ценење и охрабрување можат да им покажат дека нивната напорна работа не ја сфаќаме сама по себе разбирлива. Исто така, треба да бидеме разумни во она што го очекуваме од нив. Од една страна, треба да се чувствуваме слободни да им пристапиме за помош. Може да има периоди кога ‚нашето срце е во жестока болка‘ и ни треба библиско охрабрување, водство или совет од оние кои се ‚оспособени да поучуваат‘ од Божјата реч (Псалм 55:4; 1. Тимотеј 3:2, обата NW). Истовремено, треба да запомниме дека времето што може да ни го даде еден старешина е ограничено, бидејќи тој не може да ги занемари потребите на сопственото семејство или на другите во собранието. Ако имаме „сочувство“ (NW) за овие браќа кои работат напорно, нема да им поставуваме неразумни барања (1. Петрово 3:8). Напротив, да имаме ценење за сето време и внимание кое тие можат разумно да ни го дадат (Филипјаните 4:5, NW).
17, 18. Какви жртви прават многу сопруги чии сопрузи се старешини, и како може да покажеме дека тие сестри не ги сфаќаме како нешто што е само по себе разбирливо?
17 А што е со сопругите на старешините? Зарем тие не го заслужуваат нашиот обѕир? На крајот на краиштата, тие ги делат своите сопрузи со собранието. Тоа честопати бара жртви од нивна страна. Повремено, старешините мора да ги поминуваат вечерните часови грижејќи се за собраниските работи кога инаку би можеле да го поминат тоа време со своето семејство. Во многу собранија, верните христијанки спремно ги прават таквите жртви за да можат нивните сопрузи да се грижат за Јеховините овци. (Спореди 2. Коринтјаните 12:15.)
18 Како можеме да покажеме дека овие верни христијански сестри не ги сфаќаме како нешто само по себе разбирливо? Сигурно така што нема да поставуваме неразумни барања од нивните сопрузи. Но, исто така, да не ја заборавиме моќта на едноставните зборови на ценење. Изреки 16:24 вели: „Пријатните зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити“. Разгледај едно искуство. После еден христијански состанок, една брачна двојка му пристапила на еден старешина и замолила да разговараат со него за својот син тинејџер. Додека старешината разговарал со двојката, неговата сопруга стрпливо чекала. После тоа, мајката ѝ пристапила на сопругата на старешината и ѝ рекла: „Сакам да ти се заблагодарам за времето што го одвои твојот сопруг за да му помогне на моето семејство“. Тие едноставни, слатки зборови на ценење навистина го трогнале срцето на сопругата на тој старешина.
19. а) Кои цели верно ги исполнуваат старешините како група? б) На што треба да бидеме одлучни сите ние?
19 Подготовката старешини да се грижат за овците е еден од ‚добрите дарови‘ од Јехова (Јаков 1:17). Не, овие мажи не се совршени; тие прават грешки како и сите ние (3. Царства 8:46). Сепак, како група, старешините во собранијата ширум светот верно ги исполнуваат целите што Јехова за нив ги имал на ум — имено, да го исправаат, изградуваат, обединуваат и штитат стадото. Нека секој старешина биде одлучен и понатаму нежно да се грижи за Јеховините овци и на тој начин да се покаже како дар, т. е. благослов за своите браќа. И нека сите ние бидеме одлучни да го покажеме нашето ценење за ‚даровите во облик на луѓе‘ така што ќе им бидеме послушни, покорни и ќе покажуваме обѕир кон нив заради нивната напорна работа. Колку само можеме да бидеме благодарни што Јехова со љубов обезбедил луѓе кои, всушност, на своите овци им велат: ‚Наша работа е да ви помагаме да му служите на Бог со радост‘!
Како би одговорил?
◻ Зошто собранието може прикладно да се спореди со тело?
◻ Како можат старешините да им помогнат на своите браќа да му служат на Јехова со радост?
◻ Зошто треба да бидеме не само послушни туку и покорни на оние кои преземаат водство?
◻ На кои начини можеме да покажеме обѕир кон старешините?
[Прашања]
[Слика на страница 16]
Старешини, пофалете ги другите за нивните напори кои ги вложуваат со сета душа
[Слика на страница 17]
Со својот ревен пример во службата, старешините можат да им помогнат на членовите на своето семејство и на другите да служат со радост
[Слики на страница 18]
Ние ги цениме нашите старешини кои напорно работат!