Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Во Намибија има живи скапоцени камења!

Во Намибија има живи скапоцени камења!

Во Намибија има живи скапоцени камења!

НАМИБИЈА се протега речиси 1.500 километри долж југозападниот брег на Африка. Целото крајбрежје на земјата се состои од песочни дини, карпести ридови и огромни полиња од чакал. Меѓу камчињата на песочните плажи во Намибија се измешани скапоцени камења во сите можни бои. Таму повремено може да се најдат дури и дијаманти. Но, во таа земја има нешто што е многу поскапоцено од тие камења. Во Намибија има живи скапоцени камења — луѓе од многуте нејзини национални групи.

Најраните намибиски жители зборувале на една фамилија јазици наречена коисан. Нивниот говор бил познат по своите кликовни гласови. Меѓу оние кои денес зборуваат коисан се темнокожите Дамара, светлокожите луѓе со низок раст наречени Нама и познатите ловци Бушмани. Во последниве векови, во Намибија дошле и многу црнечки племиња. Тие припаѓаат на три главни национални групи: Овамбо (најголемата етничка група во Намибија), Хереро и Каванго. Европејците почнале да ја населуваат Намибија во текот на 19 век. Уште повеќе имигранти пристигнале откако на пустинските плажи биле откриени дијаманти.

Жителите на Намибија се скапоцени бидејќи се дел од светот на човештвото за кое Бог го дал својот Син, отворајќи го на тој начин патот за вечен живот (Јован 3:16). Стотици Намибијци од многу племиња веќе се одѕвале на пораката за спасение. Тие можат да се споредат со живи скапоцени камења бидејќи спаѓаат меѓу „пожелните работи од сите нации“ (NW) кои сега се собираат во Јеховиниот дом за обожавање (Агеј 2:7).

Започнува духовно ископување

Во 1928 се започна со ископување на духовните скапоцени камења во Намибија. Таа година подружницата на Watch Tower Society од Јужна Африка испрати 50.000 примероци библиска литература до луѓето кои беа распрснати по целата земја. Следната година, една помазана христијанка од Јужна Африка по име Лини Терон го проследи интересот кој беше покажан. За четири месеци таа сама ја помина пространата земја, давајќи над 6.000 помагала за проучување на Библијата на африканс, англиски и на германски јазик. Секако, сета оваа работа не беше напразно.

На пример, размисли за Бернхард Баде, германски рудар. Во 1929 ја добил нарачката на јајца од еден земјоделец кој секое јајце го имал завиткано во страница од публикација на Watch Tower. Бернхард желно ја читал секоја страница, прашувајќи се кој ја напишал книгата. На крај, дошол до последната страница на која била наведена една германска адреса на Watch Tower Society. Напишал писмо барајќи повеќе литература и станал првиот Намибиец кој зазел став за вистината.

Пристигнуваат полновремени работници

Во 1950 во Намибија пристигнаа четири мисионери кои беа обучени во Библиската школа Гилеад на Watchtower. До 1953 бројот на мисионерите се искачи на осум. Меѓу нив беа Дик и Карели Валдрон, брачен пар од Австралија кој сѐ уште верно служи тука. Во ископувањето на духовните скапоцени камења во Намибија учествуваа и многу други полновремени објавители на Царството од Јужна Африка и од странство. Беа испратени и други мисионери, како и дипломци на Школата за оспособување слуги.

Друг фактор кој придонесе за духовниот раст во Намибија беше преведувањето и издавањето библиска литература на главните локални јазици, како што се хереро, квангали, кванјама, нама/дамара и ндонга. Од 1990, во главниот град Виндхук функционира една убава канцеларија за преведување и дом за доброволните полновремени работници. Карен Депиш, која со сопругот учествувала во полновременото евангелизаторско дело во различни делови од Намибија, вели: „Многумина се зачудени кога ќе им понудиме литература на нивниот јазик, особено кога на тој јазик се достапни мал број какви и да било други книги“.

Полирање на скапоцените камења

Некои од дословните скапоцени камења во Намибија биле исполирани со движењето на брановите и на песокот низ милениумите. Но, секако, со ваквите природни процеси не се произведуваат живи скапоцени камења. Потребен е напор за да можат несовршените луѓе да ‚ја соблечат старата личност‘ (NW) и да облечат нова личност слична на Христовата (Ефесјаните 4:20—24). На пример, почитувањето на мртвите предци е една силна традиција кај многу намибиски племиња. Оние кои не вршат чин на обожавање на предците честопати се прогонувани од членовите на семејството и од соседите. Кога поединци учат од Библијата дека мртвите „ништо не знаат“, тие се соочуваат со испит (Проповедник 9:5). Како?

Еден Хереро Сведок објаснува: „Беше голем предизвик да се биде послушен на вистината. Прифатив библиска студија со Јеховините сведоци, но ми беше потребно време за да ги применам работите што ги учев. Најпрвин, морав да испитам дали ќе бидам безбеден ако не ги практикувам традиционалните верувања. На пример, возев низ некои места во Намибија без да застанам за да ставам камен на некој гроб или да го кренам шеширот во знак на поздрав на мртвите. Постепено, се уверував дека ништо нема да ми се случи ако не ги обожавам мртвите предци. Колку само сум среќен што Јехова ги благослови моите напори да му помогнам на семејството и на другите заинтересирани лица да ја дознаат вистината!“

Потреба од духовни рудари

Пред пристигнувањето на мисионерите во 1950, во Намибија имаше само еден единствен објавител на добрата вест. Но, бројот постојано растеше стигнувајќи до највисокиот број од 995 објавители. Сепак, останува уште многу работа. Всушност, некои региони скоро не се ни допрени. Дали си во состојба да служиш онаму каде што има голема потреба од ревни објавители на Царството? Тогаш, те молиме, премини во Намибија и помогни ни да најдеме и да исполираме уште многу духовни скапоцени камења. (Спореди Дела 16:9.)

[Карта/слики на страница 26]

(Види во публикацијата)

АФРИКА

НАМИБИЈА

[Слики]

Можеш ли да служиш онаму каде што има поголема потреба од објавители на Царството?

[Извори на слики]

Maps: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.; Дијаманти: Courtesy Namdek Diamond Corporation

[Слики на страница 26]

Добрата вест им се проповеда на сите етнички групи во Намибија

[Слика на страница 28]

Намибија е земја со прекрасни скапоцени камења