Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто можеш да имаш доверба во библиските пророштва

Зошто можеш да имаш доверба во библиските пророштва

Зошто можеш да имаш доверба во библиските пророштва

ЦАРОТ ПИР од Епир, северозападна Грција, се впуштил во еден долготраен конфликт со Римското Царство. Очајно барајќи некој знак во врска со исходот, отишол да се посоветува во Делфиското пророчиште. Но, добиениот одговор можел да се разбере или на едниот или на другиот од следниве два начина: 1) „Ти велам дека ти, сине Акус, можеш да ги победиш Римјаните. Ќе отидеш, ќе се вратиш, нема никогаш да загинеш во војната“. 2) „Ти велам дека Римјаните можат да те победат, сине Акус. Ќе одиш, нема никогаш да се вратиш, ќе загинеш во војната.“ Оваа порака од оракулот тој избрал да ја сфати на првиот начин и затоа заминал во војна против Рим. Пир бил потполно поразен.

Ваквите случаи ги озлогласуваат древните пораки од оракулите како нејасни и загадочни. Но, како е со библиските пророштва? Некои критичари тврдат дека пророштвата кои се наоѓаат во Библијата не се ништо подобри од пораките на оракулите. Тие критичари шпекулираат дека библиските предвидувања биле само остроумно претскажување на идните настани од страна на многу паметни и длабоко проникливи поединци, обично од свештеничката класа. Наводно, овие мажи можеле да го предвидат природниот развој на извесни ситуации само од искуство или преку своите посебни врски. Ако ги споредиме различните карактеристики на библиските пророштва со карактеристиките на пораките од оракулите, ќе бидеме подобро опремени да извлечеме исправни заклучоци.

Спротивни точки

Заштитен знак на пораките од оракулите била нивната двосмисленост. На пример, одговорите кои биле давани во Делфи биле искажани со неразбирливи звуци. Тоа наметнало потреба свештениците да ги толкуваат и да создадат стихови кои можеле да имаат спротивно толкување. Еден класичен пример за тоа е одговорот кој му бил даден на Крез, цар на Лидија. Кога се обратил во пророчиштето, му било кажано: „Ако Крез ја премине Халис, ќе уништи една моќна империја“. Всушност, уништената „моќна империја‘ била неговата! Кога Крез ја преминал реката Халис за да ја нападне Кападокија, доживеал пораз од страна на Кир Персиецот.

Во остра спротивност со паганските пораки од оракулите, библиските пророштва се познати по својата точност и јасност. Пример за тоа е пророштвото во врска со падот на Вавилон кое е запишано во библиската книга Исаија. Околу 200 години пред да се случи овој настан, пророкот Исаија на еден детален и точен начин го претскажал поразот на Вавилон од Медо-Персија. Пророштвото обелоденило дека победникот ќе се вика Кир, и ја открило самата стратегија — исушување на ендекот на реката кој служел како одбрана, и влегување во еден утврден град низ отворени порти. Сево ова точно се исполнило (Исаија 44:27—45:2). Исто така, било точно проречено дека на крај Вавилон ќе биде целосно раселен (Исаија 13:17—22).

Разгледај ја и јасната природа на следново предупредување кое го објавил пророкот Јона: „Уште четириесет дена и Ниневија ќе биде разурната!“ (Јона 3:4). Овде не постои двосмисленост! Пораката била толку драматична и директна што луѓето од Ниневија веднаш ‚поверувале во Бога, прогласиле пост и се облекле во вреќи‘. Како резултат на нивното каење, Јехова не донел несреќа врз Ниневијците во тоа време (Јона 3:5—10).

Пораките од оракулите се користеле како средство за политичко влијание. Владетелите и воените лидери честопати го наведувале толкувањето кое ним им се допаѓало и тоа со цел да ги унапредуваат своите лични интереси и потфати, давајќи му на тој начин еден вид „божествен плашт“. Меѓутоа, Божјите пророчки пораки биле давани без некакви отстапки поради обѕир кон некоја личност.

Да илустрираме: Јеховиниот пророк Натан не се воздржал да го укори цар Давид кој згрешил (2. Царства 12:1—12). За време на владеењето на Јеровоам II над десетплеменското царство Израел, пророците Осија и Амос му упатиле остра критика на бунтовниот цар и на неговите приврзаници поради нивниот отпад и однесување кое го обесчестувало Бог (Осија 5:1—7; Амос 2:6—8). Особено остро било Јеховиното предупредување до царот од устата на пророкот Амос: „Ќе се кренам со меч против домот Јеровоамов“ (Амос 7:9). Домот на Јеровоам бил истребен (3. Царства 15:25—30; 2. Летописи 13:20).

Пораките од оракулите најчесто биле наплатувани. Оној кој ќе плател повеќе, го добивал одговорот што го сакал. Оние кои се обраќале во Делфиското пророчиште плаќале скапо за безвредни информации, полнејќи го на тој начин храмот на Аполо и додатните градби со големо богатство. За разлика од нив, библиските пророштва и предупредувања биле давани бесплатно и без некаква пристрасност, без оглед на положбата или богатството што го имало лицето кому му биле упатени, зашто еден вистински пророк не можел да се подмити. Пророкот и судија Самуил можел искрено да праша: „Од кого сум зел дар и ги затворил очите пред делото негово?“ (1. Царства 12:3).

Со оглед на тоа што пораките од оракулите биле достапни само на одредени места, поединецот морал да вложи приличен напор за да отпатува дотаму да ги добие. За просечниот човек било многу тешко да дојде до повеќето од тие места бидејќи се наоѓале на локации како што биле Додона на планината Томарус во Епир и Делфи, кој се наоѓал во планинскиот дел на централна Грција. Обично само богатите и моќните можеле да им се обратат на боговите во тие пророчишта. Освен тоа, „волјата на боговите“ била откривана само неколку дена во текот на годината. Сосема спротивно на тоа, Јехова Бог ги испраќал своите пророчки гласници директно кај луѓето за да им ги објават пророштвата кои требало да ги чујат. На пример, за време на изгнанството на Евреите во Вавилон, Бог имал најмалку тројца пророци кои служеле меѓу неговиот народ — Јеремија во Ерусалим, Језекиил кај изгнаниците и Даниил во главниот град на Вавилонската Империја (Јеремија 1:1, 2; Језекиил 1:1; Даниил 2:48).

Пораките од оракулите биле давани насамо така што оној кој ги добивал можел да го искористи нивното толкување во сопствена полза. За разлика од нив, библиските пророштва честопати биле давани јавно така што сите можеле да ја чујат пораката и да разберат што подразбира таа. Пророкот Јеремија многупати зборувал јавно во Ерусалим иако знаел дека неговата порака не била популарна меѓу водачите и жителите на тој град (Јеремија 7:1, 2).

Денес, пораките од оракулите се сметаат за дел од древната историја. Тие немаат практична вредност за луѓето кои живеат во нашиве критични времиња. Ниедна таква порака не се занимава со нашево време ниту со нашата иднина. Во забележителна спротивност, библиските пророштва се дел од „словото Божјо [кое] е живо и дејствува“ (Евреите 4:12). Оние библиски пророштва кои веќе се исполнети, даваат образец за Јеховините постапки со луѓето и откриваат витални обележја на неговите намери и на неговата личност. Освен тоа, важните библиски пророштва чекаат исполнување во блиска иднина. Опишувајќи го она што претстои, апостол Петар напишал: „Но ние, според Неговото [Божјето] ветување, очекуваме ново небо [небесното месијанско Царство] и нова земја [праведно човечко општество], на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13).

Ова кратко споредување на библиските пророштва со пораките од оракулите на лажната религија може да те доведе до заклучок кој е сличен на оној што е изнесен во книгата со наслов The Great Ideas (Големите идеи): „Што се однесува до предзнаењето на смртните луѓе, изгледа дека хебрејските пророци се единствени. За разлика од паганските претскажувачи или гатачи . . . тие не мораат да користат уметност или инструменти за да навлезат во божествените тајни . . . Изгледа дека поголемиот дел од нивните пророчки говори, за разлика од оние на оракулите, се недвосмислени. Барем се чини дека намерата им е да го откријат, а не да го прикријат Божјиот план за тие работи онака како што Самиот Тој сака луѓето да го предвидат правецот на провидението“.

Дали ќе имаш доверба во библиските пророштва?

Можеш да имаш доверба во библиските пророштва. Всушност, можеш да го градиш својот живот околу Јехова и исполнувањето на неговата пророчка реч. Библиските пророштва не се мртов запис на веќе исполнети предвидувања. Многу пророштва кои се наоѓаат во Писмото сега се во тек на исполнување или чекаат остварување во блиска иднина. Судејќи по минатото, можеме да бидеме целосно уверени дека и тие ќе се исполнат. Бидејќи таквите пророштва се сосредоточуваат на нашево време и ја вклучуваат токму нашата иднина, ќе биде добро ако ги сфатиме сериозно.

Со сигурност можеш да имаш доверба во библиското пророштво кое се наоѓа во Исаија 2:2, 3: „И ете, во последните дни [во последниот дел од дните, NW] гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините . . . Ќе тргнат многу народи и ќе речат: ‚Дојдете, да се искачиме на гората Господова . . . Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките негови‘“. Денес милиони луѓе навистина го прифаќаат Јеховиното возвишено обожавање и учат да одат по неговите патеки. Дали ќе ја зграпчиш приликата да дознаеш повеќе за Божјите патишта и да стекнеш точно спознание за него и неговите намери за да одиш по неговите патеки? (Јован 17:3NW).

Исполнувањето на едно друго библиско пророштво бара итно да дејствуваме. Во врска со блиската иднина, псалмистот пророчки пеел: „Оние, што вршат зло, ќе бидат истребени . . . Уште малку, и грешникот ќе го нема“ (Псалм 36:9, 10). Според тебе, што е потребно за да се избегне претстојното уништување на злобните меѓу кои спаѓаат и оние кои се потсмеваат на библиските пророштва? Истиот псалм одговара: „Оние, кои се надеваат на Господа [Јехова, NW], ќе ја наследат земјата“ (Псалм 36:9). Да се надеваме на Јехова значи да положиме безрезервна доверба во неговите ветувања и да го приспособиме животот кон неговите мерила (Изреки 2:21, 22).

Каков ќе биде животот кога оние кои се надеваат на Јехова ќе ја наследат Земјата? Повторно, библиските пророштва откриваат дека послушното човештво го чека една славна иднина. Пророкот Исаија запишал: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се отнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее; зашто води ќе бликнат во пустињата, и потоци во степите“ (Исаија 35:5, 6). Апостол Јован ги запишал овие успокојувачки зборови: „Ќе ја избрише Бог [Јехова] секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина. И Седнатиот на престолот рече: ‚Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни‘“ (Откровение 21:4, 5).

Јеховините сведоци знаат дека Библијата е книга на веродостојни пророштва. Тие во целост се сложуваат со поттикот на апостол Петар: „Ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на него му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца“ (2. Петрово 1:19). Наша искрена желба е да бидеш охрабрен од сјајните изгледи кои ги нудат библиските пророштва за иднината!

[Рамка/слики на страница 6]

ДЕЛФИСКОТО ПРОРОЧИШТЕ било најпрочуено во древна Грција.

Свештеничката седнувала на еден триножник, и ги изговарала своите пораки од оракулите

[Слики]

Опојните пареи ја доведувале свештеничката во состојба на транс

Се верувало дека изговорените звуци содржат откровенија од богот Аполон

[Извори на слики]

Триножник: Од книгата Dictionary of Greek and Roman Antiquities; Аполо: The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck

[Слика на страница 7]

Предвидувањата кои биле давани во Делфиското пророчиште биле потполно несигурни

[Извор на слика]

Делфи, Грција

[Слики на страница 8]

Можеш да имаш целосна доверба во библиските пророштва за новиот свет