Укотвени со надежта, мотивирани од љубовта
Укотвени со надежта, мотивирани од љубовта
„Остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 13:13).
1. Кое предупредување ни го дава апостол Павле?
АПОСТОЛ Павле нѐ предупредува дека, слично на еден брод, нашата вера може да претрпи бродолом. Тој зборува за ‚имање вера и добра совест, која што некои ја отфрлиле и претрпеле бродолом во верата‘ (1. Тимотеј 1:19). Во првиот век н. е. поморските бродови се граделе од дрво. Нивната способност за пловидба зависела од квалитетот на дрвото и од вештата бродоградба.
2. Зошто бродот на нашата вера мора да биде добро изграден, и што бара тоа од нас?
2 Она што би можело да се нарече брод на нашата вера, мора да остане да плови среде немирните мориња на човештвото (Исаија 57:20; Откровение 17:15). Значи, мора да биде добро изграден, а тоа зависи од нас. Кога „морињата“ на еврејскиот и на римскиот свет станале особено бурни за раните христијани, Јуда напишал: „Возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот Дух, запазете се во љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ, Исуса Христа, [со изглед, NW] за вечен живот“ (Јуда 20, 21). Бидејќи и Јуда зборувал за борење за ‚верата која им е дадена на светите‘, изразот „пресветата вера“ може да укажува на целата низа христијански учења, во која е вклучена и добрата вест за спасение (Јуда 3). Темелот на таа вера е Христос. Ако сакаме цврсто да се држиме за вистинската христијанска вера, потребна ни е силна вера.
Да се издржи бурата „страв од секти“
3. Како некои го користат изразот „страв од секти“?
3 Во последниве години имаше неколку стравотни случаи на масовни самоубиства, убиства и терористички напади во кои беа вмешани и некои загадочни секти. Разбирливо, многу поединци, меѓу кои спаѓаа и искрени политички водачи, покажаа загриженост за да ги заштитат недолжните луѓе, а особено малолетниците, од таквите опасни секти. На тој начин „богот од овој свет“, кој несомнено стои зад овие гнасни злосторства, создаде нешто што некои го нарекуваат страв од секти и што го користи против Јеховиниот народ (2. Коринтјаните 4:4; Откровение 12:12). Некои ја искористија оваа ситуација за да поттикнат противење кон нашето дело. Во некои земји покренаа кампања со цел наводно да ги заштитат луѓето од „опасните секти“, но во кои со инсинуација погрешно ги набројаа и Јеховините сведоци. Тоа во некои европски земји го отежна сведочењето од куќа до куќа и наведе некои луѓе кои ја проучуваа Библијата со нас да прекинат со проучување. Ова пак, од своја страна, имаше негативен ефект на некои наши браќа.
4. Зошто противењето не треба да нѐ обесхрабри?
4 Меѓутоа, далеку од тоа да нѐ обесхрабри, противењето треба да го зајакне нашето уверување дека ние го практикуваме вистинското христијанство (Матеј 5:11, 12). Раните христијани биле обвинети дека се подривачка секта, и насекаде ‚се зборувало против нив‘ (Дела 24:5; 28:22, NW). Но, апостол Петар ги уверил своите соверници, пишувајќи им: „Возљубени, не чудете се на огненото искушение, што ви се праќа поради испитувањето, како нешто ново да ви станува; но, во колку учествувате во страдањата Христови, радувајте се, та кога ќе се јави Неговата слава да се возрадувате и развеселите“ (1. Петрово 4:12, 13). Слично на тоа, еден член на водечкото тело од првиот век напишал: „Сметајте го сето тоа за радост, браќа мои, кога се среќавате со разни испити, бидејќи знаете дека од ова испитување на квалитетот на вашата вера произлегува истрајност. Но истрајноста нека го доврши своето дело, за да бидете потполни и здрави во секој поглед и ништо да не ви недостига“ (Јаков 1:2—4, NW). Исто како што силните ветришта ја испитуваат способноста за пловидба на еден брод така и бурите на противење ќе ја откријат која и да било слабост на нашиот брод на верата.
Неволјата создава истрајност
5. Како можеме да бидеме сигурни дека нашата вера ќе биде стабилна во неволја?
5 Христијаните можат да бидат сигурни во истрајноста и стабилноста на својата вера само откако ќе ги издржат бурите на неволја. Нашата истрајност ќе „го доврши своето дело“ во бурните мориња само ако ние сме ‚потполни и здрави во секој поглед и ако ништо не ни недостига‘, вклучувајќи и јака вера. Павле напишал: „Во сѐ се препорачуваме за служители Божји, со големо трпение, во неволи, во нужди, во тескоби“ (2. Коринтјаните 6:4).
6. Зошто треба да „се радуваме кога сме во неволји“, и како тоа ја зајакнува нашата надеж?
6 Силните ветришта на неволја кои можеби понекогаш ги доживуваме, треба да ги сметаме како прилики за да докажеме дека нашиот брод на верата е здрав и стабилен. На христијаните во Рим, Павле им напишал: „Да се радуваме кога сме во неволји, бидејќи знаеме дека неволјата создава истрајност; а истрајноста, пак, призната положба; а признатата положба — надеж, а надежта не води до разочарување“ (Римјаните 5:3—5, NW). Цврстината под испити ни донесува Јеховино одобрување. Тоа, пак, од своја страна, ја зајакнува нашата надеж.
Зошто некои претрпуваат бродолом
7. а) Како што покажуваат зборовите на Павле, како некои доживеале духовен бродолом? б) Како некои денес скршнале од вистината?
7 Кога Павле предупредил на доживување „бродолом“, имал на ум некои кои ја ‚отфрлиле‘ својата добра совест и ја изгубиле верата (1. Тимотеј 1:19). Меѓу нив биле Хименеј и Александар кои западнале во отпад со тоа што скршнале од вистината и зборувале навредливо (1. Тимотеј 1:20, фусноста NW; 2. Тимотеј 2:17, 18). Денес, отпадниците кои скршнуваат од вистината, вербално го удираат „верниот и разборит роб“ (NW), не покажувајќи, всушност, благодарност кон раката која духовно ги хранела. Некои личат на ‚лошиот слуга‘ и безусловно велат: „Мојот господар ќе задоцни“ (Матеј 24:44—49; 2. Тимотеј 4:14, 15). Тие порекнуваат дека е близу крајот на овој злобен систем на ствари и ја критикуваат духовно будната класа на робот заради тоа што одржува чувство на итност кај Јеховиниот народ (Исаија 1:3). Таквите отпадници успеваат ‚да ја поткопаат верата на некои‘ (NW), предизвикувајќи духовен бродолом (2. Тимотеј 2:18).
8. Што предизвикало некои да претрпат бродолом или да се потопи бродот на нивната вера?
8 Други предадени христијани претрпеле бродолом на бродот на својата вера на тој начин што ја отфрлиле својата совест и се впуштиле во разузданото тежнеење по задоволства и во сексуалниот неморал на овој свет (2. Петрово 2:20—22). Трети, пак, го потопуваат својот брод на верата бидејќи, според нивното гледиште, пристаништето на новиот систем на ствари сѐ уште го нема на хоризонтот. Бидејќи не можат да си калкулираат со времето во врска со исполнувањето на извесни пророштва и го одложуваат „Јеховиниот ден“ (NW) во своите мисли, тие го напуштаат вистинското обожавање (2. Петрово 3:10—13; 1. Петрово 1:9). Набрзо повторно се наоѓаат во мрачните, разбранувани води на сегашниов систем на ствари (Исаија 17:12, 13; 57:20). Некои кои престанале да се дружат со христијанското собрание, сѐ уште верувале дека тоа ја практикува вистинската религија. Но, очигледно им недостигале стрпливоста и истрајноста кои се потребни за да го чекаат новиот свет кој го ветил Јехова Бог. За нив животот во рај не дошол доволно брзо.
9. Што прават некои предадени христијани, и на какво размислување нѐ наведуваат овие факти?
9 Се чини дека во извесни делови на светот, некои предадени христијани ги спуштиле едрата на својот брод на верата. Бродот сѐ уште плови, но наместо да се пробиваат напред со целосна вера, тие усвоиле едно бавно и удобно темпо. Привлечени од надежта за „рај наскоро“, некои биле спремни да не штедат напори за да ја постигнат — биле ревни во делото на проповедање и редовно присутни на сите состаноци, собири и конгреси. Но сега, сметајќи дека остварувањето на нивните надежи е подалеку од очекуваното, ја спуштиле цената што се спремни да ја платат. Ова се гледа во намалената проповедничка активност, нередовноста на состаноците и спремноста да се пропуштаат некои делови од програмата на собирите и конгресите. Други, пак, посветуваат повеќе време на рекреација и на здобивање со материјални удобности. Овие факти нѐ наведуваат да размислиме што би требало да ни биде погонска сила во животот во склад со нашето предание на Јехова. Дали нашата ревност во неговата служба треба да зависи од надежта за „рај наскоро“?
Надежта споредена со котва
10, 11. Со што ја споредил Павле нашата надеж, и зошто таа споредба била соодветна?
10 Павле подвлекол дека Јехова дал ветување дека преку Авраам ќе дојдат благослови. Потоа, апостолот објаснил: „Бог . . . посведочи со клетва, та преку две неизменливи работи [неговата реч и неговата клетва], во кои не е можно Бог да излаже, да имаме голема утеха и ние, кои што прибегнуваме да се прифатиме за надежта, што ни е дадена, а која е за нашата душа цврст и сигурен ленгер [котва, NW]“ (Евреите 6:17—19; 1. Мојсеева 22:16—18). На помазаните христијани им е дадена надеж за бесмртен живот на небото. Денес, огромно мнозинство Јеховини слуги има сјајна надеж за вечен живот на рајската Земја (Лука 23:43, NW). Без таква надеж, не може да се има вера.
11 Котвата е моќна сигурносна направа која е неопходна за да се држи бродот во место и да се спречи да отплови. Ниеден морнар не би се осмелил да го напушти пристаништето без котва. Бидејќи Павле неколкупати доживеал бродолом, од искуство знаел дека животот на морепловците честопати зависи од котвите на нивниот брод (Дела 27:29, 39, 40; 2. Коринтјаните 11:25). Во првиот век, бродот немал мотор кој ќе му овозможил на капетанот да управува како што сака. Освен воените бродови кои биле управувани со весла, движењето на бродовите зависело првенствено од ветрот. Доколку бродот се наоѓал во опасност да отплови кон карпите, единствен начин на кој капетанот можел да излезе од таа ситуација бил да ја пушти котвата и да ја издржи бурата, имајќи доверба дека стисокот на котвата врз морското дно нема да попушти. Затоа, Павле ја споредил христијанската надеж со ‚цврста и сигурна котва за душата‘ (Евреите 6:19). Кога сме нападнати од бури на противење или доживуваме поинаков вид испити, нашата прекрасна надеж е како котва која нѐ стабилизира како живи души, така што нашиот брод на верата не отпловува кон опасните плитки места на сомнение или кон катастрофалните карпи на отпад (Евреите 2:1, NW; Јуда 8—13).
12. Како можеме да избегнеме да отстапиме од Јехова?
12 Павле ги предупредил еврејските христијани: „Браќа, гледајте, да не би во некого од вас, да има лошо срце за [на кое му недостига, NW] верата, та да отстапи од живиот Бог“ (Евреите 3:12). Во грчкиот текст, „да отстапи“ дословно значи „да се држи подалеку“, односно да отпадне. Но, ние можеме да избегнеме таков апсолутен бродолом. Верата и надежта ќе ни овозможат да не отстапиме од Јехова дури ни во време на најтешките бури на испитување (5. Мојсеева 4:4; 30:19, 20). Нашата вера нема да биде како брод кого го фрлаат ветровите на отпадничкото учење (Ефесјаните 4:13, 14). И со надежта како наша котва, ќе можеме да ги издржиме бурите на животот како Јеховини слуги.
Мотивирани од љубов и свет дух
13, 14. а) Зошто котвата на нашата надеж сама по себе не е доволна? б) Што треба да биде мотивирачка сила во вршењето света служба на Јехова, и зошто?
13 Еден христијанин нема да напредува кон новиот систем доколку негов единствен мотив во служењето на Јехова е надежта да живее засекогаш на рајската Земја. Додека ја одржува својата котва на надеж како стабилизационен фактор во животот, тој кон неа и кон својата вера треба да ја додаде погонската сила на љубовта. Павле го подвлекол овој факт кога напишал: „А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“ (1. Коринтјаните 13:13).
14 Наша мотивирачка сила во вршењето света служба треба да биде длабоката љубов кон Јехова како одговор на неговата неизмерна љубов кон нас. Апостол Јован напишал: „Кој не сака, тој не Го познал Бога, оти Бог е љубов. Божјата љубов кон нас се покажа во тоа, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син, за да живееме преку Него. Ние Го сакаме, бидејќи Он порано нѐ засака“ (1. Јованово 4:8, 9, 19). Од благодарност кон Јехова, наша првенствена грижа не треба да биде да добиеме лично спасение, туку да сведочиме за посветувањето на неговото свето име и за оправдувањето на неговиот праведен суверенитет.
15. Како нашата љубов кон Јехова е поврзана со прашањето за неговиот суверенитет?
15 Јехова сака да му служиме бидејќи го сакаме него, а не само рајот. Библиската енциклопедија Insight on the Scriptures (Увид во Писмото) a вели: „Јехова се радува на фактот дека неговиот суверенитет и поддршката на тој суверенитет од страна на неговите творби се темели првенствено на љубов. Тој ги сака само оние кои го љубат неговиот суверенитет поради неговите убави особини и затоа што тој суверенитет е праведен, ги сака оние кои го претпочитаат неговиот суверенитет во однос на кој и да било друг (1 Ко 2:9). Тие избираат да служат под неговиот суверенитет наместо да се обидуваат да бидат независни — и тоа поради своето спознание за него и за неговата љубов, правда и мудрост, кои, според нив, далеку ги надминуваат нивните сопствени (Пс 83:10, 11)“ — Том 2, страница 275.
16. Како љубовта кон Исус е погонска сила во нашиот живот?
16 Како христијани, ние покажуваме љубов и кон Исус како одговор на неговата љубов кон нас. Павле расудувал: „Бидејќи љубовта Христова нѐ гони да размислуваме за ова дека, кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени. А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна“ (2. Коринтјаните 5:14, 15). Христос е самиот темел врз кој е изграден нашиот духовен живот, нашата вера и нашата надеж. Љубовта кон Христос Исус ја зајакнува нашата надеж и ја стабилизира нашата вера, особено во периоди на бурно испитување (1. Коринтјаните 3:11; Колосјаните 1:23; 2:6, 7).
17. Која динамична сила ни ја дава Јехова, и како нејзината важност е покажана во Дела 1:8 и во Ефесјаните 3:16?
17 Додека нашата љубов кон Бог и кон неговиот Син е главната погонска сила во нашиот живот како христијани, Јехова ни дава и нешто друго што нѐ мотивира, ни дава енергија и ни дава сила за да продолжиме во неговата служба. Тоа е неговата активна сила, односно светиот дух. Хебрејскиот и грчкиот збор кои се преведени со „дух“ во основа укажуваат на динамично движење на воздухот, како што е ветрот. Едрениците, како што биле оние со кои патувал Павле, се потпирале на невидливата сила на ветрот за да стигнат до своето одредиште. Слично на тоа, нам ни е потребна љубовта и дејствувањето на Божјата невидлива активна сила за да може нашиот брод на верата да плови напред во Јеховината служба (Дела 1:8; Ефесјаните 3:16).
Напред кон нашето одредиште!
18. Што ќе ни овозможи да ги поднесеме кои и да било идни испити на нашата вера?
18 Нашата вера и љубов можат да бидат жестоко испитани пред да стигнеме до новиот систем на ствари. Но, Јехова ни обезбедил котва која е ‚цврста и сигурна‘ — нашата прекрасна надеж (Евреите 6:19; Римјаните 15:4, 13). Кога сме удирани со противење или со други испити, можеме да истраеме ако сме безбедно укотвени преку нашата надеж. Откако ќе стивне една бура, но додека не се крене друга, да бидеме одлучни да ја зајакнеме својата надеж и да ја зацврстиме својата вера.
19. Како може бродот на нашата вера да го задржи правецот и да стигнеме до пристаништето на Божјиот нов свет?
19 Пред да ја спомне ‚котвата за душата‘, Павле рекол: „Ние сакаме, секој од вас да је покажува истата усрдност [работливост, NW; „забрзува“, фуснота NW] за одржување на полната надеж до крај, та да не станете мрзливи, туку да ги подражавате оние, кои што преку вера и трпение ги добиваат ветувањата“ (Евреите 6:11, 12). Мотивирани од љубовта кон Јехова и кон неговиот Син и со силата од светиот дух, нека бродот на нашата вера го задржи правецот сѐ додека не стигнеме до пристаништето на Божјиот ветен нов свет.
[Фуснота]
a Издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Како повторување
◻ Кое предупредување ни го дал Павле во врска со нашата вера?
◻ Како некои доживеале духовен бродолом, и како други успоруваат?
◻ Која побожна особина треба да ја споиме со верата?
◻ Што ќе ни овозможи да стигнеме до пристаништето на Божјиот ветен нов свет?
[Прашања]
[Слика на страница 16]
Бродот на нашата вера мора да биде добро изграден за да одолее на сите бури во животот
[Слика на страница 17]
Нашата вера би можела да претрпи бродолом
[Слика на страница 18]
Надежта е котва за нашиот живот како христијани