„Опашете се со скромност на умот“
„Опашете се со скромност на умот“
„Бог им се противи на надуените, а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (1. ПЕТРОВО 5:5, NW).
1, 2. Кои две спротивни умствени склоности имаат длабоко влијание врз однесувањето на луѓето?
МЕЃУ умствените склоности на кои ни свртува внимание Божјата реч, има две кои се спротивни. Обете имаат длабоко влијание врз човечкото однесување. Едната е опишана како „скромност на умот“ (1. Петрово 5:5, NW). Еден речник го дефинира зборот „скромен“ како да се „биде понизен во манирите или во духот: слободен од самонаметлива гордост“. Скромноста на умот е синоним за понизност, и од Божја гледна точка таа е една многу пожелна особина.
2 Спротивна на неа е гордоста. Таа се дефинира како „прекумерна самопочит“, да се биде „полн со презир“. Таа е саможива и ги бара материјалните, егоистичните и други користи без оглед на неповолните ефекти врз другите. Библијата забележува една последица од неа: „Човекот господари над човек на своја штета“. Таа зборува за ‚соперништвото еден спрема друг‘ како за „стремење по ветар“ (NW) бидејќи при смртта човек „не може ништо да однесе со себе“ (NW). Таквата гордост е многу непожелна од Божја гледна точка (Проповедник 4:4; 5:15; 8:9).
Духот кој преовладува во светот
3. Каков е духот кој преовладува во светот?
3 Која од овие умствени склоности го карактеризира денешниов свет? Каков е духот кој преовладува во светот? World Military and Social Expenditures 1996 (Светските воени и социјални издатоци за 1996) вели: „Ниеден друг век за кој постојат записи не му е рамен на 20 век по нецивилизираното . . . насилство“. Натпреварувањето за политичка и економска моќ — како и националните, религиозните, племенските и етничките соперништва — убиле над 100 милиони луѓе во овој век. Се зголемило и саможивото однесување на поединечно ниво. Во Chicago Tribune било кажано: „Болеста на општеството вклучува безумно насилство, злоупотреба на деца, разводи, пијанство, СИДА, самоубиства кај тинејџери, дрога, улични банди, силување, вонбрачност, абортуси, порнографија . . . лажење, мамење, политичка корупција . . . Исправното и погрешното како морални концепти се укинати“. Затоа, во UN Chronicle било предупредено: „Општествата се распаѓаат“.
4, 5. Како светскиот дух точно е опишан во библиското пророштво за нашево време?
4 Ваквите околности се распространети ширум светот. Се случува токму она што библиското пророштво го претскажало за нашево време: „Во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени [од гордост, NW]“ (2. Тимотеј 3:1—4).
5 Ова е еден точен опис на духот кој преовладува во овој свет. Тоа е себичниот став „прво јас“. Соперништвото меѓу нациите се одразува преку соперништвото меѓу поединци. На пример, во натпреварувачките спортови многу атлетичари сакаат да бидат „број еден“ без оглед на тоа што ова ги повредува другите во емоционален, или дури во физички поглед. Овој саможив дух се унапредува кај децата и продолжува на многу подрачја во животот на возрасните. За последица има „непријателство, кавги, ревнувања [љубомора, NW], гнев, расправии, несогласности, ереси“ (Галатјаните 5:19—21).
6. Кој унапредува себичност, и што мисли Јехова за ваквото расположение?
6 Библијата покажува дека саможивиот дух на овој свет го одразува духот на оној кој е ‚наречен ѓавол и сатана, кој ја мами целата вселена‘. Во врска со влијанието на Сатана врз луѓето кои живеат во овие критични последни денови, Библијата претскажува: „Тешко вам, кои живеете на земјата . . . зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12:9—12). Значи, тој и неговите придружни демони ги засилиле напорите да унапредуваат себично расположение кај човечкото семејство. А што мисли Јехова за ваквиот став? Неговата Реч вели: „Секој горделив по срце е одвратен пред Господа“ (Изреки 16:5).
Јехова е со скромните
7. Како Јехова гледа на скромните, и што ги поучува?
7 Од друга страна, пак, Јехова ги благословува оние кои се скромни во умот. Во една песна за Јехова, цар Давид рекол: „Ти ги спасуваш угнетените [понизните, NW] и со погледот Свој ги уништуваш горделивите“ (2. Царства 22:1, 28). Затоа, Божјата реч советува: „Побарајте го Господа, сите смирени [кротки, NW] на земјата . . . побарајте ја правдата, побарајте го смирението [кротоста, NW]; можеби ќе се сокриете во денот на гневот Господен“ (Софонија 2:3). Оние кои понизно го бараат Јехова се поучени од него да негуваат еден дух кој е сосема поинаков од духот кој го има во овој свет. ‚Ги учи кротките на Својот пат‘ (Псалм 24:9; Исаија 54:13). Тој пат е патот на љубовта. Се темели на вршење на она што е исправно според Божјите мерила. Според Библијата, оваа начелна љубов „не се превознесува, не се гордее . . . не бара свое“ (1. Коринтјаните 13:1—8). Таа се покажува и во скромноста на умот.
8, 9. а) Од каде потекнува начелната љубов? б) Колку е важно да се имитираат љубовта и понизноста кои ги покажал Исус?
8 Павле и другите христијани од првиот век го научиле овој вид љубов од учењата на Исус. Исус, пак, го научил од својот Татко, Јехова, за кого Библијата вели: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Исус знаел дека Божја волја за него е да живее според законот на љубовта, и го правел тоа (Јован 6:38). Затоа имал сожалување кон подјармените, сиромашните, грешниците (Матеј 9:36). Тој им рекол: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце [скромен во срцето, NW]“ (Матеј 11:28, 29).
9 Исус им покажал на своите ученици колку е важно да ја имитираат неговата љубов и понизност кога им рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Тие требало да се разликуваат од овој саможив свет. Затоа Исус за своите следбеници можел да рече: „Тие не се [дел, NW] од светот“ (Јован 17:14). Не, тие не го имитираат горделивиот, себичен дух на сатанскиот свет. Наместо тоа, го имитираат духот на љубов и понизност кој го покажувал Исус.
10. Што прави Јехова со скромните во нашево време?
10 Божјата реч претскажала дека во последниве денови, понизните ќе се соберат во едно глобално општество кое ќе се темели на љубов и понизност. Значи, среде еден свет кој станува сѐ погорделив, Јеховиниот народ го покажува токму спротивниот став — скромност на умот. Таквите поединци велат: „Да се искачиме на гората Господова [неговото возвишено вистинско обожавање] . . . Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови“ (Исаија 2:2, 3). Јеховините сведоци го сочинуваат ова глобално општество кое оди по Божјите патеки. Во нив спаѓа едно растечко ‚големо мноштво народ, кое што никој не може да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици‘ (Откровение 7:9). Сега ова големо мноштво се состои од милиони луѓе. Како Јехова ги обучува да бидат понизни?
Да се научи да се биде скромен во умот
11, 12. Како Божјите слуги покажуваат скромност на умот?
11 Божјиот дух кој дејствува врз неговиот спремен народ му овозможува на тој народ да научи да го победува лошиот дух на светот и потоа да ги покажува плодовите на Божјиот дух. Тие се манифестираат во „љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“ (Галатјаните 5:22, 23). Како помош за да ги развиваат тие особини, Божјите слуги се советувани да не станат „егоистични, потстрекнувајќи натпреварување еден со друг, завидувајќи си еден на друг“ (Галатјаните 5:26, NW). Слично на тоа, апостол Павле напишал: „На секого од вас му кажувам да не мисли повеќе [за себе, NW], отколку што треба да мисли; туку мислете скромно според делот на верата [здравиот ум, NW]“ (Римјаните 12:3).
12 Божјата реч им кажува на вистинските христијани да ‚не прават ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност [скромност на умот, NW] да се сметаат еден друг [Божјите слуги] за погорен од себе си. Да не се грижат секој само за себе, туку и за другите‘ (Филипјаните 2:3, 4). „Никој нека не ја бара својата полза, туку ползата на ближниот“ (1. Коринтјаните 10:24). Да, ‚љубовта ги изградува‘ другите со несебични зборови и дела (1. Коринтјаните 8:1). Таа унапредува соработка, а не натпреварување. Духот „прво јас“ нема место меѓу Јеховините слуги.
13. Зошто скромноста на умот мора да се научи, и како се учи таа?
13 Меѓутоа, поради наследената несовршеност, ние не сме родени со скромност на умот (Псалм 50:5). Оваа особина мора да се научи. Тоа, пак, може да биде тешко за оние кои не се поучени за Јеховините патишта од детството, туку ги прифатиле подоцна во животот. Тие веќе имаат оформени личности на темел на ставовите на овој стар свет. Затоа мораат да научат да ‚го отфрлат од себе стариот човек според своето поранешно живеење‘ и ‚да се облечат во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината‘ (Ефесјаните 4:22, 24). Со Божја помош искрените лица можат да го сторат она што тој го бара од нив: „Облечете се во милосрдност, доброта, смиреност [скромност на умот, NW], кротост и долготрпеливост“ (Колосјаните 3:12).
14. Како Исус зборувал против желбата за лично возвишување?
14 Учениците на Исус морале да го научат тоа. Тие биле возрасни кога станале негови ученици и во себе имале извесна мера световен дух на соперништво. Кога мајката на двајца од нив побарала истакната положба за своите синови, Исус рекол: „Кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга; како што и Синот Човечки [Исус] не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20:20—28). Кога Исус им кажал на своите ученици да не користат титули со цел да се возвишуваат, додал: „Вие сте сите браќа“ (Матеј 23:8).
15. Каков став треба да имаат оние кои тежнеат кон служба на надгледник?
15 Еден вистински следбеник на Исус е слуга, да, роб на сохристијаните (Галатјаните 5:13). Ова е особено случај кај оние кои сакаат да се квалификуваат за надгледување во собранието. Тие никогаш не треба да се натпреваруваат за истакната положба или моќ; не треба да ‚управуваат со народот [оние кои се Божје наследство, NW], туку да му даваат пример‘ (1. Петрово 5:3). Секако, саможивиот дух е показател дека некој маж не е погоден за надгледување. Таквото лице би било штетно за собранието. Точно, пригодно е да ‚се тежнее по служба на надгледник‘ (NW), но тоа треба да потекнува од желбата да им се служи на другите христијани. Оваа служба не е положба на истакнатост или моќ, зашто тие кои надгледуваат треба да бидат меѓу оние лица во собранието кои се најскромни во умот (1. Тимотеј 3:1, 6).
16. Зошто Диотреф бил јавно осуден во Божјата реч?
16 Апостол Јован го свртува нашето внимание кон едно лице кое имало погрешно гледиште, велејќи: „Му напишав нешто на собранието, но Диотреф, кој сака да го има првото место меѓу нив, не прима ништо од нас со почитување“. Овој човек постапувал со другите без почитување обидувајќи се да ја унапредува сопствената положба. Наместо тоа, Божјиот дух го поттикнал Јован да вклучи во Библијата една јавна осуда на Диотреф поради неговиот став „прво јас“ (3. Јованово 9, 10, NW).
Исправен став
17. Како Петар, Павле и Варнава покажале скромност на умот?
17 Постојат многу библиски примери за исправен став, за скромност на умот. Кога Петар влегол во домот на Корнилиј, тој човек ‚паднал пред нозете негови [Петрови] и му се поклонил‘. Но наместо да прифати ласкање, ‚Петар го подигнал и му рекол: „Стани и јас сум човек“‘ (Дела 10:25, 26). Кога Павле и Варнава биле во Листра, Павле излечил еден човек кој бил сакат уште од раѓање. Како резултат на тоа, мноштвото рекло дека тие апостоли се богови. Меѓутоа, Павле и Варнава ‚ги раскинале своите облеки, се втурнале меѓу народот, гласно викајќи: „Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни како и вие“‘ (Дела 14:8—15). Овие понизни христијани одбиле да прифатат слава од луѓето.
18. Што од понизност му кажал еден моќен ангел на Јован?
18 Кога на апостол Јован му било дадено „откровение на [од, NW] Исуса Христа“, тоа било пренесено преку еден ангел (Откровение 1:1). Поради моќта што ја има еден ангел, можеме да разбереме зошто Јован имал стравопочит — зашто еден ангел уништил 185.000 Асирци за една ноќ (4. Царства 19:35). Јован раскажува: „Кога го чув и видов, паднав за да се поклонам пред нозете на ангелот, кој што ми го покажа ова. Но тој ми рече: ‚Стој, немој, оти сум и јас слуга како ти, и браќата твои . . . Поклони Му се на Бога!‘“ (Откровение 22:8, 9). Каква само скромност на умот од страна на овој моќен ангел!
19, 20. Спореди ја вообразеноста на победоносните римски генерали со Исусовата скромност на умот.
19 Исус бил најдобриот пример за човек кој покажал скромност на умот. Тој бил Божјиот единороден Син, идниот Цар на Божјето небесно Царство. Кога им се претставил на луѓето како таков, тој не постапил како што правеле победоносните генерали во времето на Римјаните. Ним им биле приредувани огромни паради — процесии — и се возеле на бојни коли украсени со злато и слонова коска, кои биле влечени од бели коњи, па дури и од слонови, лавови или тигри. Во процесиите имало музичари кои пееле победоносни песни, како и коли натоварени со плен и огромни платформи на тркала кои илустрирале сцени од битки. Исто така, имало и заробени цареви, кнезови и генерали, со нивните семејства, честопати соблечени голи за да бидат понижени. Настаните биле исполнети со гордост и вообразеност.
20 Спореди го тоа со начинот на кој се претставил Исус. Бил спремен понизно да се подложи на исполнувањето на пророштвото за него, кое претскажувало: „Ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослицата“. Тој понизно јавал на едно товарно животно, а не на бојна кола влечена од величествени животни за парада (Захарија 9:9; Матеј 21:4, 5). Колку се само среќни понизните луѓе што во новиот свет Исус ќе биде Јеховин наименуван Цар над целата Земја, цар кој е навистина скромен во умот, понизен, полн со љубов, сочувствителен, милосрден! (Исаија 9:6, 7; Филипјаните 2:5—8).
21. Што не значи скромноста на умот?
21 Фактот што Исус, Петар, Павле, како и други мажи и жени од вера во библиските времиња биле скромни во умот, ја отфрла идејата дека понизноста е слабост. Напротив, таа покажува цврстина на карактерот зашто тие биле храбри и ревносни. Со голема умствена и морална сила поднеле сурови испити (Евреите, поглавје 11). И денес, кога Јеховините слуги се скромни во умот, тие имаат слична цврстина бидејќи Бог ги поддржува скромните со својот моќен свет дух. Значи, поттикнати сме: „Сите вие опашете се со скромност на умот еден спрема друг зашто Бог им се противи на надуените, а на понизните им дава незаслужена љубезност. Затоа, понизете се под моќната рака Божја, за да ве воздигне во свое време“ (1. Петрово 5:5, 6, NW; 2. Коринтјаните 4:7).
22. За што ќе биде дискутирано во следната статија?
22 Постои и еден друг позитивен аспект на скромноста на умот кој треба да го практикуваат Божјите слуги. Тоа е аспект кој многу придонесува за изградување на духот на љубов и соработка во собранијата. Секако, тој е неопходен составен дел на скромноста на умот. За него ќе биде дискутирано во следната статија.
Како повторување
◻ Опиши го духот што преовладува во овој свет.
◻ Како Јехова покажува наклоност кон оние кои се скромни во умот?
◻ Зошто скромноста на умот мора да се научи?
◻ Кои се некои библиски примери за поединци кои покажале скромност на умот?
[Прашања]
[Слика на страница 15]
Ангелот му рекол на Јован: „Немој, оти сум и јас слуга како ти!“