Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пази да не те спрепне гневот

Пази да не те спрепне гневот

Пази да не те спрепне гневот

„ДИШИ длабоко!“ „Изброј до десет!“ „Прегризај си го јазикот!“ Дали ти се познати овие фрази? Можеби и самиот си ги повторуваш за да смириш некој внатрешен немир. За да спречат излив на гнев, некои луѓе одат да прошетаат. Тоа се едноставни начини да се контролира гневот и да се сочува односот со другите.

Но, во изминативе години, многу луѓе се збунети од противречните совети кои ги даваат стручњаците за тоа дали да се контролира или да се потиснува гневот. На пример, некои психолози ја унапредуваат теоријата дека „доколку тоа ти помага да се чувствуваш подобро“, дај му издишка на гневот. Други, пак, предупредуваат дека редовните изливи на гнев се „еден предзнак за смрт на млади години кој е посилен од другите фактори на ризик како, на пример, пушењето, високиот крвен притисок и високиот холестерол“. Божјата реч јасно кажува: „Престани да се гневиш и остави ја јароста, не жести се толку многу — самиот да не правиш зло“ (Псалм 36:8). Зошто Библијата дава ваков конкретен совет?

Неконтролираните емоции водат до неконтролирани постапки. Ова станало очигледно уште во самиот почеток на човечката историја. Читаме: „Каин се огорчи многу, и лицето му потемне“. Каде го одвело тоа? Неговиот гнев имал толкав голем стисок и контрола над него што му го закоравел срцето во однос на Јеховината опомена да се обрати да прави добро. Незаузданиот гнев го одвел Каин во сериозен грев — убиство на својот брат (1. Мојсеева 4:3—8).

Саул, првиот цар на Израел, на сличен начин бил обземен кога чул дека Давид добива голема фалба. „Жените, што играа и пееја, говореа: Саул победи илјади, а Давид — десетици илјади! Тогаш Саул многу се огорчи, непријатни му беа тие зборови“. Гневот толку почнал да доминира со размислувањето на Саул што го навел неколкупати да се обиде да изврши атентат врз Давид. Иако Давид правел обиди да се спријатели, Саул не бил спремен да се стреми кон мир и измирување. На крај, тој во потполност ја изгубил Јеховината наклоност (1. Царства 18:6—11; 19:9, 10; 24:1—22; Изреки 6:34, 35).

Неизбежен е фактот дека ако некој му направи место на неконтролираниот гнев, може да каже или да направи некои работи кои ќе го повредат секој што е вклучен (Изреки 29:22). Каин и Саул се разгневиле бидејќи секој од нив, на свој сопствен начин, бил љубоморен и завидлив. Меѓутоа, гневните реакции можат да се појават поради различни причини. Некоја неоправдана критика, навреда, недоразбирање или нефер постапка би можело да биде искра која ќе предизвика експлозија.

Заедничко за примерите на Каин и на Саул е дека нешто сериозно им недостигало. На приносот на Каин очигледно му недостигала мотивација на вера (Евреите 11:4). Пропустот на Саул да покаже послушност кон Јеховините изрични заповеди, како и неговите подоцнежни обиди за самооправдување, воделе до тоа да ја изгуби Божјата наклоност и Божјиот дух. Јасно, обајцата го нарушиле својот однос со Јехова.

Спореди ги тие склоности со онаа на Давид кој имал причина да биде гневен поради начинот на постапување на Саул со него. Давид го контролирал својот дух. Зошто? Тој рекол: „Да не ми даде Господ да му го направам тоа на мојот господар, да ставам рака врз него, бидејќи тој е помазаник Господов“. Давид јасно го имал на ум својот однос со Јехова, и тоа влијаело врз неговите постапки со Саул. Тој понизно ги оставил работите во Јеховини раце (1. Царства 24:7, 16).

Навистина, импликациите од неконтролираниот гнев се сериозни. Апостол Павле предупредил: „Гневете се, но не грешете“ (Ефесјаните 4:26). Иако оправданата огорченост си има свое место, сепак, секогаш е присутна опасноста дека гневот би можел да ни стане камен за спрепнување. Тогаш, не е ни чудо што се соочуваме со предизвикот да го контролираме нашиот гнев. Како можеме да го правиме тоа?

Првенствен начин е да се развие јак однос со Јехова. Тој те охрабрува да му ги отвориш своето срце и ум. Кажи му ги своите маки и грижи, и побарај смирено срце за да го совладаш гневот (Изреки 14:30NW). Биди уверен дека „очите на Господа се обрнати кон праведните, и ушите Негови — кон нивните молитви“ (1. Петрово 3:12).

Молитвата може да те обликува и да те води. На кој начин? Таа може да има длабок ефект врз твоите постапки со другите. Сети се како постапувал Јехова со тебе. Како што вели Писмото, Јехова „не ни направи ништо според нашите беззаконија“ (Псалм 102:10). Битно е да имаш дух на простување за да ‚не земе сатаната предимство над тебе‘ (2. Коринтјаните 2:10, 11). Освен тоа, молитвата служи за да ти го отвори срцето за водството од светиот дух кој може да ги собори цврсто утврдените обрасци во животот. Јехова радо дава ‚мир кој го надвишува секој ум‘, а тоа може да те ослободи од стисокот на моќта на гревот (Филипјаните 4:7).

Меѓутоа, молитвата мора да се спои со редовно испитување на Писмото за да ‚распознаеме што е волјата Божја‘ (Ефесјаните 5:17; Јаков 3:17). Доколку тебе лично ти е тешко да го контролираш гневот, настојувај да се здобиеш со Јеховиното размислување за таа работа. Повторувај ги стиховите кои се конкретно поврзани со контролирањето на гневот.

Апостол Павле го дава овој важен потсетник: „Додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Галатјаните 6:10). Сосредоточи ги своите мисли и постапки на тоа да им правиш добро на другите. Таквата здрава, позитивна активност ќе охрабри на соживување и доверба и ќе ги ублажи недоразбирањата кои можат лесно да завршат со гнев.

Псалмистот рекол: „Утврди ги стапките мои според Твоето слово и не допушти со мене да овладее никакво беззаконие. Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон, и за нив нема соблазна [камен на спрепнување, NW]“ (Псалм 118:133, 165). Ова може да биде случај и со тебе.

[Рамка/слика на страница 9]

ЧЕКОРИ ЗА ДА СЕ КОНТРОЛИРА ГНЕВОТ

□ Моли му се на Јехова (Псалм 144:18).

□ Секојдневно испитувај го Писмото (Псалм 118:133, 165).

□ Остани зафатен со исплатливи активности (Галатјаните 6:9, 10).