Божествените гатанки и Божјата намера
Божествените гатанки и Божјата намера
КОГА човек не знае што е тоа, тогаш тоа е нешто; но кога човек знае што е тоа, тогаш не е ништо. Што е тоа? Гатанка.
Во денешново високо прагматично општество, луѓето се склони на поставувањето гатанки да гледаат како на детска игра, но во древно време гатанките „биле испит на мудроста“, забележува The Interpreter’s Dictionary of the Bible. (Спореди Изреки 1:5, 6.)
Наместо јасно да ја каже својата волја или намера, понекогаш Јехова намерно ги прави нејасни своите пророчки изјави, користејќи аналогии, таинствени „нејасни изреки“, т. е. гатанки кои збунуваат (Псалм 78:2, King James Version; 4. Мојсеева 12:8, The Emphasized Bible). Всушност, иако хебрејскиот збор за гатанка во Библијата е употребен само 17 пати, сепак Писмото е буквално полно со гатанки и изреки.
Изобилство библиски гатанки
Се известува дека цар Соломон можел да ги реши дури и најзбунувачките прашања, т. е. гатанки кои му биле поставувани (1. Царства 10:1). Ова сигурно било резултат на мудроста која му ја дал Бог. Доколку постои некаква вистина во извештаите на древните историчари дека Соломон изгубил еден натпревар во гатанки со цар Хирам од Тир, тоа веројатно се случило откако го изгубил Јеховиниот дух поради своето отпадништво. На сличен начин, судијата Самсон покажал наклоност кон гатанките. Во една прилика, со сила од светиот дух, една гатанка му дала прилика да влее страв во срцата на Божјите непријатели (Судии 14:12—19).
Но, многу библиски гатанки се директно поврзани со Јеховините намери. На пример, разгледај 1. Мојсеева 3:15. Ова пророштво, со кое е положен темелот за темата на Библијата, само по себе е нешто како енигма, „света тајна“ (Римјаните 16:25, 26, NW). Освен што му биле дадени натприродни визии и откровенија, апостол Павле видел и извесни аспекти на Божјата намера во „нејасна контура“ или дословно, во „прикриен израз“ (1. Коринтјаните 13:12, NW; 2. Коринтјаните 12:1—4). А што е со бескрајното шпекулирање околу мистериозниот број на дивиот ѕвер — „шестотини шеесет и шест“ — кој се појавува во Откровение 13:18 одненадеж и без објаснување? Кој може да ги реши овие божествени гатанки, и за каква цел служат?
Разоткривање на светите тајни
За многумина од нас, видот е најскапоценото од нашите пет сетила. Но, без светлина, човечкиот вид би бил речиси бескорисен. Би биле всушност слепи. Така е и со човечкиот ум. Тој има зачудувачка способност да ускладува обрасци, да применува логика и на тој начин да решава гатанки. Сепак, за да се разоткријат светите тајни потребно е уште нешто. Иако другите можеби ќе понудат решенија за гатанките кои се дадени во Библијата, сепак, само нивниот Автор, Јехова, Богот на светлината, може да го обелодени нивното идно значење (1. Јованово 1:5).
За жал, луѓето честопати се премногу горди и независни за да чекаат одговори од Јехова. Заинтригирани од мистеријата, има и такви кои, во потрага по интелектуална стимулација, а не безусловно по вистината, бараат решенија надвор од Божјата реч. На пример, еврејскиот мистицизам со неговата Кабала длабоко навлегувал во магичното значење на броевите и буквите
од хебрејската азбука. Гностиците од вториот век пак, од своја страна, ги користеле Хебрејските и Грчките списи во обид да ги извлечат тајните значења од нив.Меѓутоа, целокупното трагање ги водело кон пагански обреди или суеверие и ги оддалечило од божествената вистина. ‚Па, ако светот е полн со зло‘, расудувале гностиците, ‚тогаш неговиот Творец, Јахве, не може да биде добар Бог.‘ Дали ова е најдобриот заклучок што можат тие да го понудат? Колку само е плитко човечкото расудување! Не е ни чудо што апостол Павле, борејќи се со отпадничките идеи кои подоцна биле развиени од гностичките секти, во своите писма силно предупредил: „Да не мудрувате повеќе од она, што е напишано“! (1. Коринтјаните 4:6).
Осветлување на ‚нејасните изреки‘
Сепак, зошто еден Бог на светлина воопшто би кажувал „нејасни изреки“? Самата природа на една гатанка претставува предизвик за имагинацијата и за моќта на изведување заклучоци. Затоа, распрснати низ Писмото како вкусни гарнири во еден првокласен оброк, тие понекогаш биле користени само за да го побудат интересот кај читателите или за да ја направат пожива пораката што била пренесувана. Во ваквите случаи, објаснувањата обично се дадени веднаш после тоа (Језекиил 17:1—18; Матеј 18:23—35).
Јехова великодушно дава мудрост, но никогаш на слепо (Јаков 1:5—8). Разгледај ја книгата Изреки, инспирирана збирка од многу загатки на кои некои може да гледаат како на гатанки. За да се разберат, потребно е време и медитирање. Но, колку луѓе се спремни да вложат напор? Мудроста што ја содржат тие е достапна само за оние кои се спремни да копаат по неа (Изреки 2:1—5).
На сличен начин, Исус користел илустрации за да го разоткрие ставот на срцето на своите слушатели. Околу него се собирале мноштва. Тие уживале во неговите приказни. Ги сакале неговите чуда. Сепак, колкумина биле спремни да го променат својот начин на живот и да го следат? Колкава само разлика во однос на Исусовите ученици кои секогаш одново барале да ги разберат неговите учења и спремно се откажале од себеси за да станат негови следбеници! (Матеј 13:10—23, 34, 35; 16:24; Јован 16:25, 29).
Гледање кон светлината
„Интересот за гатанки“, забележува еден извор, „изгледа се совпаѓа со периодите на интелектуално будење.“ Денес имаме голема предност да живееме во време кога за Божјиот народ духовната ‚светлина засветлила‘ (Псалм 96:11; Даниил 12:4, 9). Дали можеме стрпливо да чекаме на Јехова за да ни ги открие своите намери во склад со својот временски распоред? Што е уште поважно, дали брзо дејствуваме за да го промениме својот живот кога увидуваме на кој начин може уште поцелосно да се повинуваме на Божјата откриена волја? (Псалм 1:1—3; Јаков 1:22—25). Ако правиме така, тогаш Јехова ќе ги благослови нашите напори, така што, исто како што очилата го коригираат нејасниот вид, и светиот дух ќе го донесе прекрасниот мозаик на божествената намера јасно во фокусот на окото на нашиот ум, изострувајќи го на тој начин нашиот духовен вид (1. Коринтјаните 2:7, 9, 10).
Навистина, библиските гатанки го величаат Јехова како оној „Кој открива тајни“ (Даниил 2:28, 29). Освен тоа, тој е и Испитувач на срцата (1. Летописи 28:9). Не би требало да нѐ изненади ако дознаеме дека откривањето на светлината на божествената вистина секогаш е прогресивно (Изреки 4:18; Римјаните 16:25, 26). Наместо спознанието за длабоките Божји работи да го бараме преку мистицизам или површна човечка мудрост — што може да нѐ води само до ништожност — со доверба да гледаме на Јехова Бог да ни ја осветли вистината за неговите „нејасни изреки“, објавувајќи им ги своите прекрасни намери на верните слуги во свое одредено време (Амос 3:7; Матеј 24:25—27).
[Извор на слика на страница 26]
Biblia Hebraica Stuttgartensia, Deutsche Bibelgesellschaft Stuttgart