Свечено отворање на Образовниот центар Watchtower — прослава за Јехова
Свечено отворање на Образовниот центар Watchtower — прослава за Јехова
УШТЕ од древни времиња, радосните прослави биле дел од вистинското обожавање. Некои прослави кои се одржувале во древниот Израел траеле со денови и на нив присуствувале илјадници Јеховини обожаватели. Инаугурацијата на Соломоновиот храм траела седум дена и после тоа следел празникот Сеници кој траел една седмица. Ова на Израелците им пружило прилика да размислуваат за чудесниот начин на кој Јехова постапувал со нив. Се вратиле дома ‚радувајќи се и веселејќи се во срцето свое за сето добро, што Господ . . . го направил‘ (3. Царства 8:66).
Она што се случи во Образовниот центар Watchtower во Патерсон (Њујорк, САД), од 17 до 22 мај 1999, ги потсети посетителите на тие древни радосни прослави. Тоа беше седмица на посебна активност сосредоточена на свеченото отворање на еден комплекс од 28 згради наменет да го унапредува глобалното библиско образование. Беа направени подготовки за да можат сите 5.400 членови на персоналот од светската централа во Бруклин, Волкил и Патерсон да направат детални обиколки на објектите во Патерсон во текот на таа значајна седмица. Меѓу гостите имаше и повеќе од 500 поранешни членови на персоналот кои учествуваа во работата за време на градбата на образовниот центар, претставници од 23 подружници на Watch Tower Society, како и други од околните собранија — вкупно најмалку 8.100 лица.
Изложбите при обиколката даваат образование
За да се запознаат посетителите со образовниот центар, беа организирани специјални изложби, образовни видео презентации и самостојни обиколки. Во главниот хол, посетителите веднаш беа привлечени кон една макета на храмот кој постоел во Ерусалим за време на Исусовата земна служба. На други изложби беше истакната раната историја на Библиската школа Гилеад на Watchtower, некои историски конгреси, собраниски состаноци, современиот развој на домашните библиски студии — сега се водат милиони секоја седмица — и работата што ја врши Правниот оддел за да го држи отворен патот за таа активност во послушност на Исусовата заповед (Матеј 28:19, 20).
Во соседниот аудиториум, каде што комотно може да се сместат 1.700 луѓе, на оние кои дојдоа на посета за време на празничните денови за свеченото отворање им беше презентирана една 33-минутна видеопрезентација со наслов „Не со сила — туку со мојот дух!“ Оваа видеокасета покажа како настанал Образовниот центар Watchtower. Во интервјуата беа откриени настани кои јасно го покажуваа Јеховиното водство во работите и неговиот благослов врз напорите успешно да се доврши овој 15-годишен проект. Илјадници лица учествуваа во градежната работа. Во еден период во 1994, на градилиштето имаше 526 работници меѓу кои беа 350 полновремени доброволци, 113 привремени работници и 63 кои патуваа секој ден за да помогнат. А уште повеќемина ја поддржаа работата со донации. Сите тие сфаќаат дека ова никогаш немаше да биде можно без Јеховиниот дух (Захарија 4:6).
Оние кои беа на обиколка можеа да видат дека во средиштето на работата што се врши во образовниот центар е унапредувањето на божествената поука. Изложбата на влезот од школата Гилеад, на првиот спрат од школската зграда, ги истакна богатото духовно наследство и историјата на школата. Од нејзиниот прв клас во 1943, во првобитниот студентски дом на школата во Саут Ленсинг (Њујорк), во Гилеад школата за мисионерска служба биле обучени над 7.000 студенти. На изложбите на вториот спрат од школската зграда можеа да се видат Школата за членови на Одборите на подружниците и Школата за патувачки надгледници, чии часови се одржуваат таму. Од својот почеток во ноември 1995, школата на подружницата обезбеди напредна обука за 360 членови на одбори на подружниците од 106 земји.
За време на обиколката, посетителите брзо сфатија дека на многу места можеше да се види повеќе отколку само изложба на слики. Можеа да одат директно во различните оддели, да ги посетат канцелариите и други работни места и да добијат темелен увид во работата што се извршува таму. Една врвна точка на обиколката беше зградата за Аудио/видео служби. Какви прекрасни објекти се користат за да се унапредува библиското образование! Со серија информативни изложби и кратки видеокасети, на посетителите им беше помогнато да разберат како се прават звучни снимки и како се подготвуваат видеокасетите. Научија нешто за обемното истражување што се врши при подготвувањето на реквизитите и костимите. Видоа како се монтираат сцените по минимална цена, но со извонредно внимание на деталите. Беа сведоци на тоа како се користи музиката за да можат луѓето да имаат чувство дека всушност се наоѓаат на сцената која ја гледаат. Од 1990, Заедницата произведе десет видеокасети на 41 јазик, истакнувајќи различни библиски теми, покрај другите видеокасети за лицата кои користат американски знаковен јазик.
Многумина од оние кои беа на обиколка ја посетија Фотолабораторијата, Одделот за уметност, Службата за информации која дава компјутерска обука и поддршка, Службениот оддел кој ја надгледува активноста на 11.242 собранија и 572 патувачки надгледници и Кореспонденцијата за пишување каде што годишно се справуваат со по околу 14.000 прашања. Беа импресионирани кога дознаа колку обемно истражување се прави за писмата кои се испраќаат и од вистинската грижа која се покажува за оние чии прашања се доказ дека се обидуваат да излезат на крај со сериозни проблеми.
Една постојана река од луѓе кои беа на обиколка ги посетија и Преведувачките служби. Беа изненадени кога дознаа дека во текот на изминативе пет години, на бројот на кој Заедницата издава библиска литература беа додадени уште 102 јазика. Ширум светот, околу 80 проценти Јеховини сведоци ги читаат публикациите на Заедницата на друг јазик, а не на англиски. Грижејќи се за нивните потреби, во 100 земји работат над 1.700 доброволци на полето на преведување. На изложбите беше прикажана Стражарска кула на јазиците во Америките, Европа, Азија и Африка. Посетителите можеа да го видат New World Translation на Библијата на 31 јазик на кој е објавен. Дознаа дека сега публикациите на Watch Tower се достапни на 332 јазика и дека брошурата Што бара Бог од нас? е објавена на 219 од нив.
На оние кои го посетија Правниот оддел им беа покажани разновидните полиња на активност ширум светот на кои треба да им се посвети правно внимание. На една видеокасета видоа судска расправа на која еден адвокат Сведок изнесува аргументи во еден случај во кој се работи за трансфузија на крв. Исто така, дознаа што сѐ се прави за да остане отворен патот за јавното проповедање на добрата вест (Филипјаните 1:7, NW). Вниманието беше свртено кон одлуката од март годинава, од страна на федералниот окружен суд, кој ѝ наложи на општината Орадел (Њу Џерси, САД) да ги измени своите закони со цел да ги укине барањата за дозвола и носење значка за Јеховините сведоци кои сакаат да учествуваат во својата јавна служба од куќа до куќа во таа средина.
Ова во никој случај не беше сѐ што видоа посетителите. Ја разгледаа изложбата за градба во Работилницата за готови бетонски блокови и ги обиколија, меѓу другите, објектите за третман на отпадна вода, електричната централа, објектот за омекнување на водата и многубројните работилници за одржување. Тоа беше животна шанса.
Програмата за свечено отворање става акцент врз божественото образование
Програмата за свечено отворање се одржа во среда, на 19 мај, со почеток во
16.00 часот. Меѓу радосното мноштво од 6.929 лица беа членовите на персоналот на светската централа, гости на Заедницата и 372 лица собрани во подружницата во Канада која беше електронски поврзана.На присутните навистина им беше драго да ги слушнат пријатните зборови на добредојде од Милтон Џ. Хеншел — претседателот на Watch Tower Society. Потоа Теодор Џерес, член на Водечкото тело и претседавач во таа прилика, го најави Вилијам Меленфент. Изнесувајќи „Врвни точки од градежната програма“, тој интервјуираше тројца браќа кои имаа важна улога во развојот, дизајнот и изградбата на Образовниот центар Watchtower. За време на интервјуата беше кажано дека низ годините додека траеше градежната работа, на сопствен трошок дојдоа над 8.700 привремени работници за да работат на проектот. Колку само убаво сведоштво за единството и великодушноста овозможи божествената поука!
Потоа имаше циклус со наслов „Божествено образование во глобални рамки“. Го изнесоа четворица членови на Водечкото тело. Џон Е. Бар нагласи дека темелот за божественото образование се наоѓа во Божјата реч, Библијата, која ги охрабрува христијаните да ‚принесуваат плод во секое добро дело и да растат во [точното, NW] познавање на Бог‘ (Колосјаните 1:10). Даниел Сидлик дискутираше за тоа како божественото образование е теократски организирано — од поглаварот на христијанското собрание, Исус Христос, па до секој член на светското братство (1. Коринтјаните 12:12—27). Последните два дела од циклусот, кои ги изнесоа Герит Лош и Кери Барбер, покажаа како божественото образование оспособува министри за да ги достигнуваат луѓето насекаде и да ги поучуваат за да можат и тие да одат по Божјиот пат (Исаија 2:1—4; 2. Коринтјаните 3:5).
За да се запознаат присутните со различните школи кои функционираат во овој образовен центар, беа направени интервјуа и дискусии со инструкторите, како и со другите кои се вклучени во нивното функционирање. Беше покажано која е улогата на секоја школа во извршувањето на божествената образовна програма во глобални рамки. Беше истакнато дека Гилеад школата се сосредоточува на проучување на секоја библиска книга, на современата историја на Јеховиниот народ и на подготовката за мисионерска служба. Школата на подружницата е едно извонредно детално проучување на многубројните полиња на активност во кои се вклучени членовите на Одборите на подружниците. Школата за патувачки надгледници е наменета не само да ги задоволи потребите на патувачките браќа, туку и да ги опреми да ја обезбедат онаа духовна помош која особено ќе им биде од корист на собранијата.
Како заклучок на прекрасната програма, Лојд Бери од Водечкото тело го изнесе говорот за свеченото отворање на тема „Да градиме со нашиот Величествен Творец“. Тој истакна дека Творецот, Јехова, ужива во сите свои творби и дека нѐ поканува да се радуваме заедно со него (Исаија 65:18). Бидејќи „Оној, Кој создал сѐ, е Бог“, крајното признание за сета оваа градба му припаѓа на Јехова Бог (Евреите 3:4). Откако ги изнесе тие мисли, говорникот од срце се помоли, посветувајќи му го со тоа Образовниот центар Watchtower на Јехова, нашиот Величествен Творец. a
Нема сомнение дека присутните долго време ќе се сеќаваат на свеченостите од целата таа седмица. Зошто не направиш подготовки да го посетиш Образовниот центар Watchtower? Сигурни сме дека посетата и обиколката на овој центар ќе ти бидат охрабрување во твоите напори да дознаеш повеќе за нашиот Творец полн со љубов и да живееш според неговите праведни мерила.
[Фуснота]
a Брат Бери верно го заврши својот земен пат на 2 јули 1999. Види Стражарска кула од 1 октомври 1999, страница 16.
[Слики на страница 10]
Преполн аудиториум и река присутни во трпезаријата
[Слики на страница 10]
Обиколките беа особено радосно обележје