Апокалипсата — да се плашиме од неа или да се надеваме на неа?
Апокалипсата — да се плашиме од неа или да се надеваме на неа?
„Денес Апокалипсата не е само библиски опис, туку станува и многу реална можност“ (Хавиер Перез де Куелјар, поранешен генерален секретар на Обединетите нации).
ТАКВАТА употреба на зборот „апокалипса“ од една водечка светска личност го одразува начинот на кој повеќето луѓе го разбираат и го гледаат кога се користи во насловите на филмовите и книгите, статиите во списанијата и во новинските извештаи. Тој доловува визии на космичка катаклизма. Но, што всушност значи зборот „апокалипса“? И што е уште поважно, каква е пораката што ја содржи библиската книга која се вика Апокалипса, или Откровение?
Зборот „апокалипса“ доаѓа од еден грчки термин што значи „разоткривање“ или „обелоденување“. Што било обелоденето, или разоткриено во библиското Откровение? Дали тоа е исклучително порака за страшен суд, предвесник за истребување во кое нема да има преживеани? Кога бил запрашан што мисли за Апокалипсата, историчарот Жан Делумо, член на Institut de France, изјавил: „Тоа е книга на утеха и надеж. Луѓето ја драматизираат нејзината содржина сосредоточувајќи се на нејзините катастрофални епизоди“.
Раната црква и Апокалипсата
Како раните „христијани“ гледале на Апокалипсата и на надежта што таа ја
изложува за Илјадагодишното владеење (Милениум) на Христос над Земјата? Истиот историчар рекол: „Ми се чини дека христијаните во првите неколку векови, општо земено, го усвоиле миленијализмот . . . Меѓу христијаните од раните векови кои верувале во Милениумот се истакнувале Папиј, бискуп од Ерапол во Мала Азија . . . свети Јустинијан, роден во Палестина а претрпел маченичка смрт во Рим околу 165 година, свети Иренеј, бискуп од Лион, кој умрел во 202 година, Тертулијан, кој умрел во 222, и . . . големиот писател Лактанциј“.Во врска со Папиј, за кого се известува дека претрпел маченичка смрт во Пергам, во 161 или 165 година н. е., The Catholic Encyclopedia вели: „Бискупот Папиј од Ерапол, ученик на св. Јован, се појавил како застапник на миленаризмот. Тој тврдел дека својата доктрина ја примил од современиците на Апостолите, а Иренеј раскажува дека другите ‚презвитери‘, кои го виделе и чуле ученикот Јован, го научиле од него верувањето во миленаризмот како дел од Господовата доктрина. Според Евзебиј . . . Папиј во својата книга тврдел дека после воскресението на мртвите ќе следат илјада години на видливо, славно земно царство на Христос“.
Што ни кажува ова за ефектот што книгата Апокалипса, или Откровение го имала врз раните верници? Дали таа влевала страв или надеж? Интересно е тоа што историчарите првобитните христијани ги нарекуваат хилијасти, од грчките зборови хилʹиа еʹте (илјада години). Да, многумина од нив биле познати по тоа што верувале во Илјадагодишното владеење на Христос, кое треба да ги воведе рајските околности на Земјата. Единственото место во Библијата каде што конкретно е спомната милениумската надеж е Апокалипсата, или Откровението (20:1—7). Значи, далеку од тоа да ги заплашува верниците, Апокалипсата им дала прекрасна надеж. Во својата книга The Early Church and the World (Раната црква и светот), професорот на Оксфорд по црковна историја Сисел Каду пишува: „Хилијастичките гледишта, иако на крај отфрлени, биле нашироко застапувани во Црквата приличен временски период, за нив поучувале некои од најпочитуваните автори“.
Зошто била отфрлена надежта во Апокалипсата
Со оглед на тоа што несоборлив историски факт е дека многумина, ако не и повеќето, од раните христијани се надевале на милениумското владеење на Христос на рајска Земја, како дошло до тоа таквите „хилијастички гледишта“ да бидат „на крај отфрлени“? Извесна оправдана критика се појавила бидејќи, како што посочил изучувачот Роберт Маунс, „за жал, многу хилијасти дозволиле да имаат бујна фантазија и да го толкуваат илјадагодишниот период до секакви материјалистички и сетилни крајности“. Но, ваквите екстремни гледишта можеле да се исправат и без да се отфрли вистинската надеж во Милениумот.
Навистина изненадуваат средствата кои ги користеле непријателите за да го потиснат миленијализмот. Во Dictionnaire de Thèologie Catholique се кажува дека римскиот свештеник Кејс (од крајот на вториот и почетокот на третиот век) „за да го победи миленијализмот, недвосмислено ја одрекувал автентичноста на Апокалипсата [Откровението] и на Евангелието на св. Јован“. Овој Dictionnaire понатаму вели дека Дионисиј, бискуп од Александрија од третиот век, напишал една монографија против миленијализмот така што „за да ги спречи оние кои се придржувале за ова мислење — верувањето да го темелат на Апокалипсата на свети Јован
— не се колебал да ја одрече нејзината автентичност“. Таквото злобно противење на надежта во милениумските благослови на Земјата пројавува едно едвај забележливо влијание меѓу теолозите во тоа време.Во својата книга The Pursuit of the Millennium, професор Норман Кон пишува: „Првиот обид да се побие миленаризмот во третиот век се случил кога Ориген, можеби највлијателниот од сите теолози на древната Црква, почнал да го претставува Царството како настан кој не треба да се случи во просторот или времето, туку само во душите на верниците“. Ослонувајќи се на грчката филозофија наместо на Библијата, Ориген ја разводнил прекрасната надеж за земните благослови под Месијанското Царство во некој неразбирлив „настан . . . во душите на верниците“. Католичкиот автор Лион Гри напишал: „Надмоќното влијание на грчката филозофија . . . постепено довело до пропаст на хилијастичките идеи“.
„Црквата ја изгубила својата порака на надеж“
Августин несомнено бил црковниот отец кој направил најмногу за да ја спои грчката филозофија со она што во негово време само личело на христијанство. Иако во почетокот бил полетен застапник на миленаризмот, тој на крај ја отфрлил секоја идеја за идно милениумско владеење на Христос над Земјата. На Откровение, поглавје 20, тој му придал алегорично искривување.
The Catholic Encyclopedia вели: „На крај, Августин го застапувал уверувањето дека нема да има милениум . . . Првото воскресение, за кое зборува ова поглавје — вели тој — укажува на духовното повторно раѓање при крштавањето; сабатот од илјада години после шестилјадагодишната историја ја претставува целината на вечниот живот“. The New Encyclopædia Britannica наведува: „Алегоричниот миленијализам на Августин станал официјална доктрина на црквата . . . Протестантските реформатори на лутеранските, калвинистичките и англиканските традиции . . . останале цврсто приврзани за гледиштата на Августин“. На тој начин, членовите на црквите на христијанскиот свет биле лишени од милениумската надеж.
Освен тоа, според швајцарскиот теолог Фредерик де Ружмон, „со отфрлањето на својата првобитна вера во илјадагодишното владеење, [Августин] ѝ нанел непроценлива штета на Црквата. Со огромниот авторитет на своето име, тој одобрил грешка која ја лишила [Црквата] од својот земен идеал“. Германскиот теолог Адолф Харнак се сложил со тоа дека отфрлањето на верувањето во Милениум го лишило обичниот народ од „религијата која ја разбирал“, заменувајќи ги „старата вера и старите надежи“ со „вера која не можел да ја разбере“. Денешните празни цркви во многу земји се цврст доказ дека на луѓето им е потребна вера и надеж кои можат да ги разберат.
Во својата книга Highlights of the Book of Revelation [Врвни точки на книгата Откровение], библискиот изучувач Џорџ Бизли-Мери напишал: „Во голема мера поради огромното влијание на Августин, од една страна, и на усвојувањето на миленаризмот од сектите, од друга страна, католиците и протестантите се обединиле во неговото отфрлање. Кога се запрашани каква алтернативна надеж имаат тие за човекот во овој свет, официјалниот одговор е: Никаква. Светот ќе биде уништен со
доаѓањето на Христос за да им отстапи место на едно вечно небо и пекол во кој историјата ќе биде заборавена . . . Црквата ја изгубила својата порака на надеж“.Прекрасната надеж за Апокалипсата е сѐ уште жива!
Јеховините сведоци пак, од своја страна, се уверени дека прекрасните ветувања во врска со Милениумот ќе се исполнат. Кога на една француска телевизиска програма бил интервјуиран на темата „2000 година: Страв од Апокалипсата“, францускиот историчар Жан Делумо рекол: „Јеховините сведоци го следат токму правецот на миленаризмот, зашто велат дека наскоро . . . ќе влеземе, како што е познато, низ катаклизми — во еден период од 1000 години среќа“.
Тоа е токму она што апостол Јован го видел во визија и го опишал во својата книга Апокалипса, или Откровение. Тој напишал: „Видов ново небо и нова земја . . . И чув висок глас од небото како зборува: ‚Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина‘“ (Откровение 21:1, 3, 4).
Јеховините сведоци учествуваат во едно библиско образовно дело ширум светот за да им овозможат на колку што е можно повеќе луѓе да ја прифатат оваа надеж. Ним ќе им биде драго да ти помогнат да дознаеш повеќе за тоа.
[Слика на страница 6]
Папиј тврдел дека доктрината за Милениумот ја добил директно од современиците на апостолите
[Слика на страница 7]
Тертулијан верувал во Христовото милениумско владеење
[Извор на слика]
©Clichè Bibliothèque Nationale de France, Париз
[Слика на страница 7]
„Со отфрлањето на својата првобитна вера во илјадагодишното владеење, [Августин] ѝ нанел непроценлива штета на Црквата“
[Слика на страница 8]
Рајската Земја ветена во Апокалипсата е нешто на кое секој треба желно да се надева