Планината Атос — „света гора“?
Планината Атос — „света гора“?
ЗА НАД 220 милиони членови на Православната црква, планината Атос, карпесто крајбрежје во северна Грција, е „најсветата гора во православниот христијански свет“. За повеќето од нив, аџилакот на „светата гора“ Атос е омилен сон. Каква е оваа „света гора“? Како се здобила со таква важност? И дали тоа е ‚гората‘ на која богобојазливите луѓе мора да се ослонуваат за духовно водство и вистинско обожавање?
Изразот „света гора“се појавува во Библијата. Поврзан е со светото, чисто и возвишено обожавање на вистинскиот Бог, Јехова. Гората Сион во древниот Ерусалим станала „света гора“ кога цар Давид го однел на неа ковчегот на заветот (Псалм 14:1; 42:3; 2. Царства 6:12, 17). Откако на планината Морија бил изграден Соломоновиот храм, „Сион“ го вклучувал и храмското место, па затоа Сион останал Божја „света гора“ (Псалм 2:6; Јоил 3:17). Со оглед на тоа што Божјиот храм бил во Ерусалим, понекогаш тој град бил нарекуван и Божја „света гора“ (Исаија 66:20; Даниил 9:16, 20).
А како е денес? Дали планината Атос — или некој друг врв — е ‚светата гора‘ каде што мора да се слеваат луѓето за да го обожаваат Бог на прифатлив начин?
Манастирска „света гора“
Планината Атос е сместена на источниот крај на полуостровот Халкидик, на врвот на едно тесно парче земја испупчено кон Егејското Море, веднаш источно од денешен Солун. Тоа е еден импресивен мраморен врв кој стрмно се издига од морето во висина од 2.032 метри.
Веќе долго време Атос се смета за свето место. Во грчката митологија бил дом на боговите пред планината Олимп да стане нивни дом. Некое време после Константин Велики (четврти век н. е.), Атос станал свето место за христијанските цркви. Според една легенда, додека била на пат за Кипар за да го посети Лазар, придружувана од Евангелистот Јован, „дева“ Марија застанала на Атос поради некоја жестока ненадејна бура. Импресионирана од убавината на планината, таа го прашала Исус за неа. Така, Атос станал познат како „градина на светата девица“. До средината на византискиот период, целиот тој карпест дел станал познат како Света гора. Ова име било официјално усвоено и потврдено кон средината на 11 век со декрет од императорот Константин IX Мономакос.
Поради својата нерамна и изолирана природа, Атос е место кое е пригодно за практикување аскетски живот. Тој низ вековите ги привлекувал религиозните луѓе од целиот православен свет — Грци, Срби, Романци, Бугари, Руси и други — кои изградиле голем број манастири, како и свои цркви и заедници. Преживеале 20 од нив.
Планината Атос денес
Денес Атос е автономен регион, со повелба ратификувана во 1926 година. Откако со години бил во опаѓање, бројот на калуѓери кои живеат таму се искачил на повеќе од 2000.
Секој манастир си има своја мрежа од фарми, капели и станови. Најсвето нешто за испосниците е да се најдат во населбата Карулија, сместена високо на стрмните гребени на крајот од планината Атос. Тука, до група поединечни куќички може да се дојде само низ еден лавиринт од патеки за пешаци, камени скали и синџири. Калуѓерите на Атос сѐ уште живеат според својата древна литургиска секојдневна рутина, користејќи го византискиот
часовник (според кој денот започнува кога заоѓа сонцето) и јулијанскиот календар (13 дена зад грегоријанскиот).Иако се вели дека ова религиозно место својата „светост“ ја должи на една жена, поминаа веќе 1000 години како неговите калуѓери и испосници прогласиле дека на целиот полуостров им е забранет пристап на сите женски облици на живот — и човечки и животински — како и на сите евнуси или голобради мажи. Неодамна правилото во врска со голобрадите и некои животни од женски пол беше ублажено, но за жените сѐ уште има строга забрана во пречник од 500 метри од крајбрежјето на Атос.
„Света гора“ за сите
Дали Атос е ‚светата гора‘ на која треба да дојдат богобојазливите христијани за да вршат обожавање? Во разговорот со Самарјанката која верувала дека Бог треба да биде обожаван на гората Гаризим, Исус разјаснил дека никаква дословна планина повеќе нема да биде назначена како место за обожавање на Бог. „Иде часот, кога ни во оваа планина [Гаризим], ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот“, рекол Исус. Зошто? „Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и вистина“ (Јован 4:21, 24).
Укажувајќи на нашево време, пророкот Исаија претскажал дека една симболична ‚гора на домот Господов‘ ќе „биде поставена на врвот од планините“ и ‚возвишена над ридовите‘, и луѓето од сите нации на фигуративен начин ќе се слеваат кон неа (Исаија 2:2, 3).
Мажите и жените кои сакаат да имаат одобрен однос со Бог се поканети да го обожаваат Јехова со „дух и вистина“. Милиони луѓе ширум светот го нашле патот до ‚гората Господова‘. Тие, меѓу другите, го делат мислењето со една Гркинка адвокат која во врска со Атос рекла: „Се сомневам дека духовноста е затворена во ѕидовите или во манастирите“. (Спореди Дела 17:24.)
[Рамка на страница 31]
Долго време скриена скапоцена колекција
Низ вековите, калуѓерите на Атос насобрале колекција која се проценува дека вклучува 15.000 манускрипти за кои некои велат дека датираат од четвртиот век. Заради тоа таа е една од најскапоцените колекции во светот. Покрај многу старите цртежи, икони, скулптури и метални предмети, има и свитоци, цели томови и страници од Евангелијата, псалми и химни. Се проценува дека на планината Атос се наоѓа една четвртина од светските грчки манускрипти, иако многу од нив сѐ уште треба правилно да бидат внесени во каталог. Во 1997, калуѓерите за првпат дозволија дел од нивното богатство да биде изложено во Солун.
[Извор на слика на страница 31]
Telis/Грчка национална туристичка агенција