Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Малиот народ‘ се намножил на „илјади“

‚Малиот народ‘ се намножил на „илјади“

‚Малиот народ‘ се намножил на „илјади“

„Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот — силен народ“ (ИСАИЈА 60:22).

1, 2. а) Зошто земјата денес е прекриена со темнина? б) Како Јеховината светлина постепено го осветлува неговиот народ?

 „ТЕМНИНА ќе ја покрие земјата, и мрак — народите; а над тебе ќе засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе“ (Исаија 60:2). Овие зборови добро ја опишуваат ситуацијата на земјата од 1919 година па наваму. Христијанскиот свет го отфрлил знакот за царската присутност на Исус Христос — ‚светлината на светот‘ (Јован 8:12; Матеј 24:3). Поради ‚големиот гнев‘ на Сатана, главниот над „светските управители на темнината“, 20 век бил најсуровото и најразорното време од човековата историја (Откровение 12:12; Ефесјаните 6:12). Повеќето луѓе живеат во духовна темнина.

2 Сепак, денес светлината свети. Јехова ги ‚осветлува‘ своите слуги, помазаниот остаток, чии членови се земни претставници на неговата небесна „жена“ (Исаија 60:1). Особено од времето на нивното ослободување од вавилонско ропство во 1919 година, тие ја одразуваат Божјата слава и ‚дозволуваат нивната светлина да свети пред луѓето‘ (Матеј 5:16). Од 1919 до 1931, светлината на Царството светеше сѐ посилно и посилно додека тие ги отфрлаа преостанатите окови на вавилонското размислување. Нивниот број порасна на десетици илјади додека Јехова го исполнуваше своето ветување: „Навистина ќе ги соберам остатоците [преостанатите, NW] ; ќе ги соберам во едно како овците во Восор, како стадо овци во кошара; ќе зазборуваат шумно поради многубројноста“ (Михеј 2:12). Во 1931, Јеховината слава врз неговиот народ стана уште поочигледна кога тие го прифатија името Јеховини сведоци (Исаија 43:10, 12).

3. Како станало очигледно дека Јеховината светлина ќе осветлува и други освен помазаниците?

3 Дали Јехова ќе ги осветлува само преостанатите од ‚малото стадо‘? (Лука 12:32). Не. Изданието на Стражарска кула од 1 септември 1931 година укажа на уште една група. Во едно убаво објаснување на Језекиил 9:1—11, таа покажа дека човекот со писарска опрема спомнат во тие стихови го претставува помазаниот остаток. Кои се оние што ‚човекот‘ ги одбележува на челата? ‚Другите овци‘, оние кои имаат надеж да живеат вечно на рајската Земја (Јован 10:16; Псалм 36:29). Во 1935 оваа група „други овци“ била распознаена како ‚големо мноштво . . . од сите народи‘ кое апостол Јован го видел во визија (Откровение 7:9—14). Од 1935 па наваму, на собирањето на големото мноштво било сосредоточено големо внимание.

4. Кои се „царевите“ и „народите“ на кои се укажува во Исаија 60:3?

4 На ова дело на собирање алудира и пророштвото на Исаија кога вели: „Народите ќе дојдат кон твоето видело, царевите — кон светлината што изгрева над тебе“ (Исаија 60:3). Кои се „царевите“ на кои се укажува овде? Преостанатите од 144.000 кои, заедно со Исус Христос, се придружните наследници на небесното Царство и преземаат водство во делото на сведочење (Римјаните 8:17; Откровение 12:17; 14:1). Денес, неколкуте илјади преостанати од помазаниот остаток бројно се многу надминати од „народите“, оние со земна надеж кои доаѓаат кај Јехова за да бидат поучени и ги покануваат другите да го сторат истото (Исаија 2:3).

Јеховини ревни слуги

5. а) Кои факти покажуваат дека ревноста на Јеховиниот народ не се намалила? б) Кои земји имаат извонреден пораст во 1999 година? (Види ја табелата на страници 17—20.)

5 Каква само ревност покажаа Јеховините современи Сведоци во текот на 20 век! И покрај зголемените притисоци, нивната ревност не се намали со приближувањето на 2000 година. Тие сѐ уште многу сериозно ја сфаќаат Исусовата заповед: „Правете ученици од сите народи“ (Матеј 28:19, 20NW). Во последната службена година од 20 век беше достигнат нов највисок број од 5.912.492 активни објавители на добрата вест. Тие вкупно поминаа извонредни 1.144.566.849 часови разговарајќи со другите за Бог и за неговите намери. Направија 420.047.796 повторни посети кај заинтересираните лица и водеа 4.433.884 бесплатни домашни библиски студии. Каков само извонреден запис на ревна служба!

6. Која нова подготовка беше направена за пионерите, и каков бил одѕивот?

6 Минатиот јануари, Водечкото тело објави едно преиначување во барањето на часови за пионерите. Многумина го искористија ова за да стапат во редовите на општите или помошните пионери. На пример, во текот на првите четири календарски месеци од 1999, канцеларијата на подружницата во Холандија доби четирипати повеќе молби за општи пионери во однос на истиот период од минатата година. Гана известува: „Од времето кога почна да важи новата цел во часови за пионерите, редовите на нашите општи пионери постојано се зголемуваат“. Во 1999 службена година, бројот на пионерите ширум светот достигна 738.343 — прекрасен показател на ‚ревност за добри дела‘ (Тит 2:14).

7. Како Јехова ја благословил ревносната активност на своите слуги?

7 Дали Јехова ја благословил ревносната активност? Да. Тој преку Исаија вели: „Крени ги очите и погледај наоколу: сите тие се собираат, идат при тебе; твоите синови ќе дојдат од далеку, и твоите ќерки на раце ќе се носат“ (Исаија 60:4). Помазаните „синови“ и „ќерки“ кои се собрани, сѐ уште ревносно му служат на Бог. И сега, Исусовите други овци се собираат на страната на Јеховините помазани „синови“ и „ќерки“ во 234 земји и острови.

„Секое добро дело“

8. Во кои ‚добри дела‘ се активни Јеховините сведоци?

8 Христијаните имаат одговорност да ја проповедаат добрата вест за Царството и да им помагаат на заинтересираните да станат ученици. Но, тие се ‚опремени за секое добро дело‘ (2. Тимотеј 3:17NW). Затоа, со љубов се грижат за своите семејства, покажуваат гостољубивост и ги посетуваат болните (1. Тимотеј 5:8; Евреите 13:16). А доброволци се вклучени во проекти како што е изградба на Сали на Царството — дело со кое исто така се дава сведоштво. После изградбата на една сала во Того, одговорните од една локална харизматска црква сакале да дознаат зошто Јеховините сведоци можат да ги изградат своите згради додека црквата морала да најмува луѓе за таа цел! Того известува дека квалитетно изградените Сали на Царството имаат толку позитивен ефект во соседството што некои луѓе се обидуваат да најмат или изградат куќи во места каде што ќе се градат сали.

9. Како реагирале Јеховините сведоци во време на катастрофи?

9 Понекогаш е потребен друг вид добра работа. Во текот на минатата службена година многу земји беа погодени од катастрофи, и честопати први на сцената кои пружија помош беа Јеховините сведоци. На пример, голем дел од Хондурас беше разорен од ураганот Мич. Подружницата брзо формираше одбори за вонредна состојба кои организираа акции за помош. Сведоците од Хондурас и од многу други земји подарија облека, храна, лекови и други основни артикли. Регионалните одбори за градба ги употребија своите вештини за да изградат нови куќи. Набрзо, на нашите браќа кои беа жртви на катастрофата им беше помогнато да се вратат на своите редовни активности. Јеховините сведоци од Еквадор им притекнаа на помош на своите браќа кога некои домови беа уништени со една голема поплава. Откако го набљудувал делотворниот начин на кој се справиле со ситуацијата, еден владин службеник рекол: „Кога би ја имал оваа група, јас би правел чудесии! Луѓето како вас би требало да ги има во сите делови на светот!“ Таквото добро дело му донесува фалба на Јехова Бог и е доказ за нашата „побожност [која] е полезна за сѐ“ (1. Тимотеј 4:8).

Тие „летаат како облаци“

10. И покрај сѐ помалиот број на помазаници, зошто Јеховиното име се објавува како никогаш порано?

10 Сега Јехова прашува: „Кои се тие што летаат како облаци, и како гулаби — кон гулабарниците свои? Така, Мене Ме чекаат островите и пред нив — тарсиските кораби, за да ги пренесат синовите твои оддалеку . . . другоземци ќе ги градат ѕидовите твои, и нивните цареви — ќе ти служат“ (Исаија 60:8—10). Први кои се одѕвале на Јеховиното ‚осветлување‘ биле неговите „синови“ — помазаните христијани. Потоа дошле „другоземците“, големото мноштво кое лојално им служи на своите помазани браќа, следејќи го нивното водство во проповедањето на добрата вест. На тој начин, иако бројот на помазаниците се намалува, Јеховиното име се објавува ширум Земјата како никогаш порано.

11. а) Што продолжува сѐ уште и со каков резултат во 1999? б) Кои земји имаат извонредни бројки на крстени за 1999? (Види ја табелата на страници 17—20.)

11 Како резултат на тоа, милиони луѓе се слеваат „како гулаби — кон гулабарниците свои“, наоѓајќи засолниште во христијанското собрание. Секоја година се придодаваат стотици илјади, и патот е отворен за уште повеќе луѓе. Исаија вели: „Твоите порти секогаш ќе бидат отворени, нема да се затвораат ни дење, ни ноќе, за да се принесува при тебе имотот на народите“ (Исаија 60:11). Минатата година се крстија 323.439 лица во симбол на нивното предание на Јехова, а тој сѐ уште не ги затворил портите. „Пожелните работи од сите нации“, членовите на големото мноштво, сѐ уште навалуваат кон нив (Агеј 2:7NW). Не е одвратен никој кој сака да ја напушти темнината (Јован 12:46). Нека сите тие никогаш не го изгубат своето ценење за светлината!

Бестрашни наспроти противење

12. Како оние кои ја сакаат темнината се обиделе да ја изгаснат светлината?

12 Оние кои ја сакаат темнината, ја мразат Јеховината светлина (Јован 3:19). Некои дури се обидуваат да ја изгаснат таа светлина. Тоа не е нешто неочекувано. Дури и Исус, ‚вистинската Светлина, која го осветлува секој човек‘, бил исмејуван, му се противеле и на крај бил убиен од своите земјаци (Јован 1:9). Во текот на 20 век, Јеховините сведоци исто така биле исмејувани, затворани, забранувани, па дури и убивани, додека верно ја одразувале Јеховината светлина. Во изминативе години, противниците прибегнувале кон ширење лаги во медиумите во врска со оние кои ја одразуваат Божјата светлина. Некои сакаат да ги наведат луѓето да поверуваат дека Јеховините сведоци се опасни и дека треба да бидат ограничени или забранети. Дали тие противници успеале?

13. Што било резултат на разборитото презентирање на фактите во врска со нашето дело во медиумите?

13 Не. Онаму каде што било пригодно, Јеховините сведоци се обратиле до медиумите и ги објасниле фактите. Како резултат на тоа, Јеховиното име било нашироко објавувано во весниците и списанијата, и на радио и телевизија. Тоа имало добри резултати во делото на проповедање. На пример, една програма на националната телевизија во Данска расправала за темата: „Зошто опаѓа верата на Данците“. Заедно со другите, биле интервјуирани и Јеховини сведоци. После тоа, некоја госпоѓа која ја гледала програмата, коментирала: „Беше толку јасно кој го има духот Божји“. Со неа била започната студија.

14. Што наскоро, на сопствен срам, ќе мораат да признаат противниците?

14 Јеховините сведоци знаат дека многумина во овој свет ќе им се противат (Јован 17:14). Сепак, тие се зајакнати од пророштвото на Исаија: „И ќе дојдат при тебе со покорност синовите на оние, што те измачуваа, ќе ти се клањаат пред нозете твои сите што те презираа; ќе те наречат град на Господа, Сион на Светецот Израилев“ (Исаија 60:14). На сопствен срам, наскоро противниците ќе мора да признаат дека тие, всушност, се бореле против самиот Бог. Кој може да ја добие таа битка?

15. Како Јеховините сведоци ‚смукаат од млекото на народите‘, и како тоа се одразило на нивното дело на поучување и евангелизирање?

15 Јехова понатаму ветува: „Јас ќе те направам вечна слава [до недогледно време, NW] . . . Ти ќе се наситуваш од млекото на народите, и ќе смукаш од царски гради, и ќе познаеш дека Јас, Господ, сум твој Спасител“ (Исаија 60:15, 16). Да, Јехова е Спасител на својот народ. Ако тој се ослони на Него, ќе остане „до недогледно време“. И ќе ‚смука од млекото на народите‘, користејќи ги средствата кои му се на располагање за да го унапредува вистинското обожавање. На пример, мудрата употреба на компјутерската и комуникациската технологија го олеснува симултаното издавање на Стражарска кула на 121 јазик и на Разбудете се! на 62. Дизајнирана е една специфична софтвер програма за да се помогне во преведувањето на Нов свет превод на нови јазици, а тоа преведување донесува голема радост. Кога во 1999 година беше објавена хрватската верзија на Христијанските грчки списи, на илјадници им потекоа солзи радосници. Еден постар брат рече: „За оваа Библија чекав толку долго. Сега можам да мирно да умрам!“ Тиражот на Нов свет превод, во целина или делумно, веќе надмина 100 милиони на 34 јазици.

Високи морални мерила

16, 17. а) Иако е тешко, зошто е животоважно да се задржат Јеховините високи мерила? б) Кое искуство илустрира дека младите луѓе можат да ја избегнат загаденоста на светот?

16 Исус рекол: „Секој, што прави зло, ја мрази светлината“ (Јован 3:20). Од друга страна, пак, оние кои остануваат во светлината ги сакаат Јеховините високи мерила. Јехова преку Исаија вели: „И сиот народ твој ќе биде праведен“ (Исаија 60:21а). Може да биде предизвик да се задржат праведните мерила во свет каде што се толку распространети сексуалниот неморал, лажењето, лакомоста и гордоста. На пример, во некои земји економијата цвета и лесно може да се застрани само кон една цел — да се тежнее по богатство. Меѓутоа, Павле предупредил: „А оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел“ (1. Тимотеј 6:9). Колку само е трагично кога некој толку длабоко се заплеткува во деловните потфати што ги жртвува оние работи кои се навистина важни како, на пример, христијанското дружење, светата служба, моралните начела и семејните одговорности!

17 Задржувањето на праведните мерила може да биде особено тешко за младите, кога многу од нивните врсници се впуштаат во злоупотреба на дрога и во неморал. Во Суринам, едно згодно момче од училиштето ѝ пристапило на една 14-годишна девојка и ѝ понудило да имаат сексуални односи. Таа одбила, објаснувајќи дека Библијата забранува такви работи надвор од бракот. Другите девојки од училиштето ѝ се потсмевале и се обиделе да извршат притисок врз неа да се премисли, велејќи дека секој сака да спие баш со тоа момче. Сепак, девојката останала цврста. После неколку седмици, момчето било дијагностицирано како ХИВ позитивно и тешко се разболело. Девојката била среќна што ја послушала Божјата заповед да се ‚воздржува од блудство‘ (Дела 15:28, 29). Јеховините сведоци се многу горди на младите меѓу нив кои стојат цврсто за она што е исправно. Нивната вера, и верата на нивните родители ‚го прославуваат‘ — му донесуваат чест — на името на Јехова Бог (Исаија 60:21б).

Јехова дава пораст

18. а) Каква голема работа направил Јехова за својот народ? б) Каков доказ постои дека порастот ќе продолжи, и какви славни изгледи ги очекуваат оние кои остануваат во светлината?

18 Да, Јехова го осветлува својот народ, со тоа што го благословува, го води и го зајакнува. Во текот на 20 век, тој го доживеал исполнувањето на зборовите на Исаија: „Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот — силен народ. Јас, Господ, ќе побрзам да го завршам тоа навреме“ (Исаија 60:22). Од една рака луѓе во 1919 година, ‚малиот народ‘ станал повеќе „илјади“. А тој пораст уште не престанал! Минатата година 14.088.751 лица присуствуваа на прославата на Меморијалот на Исусовата смрт. Многумина од нив не се активни Сведоци. Среќни сме што тие беа присутни на таа важна прослава, и ги покануваме и понатаму да се движат кон светлината. Јехова сѐ уште го осветлува својот народ. Вратата кон неговата организација сѐ уште е отворена. Затоа, нека сите бидеме одлучни да останеме во Јеховината светлина. Колкави само благослови ни донесува тоа сега! И колкава само радост ќе ни донесе во иднина кога целото творештво ќе го фали Јехова и ќе се радува во сјајот на неговата слава! (Откровение 5:13, 14).

Можеш ли да објасниш?

Кој ја одразува Јеховината слава во овие последни денови?

Што покажува дека ревноста на Јеховиниот народ не е намалена?

Кои се некои од добрите дела со кои се зафатени Јеховините сведоци?

Во што сме уверени и покрај свирепото противење?

[Прашања]

[Табела на страници 17-20]

ИЗВЕШТАЈ НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗА 1999 СЛУЖБЕНА ГОДИНА

(Види во публикацијата)

[Слики на страница 15]

Луѓето сѐ уште се слеваат кон Јеховината организација

[Слика на страница 16]

Ние сме среќни што Јехова ја оставил вратата широко отворена за оние кои ја сакаат светлината