Одразувај го умствениот став на Христос
Одразувај го умствениот став на Христос
„Бог, кој дава истрајност и утеха, нека ви даде меѓу себе да го имате истиот умствен став што го имаше Христос Исус“ (РИМЈАНИТЕ 15:5, NW).
1. Како може ставот да влијае врз нечиј живот?
СТАВОТ значи многу во животот. Ноншалантен или трудољубив став, позитивен или негативен став, воинствен или став на соработка, став на жалење или благодарен став, сите тие можат силно да влијаат врз тоа како едно лице се справува со ситуациите и како другите луѓе реагираат на него. Со добар став, човек може да биде среќен дури и во прилично тешки ситуации. За лице кое има лош став, ништо не изгледа во ред, дури и кога — од објективна гледна точка — животот е добар.
2. Како се учат ставовите?
2 Ставовите — добри или лоши — можат да се научат. Всушност, тие мора да се научат. Говорејќи за едно новороденче, Collier’s Encyclopedia (Енциклопедијата на Колиер) вели: „Ставовите што на крај тоа ќе ги поседува, мора да ги стекне или да ги научи, слично како што мора да стекне или научи јазик или некоја друга вештина“. Како ги учиме ставовите? Иако многу работи играат улога во ова, околината и друштвото имаат големо влијание. Претходно спомнатата енциклопедија забележува: „Ние ги учиме или апсорбираме, како со осмоза, ставовите на оние со кои сме тесно поврзани“. Пред илјадници години, Библијата рекла нешто слично: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“ (Изреки 13:21; 1. Коринтјаните 15:33).
Пример за исправен став
3. Кој бил пример во врска со својот став, и како можеме да го имитираме?
3 Како и во сѐ друго, така и во врска со ставот, Исус Христос го дал најдобриот пример. Тој рекол: „Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јован 13:15). За да бидеме како Исус, мораме најпрвин да научиме за него. a Исусовиот живот го проучуваме со намера да го правиме она што го препорачал апостол Петар: „Бидејќи вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за [тесно, NW] да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Наша цел е да бидеме колку што е можно послични на Исус. Тоа вклучува да го негуваме неговиот умствен став.
4, 5. Кој аспект од умствениот став на Исус е истакнат во Римјаните 15:1—3, и како можат христијаните да го имитираат?
4 Што вклучува тоа да се има умствениот став на Христос Исус? Во одговорот на ова прашање ни помага 15. поглавје од писмото на Павле до римјаните. Во првите неколку стиха од ова поглавје Павле укажува на една извонредна особина на Исус кога вели: „Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите, и да не угодуваме на себеси: секој од вас должен е на својот ближен да му угодува во доброто за поука [негово изградување, NW]. Оти и Христос не угоди на Себеси, па како што е напишано: ‚Хулењата на оние, што Те хулеа, паѓаа врз Мене‘“ (Римјаните 15:1—3).
5 Имитирајќи го Исусовиот став, христијаните се охрабрени да бидат спремни да им служат на потребите на другите со понизност, а не да сакаат да си угодат само себеси. Секако, таквата понизна спремност да им се служи на другите е карактеристика на оние ‚кои се силни‘. Исус, кој бил духовно посилен од кој и да е човек што некогаш живеел, за себеси рекол: „Како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20:28). Како христијани, и ние сакаме да се напрегаме да им служиме на другите, вклучувајќи ги и оние кои ‚не се силни‘.
6. На кој начин можеме да ја имитираме Исусовата реакција на противењето и прекорот?
6 Една друга убава карактеристика што ја покажал Исус бил примерот на размислување и постапување кој секогаш бил позитивен. Тој никогаш не дозволил негативниот став на другите да влијае врз неговиот личен добар став кон служењето на Бог; па така ниту ние не треба да го дозволиме тоа. Кога бил прекоруван и прогонуван поради тоа што верно го обожавал Бог, Исус стрпливо истрајал без да се жали. Знаел дека оние кои се обидуваат да му угодат на ближниот „во она што е добро за негово изградување“ можат да очекуваат противење од светот кој бил неверен и немал разбирање.
7. Како Исус покажал стрпливост, и зошто треба и ние да го правиме истото?
7 Исус покажал исправен став и на други начини. Никогаш не покажал нестрпливост во однос на Јехова, туку стрпливо чекал на извршувањето на Неговите намери (Псалм 109:1; Матеј 24:36, NW; Дела 2:32—36; Евреите 10:12, 13). Освен тоа, Исус не станал нестрплив со своите следбеници. Тој им рекол: „Учете од мене“. Со оглед на тоа што бил „со благ нарав“, неговата поука била изградувачка и освежувачка. А бидејќи бил „понизен по срце“, никогаш не бил бомбастичен ниту дрзок (Матеј 11:29, NW). Павле нѐ охрабрува да ги имитираме овие аспекти од Исусовиот став кога вели: „Задржете го во себе ваквиот умствен став каков што беше и во Христос Исус кој, иако беше во Божји облик, не размислуваше за грабање, имено, дека треба да биде еднаков со Бог. Не, туку се одрече од себеси и зеде облик на роб и стана сличен на луѓето“ (Филипјаните 2:5—7, NW).
8, 9. а) Зошто мораме да работиме на тоа да негуваме несебичен став? б) Зошто не треба да се обесхрабриме ако не успеваме во потполност да го следиме примерот што го оставил Исус, и како Павле бил добар пример во тој поглед?
8 Лесно е да се каже дека сакаме да им служиме на другите и дека сакаме да ги ставиме нивните потреби пред сопствените. Но, едно чесно испитување на нашиот умствен став може да открие дека нашите срца не се во потполност наклонети во тој правец. Зошто не? Прво, бидејќи имаме наследени себични црти од Адам и Ева; второ, бидејќи живееме во свет кој унапредува себичност (Ефесјаните 4:17, 18). Да се развива несебичен став честопати значи да се негува образец на размислување спротивен на нашата вродена несовршена природа. Тоа бара одлучност и напор.
9 Нашата очигледна несовршеност, која стои во остра спротивност со совршениот пример кој ни го оставил Исус, понекогаш може да нѐ обесхрабри. Можеби се сомневаме дали е воопшто можно да се поседува ист умствен став како Исус. Но, забележи ги охрабрувачките зборови на Павле: „Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; бидејќи желба за добро во мене има, но да го правам тоа, не наоѓам сили. Оти не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам. Бидејќи, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи“ (Римјаните 7:18, 19, 22, 23). Навистина, несовршеноста секогаш одново го спречувала Павле да ја извршува Божјата волја онака како што сакал, но неговиот став — начинот на кој размислувал и чувствувал за Јехова и за Неговиот закон — бил примерен. И нашиот став може да биде таков.
Исправање на неисправните ставови
10. На каков умствен став ги охрабрил Павле филипјаните?
10 Дали е можно тоа дека некои треба да исправат неисправен став? Да. Ова очигледно било случај со некои христијани во првиот век. Во своето писмо до филипјаните Павле зборувал за поседување исправен став. Тој напишал: „Не дека веќе сум ја добил [небесен живот преку пораното воскресение] или, пак, дека веќе сум станал совршен, туку се трудам да видам дали можам и јас да го дофатам она поради кое Христос Исус ме дофатил мене. Браќа, јас уште не сметам дека сум ја дофатил; но има една работа во врска со тоа: Заборавајќи ги работите што се назад и посегајќи по оние што се напред, тежнеам кон целта, кон наградата на горниот позив Божји преку Христос Исус. Затоа, колку и да нѐ има зрели, да го имаме овој умствен став“ (Филипјаните 3:12—15, NW).
11, 12. На кои начини Јехова го открива исправниот умствен став?
11 Павловите зборови покажуваат дека секој кој, откако станал христијанин, не чувствува потреба да напредува, има погрешен став. Таквиот пропуштил да го усвои Христовиот умствен став (Евреите 4:11; 2. Петрово 1:10; 3:14). Дали ситуацијата на таквото лице е безнадежна? Во никој случај. Бог може да ни помогне да го промениме својот став ако навистина го сакаме тоа. Павле понатаму вели: „Ако во кој и да било поглед умствено сте поинаку наклонети, Бог ќе ви го открие горенаведениот став“ (Филипјаните 3:15, NW).
12 Меѓутоа, ако сакаме Јехова да ни го открие исправниот став, мораме да го сториме својот дел. Молитвеното проучување на Божјата реч со помош на христијанските публикации кои ги обезбедува „верниот и разборит роб“ (NW) ќе им овозможи на оние кои ‚умствено се поинаку наклонети‘ да развијат исправен став (Матеј 24:45). На христијанските старешини, кои се наименувани со светиот дух ‚да го пасат Божјето собрание‘ (NW), ќе им биде драго да дадат поддршка (Дела 20:28). Колку сме само благодарни што Јехова ги зема предвид нашите несовршености и со љубов ни нуди помош! Да ја прифатиме.
Да учиме од другите
13. Што учиме за исправниот умствен став од библискиот извештај за Јов?
13 Во Римјаните 15. поглавје, Павле покажува дека медитирањето за историските примери може да ни помогне да го преиначиме својот став. Тој пишува: „Сѐ, што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Некои Јеховини верни слуги во минатото требало да исправат извесни аспекти од својот став. На пример, Јов во глобала имал добар став. Тој никогаш не му го припишал злото на Јехова, и во ниеден момент не дозволил страдањето да ја поколеба неговата доверба во Бог (Јов 1:8, 21, 22). Сепак, бил склон да се оправдува. Јехова го упатил Елијуј да му помогне на Јов да ја поправи оваа склоност. Наместо да се чувствува навреден, Јов понизно ја прифатил потребата да го менува својот став и спремно се зафатил да работи на тоа (Јов 42:1—6).
14. На кој начин можеме да бидеме како Јов ако добиеме совет во врска со нашиот став?
14 Дали ќе реагираме како Јов ако некој сохристијанин љубезно ни каже дека покажуваме знаци на некој неисправен став? Слично на Јов, никогаш да ‚не изрекуваме нешто неразумно за Бог‘ (Јов 1:22). Ако неправедно страдаме, никогаш да не се жалиме ниту, пак, да го сметаме Јехова одговорен за нашите тешкотии. Да избегнуваме да се обидуваме да се оправдуваме, потсетувајќи се дека без разлика на тоа какви предности можеби имаме во Јеховината служба, сепак сме само „слуги негодни“ (Лука 17:10).
15. а) Каков погрешен став покажувале некои Исусови следбеници? б) Како Петар покажал добар став?
15 Некои кои го слушале Исус во првиот век покажале неисправен став. Во една прилика Исус кажал нешто што било тешко за разбирање. Како одговор ‚мнозина од учениците Негови, кои слушале, рекле: „Тешки се овие зборови [овој говор е шокантен, NW]“‘. Оние кои зборувале на ваков начин очигледно имале погрешен став. А нивниот погрешен став водел до тоа да престанат да го слушаат Исус. Извештајот вели: „Од тоа време мнозина од Неговите ученици се повлекоа и не одеа веќе со Него“. Дали сите имале погрешен став? Не. Извештајот продолжува: „Тогаш им рече Исус на дванаесетте: ‚Да не сакате и вие да си отидете?‘ А Симон Петар му одговори: ‚Господи, при кого ќе отидеме?‘“ Всушност, потоа Петар сам си одговорил на своето прашање: „Ти имаш зборови за живот вечен“ (Јован 6:60, 66—68). Каков прекрасен став! Кога се соочуваме со објаснувања или прочистувања во разбирањето на Писмото што можеби на почетокот ни е тешко да ги прифатиме, зарем не би било добро да го покажеме ставот кој го покажал Петар? Колку само би било глупаво да престанеме да му служиме на Јехова или да зборуваме на начин спротивен на ‚образецот на здравите зборови‘ едноставно затоа што некои работи во почетокот ни се тешки за разбирање (2. Тимотеј 1:13).
16. Каков шокантен став покажале еврејските верски водачи од времето на Исус?
16 Еврејските верски водачи од првиот век пропуштиле да го покажат умствениот став што го имал Исус. Својата цврста решеност да не го слушаат Исус ја покажале кога тој го подигнал Лазар од мртвите. За секој со исправен став, тоа чудо би било несоборлив доказ дека Исус бил испратен од Бог. Меѓутоа, читаме: „Тогаш првосвештениците и фарисеите се собраа на совет и рекоа: ‚Што да правиме? Овој Човек прави многу чудеса. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот‘“. Какво било нивното решение? „Од тој ден, пак, се согласија да Го убијат.“ Освен што сковале завера да го убијат Исус, тие намислиле да го уништат живиот доказ дека тој е чудотворец. „А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазара“ (Јован 11:47, 48, 53; 12:9—11). Колку само би било одбивно ако ние негуваме сличен став и ако се нервираме или вознемируваме заради работи за кои всушност би требало да се радуваме! Да, и колку само е опасно тоа!
Да го имитираме позитивниот став на Христос
17. а) Под какви околности Даниил покажал бестрашен став? б) Како Исус се покажал храбар?
17 Јеховините слуги задржуваат позитивен став. Кога непријателите на Даниил сковале завера да се донесе закон со кој 30 дена ќе се забрани молење на кој и да е бог или човек освен на царот, Даниил знаел дека ова ќе влијае врз неговиот однос со Јехова Бог. Дали ќе се воздржи 30 дена да не му се моли на Бог? Не, тој бестрашно продолжил да му се моли на Јехова по трипати на ден, како што имал обичај (Даниил 6:6—17). На сличен начин, и Исус одбил да биде заплашен од непријателите. Еден Сабатен ден наишол на човек со исушена рака. Исус знаел дека многумина од Евреите кои биле присутни таму ќе бидат незадоволни ако тој излекува некого на Сабат. Директно ги замолил да се произнесат за таа работа. Кога одбиле, Исус го излекувал човекот (Марко 3:1—6). Исус никогаш не се воздржувал да го исполни својот налог кога мислел дека тоа е исправно.
18. Зошто некои ни се противат, но како треба да реагираме на нивниот негативен став?
18 Јеховините сведоци денес признаваат дека и тие не смеат никогаш да бидат заплашени од можната негативна реакција на противниците. Инаку, не би го покажале Исусовиот умствен став. Многумина им се противат на Јеховините сведоци, некои бидејќи не ги знаат фактите а други бидејќи ги мразат Сведоците или нивната порака. Но, никогаш да не дозволиме нивниот непријателски став да влијае врз нашиот позитивен став. Никогаш не смееме да дозволиме другите да ни го диктираат начинот на кој го вршиме нашето обожавање.
19. Како можеме да го покажеме истиот умствен став како Исус Христос?
19 Исус секогаш покажувал позитивен умствен став кон своите следбеници и кон Божјите подготовки, колку и да било тешко тие да се извршат (Матеј 23:2, 3). Ние треба да го имитираме неговиот пример. Се разбира, нашите браќа се несовршени, но такви сме и ние. А каде можеме да најдеме подобри другари и вистински лојални пријатели отколку во нашето светско братство? Јехова сѐ уште не ни дал потполно разбирање на неговата пишана Реч, но која религиозна група разбира повеќе? Секогаш да задржуваме исправен умствен став, умствениот став кој го имал Исус Христос. Меѓу другото, ова вклучува да знаеме да чекаме на Јехова, за што ќе се дискутира и во следната статија.
[Фуснота]
a За животот и службата на Исус се дискутира во публикацијата Најголемиот човек кој некогаш живеел, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Можеш ли да објасниш?
• Како нашиот став влијае врз нашиот живот?
• Опиши го умствениот став на Исус Христос.
• Што можеме да научиме од ставот на Јов?
• Каков исправен став треба да имаме кога се соочуваме со противење?
[Прашања]
[Слики на страница 7]
Христијанинот кој има исправен став се напрега да им помага на другите
[Слика на страница 9]
Молитвеното проучување на Божјата реч ни помага да го усвоиме Христовиот умствен став