Прашања од читателите
Прашања од читателите
Во светлина на библиските заповеди во врска со исправната употреба на крвта, како гледаат Јеховините сведоци на медицинските процедури во кои се користи сопствена крв?
Наместо да одлучува само на темел на она што лично го претпочита или на некоја медицинска препорака, секој христијанин треба сериозно да го разгледа она што го вели Библијата. Тоа е работа меѓу него и Јехова.
Јехова, кому му го должиме својот живот, наредил да не се консумира крв (Битие 9:3, 4). Во Законот даден на древниот Израел, Бог ја ограничил употребата на крвта бидејќи таа го претставува животот. Тој наредил: „Животот на телото е во крвта. Таа крв ви ја дадов вам за жртвеникот, за да ги покривате од грев вашите души“. Што ако човек убиел животно за храна? Бог рекол: „Нека ѝ ја пролее крвта и нека ја покрие со земја“ * (Левит 17:11, 13). Јехова ја повторувал оваа заповед секогаш одново (Второзаконие 12:16, 24; 15:23). Еврејската Soncino Chumash забележува: „Крвта не смее да се складира туку треба да се смета непогодна за употреба така што ќе се излее на земјата“. Ниеден Израелец не смеел да ја издвојува, складира и користи крвта од некое друго суштество, чиј живот му припаѓал на Бог.
Обврската да се држи Мојсеевиот закон престанала кога умрел Месијата. Сепак, Божјето гледиште за светоста на крвта останува и понатаму. Поттикнати од Божјиот свет дух, апостолите им дале упатство на христијаните да ‚се воздржуваат од крв‘. Таа заповед не требало да се сфаќа несериозно. Во морален поглед била еднакво важна како и воздржувањето од сексуален неморал или од идолопоклонство (Дела 15:28, 29; 21:25). Кога во 20 век дарувањето и трансфузијата на крв станале вообичаени, Јеховините сведоци сфатиле дека оваа практика е во судир со Божјата реч. *
Повремено, некој лекар ќе го поттикне пациентот да депонира сопствена крв неколку седмици пред операцијата (предоперативно автологно дарување крв, или ПАД) така што, ако се укаже потреба, тој би можел да му даде трансфузија на пациентот од неговата сопствена складирана крв. Меѓутоа, таквото земање, складирање и трансфузија на крв е во директна спротивност со она што е кажано во Левит и во Второзаконие. Крвта не смее да се складира; треба да се излее — или со други зборови,
да му се врати на Бог. Секако, сега не е на сила Мојсеевиот закон. Сепак, Јеховините сведоци ги почитуваат начелата кои ги вклучил Бог во него, и одлучни се да се ‚воздржуваат од крв‘. Според тоа, ние не даруваме крв ниту, пак, заради трансфузија складираме сопствена крв која, всушност, би требало да се ‚излее‘. Таа практика е во спротивност со Божјиот закон.Други процедури или испитувања во кои се работи за сопствена крв на поединецот не се толку јасно во конфликт со Божјите наведени начела. На пример, многу христијани дозволуваат да им се земе крв за испитување или анализа, после што тој примерок се фрла. Можеби ќе бидат препорачани и други посложени процедури кои вклучуваат сопствена крв.
На пример, во текот на извесни хируршки зафати, крвта може да се пренасочи надвор од телото во еден процес наречен хемодилуција. Крвта која останува во пациентот се разредува. Подоцна, неговата крв од надворешниот кружен тек се насочува повторно во телото, со што неговата крвна слика се доведува отприлика до нормалната. На сличен начин, крвта која истекува од некоја рана може да се собере и филтрира така што црвените крвни клетки можат да се вратат во пациентот; ова е наречено собирање клетки. Во еден друг процес, крвта може да се насочи низ една машина која привремено врши функции што обично ги вршат телесните органи (на пример, срцето, белите дробови или бубрезите). Потоа крвта од машината се враќа во пациентот. Во други процедури, крвта се свртува кон еден сепаратор (центрифуга) така што може да се отстранат нејзините оштетени делови или делови со недостаток. Или, целта може да биде да се изолира некоја крвна компонента и да се стави на друго место во телото. Исто така, постојат испитувања во кои се зема извесна количина крв за да се означи или да се измеша со некој лек, после што се враќа во пациентот.
Деталите може да бидат различни, и сигурно ќе се развијат нови процедури, третмани и испитувања. Не е наше да ја анализираме секоја варијанта и да донесуваме одлука. Христијанинот мора сам да одлучи како да се постапи со неговата крв во текот на некоја хируршка процедура, медицинско испитување или моментална терапија. Тој треба однапред да ги дознае од лекарот или од техничарот фактите во врска со она што би можело да се прави со неговата крв во текот на процедурата. Потоа мора да одлучи во склад со она што му го дозволува неговата совест. (Види ја рамката.)
Христијаните треба да го задржат на ум своето предание на Бог и обврската ‚да го љубат него со сето срце, сета душа, сета сила и сиот ум‘ (Лука 10:27). За разлика од повеќето луѓе во светот, Јеховините сведоци високо го ценат својот добар однос со Бог. Животодавецот ги поттикнува сите да имаат доверба во Исусовата пролеана крв. Читаме: „Преку него [Исус Христос] имаме ослободување со откупнина со посредство на неговата крв, да, простување на нашите престапи“ (Ефешаните 1:7).
[Фусноти]
^ пас. 4 Професор Франк Х. Горман пишува: „Излевањето на крвта најдобро се разбира како чин на длабока почит со кој се покажува респект кон животот на животното, а со тоа и респект кон Бог, кој го создал и продолжува да се грижи за тој живот“.
^ пас. 5 Англиското издание на Стражарска кула од 1 јули 1951 одговори на клучни прашања во врска со оваа тема, покажувајќи зошто трансфузијата на дарувана крв не е во ред.
[Рамка/слики на страница 31]
ПРАШАЊА КОИ ТРЕБА ДА СИ ГИ ПОСТАВИШ
Ако дел од мојата крв биде пренасочен надвор од моето тело и можеби дури за некое време биде прекинат нејзиниот тек, дали совеста ќе ми дозволува сѐ уште да гледам на оваа крв како на дел од мене и да не барам таа да биде ‚излеана на земјата‘?
Дали мојата библиски школувана совест ќе биде вознемирена ако за време на некоја дијагностичка или терапевтска процедура ми биде земена крв, изменета и повторно вратена во моето тело?