Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали живееш во склад со своето предание?

Дали живееш во склад со своето предание?

Дали живееш во склад со своето предание?

„Што и да правите, работете на тоа со сета душа како за Јехова, а не како за луѓето“ (КОЛОШАНИТЕ 3:23, 24).

1. Во световен контекст, што се подразбира под зборот „предание“?

 КАКО атлетичарите го постигнуваат својот максимум? Во тенисот, фудбалот, кошарката, бејзболот, лесната атлетика, голфот или кој и да е друг спорт, најдобрите го постигнуваат првото место само со непоколеблива предаденост. Физичката и умствената кондиција се приоритети. Ова добро одговара на една од дефинициите за зборот „предаден“, која гласи: „Целосно посветен на одреден правец на размислување или постапување“.

2. Што значи „предание“ според Библијата? Илустрирај.

2 Но, што значи „предание“ во библиска смисла? „Да се предаде“ е превод на еден хебрејски глагол кој има значење „да се држи одвоен; да се биде одвоен; да се повлече“. * Во древниот Израел, првосвештеникот Арон на својот турбан го носел „светиот знак на предание“ (NW), а тоа било една сјајна плочка од чисто злато на која биле изгравирани хебрејските зборови „Светоста му припаѓа на Јехова“. Ова му служело како потсетник на првосвештеникот дека мора да избегнува сѐ што би го осквернило светилиштето ‚зашто на себе го носел венецот [знакот на предание, NW] на маслото со помазанието на својот Бог‘ (Излез 29:6; 39:30; Левит 21:12).

3. Како треба преданието да влијае врз нашето однесување?

3 Од овој контекст можеме да видиме дека преданието е сериозна работа. Тоа подразбира доброволно идентификување како Божји слуга и бара чисто однесување. Според тоа, можеме да сфатиме зошто апостол Петар го цитирал Јехова кој рекол: „Бидете свети, зашто јас сум свет“ (1. Петрово 1:15, 16). Како предадени христијани носиме тешка одговорност да живееме во склад со своето предание, да бидеме верни до крајот. Но, што вклучува христијанското предание? (Левит 19:2; Матеј 24:13).

4. Како доаѓаме до чекор на предание, и со што може да се спореди тоа?

4 Откако сме стекнале точно спознание за Јехова Бог и за неговите намери, како и за Исус Христос и неговата улога во тие намери, сме донеле лична одлука да му служиме на Бог со сето свое срце, ум, душа и сила (Марко 8:34; 12:30; Јован 17:3). Тоа би можело да се смета дури и за личен завет, безрезервна предаденост на Бог. Нашето предание не сме го направиле како резултат на некој емоционален каприц. За тоа било размислено внимателно и во молитва, со помош на силата на разумот. Значи, тоа не е некоја привремена одлука. Ние не можеме да бидеме како некој кој почнува да ора една нива и потоа на полпат се откажува бидејќи тоа е претешка работа за него или бидејќи му изгледа дека жетвата е предалеку или дека воопшто не е сигурна. Размисли за примерите на некои кои ‚ги ставиле своите раце на плугот‘ на теократската одговорност поминувајќи низ сито и решето (Лука 9:62; Римјаните 12:1, 2).

Тие не се откажале од своето предание

5. Како Еремија бил извонреден пример на предаден Божји слуга?

5 Пророчката служба на Еремија во Ерусалим се протегала повеќе од 40 години (647—607 пр.н.е.) и не била лесна задача. Тој бил потполно свесен за своите ограничувања (Еремија 1:2-6). Му биле потребни храброст и истрајност за секојдневно да се соочува со тврдоглавиот народ на Јуда (Еремија 18:18; 38:4-6). Меѓутоа, Еремија имал доверба во Јехова Бог, кој го зајакнал така што тој се покажал вистински предаден Божји слуга (Еремија 1:18, 19).

6. Каков пример ни оставил апостол Јован?

6 А што е со верниот апостол Јован, кој на стари години бил протеран на негостољубивиот остров Патмос заради тоа што ‚зборувал за Бог и сведочел за Исус‘? (Откровение 1:9). Тој истрајал и живеел во склад со својот статус на предаден христијанин околу 60 години. Живеел и после уништувањето на Ерусалим од страна на римските војски. Бил привилегиран да напише едно евангелие, три инспирирани писма и книгата Откровение, во која ја предвидел војната Армагедон. Дали се откажал кога дознал дека Армагедон нема да дојде за време на неговиот живот? Дали потонал во апатија? Не, Јован останал верен сѐ до својата смрт, знаејќи дека иако „одреденото време е близу“, исполнувањето на неговите визии требало да настапи подоцна (Откровение 1:3; Даниел 12:4).

Денешни примери на предание

7. Како еден брат бил убав пример за христијанска предаденост?

7 Во денешно време, илјадници верни христијани ревносно останале верни на своето предание и покрај тоа што не доживеале да бидат сведоци на Армагедон. Еден таков поединец бил Ернест И. Бивор од Англија. Станал Сведок во 1939, во почетокот на II светска војна, и се откажал од напреден бизнис како фотограф за една издавачка куќа со цел да стапи во полновремената служба. Поради тоа што ја задржал својата христијанска неутралност, бил во затвор две години. Неговото семејство го поддржало, и во 1950 неговите три деца ја завршиле Библиската школа Гилеад на Watchtower за мисионерска обука во Њујорк. Брат Бивор бил толку ревносен во својата активност на проповедање што пријателите го викале Армагедон Ерни. Тој лојално живеел според своето предание, и сѐ до својата смрт, во 1986, ја објавувал близината на Божјата војна Армагедон. Не гледал на своето предание како на договор со Бог на ограничено време! * (1. Коринќаните 15:58).

8, 9. а) Каков пример оставиле многу млади мажи во Шпанија за време на режимот на Франко? б) Кои прашања се на место?

8 Еден друг пример за несмалена ревност доаѓа од Шпанија. За време на режимот на Франко (1939—1975), стотици предадени млади Сведоци зазеле став на христијанска неутралност. Многумина од нив поминале по десет или повеќе години во воените затвори. На еден Сведок, Хесус Мартин, му се насобрале казни што изнесувале дури 22 години затвор. Бил сурово тепан додека го држеле во еден воен затвор во Северна Африка. Сево ова не било лесно, но тој одбил да направи компромис.

9 Поголемиот дел од времето, овие млади мажи немале претстава кога, и дали воопшто ќе бидат пуштени, зашто биле подложени на повеќекратни казни едноподруго. Сепак, ги задржале својот интегритет и својата ревност за службата додека биле затворени. Кога, во 1973, ситуацијата конечно почнала да се подобрува, многу од овие Сведоци, кои тогаш биле во своите рани 30-ти години, биле пуштени од затвор и веднаш стапиле во полновремена служба, а некои станале специјални пионери и патувачки надгледници. Живееле во склад со своето предание додека биле в затвор, и повеќето од нив продолжиле да го прават тоа и откако биле пуштени. * А како е со нас денес? Дали сме верни на своето предание како овие лојални поединци? (Евреите 10:32-34; 13:3).

Исправно гледиште за нашето предание

10. а) Како треба да гледаме на нашето предание? б) Како гледа Јехова на нашата служба за него?

10 Како гледаме на нашето предание на Бог со цел да ја вршиме неговата волја? Дали е тоа најважното нешто во нашиот живот? Без разлика на тоа какви се нашите околности, сеедно дали сме млади или стари, во брак или самци, здрави или болни, треба да настојуваме да живееме во склад со своето предание, според нашите околности. Ситуацијата може да му дозволи на едно лице да служи во полновремена служба како пионер, како доброволец во канцеларијата на некоја од подружниците на Watch Tower Society, како мисионер или во патувачката служба. Некои родители пак, од своја страна, можеби имаат полни раце работа, грижејќи се за физичките и духовните потреби на семејството. Дали нивните релативно малку часови поминати во службата секој месец помалку вредат во очите на Јехова отколку многуте часови кои ги поминува еден полновремен слуга? Не. Бог никогаш не очекува од нас да му го дадеме она што го немаме. Апостол Павле го навел ова начело: „Ако најпрво постои спремност, таа е особено прифатлива според она што некој го има, а не според она што некој го нема“ (2. Коринќаните 8:12).

11. Од што зависи нашето спасение?

11 Како и да е, нашето спасение не зависи од она што би можеле да го направиме туку од Јеховината незаслужена љубезност преку Христос Исус, нашиот Господ. Павле јасно објаснил: „Сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава, и како бесплатен дар е тоа што се прогласени за праведни по неговата незаслужена љубезност преку ослободување со откупнината што ја плати Христос Исус“. Меѓутоа, нашите дела се доказ за нашата активна вера во Божјите ветувања (Римјаните 3:23, 24; Јаков 2:17, 18, 24).

12. Зошто не треба да правиме споредби?

12 Нема потреба да правиме споредби со другите во врска со тоа колку време поминуваме во Божјата служба, колку библиска литература сме дале, или колку библиски студии водиме (Галатите 6:3, 4). Сеедно колку постигнуваме во христијанската служба, сите ние мора да ги запомниме Исусовите зборови кои поттикнуваат на понизност: „Така и вие, кога ќе извршите сѐ што сте задолжени, речете: ‚Ние сме бескорисни робови. Го направивме она што бевме должни да го направиме‘“ (Лука 17:10). Колку често навистина можеме да кажеме дека сме направиле ‚сѐ што сме задолжени‘? Затоа, прашањето е: Каков треба да биде квалитетот на нашата служба на Бог? (2. Коринќаните 10:17, 18).

Да го направиме секој ден значаен

13. Каков став ни е потребен додека го извршуваме нашето предание?

13 Откако им дава совети на сопругите, сопрузите, децата, родителите и робовите, Павле пишува: „Што и да правите, работете на тоа со сета душа како за Јехова, а не како за луѓето, зашто знаете дека од Јехова ќе ја примите соодветната награда, наследството. Робувајте за Господарот, Христос“ (Колошаните 3:23, 24). Ние не служиме за да ги импресионираме луѓето со постигнувањата во Јеховината служба. Се обидуваме да му служиме на Бог така што го следиме примерот на Исус Христос. Тој ја извршил својата релативно кратка служба со чувство на итност (1. Петрово 2:21).

14. Какво предупредување дал Петар во врска со последните денови?

14 Апостол Петар исто така покажал чувство на итност. Во своето второ писмо, предупредил дека во последните денови ќе има потсмевачи — отпадници и такви кои се сомневаат — кои, според своите сопствени желби, ќе покренуваат прашања во врска со Христовата присутност. Меѓутоа, Петар рекол: „Јехова не е бавен во врска со своето ветување, како што некои тоа го сметаат за бавност, туку е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание. Но Јеховиниот ден ќе дојде како крадец“. Да, Јеховиниот ден сигурно ќе дојде. Затоа, треба секојдневно многу да размислуваме колку е сигурна и цврста нашата вера во Божјето ветување (2. Петрово 3:3, 4, 9, 10).

15. На кој начин треба да гледаме на секој ден од нашиот живот?

15 За да живееме во склад со своето предание на совесен начин, треба секој ден да го користиме за Јеховина фалба. На крајот од секој ден, можеме ли да се осврнеме на него и да видиме како сме придонеле на некој начин за посветување на Божјето име и за објавувањето на добрата вест за Царството? Можеби тоа било со нашето чисто однесување, изградувачки разговор или со нашата љубезна грижа за семејството и пријателите. Дали сме ги искористиле можностите кои биле на располагање да ја споделиме нашата христијанска надеж со другите? Дали сме му помогнале на некого сериозно да размислува за Божјите ветувања? Да собираме секој ден нешто позитивно во духовна смисла, градејќи, така да кажеме, добра, духовна банковна сметка (Матеј 6:20; 1. Петрово 2:12; 3:15; Јаков 3:13).

Задржи јасна визија

16. На кои начини се обидува Сатана да го ослабне нашето предание на Бог?

16 Живееме во времиња кои стануваат сѐ потешки за христијаните. Сатана и неговите застапници се обидуваат да ја замаглат разликата меѓу доброто и лошото, чистото и нечистото, моралното и неморалното, етичкото и неетичкото (Римјаните 1:24-28; 16:17-19). Тој направил да биде толку лесно да ги загадиме своите срца и умови со помош на еден далечински ТВ управувач или компјутерска тастатура. Нашата духовна визија може да се замагли, или да се измести од фокусот, така што може да пропуштиме да проникнеме во неговите препредени дела. Ако ги компромитираме нашите духовни вредности, нашата решеност да живееме во склад со своето предание може да ослабне и нашиот стисок на „плугот“ да попушти (Лука 9:62; Филипјаните 4:8).

17. Како може Павловиот совет да ни помогне да го зачуваме нашиот однос со Бог?

17 Затоа, многу навремени се зборовите на Павле до собранието во Солун: „Ова е тоа што го сака Бог: вашето осветување, да се воздржувате од блуд; за секој од вас да знае како да завладее со својот сопствен сад во осветување и чест, а не во лакома сексуална страст каква што имаат нациите кои не го познаваат Бог“ (1. Солуњаните 4:3-5). Неморалот водел до тоа некои да бидат исклучени од христијанското собрание, оние кои го занемариле своето предание на Бог. Тие дозволиле нивниот однос со Бог да ослабне, така што тој повеќе не бил важен во нивните животи. Сепак, Павле рекол: „Бог не нѐ повика со допуштање на нечистота, туку на осветување. Така, значи, оној кој покажува непочитување, не покажува непочитување кон човек, туку кон Бог, кој го става својот свет дух во вас“ (1. Солуњаните 4:7, 8).

На што си решен ти?

18. На што треба да бидеме решени?

18 Ако ја сфаќаме сериозноста на нашето предание на Јехова Бог, на што треба да бидеме решени? Треба да бидеме цврсто решени да задржиме чиста совест во врска со нашето однесување и нашата служба. Петар поттикнал: „Задржете чиста совест, така што токму во она во кое се зборува против вас, да се посрамат оние кои зборуваат со омаловажување за вашето добро однесување во врска со Христос“ (1. Петрово 3:16). Можеби ќе мора да страдаме и да се соочуваме со малтретирање поради нашето христијанско однесување, но така било и со Христос заради неговата вера и лојалност кон Бог. „Затоа“, рекол Петар, „бидејќи Христос страдаше во тело, и вие вооружете се со истата умствена настроеност; зашто оној кој страдал во тело, прекинал со гревовите“ (1. Петрово 4:1).

19. Што сакаме да се рече за нас?

19 Навистина, цврстата решеност да живееме во склад со нашето предание ќе нѐ заштити од сјајот на Сатановиот свет кој е духовно, морално и физички болен. Но, не само тоа. Ќе стекнеме уверување дека имаме Божје одобрување, што е далеку подобро од сѐ што можат да понудат Сатана и неговите застапници. Затоа, никогаш да не се рече дека сме ја оставиле љубовта што сме ја имале кога првпат сме ја дознале вистината. Наместо тоа, нека за нас се рече како за оние од собранието во првиот век во Тијатира: „Ги знам твоите дела, и твојата љубов и верата и службата и истрајноста, и дека твоите последни дела се повеќе отколку претходните“ (Откровение 2:4, 18, 19). Да, да не бидеме млаки во врска со нашето предание туку да ‚зрачиме со духот‘, ревносни сѐ до крајот — а крајот е близу (Римјаните 12:11; Откровение 3:15, 16).

[Фусноти]

^ Види го англиското издание на Стражарска кула од 15 април 1987, страница 31.

^ За детален извештај за животот на Ернест Бивор види го англиското издание на Стражарска кула од 15 март 1980, страници 8—11.

Се сеќаваш ли?

• Што вклучува преданието?

• Кои древни и денешни примери на предадени Божји слуги се вредни да ги имитираме?

• Како треба да гледаме на нашата служба за Бог?

• На што треба да бидеме решени во врска со нашето предание на Бог?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Еремија останал верен и покрај тоа што со него се постапувало свирепо

[Слика на страница 16]

Ернест Бивор им дал пример на своите деца како ревносен христијанин

[Слика на страница 17]

Стотици млади Сведоци во шпанските затвори го зачувале својот интегритет

[Слики на страница 18]

Секој ден да собираме нешто позитивно во духовна смисла