Дали си ја направил вистината своја сопственост?
Дали си ја направил вистината своја сопственост?
„Преобразете се со обновувањето на својот ум за самите да се уверите која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“ (РИМЈАНИТЕ 12:2).
1, 2. Зошто не е лесно да се биде вистински христијанин денес?
ДА СЕ биде вистински христијанин во овие последни денови — во овие „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ — не е лесно (2. Тимотеј 3:1). Факт е дека за да се следи Христовиот пример мора да се победи светот (1. Јованово 5:4). Сети се што рекол Исус за христијанскиот пат: „Влезете низ тесната порта; бидејќи широк е и простран патот што води во уништување, и мнозина се оние кои одат по него; додека тесна е портата и тесен патот што води во живот, и малцина се оние кои го наоѓаат“. Исто така, тој рекол: „Ако некој сака да појде по мене, нека се одрече од себеси и нека го земе од ден на ден својот маченички столб и постојано нека ме следи“ (Матеј 7:13, 14; Лука 9:23).
2 Откако го нашол тесниот пат до живот, следниот предизвик за еден христијанин е да остане на него. Зошто е тоа предизвик? Бидејќи поради нашето предание и крштавање сме мета на Сатановите подмолни напади, или препредени сплетки (Ефешаните 6:11, Радосна вест). Тој ги забележува нашите слабости и настојува да ги искористи со цел да ја поткопа нашата духовност. Впрочем, тој се обидел да го скрши Исус, па зошто тогаш би нѐ оставил на мира нас? (Матеј 4:1-11).
Сатановите препредени тактики
3. Како Сатана посеал сомневања во умот на Ева?
3 Една тактика што ја користи Сатана е да посее сомневања во нашиот ум. Тој ги бара слабостите во нашата духовна воена опрема. Уште во самиот почеток, тој ја употребил таа тактика кај Ева, прашувајќи ја: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?“ (Битие 3:1, СП). Со други зборови, Сатана велел: ‚Можно ли е Бог навистина да ви поставил таква забрана? Дали тој би ви ускратил нешто толку добро? Па, Бог знае дека во истиот ден кога ќе јадете од дрвото ќе ви се отворат очите и ќе бидете како Бог, знаејќи што е добро а што лошо!‘ Сатана посеал семе на сомневање и чекал тоа да изникне (Битие 3:5).
4. Кои сомневања би можеле да влијаат врз некои денес?
4 Како ја користи Сатана оваа тактика денес? Ако го занемариме нашето читање на Библијата, личната студија, нашите молитви и христијанската служба и состаноците, може да се изложиме на сомневањата кои ги покренуваат другите. На пример: „Од каде знаеме дека ова е вистината за која учел Исус?“ „Дали се ова навистина последните денови? Впрочем, веќе сме во 21 век.“ „Дали сме на прагот на Армагедон, или тој е некаде во далечна иднина?“ Ако се јават вакви сомневања, што можеме да сториме за да ги отстраниме?
5, 6. Што мораме да правиме ако се јават сомневања?
5 Јаков дал практичен совет кога напишал: „Ако некому од вас му недостига мудрост, постојано нека бара од Бог, зашто тој им дава дарежливо на сите и без прекорување; и ќе му се даде. Но постојано нека бара со вера, не сомневајќи се ни најмалку, зашто оној кој се сомнева е како морски бран кого ветрот го носи и тера ваму-таму. Всушност, тој човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Јехова; тој е неодлучен човек, неутврден на сите свои патишта“ (Јаков 1:5-8).
6 Значи, што мораме да правиме? Треба во молитва ‚постојано да бараме од Бог‘ вера и разбирање и да ги засилиме нашите напори во личното проучување во врска со кои и да било прашања или сомневања. Исто така, можеме да бараме помош од оние кои се силни во верата, никогаш не сомневајќи се дека Јехова ќе ни ја даде потребната поддршка. Исто така, Јаков рекол: „Подложете му се на Бог; а спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас. Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“. Да, нашите сомневања ќе се растераат додека му се приближуваме на Бог преку проучување и молитва (Јаков 4:7, 8).
7, 8. Кои се некои основни критериуми за да се одреди за кој облик на обожавање поучувал Исус и кој ги исполнува овие критериуми?
7 Земи го, на пример, прашањето: Од каде знаеме дека го практикуваме оној облик на обожавање за кој поучувал Исус? За да одговориме на тоа, кои критериуми мора да ги земеме предвид? Библијата истакнува дека правите христијани мора да имаат вистинска љубов меѓу себе (Јован 13:34, 35). Тие мора да го светат Божјето име, Јехова (Исаија 12:4, 5, NW; Матеј 6:9). И мора да го објавуваат тоа име (Излез 3:15, NW; Јован 17:26).
8 Друго обележје за идентификување на вистинското обожавање е почитта кон Божјата реч, Библијата. Таа е единствената книга која ја открива Божјата личност и неговите намери (Јован 17:17; 2. Тимотеј 3:16, 17). Освен тоа, вистинските христијани го објавуваат Божјето Царство како единствена надеж на човекот за вечен живот на рајска Земја (Марко 13:10; Откровение 21:1-4). Тие се држат одвоени од расипаната политика на овој свет и од нејзиниот загадувачки начин на живот (Јован 15:19; Јаков 1:27; 4:4). Кој денес навистина ги исполнува овие критериуми? Фактите докажуваат дека постои само еден единствен одговор — Јеховините сведоци.
Што ако сомневањата потраат?
9, 10. Што можеме да сториме за да ги надвладееме сомневањата кои траат?
9 Што ако се најдеме во еден тунел на сомневања? Што да правиме тогаш? Одговорот го дава мудриот цар Соломон: „Сине мој, ако ги примиш моите зборови и ги запазиш [длабоко ги цениш, NW] моите заповеди во себе, и со своето уво ја послушаш мудроста и го обратиш своето срце кон разумот; да, ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста; ако го бараш како сребро и трагаш по него како по скриено сокровиште — тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога“ (Пословици 2:1-5).
10 Зарем тоа не е зашеметувачка мисла? Ако сме спремни да обрнеме сесрдно внимание на Божјата мудрост, ќе го ‚најдеме знаењето за Бога‘. Да, спознанието за Суверениот Господ на универзумот ни е на дофат ако сме спремни да ги примаме и длабоко ги цениме неговите зборови. Тоа значи да му се обратиме на Јехова во молитва и преку лично проучување. Скриеното богатство од неговата Реч може да ги растера кои и да било сомневања и да ни помогне да ја видиме светлината на вистината.
11. Како влијаело сомневањето врз слугата на Елисеј?
11 Јасен пример за тоа како молитвата му помогнала на еден Божји слуга кој бил уплашен и се сомневал се наоѓа во 2. Цареви 6:11-18. На слугата на Елисеј му недостигало духовно согледување. Не можел да согледа дека таму има небесни војски за да го поддржуваат Божјиот пророк, кој бил под опсада на сириската војска. Слугата од страв извикал: „Ах, господару мој, што ќе правиме?“ Како реагирал Елисеј? „Не бој се, зашто ги има повеќе со нас, отколку со нив.“ Но, како да се увери слугата? Тој не можел да ги види небесните војски.
12. а) Како биле расчистени сомневањата на слугата? б) Како може да ги расчистиме кои и да било сомневања кои можеби ги имаме?
12 „Елисеј се помоли вака: ‚Господи, отвори му ги очите да види!‘ И Господ му ги отвори очите на момокот, и тој виде: гората околу Елисеј сета покриена со огнени коњи и со коли.“ Во таа прилика Јехова предизвикал слугата да ги види небесните војски кои го штителе Елисеј. Меѓутоа, ние не треба да го очекуваме истиот вид божествена помош денес. Запомни, слугата на пророкот ја немал комплетната Библија да ја проучува за да ја зајакне својата вера. Ние ја имаме Библијата. Ако добро ја користиме, нашата вера може да се зајакне на сличен начин. На пример, би можеле да размислуваме за неколкуте извештаи кои го опишуваат Јехова на неговиот небесен суд. Ова не остава простор за сомневање дека Јехова има небесна организација која ги поддржува неговите слуги во светското образовно дело денес (Исаија 6:1-4; Езекиел 1:4-28; Даниел 7:9, 10; Откровение 4:1-11; 14:6, 7).
Пази се од сплетките на Сатана!
13. Со кои средства Сатана се обидува да го ослабне нашиот стисок на вистината?
13 Кои се некои други начини на кои Сатана ја ослабнува нашата духовност и нашиот стисок на вистината? Еден од нив е неморалот, со сите негови најразлични манифестации. Во денешниов свет кој е луд по секс, она што се нарекува афера (еуфемизам за неверност) или авантура за една ноќ (ноншалантен блуд) станало секојдневие за една хедонистичка генерација која е решена добро да се забавува по секоја цена. Филмовите, ТВ-то и видеокасетите го унапредуваат ваквиот животен стил. Во медиумите, особено на Интернет, преовладува порнографијата. Љубопитните ги очекува искушение (1. Солуњаните 4:3-5; Јаков 1:13-15).
14. Зошто некои христијани паднале како жртви на сплетките на Сатана?
14 Некои христијани дозволиле да бидат совладани од љубопитноста и ги загадиле своите умови и срца гледајќи сцени со мека, па дури и со тврда порнографија. Тие дозволиле да паднат во примамливата стапица на Сатана. Тоа честопати водело до духовен бродолом. Таквите пропуштиле да останат „бебиња во поглед на злото“. Тие не станале „возрасни во способностите на разбирање“ (1. Коринќаните 14:20). Секоја година, илјадници го плаќаат данокот на тоа што не се држат за начелата и мерилата на Божјата реч. Занемаруваат да ја стават и да ја задржат својата ‚потполна воена опрема од Бог‘ (Ефешаните 6:10-13; Колошаните 3:5-10; 1. Тимотеј 1:18, 19).
Високо да го цениме она што го имаме
15. Зошто можеби на некои им е тешко да го ценат своето духовно наследство?
15 „Ќе ја спознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“, рекол Исус (Јован 8:32). Повеќето Сведоци морале да го прекинат својот поранешен животен стил и религиозните врски. Можеби затоа тие повеќе ја ценат слободата што ја донесува вистината. Од друга страна, пак, на некои млади луѓе кои биле одгледани од родители кои се во вистината можеби им е тешко да го ценат своето духовно наследство. Тие никогаш не биле дел од некоја лажна религија или дел од овој свет кој става нагласок на тежнеењето по задоволства, зависноста од дрога и неморалот. Како последица од тоа, тие можеби не го гледаат остриот контраст меѓу нашиот духовен рај и расипаниот Сатанов свет. Можеби некои дури и попуштаат на искушението да го вкусат светскиот отров за да видат што пропуштаат! (1. Јованово 2:15-17; Откровение 18:1-5).
16. а) Кои прашања би можеле да си ги поставиме? б) На што сме поучени и охрабрени?
16 Дали навистина треба да си ги изгориме прстите за да ја доживееме болката и страдањето? Зарем не можеме да научиме од негативните искуства на другите? Зарем треба да зацапаме во „калта“ на овој свет за да видиме дали пропуштаме нешто? (2. Петрово 2:20-22). Петар ги потсетил христијаните од првиот век кои порано биле дел од Сатановиот свет: „Доста е што во минатото време ја вршевте волјата на нациите, кога одевте во распуштено однесување, во сладострастија, во претерувања со вино, во лумпувања, во натпивања и во незаконски идолопоклонства“. Секако, не треба да влеземе во „длабокото калиште на разузданост“ за да видиме колку разуздан може да биде животот (1. Петрово 4:3, 4). Токму спротивното, во нашите Сали на Царството, кои се центри за библиско образование, поучени сме за Јеховините високи морални мерила. И, охрабрени сме да ја користиме својата сила на разумот за да се увериме дека ја имаме вистината и така да ја направиме вистината своја сопственост (Исус Навин 1:8; Римјаните 12:1, 2; 2. Тимотеј 3:14-17).
Нашето име не е само етикета
17. Како можеме да бидеме делотворни Сведоци на Јехова?
17 Ако ја направиме вистината своја сопственост, ќе настојуваме да ја споделуваме со другите во секоја погодна прилика. Ова не значи дека ќе се обидуваме да им ја наметнуваме на оние кои не покажуваат никаков интерес (Матеј 7:6). Напротив, ние нема да се плашиме да се идентификуваме како Јеховини сведоци. Ако некое лице покаже и најмал интерес така што ќе постави некое искрено прашање или ќе земе библиска публикација, ќе бидеме спремни и подготвени да ја споделиме нашата надеж. Се разбира, ова би било препорака секогаш да имаме литература со нас каде и да сме — дома, на работа, на училиште, во продавница или на местата за рекреација (1. Петрово 3:15).
18. Како тоа што јасно се идентификуваме како христијани може да биде позитивна сила во нашиот живот?
18 Кога јасно се идентификуваме како христијани, ја зајакнуваме својата одбрана против Сатановите подмолни напади. Кога има роденден или божиќна забава или канцелариска лотарија, колегите честопати ќе речат: „Не мачи се џабе со неа. Таа е Јеховин сведок“. Од истата причина луѓето можеби нема да бидат толку склони да раскажуваат непристојни вицеви во наше присуство. Значи, тоа што сме дале до знаење каков е нашиот христијански став е позитивна сила во нашиот живот, исто како што истакнал апостол Петар: „Навистина, кој е тој што може да ви наштети ако бидете ревносни за она што е добро? Но, дури и ако трпите поради праведноста, среќни сте“ (1. Петрово 3:13, 14).
19. Од каде знаеме дека сме длабоко навлезени во последните денови?
19 Друга корист од тоа што сме ја направиле вистината своја сопственост е што ќе бидеме уверени дека ова се навистина последните денови од овој систем на работи. Ќе знаеме дека многу библиски пророштва ја доживуваат својата кулминација во нашево време. * Павловото предупредување дека „во последните денови ќе настанат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ обилно го потврдуваат ужасните настани од минатиот век (2. Тимотеј 3:1-5; Марко 13:3-37). Една неодамнешна новинска статија во врска со 20 век носеше наслов: „Ќе биде запаметен како ера на варваризам“. Во статијата беше наведено: „1999 се покажа како најубиствената година во втората половина од најубиствениот век“.
20. За каква акција е време сега?
20 Сега не е време за колебање. Јеховиниот благослов јасно се гледа во најголемото библиско образовно дело кое некогаш се вршело по целиот свет како сведоштво на нациите (Матеј 24:14). Направи ја вистината своја сопственост, и споделувај ја со другите. Твојата вечна иднина зависи од тоа што правиш сега. Олабавувањето на рацете нема да донесе Јеховин благослов (Лука 9:62). Напротив, сега е време да ‚бидеме цврсти, непоколебливи, секогаш обилно вработени во делото Господово‘ (1. Коринќаните 15:58).
[Фуснота]
^ Види Стражарска кула од 15 јануари 2000, страници 12—14. Пасусите 13—18 даваат преглед за шест низи на силни докази кои покажуваат дека од 1914 живееме во последните денови.
Се сеќаваш ли?
• Како можеме да ги растераме сомневањата?
• Што можеме да научиме од примерот на слугата на Елисеј?
• Од кои морални искушенија мора постојано да се пазиме?
• Зошто треба јасно да се идентификуваме како Јеховини сведоци?
[Прашања]
[Слики на страница 10]
Редовната библиска студија и молитва можат да ни помогнат да ги растераме сомневањата
[Слика на страница 11]
Сомневањата на слугата на Елисеј биле расчистени со визија
[Слика на страница 12]
За Јеховините високи морални мерила сме поучувани во Салите на Царството како оваа во Бенин