Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се најде сигурност во свет полн со ризици

Да се најде сигурност во свет полн со ризици

Да се најде сигурност во свет полн со ризици

ГАЗЕЊЕТО по минско поле може да биде смртоносно. Но, зарем не би било поинаку ако имаш карта на која се обележани местата каде што се поставени нагазните мини? Освен тоа, претпостави си дека си обучен да ги идентификуваш различните мини. Јасно, таквото познавање во значителна мера би го намалило ризикот да бидеш осакатен или убиен.

Библијата може да се спореди со таква карта како и со обука за откривање на мините. Таа содржи мудрост која е ненадминлива кога станува збор за избегнување на опасностите и справување со проблемите кои се појавуваат во животот.

Забележи го ова утешително ветување кое се наоѓа во Пословици 2:10, 11: „Зашто мудроста ќе влезе во твоето срце и знаењето ќе ја зарадува твојата душа. Расудувањето ќе те пази тебе и разумноста [проникливоста, NW] ќе те чува“. Мудроста и проникливоста спомнати овде немаат човечко туку божествено потекло. ‚Кој ја слуша [побожната мудрост], останува безгрижен [сигурен, NW] и живее спокојно без страв од зло‘ (Пословици 1:33). Да видиме како Библијата може да ја зголеми нашата сигурност и да ни помогне да избегнеме многу проблеми.

Да се избегнат смртоносните несреќи

Бројките кои неодамна ги објави Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека глобалната годишна смртност предизвикана од сообраќајни несреќи е околу 1.171.000. Речиси 40 милиони други лица се повредени, а повеќе од 8 милиони остануваат доживотни инвалиди.

Иако апсолутна сигурност при возењето не е возможна, нашата лична безбедност прилично се зголемува кога се подложуваме на сообраќајните прописи. Говорејќи за владините авторитети, кои ги поставуваат и ги спроведуваат сообраќајните прописи, Библијата вели: „Секоја душа нека им биде подложна на вишите власти“ (Римјаните 13:1). Возачите кои се придржуваат за овој совет го намалуваат ризикот од несреќа, со нејзините честопати стравотни последици.

Друг поттик за безбедно возење е почитта кон животот. Библијата за Јехова Бог вели: „Во Тебе е изворот на животот“ (Псалм 36:9). Значи, животот е божествен дар. Според тоа, ние немаме право да му го одземаме никому тој дар ниту да покажуваме непочитување кон животот, што го вклучува, се разбира, и нашиот (Битие 9:5, 6).

Секако, почитта кон човечкиот живот вклучува и да се погрижиме нашиот автомобил и нашиот дом да бидат безбедни колку што разумно тоа е возможно. Во древниот Израел, безбедноста имала висок приоритет во сите аспекти на животот. На пример, кога се градела куќа, Божјиот закон барал нејзиниот покрив — место на прилична семејна активност — да има ограда. „Направи ограда на покривот, за да не ја извалкаш со крв својата куќа, кога некој би паднал од неа“ (Второзаконие 22:8). Ако некој паднел поради непридржување кон овој закон за безбедност, Бог го сметал за одговорен сопственикот. Несомнено, примената на љубезното начело олицетворено во овој закон би ги минимизирала несреќите на работното место, па дури и при рекреација.

Борба против смртоносните зависности

Според СЗО, денес во светот постојат повеќе од една милијарда пушачи, а на тутунот можат да му се припишат околу четири милиони смртни случаи годишно. Се очекува во следните 20 до 30 години овој број да се зголеми за околу 10 милиони. Уште милиони пушачи, како и корисници на дрога за „рекреација“ ќе си го уништат здравјето и квалитетот на животот поради својата зависност.

Иако Божјата реч не спомнува конкретно употреба на тутун и злоупотреба на дрога, нејзините начела можат да нѐ заштитат од овие практики. На пример, во 2. Коринќаните 7:1 ни е даден советот: „Да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот“. Нема сомневање во тоа дека тутунот и дрогата го загадуваат, или валкаат, телото со многу штетни хемикалии. Освен тоа, Бог сака нашите тела да бидат ‚свети‘, што значи чисти и неизвалкани (Римјаните 12:1). Зарем не се сложуваш со тоа дека примената на овие начела ќе намали еден значаен ризик во животот?

Да се надвладеат ризичните навики

Многу луѓе одат во крајности со јадењето и пиењето. Во последиците од прекумерното јадење спаѓаат дијабетес, рак и срцеви заболувања. Злоупотребата на алкохол води до додатни проблеми како, на пример, алкохолизам, цироза, распаднати семејства и сообраќајни несреќи. Во друга крајност, пак, опсесивната диета исто така може да биде штетна и може да води до нарушувања во исхраната кои се опасни за животот, како што е анорексија нервоза.

Иако не е медицински учебник, Библијата дава директен совет за потребата од умереност во јадењето и пиењето. „Слушај, синко, и биди мудар и управувај го срцето свое по прав пат. Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо, — зашто пијаницата, и блудникот и оној што се прејадува, ќе осиромашат“ (Пословици 23:19-21СП). Сепак, Библијата вели дека јадењето и пиењето треба да претставуваат задоволство. „Кога човекот јаде и пие и ужива во својот труд, и тоа е Божји дар“ (Проповедник 3:13).

Исто така, Библијата охрабрува на урамнотежено гледиште за физичкото вежбање, потврдувајќи дека „телесното вежбање е корисно за малку“. Но, таа додава: „Побожната оддаденост е корисна за сѐ, зашто има ветување за сегашниот живот и за оној кој ќе дојде“ (1. Тимотеј 4:8). ‚Како‘, можеби се прашуваш, ‚побожната оддаденост е корисна уште сега?‘ На многу начини. Освен што додава една битна духовна димензија на животот, побожната оддаденост потхранува корисни духовни особини како што се љубовта, радоста, мирот и самосовладувањето — а сите тие придонесуваат за едно позитивно гледиште и добро здравје (Галатите 5:22, 23).

Горките последици од неморалот

Денес милиони луѓе напуштиле секаква морална воздржаност. Една последица од тоа е епидемијата на СИДА. Според СЗО, од почетокот на епидемијата на СИДА па досега умреле повеќе од 16 милиони лица, а во моментов околу 34 милиони се инфицирани со ХИВ, вирусот кој предизвикува СИДА. Многумина кои страдаат од СИДА се заразиле со болеста преку промискуитетна сексуална активност, од заразени шприцеви кои ги користеле зависници од дрога или преку трансфузија на заразена крв.

Во другите последици од лабавиот морал спаѓаат херпес, гонореја, хепатитис Б и Ц и сифилис. Иако во библиски времиња не се користеле такви медицински термини, сепак, во тоа време било познато кои органи се мета на извесни сексуално преносливи болести. На пример, во Пословици 7:23 се опишува страшната последица од блудот како ‚стрела која го пронижува црниот дроб‘. Сифилисот, како и хепатитисот, обично го напаѓаат црниот дроб. Да, колку само е навремен и полн со љубов библискиот совет до христијаните да ‚се воздржуваат од крв и од блуд‘! (Дела 15:28, 29).

Стапицата на љубовта кон парите

Во обид брзо да се збогатат, многу луѓе преземаат големи ризици со своите пари. За жал, преземањето такви ризици честопати води до финансиска загуба или пропаст. Меѓутоа, на Божјиот слуга Библијата му вели: „Нека работи напорно, вршејќи со своите раце добра работа, за да има да му даде нешто на оној кој има потреба“ (Ефешаните 4:28). Вистина, оној кој напорно работи можеби нема секогаш да се збогати. Сепак, тој има душевен мир, самопочит, па дури и средства кои може да ги даде за некоја вредна цел.

Библијата предупредува: „Оние кои се решени да се збогатат, паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст. Зашто љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи, и тежнеејќи по оваа љубов некои . . . се испроболе со многу болки“ (1. Тимотеј 6:9, 10). Не може да се одрече дека многумина „кои се решени да се збогатат“ навистина се збогатуваат. Но, по која цена? Зарем не е вистина дека страдаат нивното здравје, семејство, духовност, па дури и квалитетот на нивниот сон? (Проповедник 5:11).

Мудрото лице е свесно дека ‚животот не произлегува од она што тоа го поседува‘ (Лука 12:15). Во повеќето општества се потребни пари и некои поседи. Всушност, Библијата вели дека ‚сребрениците се заштита‘, но додава дека „предноста на знаењето е дека мудроста дава живот на оној што ја има“ (Проповедник 7:12). За разлика од парите, исправното спознание и мудроста можат да ни помогнат под сите околности, а особено во врска со работите кои се однесуваат на нашиот живот (Пословици 4:5-9).

Кога самата мудрост ќе нѐ заштитува

Наскоро вистинската мудрост ‚ќе му даде живот на оној што ја има‘ на еден беспримерен начин — заштита преку ‚големата неволја‘ што брзо се приближува, кога Бог ќе ги уништи злобните (Матеј 24:21). Според Библијата, во тоа време луѓето ќе ги фрлаат своите пари на улиците како „ѓубре“. Зошто? Бидејќи на тежок начин ќе имаат научено дека златото и среброто нема да им купат живот во „денот на Господовиот гнев“ (Езекиел 7:19). Од друга страна, пак, „едно големо мноштво“, кое паметно ‚собирало блага на небото‘ така што ги ставало духовните интереси на прво место во својот живот, ќе извлече корист од својата сигурна инвестиција и ќе добие вечен живот на рајска Земја (Откровение 7:9, 14; 21:3, 4; Матеј 6:19, 20).

Како можеме да ја добиеме оваа сигурна иднина? Исус одговара: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Милиони луѓе веќе го пронашле ова спознание во Божјата реч, Библијата. Тие не само што имаат прекрасна надеж за иднината туку и доживуваат извесна мера мир и сигурност уште сега. Токму така како што се изразил псалмистот: „Спокојно ќе легнам, и ќе заспијам зашто само Ти, Господи, ми даваш да живеам во безбедност“ (Псалм 4:8).

Можеш ли да се сетиш на некој друг извор на информации кој може да ти помогне да ги намалиш ризиците за твоето здравје и животот до таа мера до која тоа го прави Библијата? Ниедна друга книга го нема авторитетот на Библијата и ниедна друга книга не може да ти помогне да пронајдеш вистинска сигурност во денешниов свет полн со ризици. Зошто не ја испиташ подлабоко?

[Рамка/слика на страница 6]

Подобро здравје и сигурност — благодарение на Библијата

За да побегне од реалноста на животот, една млада жена по име Џејн * имала навика да користи марихуана, тутун, кокаин, амфетамини, ЛСД и други дроги. Исто така, многу пиела. Според Џејн, нејзиниот сопруг не бил во ништо подобра состојба. Нивната иднина изгледала мрачна. Тогаш Џејн дошла во контакт со Јеховини сведоци. Почнала да ги посетува христијанските состаноци и да ги чита Стражарска кула и нејзиното придружно списание Разбудете се! и тоа го споделила и со својот сопруг. Обајцата почнале да ја проучуваат Библијата со Сведоците. Додека развивале ценење за Јеховините високи мерила, престанале со злоупотреба на сите тие супстанции. Каков бил резултатот? „Нашиот нов живот ни донесе многу голема радост“, напишала Џејн по неколку години. „Многу сум му благодарна на Јехова за очистувачката моќ на неговата Реч и за слободниот и здрав живот што можеме да го водиме сега.“

Вредноста на тоа да се биде чесен работник е добро илустрирана во случајот на Курт, чија работа вклучувала одржување на компјутерските системи. Била потребна нова опрема, и газдата му ја доверил на Курт задачата да ја набави по погодна цена. Курт пронашол еден соодветен набавувач, и се согласиле околу цената. Меѓутоа, службеникот на набавувачот направил грешка во пишаната понудена цена, така што цената била снижена за речиси 40.000 американски долари. Кога ја забележал грешката, Курт ја известил компанијата, а менаџерот рекол дека во неговата 25-годишна кариера никогаш немал видено таква чесност. Курт објаснил дека неговата совест е обликувана од Библијата. Резултатот бил тоа што менаџерот побарал 300 примероци од едно издание на Разбудете се! кое зборувало за чесноста во бизнисот за да може да им даде на своите соработници. Што се однесува до Курт, чесноста му донела унапредување.

[Фуснота]

^ Имињата се изменети.

[Слика на страница 7]

„Јас, Господ, твојот Бог, те учам за твое добро.“ (ИСАИЈА 48:17)