Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можеш да успееш без разлика на тоа како си растел

Можеш да успееш без разлика на тоа како си растел

Можеш да успееш без разлика на тоа како си растел

НИКОЛАС имал склоност да се бунтува уште од раното детство. a Со текот на времето, внатрешните конфликти го довеле до злоупотреба на дрога и прекумерно пиење. Николас објаснува: „Татко ми беше алкохоличар, и ни нанесе многу страдања мене и на сестра ми“.

Сѐ укажувало на тоа дека родителите на Мелинда се угледни членови на црквата во нивната средина. Но, биле длабоко заплеткани и во еден култ. „Некои од нивните култни практики беа навредливи и ми го уништија духот како дете“, се жали Мелинда, која сега е во своите 30-ти години. Таа додава: „Чувството на безнадежност и безвредност што ми го всадија беше дел од мене уште од кога памтам за себе“.

Кој може да негира дека детството на многумина им било уништено со насилство, злоупотреба, запоставување од родителите и други негативни фактори? Несреќното детство може да нанесе длабоки рани. Но, дали тие рани мора засекогаш да ги уништат шансите некој да ја прифати вистината од Божјата реч и да пронајде среќа во прилична мера? Дали Николас и Мелинда можат да успеат како луѓе со интегритет, и покрај тоа како растеле? Разгледај го најпрвин примерот на јудејскиот цар Јосиј.

Библиски пример

Јосиј владеел во Јуда 31 година, во седмиот век пр.н.е. (659—629 пр.н.е.). Во времето кога Јосиј бил востоличен, по атентатот врз татко му, состојбата во Јуда била многу лоша. Јуда и Ерусалим биле полни со обожаватели на Ваал и со лица кои се колнеле во главниот амонски бог Малхом. Јудејските кнезови биле „лавови кои рикаат“, а судиите „вечерни волци“, рекол Софонија, Божји пророк во тоа време. Како последица од тоа, земјата била преполна со насилство и измама. Многумина во своето срце велеле: „Господ не може да направи ни добро ни зло“ (Софонија 1:3—2:3; 3:1-5).

Каков владетел се покажал Јосиј? Библискиот хроничар Езра пишува: „[Јосиј] правеше што е право во Господовите очи. Во сѐ одеше по патиштата на таткото Давид, не свртувајќи ни десно ни лево“ (2. Летописи 34:1, 2). Изгледа Јосиј успеал да го прави она што е право во Божјите очи. Но, каква била неговата семејна заднина?

Детство на воспитување или навредување?

Во времето кога се родил Јосиј, во 667 пр.н.е., татко му Амон имал само 16 години, а над Јуда владеел дедо му Манасиј. Манасиј бил еден од најзлобните цареви кои некогаш владееле над Јуда. Подигнувајќи му олтари на Ваал, ‚направил премногу зло во Господовите очи‘. Своите синови ги превел низ оган, практикувал магија, користел гатање, унапредувал спиритистички практики и пролеал многу невина крв. Исто така, Манасиј го внел во Јеховиниот дом кипот на светиот столб што го имал направено. Ги завел Јуда и Ерусалим ‚да прават уште полошо од народите што Господ ги откорнал пред Израелевите синови‘ (2. Летописи 33:1-9).

Манасиј бил толку лош што Јехова дозволил да биде одведен во вериги во Вавилон, еден од царските градови на асирскиот монарх. Додека се наоѓал во ропство, Манасиј се покајал, се понизил и го преколнувал Јехова да му прости. Бог го чул неговото барање за наклоност и му го вратил царувањето во Ерусалим. Потоа Манасиј вовел реформи со извесен успех (2. Летописи 33:10-17).

Каков ефект имала злобата на Манасиј и неговото подоцнежно каење врз син му Амон? Тој се покажал многу зол. Кога Манасиј се покајал и вложил напори да ја исчисти нацијата од загадувањето што самиот го внел, Амон не реагирал. Откако го наследил престолот, на 22-годишна возраст, Амон ‚правел што е зло во Господовите очи, како и татко му Манасиј‘. Наместо да се понизи пред Јехова, ‚Амон уште повеќе ја умножил својата вина‘ (2. Летописи 33:21-23). Јосиј имал само шест години кога Амон станал цар на Јуда. Какво само ужасно детство мора да имал Јосиј!

Злобното владеење на Амон завршило по две години, кога неговите слуги сковале заговор против него и го убиле. Но, народот од земјата ги погубил заговарачите против Амон и го поставил за цар неговиот син, Јосиј (2. Летописи 33:24, 25).

И покрај негативните околности во своето рано детство, Јосиј почнал да го прави она што е добро во Јеховините очи. Неговото владеење било толку успешно што Библијата вели: „Немаше пред него таков цар кој Му се обратил на Господа со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила, верен во сѐ на Мојсеевиот Закон, а ни по него му немаше рамен“ (2. Цареви 23:19-25).

Каков охрабрувачки пример е Јосиј за оние кои можеби морале да трпат ужасно детство! Што можеме да научиме од неговиот пример? Што му помогнало на Јосиј да го избере исправниот правец и да остане на него?

Настојувај да го запознаеш Јехова

Позитивното влијание кое преовладувало во раните години од животот на Јосиј било влијанието на неговиот покајнички дедо Манасиј. Библијата не кажува колку контактирале тие и колку години имал Јосиј кога Манасиј ги исправил своите патишта. Со оглед на тоа што еврејските семејства биле блиски, можеби Манасиј се обидел да го спаси своето внуче од расипувачките влијанија со кои било опкружено така што му всадил во срцето некаква почит кон вистинскиот Бог, Јехова, и кон неговата реч. Колкаво и да било семето на вистината што Манасиј можел да го посее во срцето на Јосиј, можеби во комбинација со други позитивни влијанија, на крај донело плод. Во својата осма година на престолот на Јуда, 15-годишниот Јосиј настојувал да ја запознае и да ја врши Јеховината волја (2. Летописи 34:1-3).

Единствениот духовен контакт што го имале некои луѓе во детството бил со некој далечен роднина, познаник или сосед. Сепак, ако се негува, семето кое е посеано на таков начин може подоцна да донесе добри плодови. Мелинда, спомната претходно, имала еден постар љубезен сосед кој редовно ѝ ги носел дома списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Сеќавајќи се со наклоност на него, таа вели: „Она што најмногу ми остави впечаток за мојот сосед беше тоа што не славеше празници. Тоа ми беше важно бидејќи Ноќта на вештерките и некои други празници беа прилики за ритуалните практики во култот на моите родители“. По една деценија, кога некоја пријателка ја поканила Мелинда да дојде на еден христијански состанок во Салата на Царството на Јеховините сведоци, таа се сетила на овој сосед и спремно ја прифатила поканата. Тоа ѝ помогнало да ја бара вистината.

Биди понизен пред Бог

Владеењето на Јосиј се карактеризирало со огромни религиозни реформи во земјата Јуда. Откако презел шестгодишна кампања против идолопоклонството и ја исчистил земјата Јуда, Јосиј продолжил да го поправа Јеховиниот дом. Додека таа работа била во тек, до колку само скапоцено откритие дошол првосвештеникот Хелкиј! Го пронашол првобитниот примерок од „Свитокот на Господовиот Закон“. Откако Хелкиј му го доверил ова сензационално откритие, секретарот Сафан му соопштил на царот што се случило. Дали таквите дострели го направиле горд 25-годишниот Јосиј? (2. Летописи 34:3-18).

„Откако ги чу зборовите на Законот“, пишува Езра, „царот ги раскина своите облеки.“ Тоа бил длабок израз на тага бидејќи тој сфатил дека неговите предци не ги извршувале сите Божји заповеди. Навистина знак на понизност! Царот веднаш дал налог една петчлена делегација да го праша Јехова преку пророчицата Олда. Делегацијата му донела извештај кој гласел вака некако: ‚Ќе дојде несреќа како последица од непослушноста кон Јеховиниот закон. Но, бидејќи ти, цар Јосиј, се понизи, ќе бидеш приберен во гробот со мир и нема да ја видиш несреќата‘ (2. Летописи 34:19-28). Јехова бил задоволен од ставот на Јосиј.

И покрај нашата заднина, и ние можеме да се понизиме пред вистинскиот Бог, Јехова, и да покажеме став на почит кон него и кон неговата Реч, Библијата. Тоа го сторил Николас, спомнат во почетокот. Тој вели: „Иако мојот живот беше хаос поради злоупотребата на дрога и прекумерното пиење, имав интерес за Библијата и копнеев да имам смисла во животот. На крај, дојдов во контакт со Јеховините сведоци, го променив мојот животен стил и ја прифатив вистината“. Да, ние можеме да имаме став на почит кон Бог и кон неговата Реч без оглед на нашата средина.

Извлечи корист од Јеховината подготовка

Јосиј имал длабока почит и кон Јеховините пророци. Тој не ја прашувал само пророчицата Олда туку бил под длабоко влијание и на другите пророци од негово време. На пример, и Еремија и Софонија биле зафатени со објавување на јавните осуди на идолопоклонството кое се практикувало во Јуда. Колку само тоа што обрнувал внимание на нивната порака го исполнило со енергија Јосиј додека ја водел кампањата против лажното обожавање! (Еремија 1:1, 2; 3:6-10; Софонија 1:1-6).

‚Господарот‘, Исус Христос, го поставил телото од негови помазани следбеници — „верниот и разборит роб“ — да дава духовна храна во право време (Матеј 24:45-47). Преку публикациите темелени на Библијата и преку собраниската подготовка, класата на робот го свртува вниманието кон користите од внимавањето на библиските совети и дава практични предлози во врска со нивното применување во секојдневниот живот. Колку само е на место тоа што ја користиме Јеховината подготовка како помош да ги совладаме кои и да било длабоко вкоренети нездрави ставови! Уште од своето детство, Николас имал силни антипатии кон авторитетот. Дури и додека учел за вистината од Божјата реч, оваа слабост го спречувала да му служи на Јехова уште поцелосно. Менувањето на овој став не било баш мал предизвик за него. Но, со текот на времето, успеал. Како? „Со помош на двајца старешини полни со разбирање“, објаснува Николас, „го признав мојот проблем и почнав да го применувам нивниот љубезен библиски совет.“ Тој додава: „Иако понекогаш избива мала огорченост, сега можам да ја контролирам мојата бунтовна природа“.

Мелинда исто така го бара советот од старешините кога донесува важни одлуки во животот. При справувањето со чувството на безнадежност и на безвредност кои потекнуваат уште од раните години, нејзе ѝ се посебно скапоцени различните статии од Стражарска кула и Разбудете се! Таа вели: „Понекогаш во некоја статија има само еден пасус или една реченица — само трошка — што ме погодува. Пред околу девет години, почнав да ги чувам тие статии во еден регистар каде можам веднаш да ги најдам“. Денес нејзините три регистри содржат околу 400 статии!

Не, луѓето не мора засекогаш да останат жртви на лошиот семеен живот! Со Јеховина помош тие можат да успеат во духовен поглед. Исто како што доброто одгледување не гарантира интегритет на една личност така и лошото детство не спречува едно лице да стане богобојазливо.

По откривањето на книгата на Законот за време на поправката на храмот, Јосиј ‚го обновил пред Господа Заветот дека ќе Го следи Господа, дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа‘ (2. Летописи 34:31). И не се поколебал во таа решеност сѐ до последниот здив. Мелинда и Николас се исто така решени да му останат лојални на Јехова Бог и да успеат како луѓе со интегритет. Биди и ти решен да останеш близу до Бог и верно да му служиш. Можеш да бидеш сигурен во успехот, зашто Јехова ветува: „Не бој се, зашто Јас Сум со тебе: не обрнувај се исплашено, зашто Јас Сум твој Бог. Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со победничка десница“ (Исаија 41:10, 13).

[Фуснота]

a Некои имиња се изменети.

[Слики на страница 26]

И покрај тоа што имал ужасно детство, Јосиј настојувал да го запознае Јехова и го направил својот живот успешен

[Слика на страница 28]

Старешините можат да ти помогнат да совладаш некоја длабоко вкоренета карактерна црта

[Слика на страница 28]

„Стражарска кула“ и „Разбудете се!“ можат да ти помогнат да го задржиш интегритетот