Се сеќаваш ли?
Се сеќаваш ли?
Дали го ценеше тоа што можеше да ги читаш неодамнешните изданија на Стражарска кула? Тогаш, види дали ќе можеш да одговориш на следниве прашања:
• Зошто, во Римјаните 5:3-5, апостол Павле ја набројува надежта на крајот од низата?
Павле изнел низа работи кои ги доживуваат христијаните — неволја, истрајност, одобрена состојба и надеж. Оваа „надеж“ не е почетната надеж што ја добива некој од Библијата туку таа е зајакнатата, продлабочената, продорната надеж која може да ја добие еден христијанин со текот на времето (15.12., страници 22, 23).
• Зошто би можел еден христијанин денес да биде заинтересиран за атлетските игри во древна Грција?
Разбирањето на природата и обичаите на тие игри може да фрли светлина врз приличен број библиски стихови. Некои од нив укажуваат на ‚натпреварување според правилата‘, ‚симнување на секаков товар и гледање на примерот Исус‘, ‚трчање на трката до крај‘ и добивање на круната, т.е. наградата (2. Тимотеј 2:5; 4:7, 8; Евреите 12:1, 2; 1. Коринќаните 9:24, 25; 1. Петрово 5:4; 1.1., страници 28-30).
• Кој нов начин на објавување на добрата вест се појавил на сцената во јануари 1914?
Тогаш била објавена „Фото-драмата за создавањето“. Се состоела од четириделна презентација во која биле вметнати сегменти од филмови и стотици стаклени слајдови во боја, од кои голем дел биле синхронизирани или придружени со грамофонски снимки од предавања со објаснувања. Дваесет комплети од оваа Драма биле подготвени и нашироко користени во поучувањето на луѓето за библиската порака (15.1., страници 8, 9).
• Како Водечкото тело се разликува од една законска корпорација?
Додека директорите на една законска корпорација се гласани за служба од страна на нејзините членови, Водечкото тело не е наименувано од некој човек туку од Исус Христос. Нема потреба директорите на различните корпорации кои ги користат Јеховините сведоци да бидат членови на Водечкото тело. На неодамнешниот годишен состанок на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania, членовите на Водечкото тело кои служеа како негови директори и вршители на должности доброволно истапија од своите положби. Местата ги пополнија зрели браќа од ‚другите овци‘ (Јован 10:16). На тој начин Водечкото тело може да троши повеќе време во подготовката на духовната храна и во грижењето на други начини за духовните потреби на светското братство (15.1., страници 29, 31).
• Кои два библиски примера можеме да ги испитаме за да научиме како да излеземе на крај со обесхрабрувањето?
Едниот е Ана, мајка му на Самоил. Таа можела да дозволи да биде обесхрабрена кога Илија, првосвештеникот на Израел, дал погрешна проценка за неа. Наместо тоа, таа отворено, но со почит, му ги изложила фактите. Освен тоа, Ана не му држела лутина на Илија. Вториот е Марко, кој сигурно бил обесхрабрен кога апостол Павле не сакал да го вклучи во едно мисионерско патување. Наместо да биде скршен поради тоа што ја изгубил оваа предност, тој продолжил со својата активна служба, патувајќи со Варнава (1.2., страници 20—22).
• Зошто треба да внимаваат христијаните во врска со давањето или примањето копии од компјутерски софтвер програми?
Повеќето компјутерски програми (вклучувајќи и игри) се даваат со лиценца која го ограничува сопственикот/корисникот да ја инсталира програмата на само еден компјутер. Обично, ако се прават копии за другите, па дури и кога им се даваат бесплатно, се прекршува законот за авторско право. Христијаните сакаат да му бидат послушни на законот, ‚плаќајќи му го цезаревото на цезарот‘ (Марко 12:17; 15.2., страници 28, 29).
• Кои биле Кирил и Методиј, и каков придонес дале за проучувањето на Библијата?
Тие биле двајца браќа родени во Солун (Грција), во деветтиот век. Развиле пишано писмо за словенските јазици и превеле голем дел од Библијата на старословенски (1.3, страници 28, 29).
• Што значи изразот „настроеност на умот кон духот“? (Римјаните 8:6).
Тоа значи да се биде контролиран, управуван и теран од Јеховината активна сила. Ние ќе дозволиме Божјиот дух да дејствува врз нас на тој начин што ќе ја читаме и проучуваме Библијата, ќе бидеме послушни на Божјиот закон со сето срце и ќе се молиме за Божјиот дух (15.3., страница 15).
• Што можеме да сториме ако имаме чувство дека сме погрешно разбрани?
Важно е да настојуваш да ја расчистиш работата во дух на љубов. Ако изгледа дека тоа не успева, не очајувај. Барај разбирање и помош од Јехова кој ‚ги проценува срцата‘ (Пословици 21:2, NW; 1. Самоил 16:7; 1.4., страници 21—23).