Ориген — како влијаело неговото учење врз Црквата?
Ориген — како влијаело неговото учење врз Црквата?
„Најголемиот учител на Црквата по Апостолите.“ Со тие зборови Ероним, преведувачот на латинската Библија Вулгата, го пофалил Ориген, теолог од третиот век. Но, секој не му оддавал толку висока почит на Ориген. Некои го сметале за зол корен од кој никнале ереси. Според зборовите на еден писател од 17 век, критичарите на Ориген тврделе: „Неговата доктрина во суштина е апсурдна и погубна, змиски смртоносен отров што тој го исплукал во светот“. Всушност, по повеќе од четири века откако умрел, Ориген бил формално прогласен за еретик.
ЗОШТО Ориген побудил и восхит и непријателство? Какво влијание имал врз развојот на црковната доктрина?
Ревносен за Црквата
Ориген е роден околу 185 н.е. во египетскиот град Александрија. Добил темелно образование за грчка литература, но татко му Леонид го натерал да вложи подеднаков напор и во проучувањето на Писмото. Кога Ориген имал 17 години, римскиот император издал декрет според кој било злосторство некој да си ја смени религијата. Татко му на Ориген бил фрлен в затвор бидејќи станал христијанин. Исполнет со младешка ревност, Ориген бил решен да му се придружи во затворот и во маченичката смрт. Кога го видела тоа, мајка му на Ориген му ги скрила алиштата за да го спречи да излезе од дома. Ориген во писмо го молел татко си: „Внимавај да не се премислиш заради нас“. Леонид останал цврст и бил погубен, оставајќи го своето семејство во сиромаштија. Но, Ориген веќе доволно напредувал со студиите за да може да ја издржува мајка си и шестемина помлади браќа со тоа што давал часови по грчка литература.
Намерата на императорот била да го запре ширењето на христијанството. Со оглед на тоа што мета на неговиот декрет не биле само студентите туку и учителите, сите инструктори по христијански религии побегнале од Александрија. Кога нехристијаните што барале библиска поука се обратиле за помош кај младиот Ориген, тој радо го прифатил ова дело како налог од Бог. Многу негови студенти претрпеле маченичка смрт, а некои дури и пред да завршат со студиите. По голем личен ризик, Ориген отворено ги храбрел своите студенти, сеедно дали оделе пред судија, в затвор или во моментот пред самото нивно погубување. Евзебиј, историчар од четвртиот век, известува дека кога биле водени на погубување, Ориген „многу смело ги поздравувал со бакнеж“.
Ориген си го навлекол гневот од многу нехристијани, кои сметале дека тој е одговорен за преобраќањето и смртта на нивните пријатели. Честопати за конец ги избегнувал нападите од толпи и насилничка смрт. Иако бил принуден да се сели од место до место за да им избега на прогонителите, Ориген не попуштил со своето поучување. Таквата бестрашност и оддаденост го импресионирала Димитриј, бискуп од Александрија. Затоа, кога Ориген имал само 18 години, Димитриј го назначил да биде директор на школата за религиозна поука во Александрија.
На крајот, Ориген станал познат изучувач и плоден писател. Некои рекле дека напишал 6.000 книги, иако ова веројатно е претерување. Најпрочуен е по својата Hexapla, мамутско, 50-томно издание на Хебрејските списи. Ориген ја уредил Hexapla-та во шест паралелни колони кои ги содржеле: 1) хебрејскиот и арамејскиот текст, 2) грчката транслитерација на тој текст, 3) грчката верзија на Аквила, 4) грчката верзија на Симах, 5) грчката Септуагинта, која Ориген ја ревидирал за поточно да одговара на хебрејскиот текст и 6) грчката верзија на Теодотион. „Со оваа комбинација на текстови,“ напишал библискиот изучувач Џон Хорт, „Ориген се надевал дека ќе фрли светлина врз значењето на многу пасуси во кои еден грчки читател или би се збунил или би бил заведен ако ја имал пред себе само Септуагинтата.“
‚Одење преку она што е напишано‘
Сепак, конфузната религиозна клима во третиот век длабоко влијаела врз пристапот на Ориген кон поучувањето на Писмото. Иако бил во својот зародиш, христијанскиот свет веќе бил загаден со небиблиски верувања, а неговите распрснати цркви поучувале за различни доктрини.
Ориген прифатил некои од овие небиблиски доктрини, нарекувајќи ги учење на апостолите. Но, се чувствувал слободен да шпекулира околу други прашања. Во тоа време многу негови студенти се бореле со современи филозофски спорни прашања. Во обид да им помогне, Ориген внимателно ги проучил различните школи на филозофија кои ги обликувале умовите на неговите млади студенти. Се зафатил со тоа да им даде на своите студенти задоволителни одговори на нивните филозофски прашања.
Во обид да ја усогласи Библијата со филозофијата, Ориген многу се потпирал на алегоричната метода на толкување на Писмото. Претпоставувал дека Писмото секогаш имало духовно значење, но не секогаш буквално. Како што забележал еден изучувач, ова му го дало на Ориген „средството да ѝ ги припише на Библијата кои и да било небиблиски идеи што биле сродни со неговиот сопствен теолошки систем, додека во исто време се исповедувал (и несомнено искрено замислувајќи се себеси) како особено ентузијастичен и верен толкувач на библиската мисла“.
Увид во неговото размислување дава едно писмо што Ориген му го напишал на некој свој студент. Ориген истакнал дека Израелците ги направиле садовите за Јеховиниот храм од египетското злато. Во ова нашол алегорична поддршка да ја користи грчката филозофија за да поучува за христијанството. Тој напишал: „Колку само им биле од корист на израелските деца предметите донесени од Египет, кои Египќаните не ги користеле правилно, но Евреите, водени од Божјата мудрост, ги користеле во Божјата служба“. На тој начин Ориген го храбрел својот студент да „го исцеди од филозофијата на Грците она што можело да послужи како предмет на проучување или подготовка за христијанството“.
Ваквиот неограничен пристап кон библиското толкување ја засенил линијата меѓу христијанската доктрина и грчката филозофија. На пример, во својата книга со наслов На првите принципи, Ориген го опишал Исус како ‚единородениот Син, кој бил роден, но без некаков почеток‘. И додал: ‚Неговото раѓање е вечно и бескрајно. Тој не станал Син преку добивање животен здив ниту преку некој надворешен чин туку преку Божјата сопствена природа‘.
Оваа идеја Ориген не ја нашол во Библијата, зашто Писмото учи дека Јеховиниот единороден Син е „првороден од сето создание“ и „почетокот на Божјето создавање“ (Колошаните 1:15; Откровение 3:14). Според религиозниот историчар Аугуст Неандер, до концептот за „вечно раѓање“ Ориген дошол преку своето „филозофско образование на платонската школа“. На тој начин Ориген го прекршил ова основно библиско начело: „Не одете преку она што е напишано“ (1. Коринќаните 4:6).
Осуден како еретик
Во текот на неговите први години како учител, еден Александриски синод му го одзел на Ориген свештенството. Ова веројатно се случило бидејќи бискупот Димитриј завидувал на сѐ поголемата слава на Ориген. Ориген се преселил во Палестина, каде што восхитот за него како за верен бранител на христијанската доктрина останал неограничен, и таму продолжил како свештеник. Всушност, кога на Истокот избиле „ереси“, неговите услуги биле барани за да бидат убедени бискупите што грешеле да се вратат на ортодоксијата. Особено по неговата смрт, во 254 н.е., името на Ориген посебно дошло на лош глас. Зошто?
Откако номиналното христијанство станало истакната религија, она што црквата го прифатила како ортодоксно учење било уште попрецизно дефинирано. Затоа, подоцнежните генерации теолози не прифатиле многу од шпекулативните и понекогаш неточни филозофски гледишта на Ориген. Како резултат на тоа, неговите учења запалиле огорчени полемики во самата црква. Во обид да ги реши овие спорови и да го сочува своето единство, црквата формално го осудила Ориген за ерес.
Ориген не бил единствениот што грешел. Всушност, Библијата претскажала едно општо застранување од чистите учења на Христос. Овој отпад почнал да цвета при крајот на првиот век, по смртта на Исусовите апостоли (2. Солуњаните 2:6, 7). На крајот, некои од оние што се исповедувале како христијани се нарекле себеси „ортодоксни“, прогласувајќи ги сите други за „еретици“. Но, во суштина, христијанскиот свет многу застранил од вистинското христијанство.
‚Лажно наречени „спознание“‘
И покрај многуте шпекулации на Ориген, неговите дела содржат и корисни елементи. На пример, Hexapla-та го задржала Божјето име во неговиот оригинален хебрејски облик со четири букви, наречен Тетраграматон. Ова дава важен доказ дека раните христијани го знаеле и го користеле личното име на Бог — Јехова. Сепак, еден црковен патријарх од петтиот век по име Теофил, еднаш предупредил: „Делата на Ориген се како ливада со секакви цвеќиња. Ако најдам на неа некое прекрасно цвеќе, го берам; но ако некое ми изгледа бодликаво, го избегнувам како што би избегнал трн“.
Бидејќи ги измешала библиските учења со грчката филозофија, теологијата на Ориген се натрупала со грешки, а последиците биле катастрофални за христијанскиот свет. На пример, иако повеќето од фантастичните шпекулации на Ориген подоцна биле отфрлени, неговите гледишта за „вечното раѓање“ на Христос придонеле да се положи темелот на небиблиската доктрина за тројството. Книгата The Church of the First Three Centuries (Црквата во првите три века) забележува: „Склоноста кон филозофија [која ја вовел Ориген] била предодредена да не згасне скоро“. Со каков резултат? „Едноставноста на христијанската вера била расипана, а во црквата навлегле безброј грешки.“
Ориген пак, од своја страна, можел да внимава на опомената на апостол Павле и да избегнува да придонесе кон овој отпад ‚одвраќајќи се од празните разговори кои го сквернават она што е свето, и од противречјата кои лажно се наречени „спознание“‘. Наместо тоа, темелејќи толкав голем дел од своите учења на таквото „спознание“, Ориген ‚отстапил од верата‘ (1. Тимотеј 6:20, 21; Колошаните 2:8).
[Слика на страница 31]
Оригеновата „Hexapla“ покажува дека во Христијанските грчки списи било користено Божјето име
[Извор на слика]
Издадено со дозвола на Syndics of Cambridge University Library, T-S 12.182
[Извор на слика на страница 29]
Culver Pictures