Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Оди по ‚патеката на исправноста‘

Оди по ‚патеката на исправноста‘

Оди по ‚патеката на исправноста‘

„БЛАЗЕ МУ на праведникот“, изјавил пророкот Исаија, „ќе се храни со плодот на своите дела.“ Исто така, Исаија рекол: „Патеката на праведникот е исправноста“ (Исаија 3:10; 26:7NW). Јасно, за нашите постапки да донесат добри плодови, мораме да го правиме она што е исправно во Божји очи.

Но, како можеме да одиме по патеката на исправноста? Кои благослови можеме да ги очекуваме од тоа? И како можат другите да извлечат корист од тоа што се повинуваме на Божјите праведни мерила? Во 10. поглавје од библиската книга Пословици, цар Соломон од древниот Израел дава одговори на овие прашања додека прави контраст меѓу праведниот и злобниот. Притоа, изразот „праведниот[-ните]“ го користи 13 пати. Девет од нив се појавуваат во стиховите 15 до 32. Затоа, ќе биде охрабрувачки да ги разгледаме Пословици 10:15-32. *

Држи се цврсто за дисциплината

Соломон укажува на важноста на праведноста. Тој вели: „Имотот на богатиот му е укрепен град, а на сиромашните сиромаштвото е нивна погибел. Праведниот печали за живот, а нечесниот печали за грев“ (Пословици 10:15, 16).

Богатството може да послужи како заштита од некои видови несигурност во животот, исто како што еден укрепен град им обезбедува извесна мера сигурност на оние што живеат во него. А сиромаштвото може да биде погубно кога ќе се случат неочекувани настани (Проповедник 7:12). Меѓутоа, мудриот цар можеби алудирал и на една опасност која го вклучувала и богатството и сиромаштвото. Богат човек може да биде склон целата своја доверба да ја положи во своето богатство, фантазирајќи си дека неговите скапоцености се „како висок ѕид“ (Пословици 18:11). А сиромашниот може да стекне погрешно гледиште дека поради сиромаштвото иднината му е безнадежна. Значи, обајцата пропуштаат да стекнат добро име кај Бог.

Од друга страна, пак, сеедно дали еден праведен човек има многу или малку во материјален поглед, неговата чесна активност го води во живот. Како? Па, тој е задоволен со она што го има. Не дозволува неговата финансиска ситуација да ја попречи неговата добра положба пред Бог. Сеедно дали е богат или сиромав, начинот на живот му донесува среќа на праведникот сега и надеж за вечен живот во иднина (Јов 42:10-13). Злобниот нема корист дури и ако стекне богатство. Наместо да ја цени неговата заштитничка вредност и да живее во согласност со Божјата волја, тој богатството го користи за да унапредува живот на грев.

„Кој се придржува до поуките [дисциплината, NW], е на патот на животот“, продолжува царот на Израел, „а кој го отфрла укорот се заблудува [е причина за лутање, NW](Пословици 10:17СП). Еден библиски изучувач укажува дека овој стих може да се разбере на два начина. Една можност е дека лицето кое се подложува на дисциплина и се стреми кон праведност е на патот на животот, додека оној што го отфрла укорот залутува од тој пат. Стихот би можел да значи и дека „тој што внимава на дисциплината го покажува патот до живот [на другите, бидејќи имаат корист од неговиот добар пример], но кој го игнорира исправањето, ги наведува другите да залутаат“ (Пословици 10:17, New International Version). И во двата случаја, колку само е важно цврсто да се држиме за дисциплината и да не го отфрламе укорот!

Замени ја омразата со љубов

Како следно, Соломон наведува една пословица во два дела која пренесува слична идеја, при што вториот дел го засилува првиот. Тој вели: „Лажливите усни ја кријат омразата“. Ако човек во своето срце има омраза кон некој друг и ја крие зад слатките зборови или ласкањето, тој е измамник — има ‚лажливи усни‘. На ова, мудриот цар додава: „Кој шири клевети — безумен е!“ (Пословици 10:18). Наместо да ја прикријат својата омраза, некои луѓе изнесуваат лажни обвиненија или шират погрдни коментари за оној што го мразат. Тоа е глупаво бидејќи клеветите всушност нема да го променат тој човек. А проникливиот слушател ќе ја увиди злобата и ќе има пониско мислење за клеветникот. На тој начин, оној што шири клевети се повредува самиот себе.

Начинот на постапување на праведникот е да не прибегнува ниту кон измама ниту кон клевета. Бог им рекол на Израелците: „Не мрази го твојот брат во твоето срце!“ (Левит 19:17). А Исус ги советувал своите слушатели: „Продолжете да ги љубите своите непријатели и да се молите за оние што ве прогонуваат; за да се покажете како синови на својот Татко кој е на небесата“ (Матеј 5:44, 45). Колку само е подобро да го исполнуваме срцето со љубов, наместо со омраза!

‚Воздржувај го јазикот‘

Нагласувајќи ја потребата да се контролира јазикот, мудриот цар вели: „Изобилство зборови не бидува без грев, а кој го воздржува својот јазик, разумен е“ (Пословици 10:19).

„Лудакот зборува премногу“ (Проповедник 10:14). Неговата уста ‚истура глупост‘ (Пословици 15:2). Тоа не значи дека секој зборлив човек е глупав. Но, колку само е лесно некој што зборува премногу да биде канал за ширење штетно оговарање или гласини! Оцрнето име, повредени чувства, затегнати односи, па дури и физичка штета често можат да му се припишат на глупавото зборување. „Изобилство зборови не бидува без грев“ (Пословици 10:19). Освен тоа, човек се нервира кога се наоѓа во присуство на некој што за сѐ има да каже нешто. Да не бидеме и ние со изобилство зборови.

Освен што избегнува лаги, оној што го воздржува јазикот постапува со разборитост. Тој размислува пред да зборува. Мотивиран од љубов кон Јеховините патишта и од вистинска желба да му помогне на ближниот, тој ги зема предвид последиците од зборовите што им ги упатува на другите. Неговите изјави се љубезни и полни со љубов. Тој медитира за тоа како она што го кажува да биде привлечно и корисно. Неговите зборови се како „златни јаболка во сребрени садови“ — уметнички и достоинствени во секое време (Пословици 25:11).

„Храна за мнозина“

„Праведниковиот јазик е одбрано [првокласно, NW] сребро“, продолжува Соломон понатаму, „а срцето на нечесниот е безвредно“ (Пословици 10:20). Она што го кажува праведниот е чисто — како првокласно, пречистено сребро, без згура. Ова е секако случај со Јеховините слуги кога им го делат на другите животоспасувачкото спознание за Божјата реч. Нивниот Голем Поучувач, Јехова Бог, ги школувал и ‚им дал вешт јазик за да знаат да ги закрепнуваат уморните со зборови‘ (Исаија 30:20; 50:4). Навистина, нивниот јазик е како првокласно сребро бидејќи ја зборува библиската вистина. Колку само нивните зборови се бескрајно повредни за лицата со искрени срца отколку намерите на злобниот! Едвај чекаме да зборуваме за Божјето Царство и за чудесните Божји дела.

Праведниот е благослов за луѓето околу него. „Усните на праведниот се храна на мнозина“, продолжува Соломон, „а [заради недостиг на срце, NW] глупавите умираат“ (Пословици 10:21).

На кој начин ‚праведниот е храна на мнозина‘? Хебрејскиот збор што е употребен овде, ја пренесува идејата за „пастирење“. Ја пренесува мислата за водење, како и хранење, исто како што еден пастир од древни времиња се грижел за своите овци (1. Самоил 16:11; Псалм 23:1-3; Песна над песни 1:7). Праведниот ги води или ги насочува другите на патот на праведноста, неговиот говор ги храни слушателите. Како резултат на тоа тие водат посреќен, позадоволителен живот, и дури можат да добијат вечен живот.

Но, што е со глупавиот? Затоа што му недостига срце, тој покажува недостиг на добар мотив или на грижа за последиците од својот пат. Таквиот прави што и да сака, без да води сметка за резултатите. Затоа ја трпи казната од своите постапки. Додека праведниот им помага на другите да останат во живот, оној кому му недостига срце не може дури ни самиот да остане во живот.

Избегнувај распуштено однесување

Личноста на еден поединец честопати се открива по тоа што тој сака, а што не сака. Наведувајќи го овој факт, царот на Израел вели: „За глупавиот распуштеното однесување е како спорт, но мудроста е за проникливиот човек“ (Пословици 10:23NW).

Некои на распуштеното однесување гледаат како на спорт, односно игра, и се впуштаат во него само заради „забава“. Таквите го игнорираат Бог како оној пред кого сите мора да положат сметка и остануваат слепи за расипаноста на својот пат (Римјаните 14:12). Стануваат толку изопачени во своето резонирање што претпоставуваат дека Бог не го гледа нивното престапување. Со своите постапки, всушност, велат: „Не постои Јехова“ (Псалм 14:1-3NW; Исаија 29:15, 16). Колку глупаво!

Проникливиот човек, пак, увидува дека распуштеното однесување не е спорт. Знае дека тоа не му е угодно на Бог и дека може да му го уништи односот со него. Таквото однесување е глупаво бидејќи ги лишува луѓето од самопочит, ги растура браковите, им штети на умот и на телото и води до губење на духовноста. Ќе бидеме мудри ако избегнуваме распуштено однесување и ако негуваме наклоност кон мудроста како кон драга сакана сестра (Пословици 7:4).

Гради на исправен темел

Укажувајќи од колкава вредност е да се изгради животот на исправен темел, Соломон вели: „Од што се плаши нечесниот, тоа ќе го најде, а желбата на праведникот се исполнува. Како виорот што поминува, така го снемува нечесниот, а праведникот има вечна основа“ (Пословици 10:24, 25).

Злобниот може да предизвика голем страв кај другите. Меѓутоа, на крајот го снаоѓа она од што се плаши. Затоа што му недостига темел во праведните начела, тој е како една нестабилна зграда која се распаѓа од силен виор. Под притисок попушта. Од друга страна, пак, праведниот е како човек што постапува во согласност со Исусовите зборови. Тој е „разборит човек кој ја изградил својата куќа врз камена маса“. „И“, рекол Исус, „истури дожд и дојдоа порои и дувнаа ветрови и нагрвалија на таа куќа, но таа не се сруши, зашто беше втемелена врз камена маса“ (Матеј 7:24, 25). Таквиот човек е стабилен — неговото размислување и постапки се цврсто втемелени на побожните начела.

Пред да продолжи со контрастот меѓу злобниот и праведниот, мудриот цар изнесува едно концизно, но важно предупредување. Тој вели: „Какви се киселината [оцетот, NW] за забите и димот за очите, таков е мрзливецот за оние што го праќаат“ (Пословици 10:26). Оцетот предизвикува непријатност за забите. Оцетната киселина што се наоѓа во него создава киселкаст вкус во устата и може да предизвика забите да станат многу осетливи. Чадот ги штипе и ги пече очите. Според тоа, оној што најмува мрзлив човек или го користи како претставник сигурно ќе се изнервира и ќе претрпи загуба.

„Господовиот пат е закрила“

Царот на Израел продолжува: „Стравот од Господа ги умножува деновите, а на нечесните им се скратуваат годините. Надежта на праведните е полна со радост, а надежта на нечесните пропаѓа“ (Пословици 10:27, 28).

Праведниот е воден од побожниот страв и се обидува да му угоди на Јехова со своите мисли, зборови и постапки. Бог се грижи за него и ги исполнува неговите праведни очекувања. Меѓутоа, злобниот води безбожен живот. Понекогаш можеби изгледа дека неговите надежи се остваруваат, но само привремено, зашто неговите денови честопати се прекратени од насилство или болест, што е последица од неговиот животен стил. На денот кога ќе умре, се разбиваат сите негови надежи (Пословици 11:7).

„Господовиот пат е закрила на праведникот“, вели Соломон, „а пропаст за оние што прават зло“ (Пословици 10:29). Патот на Јехова, на кој овде се укажува, не е патеката на живот по која треба да одиме, туку Божјиот начин на постапување со човештвото. „Тој е Стена, делото му е совршено“, рекол Мојсеј, „зашто се прави [правда, NW] сите Негови патишта“ (Второзаконие 32:4). Божјите праведни патишта значат безбедност за праведниот и пропаст за злобниот.

Каква само закрила се покажува Јехова за својот народ! „Праведникот никогаш нема да се поколеба, а нечесните ќе ги снема од лицето на земјата. Од устата на праведникот блика мудрост, а лажливиот јазик ќе биде отсечен. Усните на праведникот знаат што е благопријатно, додека устата на нечесните што е злобата“ (Пословици 10:30-32).

Праведните сигурно поминуваат добро и се благословени поради тоа што одат по патеката на исправноста. Навистина, „Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака“ (Пословици 10:22). Затоа, да внимаваме секогаш да постапуваме во согласност со побожните начела. Исто така, да го воздржуваме јазикот и да го користиме за да ги храниме другите со животоспасувачката вистина од Божјата реч и да ги водиме по патот на праведноста.

[Фуснота]

[Слика на страница 26]

Јазикот може да биде како „првокласно сребро“