Прашања од читателите
Прашања од читателите
Што значи да се обожава Јехова „со дух“?
Кога ѝ сведочел на една жена од Самарија, која дошла да нацрпи вода на Јакововиот бунар во близина на градот Сихар, Исус Христос ѝ рекол: „Бог е Дух, и оние кои го обожаваат, мораат да го обожаваат со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Вистинското обожавање мора да се врши „со вистина“ во таа смисла што мора да биде во согласност со она што Јехова Бог го открил во Библијата за себе и за своите намери. Нашата служба на Бог мора да ја вршиме и со дух во смисла да бидеме ревносни и мотивирани од срце полно со љубов и вера (Тит 2:14). Меѓутоа, контекстот покажува дека Исусовата изјава да се ‚обожава Бог со дух‘ се однесува на нешто многу повеќе отколку само на умствената настроеност со која му служиме на Јехова.
Дискусијата што Исус ја водел со жената на бунарот не била во врска со тоа дали во обожавањето е присутен жар или не. Дури и лажното обожавање може да се врши со ревност и оддаденост. Напротив, откако навел дека Таткото нема да биде обожаван ниту на некоја гора во Самарија ниту во храмот во Ерусалим — физички локации — Исус укажал на една нова метода на обожавање, темелена на вистинската природа на Бог (Јован 4:21). Тој рекол: „Бог е духовно Битие“ (Јован 4:24, Чарлс Б. Вилијамс). Вистинскиот Бог не е материјален и не може да се види ниту да се почувствува. Неговото обожавање не се врти околу некој физички храм или гора. Според тоа, Исус укажувал на еден аспект на обожавањето кој ги надминува видливите работи.
Освен што треба да се врши со вистина, прифатливото обожавање ќе мора да биде водено и од светиот дух — Божјата невидлива активна сила. ‚[Светиот] дух сѐ истражува‘, напишал апостол Павле, ‚дури и длабоките работи.‘ Тој додал: „Ние не го примивме духот на светот, туку духот кој е од Бог, за да ги знаеме работите што Бог љубезно ни ги дал“ (1. Коринќаните 2:8-12). За да го обожаваме Бог на прифатлив начин, мораме да го имаме неговиот дух и да бидеме водени од тој дух. Освен тоа, неопходно е нашиот дух, односно умствена настроеност, да биде ускладен со неговиот дух преку проучување и примена на неговата Реч.
[Слика на страница 28]
Обожавај го Бог „со дух и со вистина“